Каква ќе биде твојата иднина?
ДОКОЛКУ Семоќниот Бог е сезнаен, знаејќи го сето минато, сегашност и иднина, зарем сите работи не се предодредени да се случат точно онака како што Бог ги предвидел? Доколку Бог го предвидел и го одредил правецот и конечната судбина на секој човек, може ли навистина да се рече дека ние сме слободни да го избереме нашиот животен правец, нашата иднина?
За овие прашања се дебатирало со векови. Контроверзијата сѐ уште ги поделува главните религии. Може ли Божјата способност однапред да ја знае иднината да се сложи со човековата слободна волја? Каде би требало да побараме одговори?
Милиони луѓе ширум Земјината топка би се сложиле дека Бог комуницирал со човештвото со посредство на својата напишана Реч, како што ја изнеле неговите говорници, пророците. На пример, Коранот укажува дека од Бог доаѓаат откровенијата: Тевратот (Тората, Законот или петте книги Мојсееви), Зебурот (Псалмите) и Инџилот (Евангелието, Христијанските грчки списи или „Новиот завет“), како и она што им било откриено на пророците на Израел.
Во Христијанските грчки списи читаме: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање, и поучување во правдата“ (2. Тимотеј 3:16). Очигледно, кое и да било водство или просветеност која ја добиваме, на крај би требало да доаѓа од самиот Бог. Тогаш, зарем не би било мудро да ги испитаме записите на Божјите поранешни пророци? Што откриваат тие за нашата иднина?
Однапред запишана иднина
Секој кој го чита Светото писмо знае дека тоа содржи дословно стотици пророштва. Таквите историски настани, како што се падот на древниот Вавилон, повторната изградба на Ерусалим (шестиот до петтиот век пр. н. е.) и издигнувањето и падот на древните цареви на Медоперсија и на Грција — сите биле подробно претскажани (Исаија 13:17—19; 44:24—45:1; Даниил 8:1—7, 20—22). Исполнувањето на таквите пророштва е еден од најсилните докази дека Светото писмо навистина е Божја Реч, зашто единствено Бог ја има моќта и да предвиди и да одреди што ќе се случи во иднината. Во таа смисла Светото писмо навистина ја бележи иднината запишана однапред.
Самиот Бог изјавува: „Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на мене. Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: ‚Мојата одлука ќе се изврши, и сѐ што Ми е угодно — ќе го направам‘ . . . Јас реков — и ќе го извршам тоа; замислив — и ќе го направам“ (Исаија 46:9—11; 55:10, 11). Самото име со кое Бог се идентификувал себеси пред своите древни пророци е Јехова, што дословно значи „Тој предизвикува да настане“a (1. Мојсеева 12:7, 8; 2. Мојсеева 3:13—15; Псалм 83:18, сите NW). Бог се открива себеси како Оној кој станува Исполнител на својата реч, Оној кој секогаш ги реализира своите намери.
На тој начин, Бог ја користи својата моќ на предзнаење за да ги оствари своите намери. Честопати ја користи за да ги предупреди злобните за претстојниот суд, како и да им даде на своите слуги надеж за спасение. Но, дали Бог ја користи таа моќ на некој неограничен начин? Дали во Светото писмо постои некаков доказ за работи кои Бог избрал да не ги знае однапред?
Дали Бог однапред знае сѐ?
Сите аргументи кои ја поддржуваат предодреденоста се темелат на претпоставката дека, со оглед на тоа што Бог непобитно ја има моќта однапред да ги знае и да ги одреди идните настани, тој мора однапред да знае сѐ, вклучувајќи ги и идните постапки на секој поединец. Меѓутоа, дали оваа претпоставка е здрава? Она што Бог го открива во Светото писмо покажува нешто друго.
На пример, Писмото вели дека ‚Бог го искушал [го ставил на испит, NW] Авраама‘, заповедувајќи му да го жртвува својот син Исак како пален принос. Кога Авраам само што не го жртвувал Исак, Бог го запрел и му рекол: „Сега знам, оти се плашиш од Бога штом не го пожали ни саканиот свој син заради Мене“ (1. Мојсеева 22:1—12). Дали Бог би ја дал таа изјава доколку однапред знаел дека Авраам би ја послушал неговата заповед? Дали тоа би бил чесен испит?
Понатаму, древните пророци известуваат дека Бог секогаш одново зборувал за себе дека ‚чувствува жал‘ заради нешто што сторил или мислел да го стори. На пример, Бог рекол дека ‚жали [од хебрејскиот наха́м] што го поставил Саул за цар‘ (1. Царства 15:11, 35; спореди Јеремија 18:7—10; Јона 3:10). Бидејќи Бог е совршен, овие стихови не можат да значат дека тој направил грешка избирајќи го Саул да биде првиот израелски цар. Наместо тоа, тие мора да покажуваат дека Бог жалел што Саул се покажал неверен и непослушен. Тоа што Бог, укажувајќи на себе, користи еден таков израз, би било бесмислено доколку тој однапред ги знаел Сауловите постапки.
Истиот термин се појавува во најдревниот дел од Писмото каде што, укажувајќи на деновите на Ное, вели: „И се покаја [чувствуваше жал, NW] Бог што го беше создал човекот на земјата, па се огорчи во срцето Свое. И рече Господ: ‚Ќе ги истребам луѓето што сум ги создал, од земјата . . . оти се кајам [жалам, NW] што ги создадов‘“ (1. Мојсеева 6:6, 7). Повторно, ова покажува дека човековите постапки не се предодредени од Бог. Бог чувствува жал, тага, па дури и навреда, не поради тоа што згрешил во своите сопствени постапки, туку поради тоа што преовладеала човековата злоба. Творецот жалел што станало неопходно да го уништи сето човештво, со исклучок на Ное и неговото семејство. Бог нѐ уверува: „Не ја сакам смртта на грешникот“ (Језекиил 33:11; спореди 5. Мојсеева 32:4, 5).
Значи, дали Бог однапред знаел, па дури и го одредил Адамовото запаѓање во грев, како и катастрофалните последици што тоа би му ги нанело на човечкото семејство? Она што го разгледавме покажува дека тоа не може да биде точно. Згора на тоа, доколку Бог однапред го знаел сето ова, тогаш тој би станал автор на гревот кога го создал човекот и Бог би бил намерно одговорен за сета човечка злоба и страдање. Јасно е дека ова не може да се усогласи со она што го открива Бог за себеси во Писмото. Тој е Бог на љубов и правда, кој ја мрази злобата (Псалм 32:5; Изреки 15:9; 1. Јованово 4:8).
Две човекови судбини
Светото писмо не открива дека нашата иднина како поединци е некако однапред одредена, односно предодредена од Бог. Наместо тоа, она што тоа го открива е дека Бог претскажал само две можни судбини за човекот. Бог му дава на секој човек слободна волја да избере која судбина ќе биде негова. Одамна, пророкот Мојсеј на Израелците им објавил: „Живот и смрт ти предложив јас . . . Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот и долгоденствие“ (5. Мојсеева 30:19, 20). Божјиот пророк Исус однапред предупредил: „Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Два пата, две судбини. Нашата иднина зависи од нашите сопствени постапки. Да го слушаме Бог значи живот, да не го слушаме значи смрт (Римјаните 6:23).
Бог ‚им заповеда на сите луѓе да се покајат, зашто определил ден кога праведно ќе му суди на светот‘ (Дела 17:30, 31). Токму како што мнозинството од човештвото во Ноево време избрало да не го послуша Бог и било поништено, така и денес мнозинството не ги слуша Божјите заповеди. Сепак, Бог нема одредено кој ќе биде уништен а кој ќе добие спасение. Всушност, Божјата Реч вели дека тој „не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9). Дури и луѓето кои се многу злобни можат да се покаат, да станат послушни и да ги направат промените кои се потребни за да ја добијат Божјата наклоност (Исаија 1:18—20; 55:6, 7; Језекиил 33:14—16; Римјаните 2:4—8).
На оние кои се послушни, Бог им ветува вечен живот во еден мирољубив рај, Земја исчистена од сета злоба, насилство и војна, свет каде што повеќе нема да има глад, страдање, болести и смрт (Псалм 36:9—11; 45:9; Исаија 2:4; 11:6—9; 25:6—8; 35:5, 6; Откровение 21:4). Дури и мртвите ќе бидат воскреснати и ќе им биде дадена прилика да му служат на Бог (Даниил 12:2; Јован 5:28, 29).
„Чувај ја незлобивоста и пази ја правдата“, вели псалмистот, „зашто наследството на таков човек е мир; а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре“ (Псалм 36:37, 38). Каква ќе биде твојата иднина? Сето тоа зависи од тебе. Издавачите на ова списание ќе бидат среќни да те снабдат со понатамошни информации за да ти овозможат да си осигураш една среќна, мирољубива иднина.
[Фуснота]
a Во Светото писмо, името Јехова се појавува повеќе од 7.000 пати; види го трактатот Најголемото име, објавен од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. во 1996.
[Истакната мисла на страница 6]
Бог ја користи својата моќ на предзнаење за да ги оствари своите намери
[Истакната мисла на страница 8]
Бог „не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“
[Слика на страница 7]
Доколку Бог однапред знаел дека Авраам би бил спремен да го жртвува својот син, дали тоа би бил еден чесен испит? (2. Петрово 3:9)