И понатаму предупредувај на Јеховиното необично дело
”Јехова ќе се дигне како на гората Перазим, ќе биде разгневен како во низината кај Гибеон“ (ИСАИЈА 28:21, NW).
1, 2. Кое необично дело го направил Јехова во корист на својот народ во времето на Давид?
ЧУДНО дело! Најнеобично дело! Тоа го направил Јехова во корист на својот народ во старо време, во 11. век пр.н.е. А тоа чудно дело претставувало модел за едно уште понеобично дело кое тој ќе го спроведе во блиска иднина. Кое било тоа дело во старо време? Набргу откако Давид бил поставен за крал во Ерусалим, соседните Филистејци тргнале во напад, и тоа го предизвикало Јеховиното необично дело. Филистејците започнале да напаѓаат во низината Рефаим. Давид го прашал Јехова што да прави и бил поучен да оди во напад. Давид ја послушал Јеховината реч и кај Баал-Перазим чесно ја поразил моќната Филистејска војска. Но Филистејците не го признале поразот. Набрзо се вратиле за да пустошат и да пљачкаат во низината Рефаим, а Давид повторно барал водство од Јехова.
2 Овој пат му било речено со своите трупи да им пријде на Филистејците од зад грб. Јехова рекол: ”Кога ќе слушнеш топот од чекори по бекаимските врвови, тогаш побрзај, бидејќи тогаш Јахве ќе оди пред тебе за да ја разбие филистејската војска.“ А така и се случило. Давид чекал додека Јехова не направил звук на топот од чекори по врвовите на бака-грмушките — можеби со помош на силен ветер. Давид и неговата војска веднаш скокнале од скривалиштето и ги нападнале збунетите Филистејци, и ги поразиле со голем колеж. Религиозните идоли што Филистејците ги оставиле по бојното поле биле собрани и уништени (2. Самоилова 5:17-25, NW; 1. Дневници 14:8-17, ДК).
3. Зошто Јеховиното чудно дело требало да ги интересира Евреите од времето на Исаија, и зошто треба да го интересира т.н. христијанство денес?
3 Тоа било необично, чудно дело кое Јехова го спровел против Филистејците, а во корист на својот помазан крал. Тоа знаменито дело е посебно занимливо, бидејќи пророкот Исаија предупредил дека Јехова ќе направи нешто подеднакво чудно и силно против духовните пијаници на Јуда. Според тоа, неверните религиозни водачи во времето на Исаија требало да му обрнат внимание на тоа. Т.н. христијанство денес исто така би требало да обрне внимание, бидејќи она што се случило со Јуда било модел за конечната судбина на христијанството.
”Одарот ќе биде краток“
4, 5. (а) Како Исаија сликовито ја прикажал неудобната положба на религиозните водачи од своето време? (б) Која е причината за денешната неудобност на т.н. христијанство?
4 Исаија најпрвин го разоткрил фактот дека договорите во кои овие древни духовни пијаници имале доверба биле измама, лага. Потоа сликовито ја прикажал неугодната состојба на оние кои се надевале во таа лага. Рекол: ”Одарот ќе биде краток да не може човек да се испружи; и покривката тесна да не може да се завитка“ (Исаија 28:20, ДК). Секој кој ќе се испружи на кревет што е прекраток, ќе утврди дека стапалата му стрчат и ѕемнат. Од друга страна, ако си ги свитка колената за да се прилагоди на краткоста на креветот, покривката на креветот ќе се покаже претесна и пак поголем дел од телото е откриено. Без разлика што и да направи, некој негов дел од телото секогаш е откриен и изѕемнува.
5 Симболично говорејќи, таква била ситуацијата на оние во времето на Исаија кои ја ставиле довербата во засолништето на лагата. Исто така е неугодна ситуацијата на оние кои денес ја ставаат довербата во лажното засолниште на т.н. христијанство. Така да се рече, тие изѕемнуваат. Затоа сега не е време да се бара удобност во светските подготовки за мир и безбедност. Под сенката на претстојните Божји судски постапки, сојузите со политичките владетели нема да му пружат удобност на т.н. христијанство.
Јеховиното чудно дело
6. Како Јехова постапил против Јуда, и како ќе постапи против т.н. христијанство?
6 Откако сликовито ја опишал неудобната ситуација на неверниот Ерусалим од своето време — и на денешното неверно христијанство — Исаија понатаму вели: ”Јехова ќе се дигне како на гората Перазим, ќе биде разгневен како во низината кај Гибеон, за да го изврши своето дело — неговото дело е чудно — и за да може да го направи своето дело — неговото дело е необично“ (Исаија 28:21, NW). Да, Исаија предупредил дека Јехова наскоро ќе се дигне како што се дигнал во Баал-Перазим. Но овој пат ќе се крене против својот неверен народ, а тоа ќе го направи како незапирлив воден порој кој истекува низ процеп во брана која се руши. Сојузот на Ерусалим со смртта ќе се покаже безначаен и залуден. На сличен начин Јехова ќе постапи во блиска иднина против т.н. христијанство, а тоа ќе утврди дека сите негови пијани договори со овој свет се бесмислени. Неговата огромна организација ќе биде разбиена, а неговите следбеници растурени. Неговите лажни богови ќе бидат целосно изгорени.
7. Зошто Јеховините намери во врска со Јуда биле наречени ”чудни“ и ’необични‘?
7 Зошто Исаија го нарекува Јеховиното дело против Ерусалим чудно и необично дело? Па, Ерусалим бил седиште на Јеховиното обожавање и градот на Јеховиниот помазан крал (Псалми 132:11-18, ДК). Како таков, никогаш порано не бил разурнат. Неговиот храм никогаш не бил запален. Кралската куќа на Давид, еднаш изградена во Ерусалим, никогаш не била рушена. Такво нешто било незамисливо. Било крајно необично дека Јехова би размислувал да дозволи да се случи такво нешто.
8. Какво предупредување дал Јехова за своето претстојно необично дело?
8 Но Јехова дал правовремено предупредување преку своите пророци дека навистина ќе се случат страшни настани (Книга пророк Михеј 3:9-12). На пример, пророкот Авакум, кој живеел во седмиот век пр.н.е., рекол: ”Погледнете меѓу народите, видете — и многу ќе се зачудите и восхитите: зашто во ваше време Јас ќе извршам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале. Оти Јас ќе ги кренам Халдејците, народот жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат. Тој е страшен и ужасен“ (Авакум 1:5-7).
9. Како Јехова го исполнил своето предупредување против Ерусалим?
9 Во 607 пр.н.е. Јехова го исполнил своето предупредување. Откако допуштил вавилонските војски да се дигнат против Ерусалим, тој дозволил да го уништат и градот и храмот (Книга Плач Јеремиин 2:7-9). Освен тоа, дозволил Ерусалим да биде уништен и по втор пат. Зошто? Затоа што после 70 години прогонство, Евреите кои се покајале се вратиле во својата татковина, и конечно бил изграден и втор храм во Ерусалим. Меѓутоа, Евреите повторно отстапиле од Јехова. Во првиот век н.е., Павле им ги цитирал на Евреите од своето време зборовите на Авакум, предупредувајќи ги со тоа дека пророштвото ќе има натамошно исполнување (Дела 13:40, 41). Самиот Исус изрично предупредил дека Ерусалим и неговиот храм ќе бидат уништени поради недостаток на вера од страна на Евреите (Матеј 23:37-24:2). Дали тие Евреи од првиот век го послушале тоа? Не. Како и своите прататковци, потполно го отфрлиле Јеховиното предупредување. Значи, Јехова го повторил своето чудно дело. Римските легии го уништиле Ерусалим и неговиот храм во 70. н. е.
10. Како Јехова ќе дејствува против т.н. христијанство во блиска иднина?
10 Зошто тогаш некој би требало да мисли дека Јехова нема да стори нешто слично и во наше време? Факт е дека тој ќе ја исполни својата намера, колку и да им се чини чудно и необично на оние кои се сомневаат во тоа. Овој пат предмет на неговата акција ќе биде т.н. христијанство, кое, како древната Јуда, тврди дека го обожава Бог, но станало безнадежно расипано. Преку својот поголем Давид, Исус Христос, Јехова ќе дојде на ”Филистејците“ на т.н. христијанство во час кога не го очекуваат тоа. Тој ќе го изврши своето необично дело до таа мерка што ќе ги избрише последните трагови од религиозните системи на т.н. христијанство (Матеј 13:36-43; 2. Солунјаните 1:6-10).
Предупредување на Јеховиното дело
11, 12. Како Јеховините сведоци предупредувале на претстојните Јеховини судови?
11 Веќе многу години Јеховините сведоци предупредуваат на овој претстоен Јеховин судски чин. Укажале на тоа дека разурнувањето на Ерусалим и неговиот храм во 607 пр.н.е. и повторно во 70 н.е. претставувале пророчки предупредувања за она што ќе му се случи на т.н. христијанство. Освен тоа, тие покажале дека т.н. христијанство, поради своето отпадништво, станало дел од светското царство на лажната религија, Големиот Вавилон. Поради тоа, Божјите осуди над Големиот Вавилон особено ќе го погодат т.н. христијанство, бидејќи тоа е највиновниот дел во тој сатански конгломерат (Откровение 19:1-3).
12 Јеховините сведоци укажале на библиското пророчко предупредување дека во Јеховино одредено време, политичките љубовници на Големиот Вавилон ќе се свртат против него. Откровението симболично ги прикажува десетте рогови на скерлетно црвената дива ѕверка и предупредува: ”И тие десет рогови кои ги виде и дивата ѕверка ќе ја замразат блудницата [Големиот Вавилон], и ќе ја опустошат и оголат, и ќе ги изедат нејзините месни делови, и потполно ќе ја изгорат со оган“ (Откровение 17:16, NW). Религиозното т.н. христијанство ќе биде изгорено и уништено заедно со сите други лажни религии. Тоа ќе биде Јеховино чудно дело, негово необично дело за нашето време.
13. Како реакциите на Јеховините предупредувања денес се слични на оние со кои се соочувал Исаија?
13 Кога Јеховините сведоци го пренесуваат предупредувањето за оваа претстојна катастрофа, често наидуваат на подбивно исмејување. Луѓето се чудат кои се тие да говорат такво нешто. Т.н. христијанство изгледа стабилно, така добро утврдено. А некои мислат дека неговата положба дури и се подобрува. Владите кои порано го угнетуваа сега му дозволуваат поголема слобода на делување. Но всушност, т.н. христијанство би требало да го послуша советот од Исаија: ”Оставете ги потсмевањата, за да не ве стегнат посилно оковите; зашто чув дека од Господ, Јахве над Војските, на оваа земја ѝ е досудено уништување“ (Исаија 28:22, Ст; 2. Петрово 3:3, 4).
14. Како оковите на т.н. христијанство ќе станат посилни и постегнати?
14 Најголемиот дел од христијанството и понатаму ќе биде противнички расположено спрема Царот и Царството (2. Солунјаните 2:3, 4, 8). Меѓутоа, додека го прават тоа, нивните окови ќе станат посилни и постегнати. Со други зборови, нивното уништување ќе станува сѐ поизвесно. Јехова нема да отстапи од својата одлука да го уништи т.н. христијанство како што не отстапил ни од својата одлука да го дозволи уништувањето на Ерусалим и неговиот храм 607 пр.н.е.
”Излезете од неа“
15. На кој начин можат да се спасат оние кои имаат исправно срце?
15 Како може да се избегне судбината на т.н. христијанство? Во времето на Израел, Јехова испраќал верни пророци до оние чие срце е исправно за да ги потсетуваат на чистото обожавање. За слична цел, денес ги подигнал своите Сведоци, кои сега ги има на милиони. Тие бестрашно ја разоткриваат духовно мртвата состојба на т.н. христијанство. Правејќи го тоа, тие верно ги одразуваат објавите слични на неволја со трубните одеци на ангелите во 8. и 9. поглавје на Откровение. Освен тоа, тие марливо ја објавиле опомената запишана во Откровение 18:4: ”Излезете од неа, народе мој, (...) ако не сакате да примите дел од нејзините неволји.“ ”Од неа“ овде се однесува на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, чиј најистакнат член е т.н. христијанство.
16. На кој начин милиони излегле од лажната религија?
16 Од 1919, а посебно од 1922, сѐ поголемо мноштво на кротки луѓе одговара на таа опомена и го напушта Големиот Вавилон. Најрвин илјадници, потоа стотици илјади, а денес милиони се одвоиле од лажната религија, особено од т.н. христијанство, и побегнале во чистото обожавање (Исаија 2:2-4). Тие знаат дека само со напуштање на Големиот Вавилон можат да ги избегнат нејзините неволји, кои ќе достигнат кулминација во нејзиното уништување кога ќе дојде времето Јехова да го изврши своето необично дело.
17, 18. Како Јехова станал круна на слава и сјаен венец на својот народ?
17 Пророкот Исаија ја опишува среќната ситуација на оние кои заземаат став за чистото обожавање. Тој вели: ”Во оној ден, Јахве над Војските ќе стане круна на славата и сјаен венец на Остатокот од својот народ — дух на правда на оној кој седи на судската столица, и смелост на оној кој го одбива нападот на вратата“ (Исаија 28:5, 6, Ст).
18 Поради нивната лојалност кон вистината, за членовите на класата на верниот и разумен роб, Јехова е неовената круна на славата. Тоа е особено случај од 1926. Таа година изданието на Стражарска кула од 1. јануари содржело една возбудлива статија под наслов ”Кој ќе му оддава чест на Јехова?“ која ја нагласувало животоважната потреба да се величи Јеховиното име. Оттогаш помазаните христијани го објавуваат тоа име ширум светот како никогаш порано. Во 1931 уште поблиску се идентификувале со Јехова така што го прифатиле името Јеховини сведоци. Освен тоа, големо мноштво од други овци исто така дошло од т.н. христијанство и останатиот дел на Големиот Вавилон. И тие го прифатиле Божјето име. Каква била последицата од тоа? Самиот Јехова — а не некоја привремена национална независност — станувал круна на славата и сјаен венец за повеќе од четири милиони луѓе во околу 212 земји и морски острови. Каква само чест имаат што го носат името на единствениот жив и вистински Бог! (Откровение 7:3, 4, 9, 10; 15:4).
”На него ќе почива Јахвиниот дух“
19. Кој е оној што седи на судската столица и како Јехова му станал дух на правда?
19 За Исус, ”оној кој седи на судската столица“, Јехова станал ”дух на правда“. Кога бил на Земјата, Исус одбил да биде надвладеан од пијаниот дух на светските сојузи. Денес, како Јеховин устоличен Цар, тој е исполнет со свет дух, кој го усмерува да донесува урамнотежени, јасни одлуки. На Исус се исполнило пророштвото: ”На него мора да почива духот Јеховин, дух на мудрост и разбирање, дух на совети и моќ, дух на спознание и страв Јеховин“ (Исаија 11:2, Ст). Навистина, преку Исус, Јехова ’ќе го земе правото за мерка, а правдата за вага‘ (Исаија 28:17, Ст). Кога духовно пијаните непријатели ќе бидат уништени, ќе се оправда Јеховиното свето име и универзален суверенитет.
20, 21. Како зборовите од Исаија 28:1-22 влијаат на тебе?
20 Какво величествено значење има ова пророштво од 28. поглавје на Исаија за нас денес! Ако ги избегнуваме духовните пијаници на т.н христијанство и се држиме цврсто за чистото обожавање, ќе бидеме заштитени кога Јехова ќе го изврши своето чудно и необично дело. Колку само се радуваме што го знаеме тоа! И колку сме среќни што сме уверени дека кога ќе се случи сето тоа, секој ќе биде присилен да знае дека Јехова над војските преку Исус Христос дејствувал во корист на својот верен народ и за свое сопствено оправдување! (Псалми 83:17, 18, ДК).
21 Затоа, нека сите вистински христијани продолжат бестрашно да предупредуваат на Јеховиното чудно дело. Нека истрајат во говорењето за неговото необично дело. Додека тоа го прават, нека им објавуваат на сите дека нашата непоколеблива надеж е во Божјето Царство под неговиот устоличен Цар. Нека нивната ревност, одлучност и лојалност придонесе за вечна слава на нашиот семоќен Бог, Јехова (Псалми 146:1, 2, 10, ДК).
Можеш ли да се сетиш?
◻ Зошто т.н. христијанство е во неудобна ситуација?
◻ Каква намера имал Јехова со Ерусалим, и зошто тоа било ”чудно“ и ’необично‘?
◻ Какво предупредување објавиле Јеховините сведоци во врска со т.н. христијанство, и на каква реакција наишле?
◻ Како можат луѓето да ја избегнат судбината на т.н. христијанство?
[Слика на страница 24]
Јехова ќе го повтори своето чудно дело, овој пат против т.н. христијанство