Тие ја извршувале Јеховината волја
Илија го велича вистинитиот Бог
ТОЈ бил најбараниот човек во Израел. Скоро сигурно би бил убиен да можел царот да го најде. Кој бил овој гонет човек? Јеховиниот пророк Илија.
Царот Ахав и неговата паганска сопруга, Језавела, предизвикале во Израел да цвета обожавањето на Ваал. Како последица од тоа, Јехова донел суша врз земјата, која сега била во својата четврта година. Разлутената Језавела фатила да ги убива Јеховините пророци, но Ахав особено го барал Илија. Илија бил тој кој пред повеќе од три години на Ахав му рекол: „Во овие години нема да има ниту роса ниту дожд, освен според мојот збор“ (3. Царства 17:1). А сушата што произлегла од тоа, сѐ уште траела.
Во оваа опасна ситуација, Јехова му рекол на Илија: „Оди и јави му се на Ахава, и јас ќе дадам дожд на земјата“. По голем личен ризик, Илија ја послушал Јеховината заповед (3. Царства 18:1, 2).
Двајца противници се среќаваат
„Ти ли си, што го вознемируваш Израилот?“ — прашал Ахав кога го видел Илија. „Јас не го вознемирувам Израилот, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците.“ Потоа Илија наредил сиот Израел да се собере на гората Кармил, вклучувајќи ги и „четиристотини“ и педесет Ваалови пророци и четирите стотини пророци од дубравата“. Тогаш Илија му се обратил на мноштвото: „Уште ли ќе храмите на двете колена [Колку долго ќе куцате помеѓу две различни мислења, NW]?a Ако Господ е Бог, врвете по него; ако ли е Ваал — одете по него“ (3. Царства 18:17—21).
Луѓето молчеле. Можеби ја увиделе својата вина што пропуштиле да покажуваат исклучителна оддаденост на Јехова (2. Мојсеева 20:4, 5). Или, пак, можеби нивната совест била толку закоравена што не гледале никаков грев во тоа својата лојалност да ја делат помеѓу Јехова и Ваал. Во секој случај, Илија ги упатил луѓето да донесат два млади бика — еден за пророците на Ваал, а другиот за него. Обата бика требало да бидат подготвени за жртва, но да не се пали оган. „Повикајте го името на вашиот бог“ — рекол Илија — „јас, пак, ќе го повикам името на Господа [Јехова, NW], мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е [вистинскиот, NW] Бог“ (3. Царства 18:23, 24).
Јехова е величан
Пророците на Ваал почнале да ‚скокаат пред жртвеникот, што го имале направено‘. Цело утро извикувале: „Ваале, почуј нѐ!“ Но, Ваал не одговарал (3. Царства 18:26). Тогаш Илија почнал да им се подбива: „Викајте посилно, зашто тој е бог“ (3. Царства 18:27). Пророците на Ваал почнале дури и да се сечат со ками и копја — обичај што често го применувале паганите за да предизвикаат сожалување кај своите боговиb (3. Царства 18:28).
Сега поминало пладне, а обожавателите на Ваал и понатаму ‚беснееле [се однесувале како пророци, NW]‘ — фраза која во овој контекст ја пренесува идејата за неуредно однесување на побеснет начин и со недостиг на самосовладување. Најпосле, доцна попладнето, Илија им рекол на луѓето: „Приближете се до мене“. Сите гледале напнато додека Илија повторно го изградил Јеховиниот олтар, ископал еден ров околу него, го исекол младиот бик на парчиња и го ставил на олтарот со дрва за горење. Потоа, бикот, олтарот и дрвата биле темелно натопени со вода, а ровот бил наполнет со вода (несомнено, морска вода добиена од Средоземното Море). Тогаш, Илија му се помолил на Јехова: „Нека познаат денес овие луѓе, дека си Ти единствен Бог во Израилот, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ, дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси“ (3. Царства 18:29—37).
Одеднаш, дошол оган од небото и ја ‚изел сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтнал водата, што била во окопот‘. Луѓето кои посматрале, веднаш се спружиле, велејќи: „Јехова е вистинитиот Бог! Јехова е вистинитиот Бог!“ На Илиина заповед, пророците на Ваал биле фатени и однесени во поројната долина Кисон, каде што биле погубени (1. Царства 18:38—40, NW).
Поука за нас
Илија покажал каква може да изгледа натчовечката смелост. Сепак, библискиот писател Јаков нѐ уверува дека Илија ‚бил човек смртен [со чувства, NW], како и ние‘ (Јаков 5:17). Тој не бил имун на извесна мера на страв и грижа. На пример, кога Језавела подоцна се заветувала дека ќе ја одмазди загубата на пророците на Ваал, Илија побегнал и потоа во молитва до Јехова извикал: „Доста веќе, Господи, прибери ја душата моја“ (3. Царства 19:4).
Јехова не ја одзел Илиината душа во смрт. Место тоа, милосрдно обезбедил помош (3. Царства 19:5—8). Божјите слуги денес можат да бидат уверени дека Јехова ќе го стори истото кога се соочуваат со периоди на силна грижа, можеби поради противење. Навистина, ако се молат за Јеховина помош, тој може да ги снабди со „силата, која е над она што е нормално“, така што дури и ако се ‚притиснати на секој начин‘, нема да бидат ‚стиснати да не можат да се помрднат‘. На тој начин, ќе им биде помогнато да истраат, како што му било помогнато на Илија (2. Коринтјаните 4:7, 8, NW).
[Фусноти]
a Некои научници сугерираат дека Илија можеби алудирал на ритуалното танцување на обожавателите на Ваал. Истата употреба на зборот „куцање“ се наоѓа во 3. Царства 18:26 за да се опише танцувањето на пророците на Ваал.
b Некои сугерираат дека самоосакатувањето било поврзано со обичајот на човечка жртва. Обата чина имплицирале дека телесното мачење или пролевање крв можат да ја привикаат наклоноста на некој бог.