Јеховината организација ја поддржува твојата служба
„И видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести [објави како радосни вести, NW]“ (ОТКРОВЕНИЕ 14:6).
1. Како биле испитувани Јеховините сведоци, и зошто тие преживеале?
ЗОШТО е толку важно да се признае улогата на Јеховината небесна организација во поддржувањето на христијанската служба? Па, дали Јеховините сведоци би можеле да го извршат проповедањето на добрата вест за Божјето Царство низ еден непријателски свет без поддршката од Јеховините небесни мноштва? Сведоците вршеле такво проповедање во текот на еден век на краен национализам, тоталитарни политички системи, светски војни и различни неволји. Дали без Јеховината помош Сведоците би можеле да ја преживеат меѓународната брана од предрасуди, пристраност и честопати насилничко прогонство кои биле упатени против нив? (Псалм 33:7).
Преживување и покрај противењето ширум светот
2. Каква паралела постои меѓу вистинските христијани од првиот век и оние денес?
2 Непријателите во овој 20 век, како религиозните така и политичките, подигале секаква можна препрека — законска и поинаква — за да се обидат да го спречат или задушат Јеховиното дело. Христијанските браќа и сестри биле прогонувани, погрешно претставувани, писмено и усно клеветени — многу биле дури и убиени — честопати на подбуцнување од страна на свештенството од Големиот Вавилон. Може да се каже дека, како што било и со раните христијани, „навистина за оваа секта ни е познато дека насекаде се зборува против неа“. Токму како што еврејското свештенство од Христовото време од петни жили се борело за да ја запре неговата служба, така свештенството и отпадниците, во сојуз со своите политички љубовници, се обидувале да го задушат големото образовно дело на сведочење од страна на Јеховиниот народ (Дела 28:22, NW; Матеј 26:59, 65—67).
3. Што можеме да научиме од интегритетот на Хенрика Зур?
3 Земи го за пример она што се случило во Полска на 1 март 1946. Хенрика Зур, 15-годишно девојче Сведок од блискиот Хелм, придружувало еден друг Сведок, брат, за да ги посетат заинтересираните луѓе од едно блиско село. Биле собрани од членовите на една католичка воена група наречена Narodowe Siły Zbrojne (Национални воени сили). Братот бил сурово тепан, но се извлекол жив. Но, не и Хенрика. Неа многу часови ужасно ја мачеле додека се обидувале да ја присилат да се прекрсти на католички начин. Еден од нејзините мачители ѝ рекол: „Однатре мисли си што сакаш, само прекрсти се на католички начин. Инаку, те чека куршум!“ Дали таа ослабнала во својот интегритет? Не. Религиозните кукавици ја одвлечкале во блиската шума и ја стрелале. Сепак, таа била победничката! Тие не успеале да го скршат нејзиниот интегритетa (Римјаните 8:35—39).
4. Како политичките и религиозните елементи се обидувале да го спречат делото на проповедање на Царството?
4 Преку сто години, со Божјите современи слуги било постапувано сурово и без почитување. Бидејќи Јеховините сведоци не се, и не сакаат да бидат, дел од сатанските религии матици, на нив се гледа како на погоден плен за кој и да било пристрасен критизерски или фанатичен противник. Тие биле крволочно напаѓани од страна на политичките елементи. Многу Сведоци биле мачени заради својата вера. Дури и таканаречените демократии се обидувале да го спречат проповедањето на добрата вест. Уште во 1917, во Канада и во Соединетите Држави, свештенството покренало обвиненија за субверзија против Библиските студенти, како што тогаш биле познати Сведоците. Службениците на Watch Tower Society биле неправедно затворени, но подоцна биле ослободени од обвинение (Откровение 11:7—9; 12:17).
5. Кои зборови служеле за да ги охрабрат Јеховините слуги?
5 Сатана го употребил секое средство кое му било на располагање за да се обиде да го запре делото на сведочење од страна на Христовите браќа и нивните лојални придружници. Сепак, како што покажуваат толкуте многу искуства, ниту заканите, ниту застрашувањето, ниту физичкото насилство, ниту затворите, ниту концентрационите логори ниту, пак, смртта ги замолчале Јеховините сведоци. А тоа било случај низ целата историја. Многупати како охрабрување служеле Елисеевите зборови: „Не плаши се, зашто оние, што се со нас, се повеќе од оние, што се со нив“. Една причина за тоа е што верните ангели бројно ги надминуваат ѓаволските орди! (4. Царства 6:16; Дела 5:27—32, 41, 42).
Јехова го благословува ревносното проповедање
6, 7. а) Кои рани напори биле направени за да се проповеда добрата вест? б) Која корисна промена се случила почнувајќи од 1943?
6 Во текот на 20 век, Јеховините сведоци употребија многу од технолошкиот напредок за да го засилат и забрзаат големото дело на сведочење пред да дојде крајот. Во 1914, пастор Расел, првиот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, ја унапредувал раната употреба на слајдови и подвижни слики, синхронизирани со библиски темелен коментар на фонографски плочи, во една осумчасовна библиска продукција наречена „Фото-драма на создавањето“. Таа ја вчудовидела публиката од многу земји во тоа време. Подоцна, во 1930-тите и 1940-тите, Сведоците станаа познати по нивното проповедање од куќа до куќа со портабл фонографи, користејќи снимки од библиски говори презентирани од Џ. Ф. Ратерфорд, вториот претседател на Заедницата.
7 Во 1943, под водство на Натан Х. Нор, третиот претседател на Заедницата, беше преземен еден смел чекор, кога беше одлучено да се основа школа за министри во секое собрание. Сведоците би биле обучувани да проповедаат и да поучуваат од куќа до куќа без употреба на фонографски снимки. Оттогаш, организирани се и други школи за обучување на мисионери, полновремени министри — пионери, собраниски старешини и одговорни надгледници во подружниците на Watch Tower Society. Каков е резултатот?
8. Како Сведоците покажале голема вера во 1943?
8 Во 1943, среде II светска војна, имаше само 129.000 Сведоци, активни во 54 земји. Сепак, тие имаа вера и одлучност дека Матеј 24:14 ќе се исполни пред да дојде крајот. Тие беа уверени дека Јехова првин би дал да се објави важната предупредувачка порака пред низата настани кои би го довеле до крај овој корумпиран систем на ствари (Матеј 24:21; Откровение 16:16; 19:11—16, 19—21; 20:1—3). Дали нивните напори беа наградени?
9. Кои факти покажуваат дека делото на сведочење просперирало?
9 Сега постојат најмалку 13 земји што имаат по повеќе од 100.000 активни Сведоци. Неколку од нив се под доминација на Католичката црква. Сепак, обрни внимание на ситуацијата. Во 1997, Бразил имаше околу 450.000 објавители на добрата вест и над 1.200.000 присутни на Меморијалот на Христовата смрт. Друг пример е Мексико, со речиси 500.000 Сведоци и над 1.600.000 на одбележувањето на Меморијалот. Други католички земји се Италија (околу 225.000 Сведоци), Франција (околу 125.000), Шпанија (над 105.000) и Аргентина (повеќе од 115.000). Во Соединетите Држави, каде што преовладуваат протестантската, католичката и еврејската религија, има околу 975.000 Сведоци, а на Меморијалот присуствувале над 2.000.000. Секако, големи мноштва истекуваат од Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија со нејзините мистични учења — и се обраќаат кон Божјите едноставни и сигурни ветувања за „ново небо и нова земја“ (2. Петрово 3:13; Исаија 2:3, 4; 65:17; Откровение 18:4, 5; 21:1—4).
Приспособување кон потребите на луѓето
10. Како се измениле околностите во некои подрачја?
10 Многумина од оние кои се обратиле кон Јехова преку Христос Исус, најдени се од куќа до куќа (Јован 3:16; Дела 20:20). Но, се користат и други методи. Времињата се изменети, а економските услови се такви што сега многу жени работат надвор од домот. Честопати, во текот на седмицата, малку луѓе можат да се најдат дома. Затоа, Јеховините сведоци се приспособиле кон ситуацијата. Исто како Исус и раните ученици, тие одат на места и во време кога можат да се најдат луѓето (Матеј 5:1, 2; 9:35; Марко 6:34; 10:1; Дела 2:14; 17:16, 17).
11. Каде сѐ проповедаат Јеховините сведоци денес, и со каков резултат?
11 Сведоците преземаат иницијатива и дискретно им проповедаат на луѓето на големите паркиралишта, во чаршии, фабрики, канцеларии и дуќани, училишта, полициски станици, бензински пумпи, хотели и ресторани, како и на улиците. Всушност, тие проповедаат секаде каде што можат да се најдат луѓе. А кога луѓето се дома, тогаш Сведоците продолжуваат да ги посетуваат таму. Овој приспособлив и прагматичен пристап има за резултат зголемена дистрибуција на библиска литература. Се наоѓаат лицата слични на овци. Се започнуваат нови библиски студии. Најголемото образовно дело во човечката историја ревносно го извршуваат над пет и пол милиони доброволни министри! Дали ја имаш предноста да бидеш еден од нив? (2. Коринтјаните 2:14—17; 3:5, 6).
Што ги мотивира Јеховините сведоци?
12. а) Како Јехова го поучува својот народ? б) Каков ефект има ова учење?
12 Како небесната организација се вклопува во сево ова? Исаија прорекол: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13). Јехова го обучува ова светско обединето братство преку својата видлива организација на Земјата — во Салите на Царството, на конгресите и на собирите. Резултатот од тоа е единство и мир. Јеховиното поучување произвело еден уникатен народ, луѓе школувани да се љубат еден со друг и својот ближен како себеси, да не ги мразат своите соседи, без разлика каде живеат во овој раздорен и поделен свет (Матеј 22:36—40).
13. Како можеме да бидеме сигурни дека во проповедничкото дело е вклучено ангелско водство?
13 Љубовта е таа што ги мотивира Јеховините сведоци да продолжат да проповедаат и покрај апатијата или прогонството (1. Коринтјаните 13:1—8). Тие знаат дека нивното животоспасувачко дело е управувано од небото, како што наведува Откровение 14:6. Која е пораката што се објавува под ангелското водство? „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!“ Проповедањето на добрата вест за Царството го возвишува Јеховиното име. Луѓето се поканувани да му подадат слава на Творецот, Бог, а не на суштествата и на слепата еволуција. А зошто е толку итно проповедничкото дело? Поради тоа што настапил часот за суд — суд против Големиот Вавилон и сите други аспекти на сатанскиот видлив систем на ствари (Откровение 14:7; 18:8—10).
14. Кој е вклучен во оваа голема кампања на поучување?
14 Ниеден предаден христијанин не е изземен од ова проповедничко дело. Духовните старешини го преземаат водството во проповедањето со собранието. Обучените пионери се целосно зафатени во делото. Ревносните објавители на пораката за Царството, без разлика на тоа дали можат да проповедаат само по неколку или по многу часови месечно, ја шират пораката во секој агол на Земјата (Матеј 28:19, 20; Евреите 13:7, 17).
15. Што е показател за учинокот што го има проповедањето врз Јеховините сведоци?
15 Дали сиот овој напор направил некаков учинок врз светот? Еден едноставен доказ дека направил е тоа колку пати Јеховините сведоци се прикажувани на ТВ програмите и во новинските рубрики. Овие честопати ја истакнуваат нашата упорност и одлучност да го достигнеме секого. Да, нашата ревност и константна присутност оставаат длабок впечаток, па дури иако мнозинството од луѓето ги одбиваат пораката и гласниците!
Нашата ревност да го комплетира сведоштвото
16. Каков став би требало да се покажува сега во ограниченото време кое преостанува?
16 Ние не знаеме уште колку време му е оставено на овој систем на ствари ниту, пак, е потребно да знаеме сѐ додека нашиот мотив за служењето на Јехова е чист (Матеј 24:36; 1. Коринтјаните 13:1—3). Но, знаеме дека за да се манифестираат Јеховината љубов, моќ и правда, „најнапред“ мора да се проповеда добрата вест (Марко 13:10). Затоа, без оглед на тоа колку години можеби желно го очекуваме крајот на овој злобен, неправеден и насилнички свет, мораме ревносно да живееме според нашето предание во склад со нашите околности. Можеби сме стари или болни, но сѐ уште можеме да му служиме на Јехова со ревноста која сме ја имале во нашите помлади и поздрави денови. Можеби повеќе не можеме да успеваме да поминуваме во службата толку време колку и порано, но сигурно можеме да го одржиме квалитетот на нашата жртва на фалба на Јехова (Евреите 13:15).
17. Раскажи некое охрабрувачко искуство кое може да ни помогне на сите нас.
17 Затоа, без разлика дали сме млади или стари, да покажуваме ревност и да ја споделуваме нашата позитивна порака за новиот свет со сите кои ги среќаваме. Да бидеме како срамежливото седумгодишно девојче од Австралија кое отишло со својата мајка во продавница. Тоа во Салата на Царството чуло колку е важно сите да проповедаме, па така во својата чанта ставило две библиски брошури. Додека неговата мајка била зафатена на тезгата, малото девојче исчезнало. Кога мајка му го побарала, тоа ѝ нудело брошура на една госпоѓа! Мајката отишла да се извини ако можеби нејзината ќерка ѝ досаѓала на госпоѓата. Но, госпоѓата љубезно ја прифатила брошурата. Кога мајката повторно била сама со својата ќерка, ја прашала како собрала храброст да му пристапи на некој непознат. „Едноставно си реков: ‚На место, внимание, сега!‘ И отидов!“
18. Како можеме да покажуваме восхитувачки дух?
18 На сите нам ни треба дух сличен на оној на австралијанчето, особено за да им пристапуваме со добрата вест на непознати или дури и на службени лица. Можеби се плашиме да не нѐ одбијат. Да не заборавиме што рекол Исус: „Не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете; зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете“ (Лука 12:11, 12).
19. Какво гледиште имаш за својата служба?
19 Затоа, имај доверба во помошта на Божјиот дух додека им пристапуваш на луѓето со добрата вест на еден љубезен начин. Милиони луѓе честопати ја полагаат својата доверба во недостојни мажи и жени, кои денес се тука а утре ги нема. Ние имаме доверба во Јехова и во неговата небесна организација — Христос Исус, светите ангели и воскреснатите помазани христијани — кои се живи засекогаш! Затоа, запомни: „Оние, што се со нас, се повеќе од оние, што се со нив“ (4. Царства 6:16).
[Фуснота]
a За понатамошни примери, види 1994 Yearbook of Jehovah’s Witnesses, страници 217—220 (англ.).
Како одговараш?
◻ Каква улога одиграла Божјата небесна организација во преживувањето на Јеховиниот народ?
◻ Кои политички и религиозни елементи ги нападнале Јеховините сведоци во 20 век?
◻ Како Јеховините сведоци ја приспособиле својата служба кон потребите на времињата?
◻ Што те мотивира да проповедаш?
[Слика на страница 17]
Хенрика Зур
[Слики на страница 18]
Јапонија
Мартиник
Соединетите Држави
Кенија
Соединетите Држави
Јеховините сведоци проповедаат во секое време и на секое место каде што се наоѓаат луѓето
[Слика на страница 20]
Во почетокот на овој век, во ширењето на пораката за Царството се користеле фонографи