Законот пред Христа
„Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него“ (ПСАЛМ 118:97).
1. Што го управува движењето на небесните тела?
УШТЕ од детството, Јов веројатно со чудење вкочането гледал во ѕвездите. Неговите родители веројатно го имале поучено за имињата на големите соѕвездија и за она што го знаеле за законите што ги управуваат движењето на соѕвездијата низ небото. Впрочем, луѓето во старо време ги користеле постојаните движења на овие огромни, елегантни фигури од ѕвезди за да го означуваат менувањето на годишните времиња. Но, секојпат кога вкочането гледал во нив со стравопочитување, Јов не знаел кои моќни сили ги држат заедно овие ѕвездени формации. Затоа, одвај можел да почне да одговара кога Јехова Бог го прашал: „Дали ги сфати небесните закони?“ (Јов 38:31—33, The New Jerusalem Bible). Да, ѕвездите се управувани од закони — закони кои се толку прецизни и сложени што денешните научници не ги сфаќаат потполно.
2. Зошто може да се рече дека сета творба е управувана од закон?
2 Јехова е Врховниот Законодавец во вселената. Сите негови дела се управувани од закон. Неговиот сакан Син, „првородениот од сета творба“, верно го слушал законот на Својот Татко уште пред да постои физичката вселена! (Колосјаните 1:15, НС). Ангелите исто така се раководат од закон (Псалм 102:20). Дури и животните се управувани од закон додека ги слушаат инстинктивните наредби што нивниот Творец ги програмирал во нив (Изреки 30:24—28; Јеремија 8:7).
3. а) Зошто на човештвото му се потребни закони? б) Преку кои средства Јехова ја управувал нацијата Израел?
3 А како е со човештвото? Иако сме благословени со такви дарови како интелигенција, морал и духовност, нам сѐ уште ни е потребна извесна мера на божествен закон за да нѐ води во користењето на овие способности. Нашите прародители, Адам и Ева, биле совршени, така што им биле потребни само неколку закони за да ги водат. Љубовта кон нивниот небесен Татко требало да им даде обилна причина спремно да слушаат. Но, тие не слушале (1. Мојсеева 1:26—28; 2:15—17; 3:6—19). Како резултат на тоа, нивните потомци биле грешни суштества на кои им биле потребни многу повеќе закони за да им обезбедат упатство. Со текот на времето, Јехова со љубов ја задоволил оваа потреба. Му дал на Ное специфични закони што требало да му ги пренесе на своето семејство (1. Мојсеева 9:1—7). Со векови подоцна, преку Мојсеј, Бог ѝ дал на новата израелска нација еден детален, пишан законски зборник. Тоа било прв пат Јехова да управува една цела нација преку божествен закон. Испитувањето на тој Закон ќе ни помогне да ја разбереме животоважната улога што ја игра божествениот закон во животот на денешните христијани.
Мојсеевиот Закон — неговата цел
4. Зошто за избраните потомци на Авраам би било предизвик да го родат ветеното Семе?
4 Апостол Павле, темелен проучувач на Законот, прашал: „Зошто е, пак, даден Законот?“ (Галатјаните 3:19). За да одговориме, треба да се сетиме дека Јехова му ветил на својот пријател Авраам оти неговата семејна лоза ќе роди едно Семе кое ќе донесе големи благослови за сите нации (1. Мојсеева 22:18). Но, тука лежел еден предизвик: не сите Авраамови избрани потомци, Израелците, биле поединци кои го сакале Јехова. Како што минувало времето, повеќето се покажале тврдоглави, бунтовни — со некои не можело скоро ни да се управува! (2. Мојсеева 32:9; 5. Мојсеева 9:7). За таквите, да се биде меѓу Божјиот народ едноставно било работа на раѓањето, а не на изборот.
5. а) За што ги поучил Јехова Израелците преку Мозаитскиот Закон? б) На кој начин Законот бил наменет да влијае врз однесувањето на неговите следбеници?
5 Како би можел еден таков народ да го роди и да извлече корист од ветеното Семе? Наместо да ги контролира како роботи, Јехова ги поучувал преку закон (Псалм 118:33—35; Исаија 48:17). Всушност, хебрејскиот збор за „закон“ — тора́, значи „поука“. За што поучувал тој? Првенствено, ги поучувал Израелците за нивната потреба од Месијата, кој би ги откупил од нивната грешна состојба (Галатјаните 3:24). Законот исто така поучувал за побожен страв и послушност. Во склад со Авраамското ветување, Израелците требало да служат како сведоци за Јехова пред сите други нации. Значи, Законот требало да ги поучи за еден возвишен, благороден зборник на однесување кој би се одразил на добро врз Јехова; тој би му помогнал на Израел да се држи одвоен од расипаните постапки на околните нации (3. Мојсеева 18:24, 25; Исаија 43:10—12).
6. а) Отприлика колку уредби содржи Мозаитскиот Закон, и зошто тоа не би требало да се смета за претерано? (Види ја фуснотата.) б) Каков увид можеме да постигнеме преку проучување на Мозаитскиот Закон?
6 Затоа, не е ни чудо што Мојсеевиот Закон содржи многу уредби — преку 600.a Овој пишан зборник ги регулирал подрачјата на обожавање, владеењето, моралот, правдата, па дури и исхраната и хигиената. Но, дали тоа значи дека Законот бил само една маса од ладни прописи и концизни наредби? Далеку од тоа. Ако се проучи законскиот зборник, тој ќе понуди еден богат увид во Јеховината личност полна со љубов. Разгледај некои примери.
Закон што одразувал милост и сочувство
7, 8. а) Како Законот ги нагласувал милоста и сочувството? б) На кој начин Јехова милостиво го спровел Законот во случајот на Давид?
7 Законот ја нагласувал милоста и сочувството особено спрема ниските или беспомошните. Вдовиците и сирачињата биле издвојувани заради заштита (2. Мојсеева 22:22—24). Животните што се користеле за работа биле штитени од суровост. Биле почитувани основните права на сопственост (5. Мојсеева 24:10; 25:4). Иако Законот барал смртна казна за убиство, тој овозможувал милост во случаи на случајно убиство (4. Мојсеева 35:11). Очигледно, израелските судии имале слобода да одлучат за наметнатата казна за некои прекршоци, зависно од ставот на престапникот. (Спореди 2. Мојсеева 22:7 и 3. Мојсеева 6:1—7.)
8 Јехова им дал пример на судиите со тоа што го применувал Законот со цврстина каде што било неопходно, но со милост секаде каде што било можно. На цар Давид, кој извршил прељуба и убиство, му била укажана милост. Но, тој не поминал неказнет, бидејќи Јехова не го заштитил од ужасните последици што потекнувале од неговиот грев. Па сепак, поради сојузот за Царство и поради тоа што Давид по природа бил милостив човек и имал длабоко покајнички став во срцето, тој не бил убиен (1. Царства 24:5—8; 2. Царства 7:16; Псалм 50:1—4; Јаков 2:13).
9. Каква улога играла љубовта во Мозаитскиот Закон?
9 Освен тоа, Мојсеевиот Закон ја нагласувал љубовта. Замисли си некоја од денешните нации да има законски зборник кој всушност би барал љубов! На тој начин, Мојсеевиот Закон не само што го забранувал убиството туку и заповедал: „Сакај го ближниот свој како самиот себе“ (3. Мојсеева 19:18). Тој не само што го забранувал неправедното постапување спрема странскиот доселеник туку и заповедал: „Сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во Египетската земја“ (3. Мојсеева 19:34). Не само што ја прогласувал прељубата за незаконска туку и му заповедал на сопругот да ја радува својата сопствена сопруга! (5. Мојсеева 24:5). Само во книгата 5. Мојсеева, хебрејските зборови што ја означуваат особината љубов се употребени околу 20 пати! Јехова ги уверил Израелците во својата сопствена љубов — мината, сегашна и идна (5. Мојсеева 4:37; 7:12—14). Навистина, најголемата заповед од Мозаитскиот Закон била: „Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои!“ (5. Мојсеева 6:5). Исус рекол дека целиот Закон почива на оваа заповед, како и на заповедта да се сака својот ближен (3. Мојсеева 19:18; Матеј 22:37—40). Не е ни чудо што псалмистот напишал: „Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него“ (Псалм 118:97).
Злоупотреба на Законот
10. На кој начин Евреите главно гледале на Мозаитскиот Закон?
10 Затоа, колку само е трагично што на Израел во голема мера му недостигало ценење за Мозаитскиот Закон! Луѓето не го слушале Законот, го игнорирале или, пак, го заборавале. Го загадиле чистото обожавање со одвратните религиозни постапки на другите нации (4. Царства 17:16, 17; Псалм 105:13, 35—38). А го изневерувале Законот и на други начини.
11, 12. а) На кој начин групите верски водачи нанеле штета после времето на Ездра? (Види ја рамката.) б) Зошто древните рабини мислеле дека е неопходно да се „направи ограда околу Законот“?
11 Некои од најлошите штети за Законот биле направени токму од оние кои тврделе дека поучуваат за него и дека го чуваат. Тоа се случило по деновите на верниот книжевник Ездра во петтиот век пр. н. е. Ездра силно се борел против расипувачките влијанија на другите нации и го нагласувал читањето и поучувањето за Законот (1. Ездра 7:10; Неемија 8:5—8). Некои учители на Законот тврделе дека ги следат стапките на Ездра и го оформиле она што било наречено „Голема синагога“. Меѓу нејзините изреки било упатството: „Направи ограда околу Законот“. Овие учители резонирале дека Законот бил како една скапоцена градина. Со цел никој да не влезе бесправно во оваа градина со престапување на нејзините закони, тие создале натамошни закони, „Усниот закон“, за да ги спречи луѓето од приближување до една таква грешка.
12 Некои би можеле да аргументираат дека еврејските водачи имале право да мислат вака. По времето на Ездра, со Евреите доминирале странски сили, особено Грција. За да го сузбијат влијанието на грчката филозофија и култура, меѓу Евреите се појавиле групи верски водачи. (Види ја рамката на страница 10.) Со текот на времето, некои од овие групи почнале да му конкурираат и дури го надминале левитското свештенство како учители на Законот. (Спореди Малахија 2:7.) До 200-та година пр. н. е., усниот закон почнал да си прави свој пат во еврејскиот живот. Отпрвин, овие закони не требало да се запишуваат за да не бидат земени како еднакви со пишаниот Закон. Но, постепено, човечкото размислување било ставано пред божественото, така што на крајот оваа „ограда“ всушност ја оштетила самата „градина“ што наводно требало да ја штити.
Загадувањето од фарисејството
13. На кој начин некои еврејски верски водачи го оправдувале наметнувањето на многу правила?
13 Рабините резонирале дека штом Тората, односно Мозаитскиот Закон бил совршен, тој сигурно содржел одговор на секое прашање што би можело да се појави. Оваа идеја не била вистински побожна. Всушност, таа им дала дозвола на рабините да користат вешто човечко резонирање, правејќи да изгледа дека Божјата Реч била темелот за правилата кај сите видови спорни прашања — некои лични, а некои, пак, едноставно тривијални.
14. а) На кој начин еврејските верски водачи го растегнале до небиблиска крајност библиското правило за одвоеност од нациите? б) Што покажува дека рабинските правила не успеале да го заштитат еврејскиот народ од пагански влијанија?
14 Секогаш одново, верските водачи земале библиски правила и ги растегнувале до крајности. На пример, Мозаитскиот Закон унапредувал одвоеност од нациите, но рабините проповедале еден облик на неразумен презир кон сѐ што е не-еврејско. Тие учеле дека Евреинот не смее да ја остави својата стока во пагански конак, бидејќи паганите „се осомничени за бестијалност“. На една Еврејка не ѝ било дозволено да ѝ помага на една паганка при породувањето, затоа што со тоа „би помогнала да се роди дете за идолопоклонство“. Поради тоа што со право биле сомничави спрема грчките гимназии, рабините забраниле секакви атлетски вежби. Историјата докажува дека сето ова едвај да ги заштитило Евреите од пагански верувања. Всушност, самите фарисеи почнале да ја учат паганската грчка доктрина за бесмртност на душата! (Језекиил 18:4).
15. Како еврејските верски водачи ги искривиле законите за прочистување и инцест?
15 Фарисеите исто така ги искривиле и законите за прочистување. Било речено дека фарисеите би го исчистиле и самото Сонце, ако им се даде шанса. Нивниот Закон сметал дека одложувањето да се оди таму „каде што и царот оди пешки“, би го обесчестило човекот! Миењето раце станало сложен ритуал, со правила за тоа која рака треба прво да се измие и како. Жените биле сметани за особено нечисти. На темел на библиската заповед да ‚не се доближува‘ до каков и да е телесен роднина (всушност, закон против инцестот), рабините пропишале дека сопругот не треба да оди зад својата сопруга; ниту, пак, треба да разговара со неа на пазар (3. Мојсеева 18:6).
16, 17. На кој начин усниот закон ја проширил заповедта за држење седмичен Сабат, и со какви последици?
16 Особено ноторна е духовната лакрдија што усниот закон ја направил од Сабатниот закон. Бог му дал на Израел едноставна заповед: Не врши никаква работа на седмиот ден од седмицата (2. Мојсеева 20:8—11). Меѓутоа, усниот закон и понатаму дефинирал околу 39 различни видови забранета работа, вклучувајќи го и врзувањето или одврзувањето на еден јазол, шиењето два шева, запишувањето две хебрејски букви итн. Потоа, секој од овие видови изискувал бескрајни натамошни правила. Кои јазли биле забранети а кои дозволени? Усниот закон одговарал со произволни одредби. Лечењето почнало да се смета за забранета работа. На пример, било забрането на Сабат да се мести скршен екстремитет. Човек со забоболка можел да користи оцет за зачинување на својата храна, но не смеел да го цица оцетот низ забите. Тоа би можело да му го излечи забот!
17 Така затрупан под стотиците правила поставени од луѓе, Сабатниот закон го изгубил своето духовно значење што се однесувало до повеќето Евреи. Кога Исус Христос, ‚господарот на саботата‘, извршувал спектакуларни, пријатни чуда на Сабат, книжевниците и фарисеите биле рамнодушни. Тие се грижеле само за тоа што изгледало дека тој ги игнорира нивните одредби (Матеј 12:8, 10—14).
Да се учи од лудоста на фарисеите
18. Каква била последицата од додавањето усни закони и преданија кон Мозаитскиот Закон? Илустрирај.
18 Накратко, би можеле да речеме дека овие додадени закони и преданија биле прикачени кон Мозаитскиот Закон исто како што школките се прилепуваат за трупот на еден брод. Сопственикот на бродот вложува многу за да ги иструже овие незгодни суштества од својот брод, бидејќи го успоруваат и ја уништуваат неговата боја против ’рѓосување. На сличен начин, усните закони и преданија го оптоварувале Законот и го изложувале на корозивна злоупотреба. Меѓутоа, наместо да ги изгребат таквите небитни закони, рабините продолжиле да додаваат други. До времето додека дошол Месијата за да го исполни Законот, „бродот“ бил толку обложен со „школки“ што едвај пловел! (Спореди Изреки 16:25.) Наместо да го штитат сојузот на Законот, овие верски водачи направиле лудост со тоа што го издале. Но, зошто не успеала нивната „ограда“ од правила?
19. а) Зошто потфрлила „оградата околу Законот“? б) Што покажува дека на еврејските верски водачи им недостигала искрена вера?
19 Водачите на јудаизмот не успеале да разберат дека битката против расипаноста се води во срцето а не на страниците на закониците (Јеремија 4:14). Клучот за победа е љубовта — љубов кон Јехова, кон неговиот закон и кон неговите праведни начела. Таквата љубов раѓа соодветна омраза кон она што Јехова го мрази (Псалм 96:10; 118:104). Оние чии срца на тој начин се исполнети со љубов, остануваат верни на Јеховините закони во овој расипан свет. Еврејските верски водачи ја имале огромната предност да ги поучуваат луѓето со цел да ја унапредуваат и да вдахнуваат таква љубов. Зошто не успеале да го сторат тоа? Очигледно им недостигала вера (Матеј 23:23, НС, фуснота). Да имале вера дека Јеховиниот дух има моќ да делува во срцата на верните луѓе, тие не би чувствувале потреба да преземат строга контрола над животите на другите (Исаија 59:1; Језекиил 34:4). Поради тоа што им недостигала вера, ниту самите пренесувале вера; ги оптоварувале луѓето со заповеди поставени од луѓе (Матеј 15:3, 9; 23:4).
20, 21. а) Каков севкупен ефект врз јудаизмот имала душевната состојба ориентирана кон преданија? б) Каква поука извлекуваме од она што му се случило на јудаизмот?
20 Еврејските водачи не унапредувале љубов. Нивните преданија создале една религија опседната со површности, со механичка послушност заради надворешниот изглед — плодно легло за одгледување лицемерство (Матеј 23:25—28). Нивните одредби создале безброј причини за осудување на другите. Според тоа, горделивите, авторитативните фарисеи мислеле дека е оправдано да го критизираат и самиот Исус Христос. Ја изгубиле од вид главната цел на Законот и го отфрлиле единствениот вистински Месија. За возврат, тој морал да ѝ рече на израелската нација: „Ете, ви се остава вашиот дом пуст“ (Матеј 23:38; Галатјаните 3:23, 24).
21 Каква е поуката за нас? Јасно, крутата душевна состојба ориентирана кон преданија, не го унапредува чистото обожавање на Јехова! Но, дали ова значи дека обожавателите на Јехова денес не треба воопшто да имаат никакви правила, доколку не се посебно образложени во Светото писмо? Не. За комплетен одговор, во продолжение да разгледаме како Исус Христос го заменил Мозаитскиот Закон со еден нов и подобар закон.
[Фуснота]
a Секако, тоа сѐ уште е мал број во споредба со правните системи на современите нации. На пример, до почетокот на 1990-тите, федералните закони на Соединетите Држави пополнуваа преку 125.000 страници, а илјадници нови закони се додаваат секоја година.
Можеш ли да објасниш?
◻ На кој начин сета творба е управувана од божествениот закон?
◻ Која била главната цел на Мозаитскиот Закон?
◻ Што покажува дека Мозаитскиот Закон нагласувал милост и сочувство?
◻ Зошто еврејските верски водачи додале безброј правила кон Мозаитскиот Закон, и со какви последици?
[Рамка на страница 10]
Еврејските верски водачи
Книжевници: Тие се сметале себеси за наследници на Ездра и за објаснувачи на Законот. Според книгата A History of the Jews (Историја на Евреите), „книжевниците не биле сѐ сами возвишени духови, а нивните обиди да извлечат скриени значења од законот честопати се изопачувале во безначајни формули и глупи ограничувања. Истите се закоравиле во обичај, кој наскоро станал непопустлив тиранин“.
Хасидизам: Името значи „побожни“ или „светци“. Најпрво се споменуваат како класа околу 200-тата година пр. н. е. и биле политички моќни, фанатички бранители на чистотата на Законот наспроти тиранијата на грчкото влијание. Хасидизмот се поделил на три групи: фарисеи, садукеи и есени.
Фарисеи: Некои научници веруваат дека името е изведено од зборовите за „Одвоени“ или „Сепаратисти“. Тие навистина биле фанатични во својот порив да бидат одвоени од паганите, но исто така своето братство го гледале како одвоено — и понадмоќно — од обичниот еврејски народ кој бил во незнаење за сложеноста на усниот закон. Еден историчар за фарисеите рекол: „Гледано во целина, тие ги третирале мажите како деца, формализирајќи и дефинирајќи ги и најситните поединости од одржувањето на ритуалите“. Еден друг научник рекол: „Фарисејството создало мноштво законски правила кои ги обработувале сите ситуации, со неизбежната последица да ги величаат ситниците, а правејќи го тоа, постапувале ситничарски со величините (Мт. 23:23)“.
Садукеи: Група која била тесно поврзана со аристократијата и со свештенството. Тие енергично им се спротивставувале на книжевниците и на фарисеите, велејќи дека усниот закон ја немал правосилноста на пишаниот Закон. Самата Мишна покажува дека ја изгубиле оваа битка: „Со поголема строгост се применува [држењето за] зборовите на Книжевниците отколку [држењето за] зборовите на [пишаниот] Закон“. Талмудот, кој вклучувал многу коментари за усниот закон, подоцна отишол толку далеку што рекол: „Зборовите на книжевниците се . . . подраги отколку зборовите на Тората“.
Есени: Група аскети кои се изолирале во одвоени заедници. Според The Interpreter’s Dictionary of the Bible (Библискиот речник на толкувачот), есените биле дури и поисклучителни отколку фарисеите и „понекогаш умееле да бидат пофарисејски и од самите фарисеи“.
[Слика на страница 8]
Родителите веројатно го поучиле Јов за законите што ги управуваат соѕвездијата