Јеховиното величие е неистражливо
„Велик е Јехова и достоен за голема фалба, и неговото величие е неистражливо“ (ПСАЛМ 145:3, NW).
1, 2. Каква личност бил Давид, и како се гледал себеси во однос на Бог?
КОМПОЗИТОРОТ на 145. Псалм е еден човек што е добро познат во историјата. Како момче, тој се соочил со еден вооружен џин и го убил. А како цар воин, овој псалмист победил многу непријатели. Се викал Давид и бил вториот цар на древниот Израел. Неговата слава продолжила да живее и по неговата смрт, така што дури и денес милиони луѓе знаат нешто за него.
2 И покрај неговите успеси, Давид имал понизно гледиште за себе. Осврнувајќи се на Јехова, тој пеел: „Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти; месечината и ѕвездите што си ги поставил: Што е човекот за да си спомнуваш за него? Или човечкиот син за да го посетуваш?“ (Псалм 8:3, 4). Наместо да мисли дека самиот тој е некоја голема личност, Давид му го припишал на Јехова избавувањето од сите свои непријатели и рекол за Бог: „Ми го даваш Својот штит што спасува, Твојата грижливост [понизност, NW] ме возвиси“ (2. Самоил 22:1, 2, 36). Јехова покажува понизност со тоа што е милостив кон грешниците, а Давид бил благодарен за Божјата незаслужена љубезност.
,Ќе го прославувам Бог Царот‘
3. а) Какво гледиште имал Давид за царувањето во Израел? б) Колку сакал Давид да го фали Јехова?
3 Иако Давид бил цар поставен од Бог, за него Јехова бил вистинскиот Цар на Израел. Давид рекол: „Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сѐ, Главатар на сѐ“ (1. Летописи 29:11). И колку само Давид го ценел Бог како Владетел! „Ќе Те прославувам о Боже, мој Царе“, пеел тој, „ќе го благословувам Твоето име секогаш и довека. Ќе Те славам секој ден [цел ден, NW], ќе Го фалам Твоето име секогаш и довека“ (Псалм 145:1, 2). Давид имал желба да го фали Јехова Бог по цел ден и во сета вечност.
4. Кои лажни тврдења се разоткриени во 145. Псалм?
4 Псалм 145 дава убедлив одговор на тврдењето на Сатана дека Бог е себичен владетел што не им дава слобода на своите созданија (Битие 3:1—5). Исто така, овој псалм ја разоткрива лагата на Сатана дека оние што му се послушни на Бог го прават тоа само за да добијат нешто, а не затоа што го сакаат Бог (Јов 1:9—11; 2:4, 5). Исто како Давид, и вистинските христијани денес даваат одговор на лажните обвиненија на Ѓаволот. За нив е скапоцена надежта за вечен живот под владата на Царството затоа што имаат силна желба да го фалат Јехова во сета вечност. Веќе милиони почнале да го прават тоа на тој начин што покажуваат вера во Исусовата откупна жртва и послушно и од љубов му служат на Јехова како негови предадени, крстени обожаватели (Римјаните 5:8; 1. Јованово 5:3).
5, 6. Кои прилики ги имаме за да го благословуваме и да го фалиме Јехова?
5 Помисли на многуте прилики што ги имаме да го благословуваме и фалиме Јехова како негови слуги. Тоа можеме да го направиме во молитва кога сме длабоко трогнати од нешто што го читаме во неговата Реч, Библијата. Фалба и благодарност можеме да упатиме кога сме поттикнати од Божјиот начин на постапување со неговиот народ или кога сме восхитени од извесен аспект на неговото чудесно творештво. Исто така, го благословуваме Јехова Бог кога разговараме за неговите намери со соверниците на христијанските состаноци или во приватните разговори. Всушност, сите „добри дела“ што се направени за интересите на Божјето Царство му носат фалба на Јехова (Матеј 5:16).
6 Во неодамнешните примери за такви добри дела спаѓа и тоа што Јеховиниот народ изгради многу места за обожавање во сиромашните земји. Голем дел од ова беше постигнато со финансиската помош што ја дадоа соверниците од други земји. Некои христијани помогнале на тој начин што доброволно отишле на тие подрачја за да учествуваат во изградбата на Сали на Царството. А најважно од сите добри дела е да го фалиме Јехова проповедајќи ја добрата вест за неговото Царство (Матеј 24:14). Како што покажуваат понатамошните стихови од 145. Псалм, Давид покажал благодарност за Божјето владетелство и го возвишил Неговото царување (Псалм 145:11, 12). Дали си и ти подеднакво благодарен за Божјиот начин на владеење полн со љубов? И дали редовно им зборуваш на другите за неговото Царство?
Примери за Божјето величие
7. Наведи една од главните причини зошто да го фалиме Јехова.
7 Во Псалм 145:3 (NW) е дадена една од главните причини зошто да го фалиме Јехова. Давид пее: „Велик е Јехова и достоен за голема фалба, и неговото величие е неистражливо“. Јеховиното величие нема граници. Луѓето не можат потполно да го истражат, да го сфатат ниту да го измерат. Но, сигурно ќе извлечеме корист ако сега разгледаме некои примери за Јеховиното неистражливо величие.
8. Што открива универзумот во поглед на Јеховиното величие и моќ?
8 Обиди се да се сетиш на некоја прилика кога си бил далеку од блескавите градски светла и си погледнал во јасното ноќно небо. Зар не си бил восхитен од безбројните ѕвезди што светкале на темниот небесен свод? Зар не си бил поттикнат да го фалиш Јехова за неговото величие кое се гледа во тоа што ги создал сите тие небесни тела? Меѓутоа, она што си го видел било само еден мал дел од вкупниот број ѕвезди што постојат во галаксијата во која се наоѓа Земјата. Освен тоа, се проценува дека има повеќе од сто милијарди галаксии, а само три од нив можат да се видат без помош на телескоп. Навистина, безбројните ѕвезди и галаксии што го сочинуваат огромниот универзум се сведоштво за создавачката моќ на Јехова и за неговото неистражливо величие (Исаија 40:26).
9, 10. а) Кои аспекти на Јеховиното величие се гледаат во врска со Исус Христос? б) Како треба воскресението на Исус да влијае врз нашата вера?
9 Разгледај и други аспекти на Јеховиното величие — аспекти што се поврзани со Исус Христос. Божјето величие може да се види во тоа што го создал својот Син и го користел со еони како свој „вешт градител“ (Пословици 8:22—31, NW). Големината на Јеховината љубов била покажана кога го дал својот единороден Син како откупна жртва за човештвото (Матеј 20:28; Јован 3:16; 1. Јованово 2:1, 2). А величественото и бесмртно духовно тело што Јехова му го дал на Исус при неговото воскресение е нешто што човечките суштества не можат да го сфатат (1. Петрово 3:18).
10 Исусовото воскресение вклучувало многу импресивни аспекти на Јеховиното неистражливо величие. Без сомнение Бог му го вратил на Исус сеќавањето за работата поврзана со создавањето на сѐ невидливо и видливо (Колошаните 1:15, 16). Во нив спаѓаат другите духовни суштества, универзумот, плодната земја и сите облици на физички живот на Земјината топка. Освен тоа што му го вратил на својот Син спознанието за целосната историја на животот на небото и на земјата чиј сведок бил Синот во своето претчовечкото постоење, Јехова го додал и сеќавањето на она што Исус го доживеал како совршен човек. Да, Јеховиното неистражливо величие може да се види во Исусовото воскресение. Освен тоа, тој голем чин е гаранција дека е возможно воскресението и на други луѓе. Тоа треба да ја зајакне нашата вера дека Бог може да ги врати во живот милионите умрени што ги чува во своето совршено сеќавање (Јован 5:28, 29; Дела 17:31).
Чудесни и моќни дела
11. Кое величествено дело го започнал Јехова на Пентекост 33 н.е.?
11 Од времето кога воскреснал Исус, Јехова направил уште многу други величествени и чудесни дела (Псалм 40:5). На Пентекост 33 н.е., Јехова создал една нова нација, „Израелот Божји“, која се состоела од Христовите ученици што биле помазани со свет дух (Галатите 6:16). На еден моќен начин, оваа нова духовна нација се проширила низ целиот тогаш познат свет. И покрај отпадот што водел до развој на христијанскиот свет по смртта на Исусовите апостоли, Јехова продолжил да прави чудесни дела за да го засигури за исполнувањето на својата намера.
12. Што сведочи тоа што Библијата е достапна на сите главни јазици на земјата?
12 На пример, целата Библија била зачувана и со текот на времето била преведена на сите главни јазици што се зборуваат на земјата денес. Честопати Библијата била преведувана под тешки околности и под закана со смрт од страна на Сатановите застапници. Сосема е јасно дека Библијата не би можела да се преведе на преку 2.000 јазици ако тоа не било волја на Јехова Бог, чие величие е неистражливо!
13. Почнувајќи од 1914, како се гледа Јеховиното величие во поврзаност со неговите намери во врска со Царството?
13 Јеховиното величие се гледа и во поврзаност со неговите намери во врска со Царството. На пример, во 1914 тој го поставил својот Син, Исус Христос, за небесен Цар. Кратко потоа, Исус презел акција против Сатана и неговите демони. Тие биле исфрлени од небото и биле ограничени во близина на земјата, каде што сега очекуваат да бидат фрлени во бездна (Откровение 12:9—12; 20:1—3). Оттогаш Исусовите помазани следбеници доживуваат сѐ поголемо прогонство. Меѓутоа, Јехова ги поддржал во текот на ова време на Христовата невидлива присутност (Матеј 24:3; Откровение 12:17).
14. Кое чудесно дело го направил Јехова во 1919, и што се постигнало со него?
14 Во 1919, Јехова направил уште едно чудесно дело што било доказ за неговото величие. Исусовите помазани следбеници, кои се нашле во состојба на духовна неактивност, биле повторно оживеани (Откровение 11:3—11). Во годините што следеле, помазаниците ревносно ја проповедале добрата вест за воспоставеното небесно Царство. Биле собрани и други помазаници за да се пополни бројот од 144.000 (Откровение 14:1—3). А преку Христовите помазани следбеници, Јехова го положил темелот за една „нова земја“, т.е. едно праведно човечко општество (Откровение 21:1). Но, што ќе се случи со ,новата земја‘ откако сите верни помазаници ќе отидат на небо?
15. Во кое дело предводеле помазаните христијани, и со какви резултати?
15 Во 1935, изданијата на ова списание од 1 август и од 15 август содржеле клучни статии во врска со ,големото мноштво‘, спомнато во Откровение, 7. поглавје. Помазаните христијани ревносно почнале да ги бараат и да ги доведуваат кај себе овие сообожаватели од сите нации, племиња, народи и јазици. Ова „големо мноштво“ луѓе ќе ја преживеат претстојната ,голема неволја‘ и ќе имаат изглед за вечен живот во Рајот како постојани жители на ,новата земја‘ (Откровение 7:9—14). Благодарение на делото на проповедање на Царството и правење ученици, во кое предводеле помазаните христијани, преку шест милиони луѓе денес ја имаат надежта за бескраен живот во еден земен рај. Кој е заслужен за ваквиот пораст и покрај противењето од страна на Сатана и неговиот расипан свет? (1. Јованово 5:19). Само Јехова можел да го изврши сето ова, користејќи го својот свет дух (Исаија 60:22; Захарија 4:6).
Јеховината блескава слава и достоинство
16. Зошто луѓето не можат дословно да ја видат ,блескавата слава на Јеховиното достоинство‘?
16 Какви и да се, ,чудесните и моќни дела‘ на Јехова никогаш нема да бидат заборавени. Давид напишал: „Од поколение во поколение се фалат Твоите дела и се навестуваат Твоите силни дела. Ќе зборувам за блескавата слава на Твоето величие [достоинство, NW], и за Твоите чуда. Кажуваат за стравотната сила на Твоите дела, јас ќе ја раскажувам Твојата величина“ (Псалм 145:4—6). Сепак, колку можел да знае Давид за блескавата слава на Јехова, со оглед на тоа што „Бог е Дух“ и затоа е невидлив за човечките очи? (Јован 1:18; 4:24).
17, 18. Како можел Давид да го зголеми своето ценење за ,блескавата слава на Јеховиното достоинство‘?
17 Иако Давид не можел да го види Бог, имало начини на кои можел да го зголеми своето ценење за Јеховиното достоинство. На пример, можел да го чита библискиот запис за Божјите моќни дела, како што е уништувањето на еден злобен свет со глобален потоп. Многу е веројатно дека Давид знаел за тоа како биле понижени лажните богови на Египет кога Бог ги избавил Израелците од египетското ропство. Таквите настани сведочат за Јеховиното достоинство и за неговото величие.
18 Давид несомнено го зголемил своето ценење за Божјето достоинство не само на тој начин што го читал Писмото туку и со тоа што медитирал за него. На пример, можеби медитирал за она што се случило кога Јехова му го дал Законот на Израел. Имало грмотевици, молњи и голем облак, како и многу силен звук на труба. Планината Синај се тресела и била обвиткана во чад. Собрани во подножјето на оваа планина, Израелците дури и ги чуле ,Десетте заповеди‘ од огнот и од облакот додека Јехова им зборувал преку ангелски претставник (Второзаконие 4:32—36; 5:22—24; 10:4; Излез 19:16—20; Дела 7:38, 53). Каква само манифестација на Јеховината возвишеност! Оние што ја сакаат Божјата реч и медитираат за овие извештаи не можат а да не бидат поттикнати од ,блескавата слава на Јеховиното достоинство‘. Се разбира, денес ние ја имаме целата Библија, која содржи различни славни визии што нѐ импресионираат со Јеховиното величие (Езекиел 1:26—28; Даниел 7:9, 10; Откровение, поглавје 4).
19. Што ќе го зголеми нашето ценење за Јеховиното достоинство?
19 Друг начин на кој Давид можеби бил импресиониран од Божјето достоинство било тоа што ги проучувал законите што Бог им ги дал на Израелците (Второзаконие 17:18—20; Псалм 19:7—11). Тоа што нацијата Израел била послушна на Јеховините закони ја воздигнало и ја одвоило од сите други народи (Второзаконие 4:6—8). Како што било случај и со Давид, ако и ние редовно го читаме Писмото, ако длабоко медитираме за него и ако марливо го проучуваме, ќе се зголеми нашето ценење за Јеховиното достоинство.
Колку се величествени Божјите морални особини!
20, 21. а) Во врска со кои особини стиховите од Псалм 145:7—9 го возвишуваат Јеховиното величие? б) На кој начин Божјите особини спомнати овде влијаат врз сите што го љубат?
20 Како што забележавме, првите шест стихови од 145. Псалм ни даваат добри причини да го фалиме Јехова за работи што се поврзани со неговото неистражливо величие. Стихови 7 до 9 (NW) го возвишуваат Божјето величие осврнувајќи се на неговите морални особини. Давид пее: „Во восхитот од нив ќе извираат зборови за изобилството на твојата доброта, и поради твојата праведност радосно ќе воскликнуваат. Јехова е милостив и милосрден, бавен е на гнев и голема е неговата верна љубов. Јехова е добар кон сите, и неговото милосрдие почива над сите негови дела“.
21 Овде Давид најнапред ја нагласува Јеховината доброта и праведност — особини што Сатана Ѓаволот ги довел во прашање. Како влијаат овие особини врз сите што го љубат Бог и што се подложуваат на неговото владетелство? Па, Јеховината доброта и неговиот праведен начин на владеење им носат толкава радост на неговите обожаватели што тие не можат да престанат да му искажуваат фалба. Освен тоа, Јеховината доброта е насочена кон „сите“. Да се надеваме дека ова ќе им помогне на уште многу луѓе да се покаат и да станат обожаватели на вистинскиот Бог пред да биде предоцна (Дела 14:15—17).
22. Како постапува Јехова со своите слуги?
22 Давид ги ценел и особините што ги нагласил Бог лично кога ,поминал пред Мојсеј па се јавил: „Јахве! Господ! Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински“‘ (Излез 34:6). Затоа, Давид можел да изјави: „Јехова е милостив и милосрден, бавен е на гнев и голема е неговата верна љубов“. Иако Јеховиното величие е неистражливо, тој го почитува достоинството на своите човечки слуги постапувајќи милостиво со нив. Тој е полн со милост и спремен е да им прости на покајничките грешници на темел на Исусовата откупна жртва. Исто така, Јехова е бавен на гнев, бидејќи им дава на своите слуги прилика да ги совладаат слабостите што би можеле да ги спречат да влезат во неговиот нов свет на праведност (2. Петрово 3:9, 13, 14).
23. Која скапоцена особина ќе ја разгледаме во следната статија?
23 Давид ја возвишува Божјата верна љубов, односно лојална љубов. Всушност, останатиот дел од 145. Псалм покажува како Јехова ја покажува оваа особина и како неговите лојални слуги се оѕвиваат на неговата лојална љубов. За тоа ќе дискутираме во следната статија.
Како би одговорил?
• Кои прилики ги имаме да го фалиме Јехова по „цел ден“?
• Кои примери покажуваат дека Јеховиното величие е неистражливо?
• Како можеме да го зголемиме своето ценење за Јеховиното славно достоинство?
[Слика на страница 10]
Галаксиите во универзумот сведочат за Јеховиното величие
[Извор на слика]
Со дозвола на Англо-австралиската опсерваторија, слика на Д. Малин
[Слика на страница 12]
Како било покажано Јеховиното величие во врска со Исус Христос?
[Слика на страница 13]
Израелците имале доказ за Јеховиното славно достоинство кога го добиле законот на планината Синај