„Испитај ме, Јехова“
„ЈЕХОВА ги испитува срцата“ (Изреки 17:3). Тоа би требало многу да нѐ утеши. Зошто? Затоа што нашиот небесен Татко „го гледа она што е во срцето“, за разлика од луѓето кои судат само според надворешниот изглед (1. Самоилова 16:7).
Дури и ние самите не можеме најдобро да ги процениме своите најдлабоки мотиви и најскриени склоности. Зошто? Бидејќи нашето ‚срце е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?‘ Бог може да проникне, како што и самиот рекол: „Јас, Јехова, го истражувам срцето и ги испитувам бубрезите“ (Еремија 17:9, 10). Јехова го познава нашето ‚срце‘, односно нашите мотиви, како и „бубрезите“, односно нашите најдлабоки мисли и чувства.
Зошто сме испитани?
Ако знаеме дека Јехова ја има таа способност, не нѐ чуди што цар Давид му рекол на Бог: „Испитај ме, Јехова, и искушај ме, прочисти ми ги бубрезите и срцето“ (Псалм 26:2). Дали Давид никогаш не згрешил со некоја постапка и со збор, па затоа не се плашел ако Јехова го испита? Се разбира не! Како и сите ние, Давид бил несовршен и не можел совршено да живее според Божјите мерила. Поради своите слабости, направил неколку сериозни грешки, но сепак му служел на Бог „со чисто срце“ (1. Царевите 9:4). Како? Така што го прифатил укорот и го исправил својот начин на постапување. Со тоа покажал дека искрено го сака Јехова и дека му е потполно оддаден.
А како е со нас денес? Јехова знае дека сме несовршени и дека можеме да згрешиме со збор и со постапки. Но, својата способност да ја предвиди иднината не ја користи за да одреди како ќе живееме. Напротив, ја почитува нашата слободна волја, која самиот љубезно ни ја подарил.
Меѓутоа, понекогаш, Јехова на некој начин испитува каква личност сме и какви се нашите мотиви. Ова го прави така што ни дава можност да покажеме што имаме во срцето. Исто така, може да дозволи да се најдеме во некои околности или да доживееме некои тешкотии за да излезат на површина нашите најскриени склоности. Во тие ситуации можеме да му покажеме на Јехова колку го сакаме и колку сме му лојални. Таквите испити што тој ги допушта покажуваат каква е нашата вера и дали сме „совршени и потполни, без никаков недостаток“ (Јаков 1:2-4).
Дамнешен испит на верата
Јеховините слуги отсекогаш се соочувале со испити на верата и на мотивите. На пример, размисли за Авраам. Во Библијата пишува: „Вистинскиот Бог го испита Авраам“ (1. Мојсеева 22:1). Кога биле кажани тие зборови, верата на Авраам во Бог веќе била испитана. Со години пред тоа, Јехова побарал од Авраам да се пресели со семејството од напредниот град Ур во една непозната земја (1. Мојсеева 11:31; Дела 7:2-4). Авраам, кој можеби имал своја куќа во Ур, не си купил друга куќа во Ханаан, каде што живеел околу 100 години (Евреите 11:9). Заедно со семејството се селел од место во место, и затоа биле во опасност од глад, од вооружени банди и од пагански владетели од таа област. Во целиот тој период Авраам докажал дека има вера од највисок квалитет.
Тој потоа се соочил со уште поголем испит. Јехова му рекол: „Те молам, земи го својот син, својот единец, Исак, кого толку го сакаш,.. и... принеси го како жртва паленица“ (1. Мојсеева 22:2). За Авраам, Исак не бил обичен син. Тој му бил единственото дете од неговата жена Сара. Исак бил синот на ветувањето, единствената надеж на Авраам дека неговото „потомство“ ќе ја наследи ханаанската земја и дека ќе биде благослов за многумина, како што ветил Бог. Всушност, Исак бил токму тој син што Авраам го очекувал и кој бил роден преку чудо од Бог! (1. Мојсеева 15:2-4, 7).
Можеш да си замислиш колку тешко му било на Авраам да ја сфати оваа заповед. Зошто Јехова барал човечка жртва? Зошто Јехова би дозволил Авраам на стари години да се израдува на син, а подоцна да побара од него да го жртвува истиот тој син?a
Иако немал јасни одговори на овие прашања, Авраам спремно ја послушал таа заповед. Му биле потребни три дена за да стигне до одреденото место. Таму направил жртвеник, врз кој ги ставил дрвата што ги нацепил. И тогаш дошол најтешкиот момент од испитот. Авраам го зел ножот, но токму кога сакал да го заколе својот син, Јехова преку еден ангел го сопрел и рекол: „Сега, кога не одби да ми го дадеш својот син, својот единец, навистина знам дека се боиш од Бог“ (1. Мојсеева 22:3, 11, 12). Замисли колку големо олеснување почувствувал Авраам кога го слушнал тоа! Јехова добро ја проценил неговата вера (1. Мојсеева 15:5, 6). Веднаш потоа, Авраам жртвувал еден овен наместо Исак. Тогаш Јехова го повторил ветувањето во врска со потомството, кое му го дал на Авраам кога склучил сојуз со него. Разбирливо е што Авраам станал познат како Јеховин пријател (1. Мојсеева 22:13-18; Јаков 2:21-23).
И нашата вера ќе биде испитана
Сите знаеме дека Божјите слуги денес мора да се соочат со испити. Но, во нашиот случај, почесто сме ставени на испит со тоа што Јехова го дозволува да ни се случи отколку со тоа што ни вели да го направиме.
Апостол Павле напишал: „Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Такво прогонство може да дојде од соучениците, пријателите, роднините, соседите или, пак, од властите кои се погрешно информирани за нас. Тие може да нѐ навредуваат и физички да нѐ малтретираат или да ни пречат да заработиме за живот. Освен тоа, вистинските христијани ги имаат и проблемите што се вообичаени за сите луѓе, како што се болестите, разочарувањата и неправдите. Сите тие искушенија ја испитуваат верата на секој поединец.
Апостол Петар нагласил зошто е добро да биде испитана нашата вера: „Ќе мора да се жалостите поради разните искушенија, за испитаноста на вашата вера, која е многу повредна од златото, кое пропаѓа иако се испитува со оган, да ви донесе фалба и слава и чест кога ќе се појави Исус Христос“ (1. Петрово 1:6, 7). Резултатот од испитите е спореден со пречистувањето на златото со оган. Процесот на пречистување го открива она што е чисто, а го отстранува она што е нечисто. Нашата вера минува низ сличен процес на пречистување кога доживуваме искушенија.
На пример, некоја несреќа или природна катастрофа може тешко да нѐ погоди. Сепак, ако имаме вистинска вера, нема да се препуштиме на претераната загриженост. Ќе најдеме утеха во уверувањето што ни го дава Јехова: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евреите 13:5). И во таквите моменти, ќе им дадеме предност на духовните работи, со доверба дека Јехова Бог ќе го благослови нашиот труд да го обезбедиме она што навистина ни е потребно. Верата ќе ни даде сила во тешки времиња и ќе ни помогне да не си го комплицираме животот со непотребна загриженост.
Бидејќи можат да откријат каде е слаба нашата вера, испитите ни помагаат и да видиме каде треба да се поправиме. Затоа е добро секој да се запраша: ‚Како да ја зајакнам мојата вера? Дали треба да одвојам повеќе време за сериозно да ја проучувам Божјата реч и длабоко да размислувам за неа? Дали редовно присуствувам на собраниските состаноци со соверниците? Дали се потпирам само на себе, наместо во молитва да му ги изнесам своите грижи на Јехова Бог?‘ Сепак, таквото самоиспитување е само почеток.
Ако сакаме да имаме посилна вера, ќе треба да си го зголемиме духовниот апетит, да развиеме „желба за чистото млеко од Божјата реч“ (1. Петрово 2:2; Евреите 5:12-14). Треба да се трудиме да бидеме како човекот што го опишал псалмистот: „[Тој] ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе“ (Псалм 1:2).
Освен што ќе ја читаме Библијата, потребно е уште нешто. Важно е да размислуваме за тоа што ни го вели Божјата реч и да постапуваме според тие совети (Јаков 1:22-25). Така ќе расте нашата љубов кон Бог, молитвите ќе ни бидат поконкретни и поискрени, а нашата вера во него ќе биде посилна.
Колку вреди испитаната вера
Ако сфатиме дека верата ни е неопходна за да му угодиме на Бог, ќе бидеме силно поттикнати да ја зајакнеме. Библијата нѐ потсетува: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6). Затоа, треба да имаме ист став како човекот што го преколнувал Исус: „Помогни ми да имам уште поголема вера“ (Марко 9:24).
Испитите на нашата вера можат да им помогнат и на другите. На пример, кога на еден христијанин ќе му умре некој близок, тогаш силната вера во Божјето ветување за воскресение ќе му даде сила да ја поднесе болката. Тој ќе биде во жалост, но сепак нема да тагува „како другите, кои немаат надеж“ (1. Солуњаните 4:13, 14). Другите што ќе видат колкава сила црпи од својата вера, можеби ќе сфатат дека тој има нешто навистина вредно. Поради тоа, во нивното срце би можело да се роди желба да имаат слична вера, што ќе ги поттикне да научат нешто повеќе за Божјата реч и да станат ученици на Исус Христос.
Јехова знае дека испитаната вера има голема вредност. Освен тоа, преку испитите можеме да увидиме дали и нашата вера ни дава сила да издржиме во тешки ситуации. Испитите ни помагаат да ги откриеме слабостите во нашата вера, а тоа, пак, ни овозможува полесно да се поправиме таму каде што е потребно. И, на крајот, кога успешно ќе минеме низ испитите, можеби ќе им помогнеме и на другите да станат ученици на Исус. Затоа, да сториме сѐ што можеме за да имаме силна вера која, откако ќе биде испитана повеќе пати, ќе ни „донесе фалба и слава и чест кога ќе се појави Исус Христос“ (1. Петрово 1:7).
[Фуснота]
a Во врска со симболичното значење на „жртвувањето“ на Исак, види во Стражарска кула од 1 ноември 1989, страница 7.
[Слика на страница 13]
Поради својата вера и дела, Авраам станал Јеховин пријател
[Слики на страница 15]
Преку испитите се гледа дали нашата вера ни дава сила да издржиме
[Извор на слика на страница 12]
Од Illustrated Edition of the Holy Scriptures од Cassell, Petter, & Galpin