-
Јехова ви ги изброил „сите влакна на главата“Стражарска кула 2005 | 1 Август
-
-
„Ги собра моите солзи во Твојот сад“
12. Од каде знаеме дека Јехова добро ги знае неволјите што ги доживуваат неговите слуги?
12 Не само што Јехова го познава секој свој слуга туку исто така сосема добро знае какви неволји доживува секој од нив. На пример, кога Израелците биле угнетувани како робови, Јехова му рекол на Мојсеј: „Ги видов страдањата на својот народ во Египет . . . и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки“ (Излез 3:7). Колку сме утешени што знаеме дека, кога поднесуваме некоја неволја, Јехова гледа што се случува и ги слуша нашите повици! Сигурно не му е сеедно кога гледа како страдаме.
13. Што покажува дека Јехова вистински сочувствува со своите слуги?
13 Колку е заинтересиран Јехова и колку се грижи за оние што му се блиски се гледа и од она што го чувствувал за Израелците. Иако честопати причината за нивното страдање била нивната тврдоглавост, Исаија го запишал следново во врска со Јехова: „Во сите нивни тешкотии Тој ги сожалуваше [чувствуваше болка, NW]“ (Исаија 63:9). Затоа, како верен слуга на Јехова, можеш да бидеш уверен дека, ако тебе нешто ти причинува болка, тоа е болно и за Јехова. Зар тоа не ти дава сила бестрашно да се соочиш со неволјите и да продолжиш да даваш сѐ од себе за да му служиш? (1. Петрово 5:6, 7).
14. Во какви околности бил компониран 56. Псалм?
14 Увереноста на цар Давид дека Јехова се грижи и е заинтересиран за него и дека сочувствува со него јасно се гледа во 56. Псалм, кој Давид го компонирал додека бегал од цар Саул, кој сакал да го убие. Давид избегал во Гат, но се плашел да не биде заробен кога ќе го препознаат Филистејците. Тој напишал: „Моите непријатели се нафрлаат врз мене секој ден; мнозина се оние, што војуваат против мене“. Поради опасната ситуација во која се наоѓал, Давид му се обратил на Јехова. „Од утро до вечер, ми ги изопачуваат зборовите“, рекол тој. „Сите нивни помисли се зло за мене“ (Псалм 56:2, 5).
15. а) Што мислел Давид со тоа што го замолил Јехова да ги стави неговите солзи во сад или во книга? б) Кога долго време сме во ситуација во која ни е ставена на испит верата, во што можеме да бидеме сигурни?
15 Потоа, како што е запишано во Псалм 56:8, Давид ги кажува следниве интересни зборови: „Ти ги изброи дните на моите скитања, ги собра моите солзи во Твојот сад; не е ли запишано сѐ во Твојата книга?“ Колку трогателен опис на Јеховината нежна грижа! Кога сме под притисок, можеби со солзи го повикуваме Јехова. Тоа го направил дури и Исус, кој бил совршен човек (Евреите 5:7). Давид бил уверен дека Јехова го гледа и дека ќе се сети на неговата длабока болка, исто како да ги зачувал неговите солзи во некој сад или како да ги запишал во книга. Можеби мислиш дека твоите солзи прилично ќе го наполнат тој сад или дека ќе зафатат многу страници од една таква книга. Ако е така, утеши се. Библијата нѐ уверува: „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух“ (Псалм 34:18).
-