ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 1/9 стр. 8-13
  • Иако си од прав, само напред!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Иако си од прав, само напред!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Промена на околностите
  • И тие биле од прав
  • Што значи за нас лично тоа што сме од прав?
  • Што се случува кога некој ќе умре?
    Одговор на библиски прашања
  • Духовите не живееле и не умреле на Земјата
    Духови на мртвите — дали можат да ти помогнат или да ти наштетат? Дали навистина постојат?
  • Што се случува по смртта?
    Разбудете се! 2007
  • Што може да се стори во врска со обесхрабрувањето?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 1/9 стр. 8-13

Иако си од прав, само напред!

„Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја [прав, НС]“ (ПСАЛМ 102:14).

1. Дали Библијата е научно точна кога вели дека луѓето се од прав? Објасни.

ВО ФИЗИЧКА смисла, ние сме прав. „Го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7). Овој едноставен опис на создавањето на човекот е во согласност со научната вистина. Сите од преку 90-те елементи од кои е составено човечкото тело, се наоѓаат во ‚земниот прав‘. Некој хемичар еднаш тврдел дека телото на возрасен човек се состои од 65 отсто кислород, 18 отсто јаглерод, 10 отсто водород, 3 отсто азот, 1,5 отсто калциум и 1 отсто фосфор, а остатокот го сочинуваат други елементи. Дали овие проценки се потполно точни, не е битно. Останува фактот дека: „Ние сме прав“!

2. Каква реакција предизвикува кај тебе начинот на којшто Бог ги создал луѓето, и зошто?

2 Кој, освен Јехова, можел да создаде такви сложени суштества само од прав? Божјите дела се совршени и без маана, така што неговиот избор да го создаде човекот на ваков начин, секако не е причина за негодување. Всушност, тоа што Големиот Творец бил во состојба да го создаде човекот од земен прав на еден прекрасен начин кој влева стравопочитување, го зголемува нашето ценење за Неговата неограничена моќ, вештина и практична мудрост (5. Мојсеева 32:4, НС фуснота; Псалм 138:14).

Промена на околностите

3, 4. а) Што не била намерата на Бог кога го создавал човекот од прав? б) На што се осврнал Давид во Псалм 102:14, и како контекстот ни помага да дојдеме до ваков заклучок?

3 Суштествата од прав имаат ограничувања. Меѓутоа, Бог никогаш немал намера тие да бидат тегобни или прекумерно ограничувачки. Тие ограничувања не биле предвидени да предизвикаат обесхрабрување или да доведат до несреќа. Сепак, како што покажува контекстот на Давидовите зборови во Псалм 102:14, ограничувањата на кои подлежат луѓето можат да предизвикаат обесхрабрување и да доведат до несреќа. Зошто? Кога Адам и Ева не го послушале Бог, тие предизвикале промена на ситуацијата за нивното идно семејство. Тоа што биле создадени од прав, тогаш добило нови значења.a

4 Давид не зборувал за природните ограничувања што ги имале дури и совршените луѓе создадени од прав, туку за човечките слабости предизвикани од наследената несовршеност. Инаку, не би рекол за Јехова: „Оној, Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести; Кој го избавува од распаѓање твојот живот, . . . Он не ни направи ништо според нашите беззаконија и не постапи според нашите гревови“ (Псалм 102:2-4, 10). И покрај тоа што биле создадени од прав, да останеле верни, совршените луѓе никогаш не би згрешеле за да им треба простување, ниту, пак, би имале болести кои треба да се лекуваат. А над сѐ, никогаш не би морале да паднат во замката на смртта, од која би можеле да бидат вратени само преку воскресение.

5. Зошто не ни е тешко да ги разбереме Давидовите зборови?

5 Бидејќи сме несовршени, сите ние сме ги доживеале работите за кои зборувал Давид. Постојано сме свесни за нашите ограничувања кои се должат на несовршеноста. Разжалостени сме кога повремено таквите ограничувања го влошуваат нашиот однос со Јехова или со нашите христијански браќа. Жалиме што нашите несовршености и притисоците на Сатановиот свет понекогаш нѐ тераат на потиштеност. Бидејќи владеењето на Сатана забрзано оди кон својот крај, неговиот свет врши сѐ поголем притисок врз луѓето воопшто, а особено врз христијаните (Откровение 12:12).

6. Зошто некои христијани може да се чувствуваат обесхрабрени, и како може Сатана да го искористи ваквото чувство?

6 Дали мислиш дека водењето христијански живот станува сѐ потешко? Може да се чуе како некои христијани коментираат дека колку подолго се во вистината, им се чини дека се сѐ понесовршени. Меѓутоа, поверојатно е дека едноставно станале посвесни за своите сопствени несовршености и за својата неспособност да се приспособат на Јеховините совршени мерила онака како што тие би сакале. А всушност, тоа веројатно е резултат на нивниот раст во спознанието и во ценењето за Јеховините праведни барања. Од животна важност е никогаш да не дозволиме ваквата свесност да нѐ обесхрабри до таа мера што Ѓаволот да манипулира со нас. Низ вековите, тој секогаш одново се обидувал да профитира од обесхрабрувањето, со цел да предизвика Јеховините слуги да го напуштат вистинското обожавање. Меѓутоа, искрената љубов кон Бог, како и ‚полната омраза‘ спрема Ѓаволот, повеќето од нив ги спречила да го сторат тоа (Псалм 138:21, 22; Изреки 27:11).

7. Во кој поглед понекогаш може да бидеме како Јов?

7 Па сепак, Јеховините слуги може одвреме навреме да се чувствуваат обесхрабрени. Причина би можело да биде и незадоволството од сопствените постигнувања. Можеби се вклучени физички фактори или напнати односи со членовите на семејството, со пријателите, или со колегите на работа. Верниот Јов станал толку обесхрабрен што го преколнувал Бог: „О, да ме беше сокрил и криел во пеколот, додека да мине гневот Твој, да беше ми одредил рок и после да си спомнеше за мене!“ Според тоа, ако тешките околности можеле да го принудат Јов, „човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото“, да има такви напади на обесхрабрување, не е за изненадување што истото може да ни се случи и нам (Јов 1:8, 13-19; 2:7-9, 11-13; 14:13).

8. Зошто повременото обесхрабрување може да биде позитивен знак?

8 Колку е утешно да се знае дека Јехова гледа во срцата и не ги превидува добрите мотиви! Тој никогаш нема да ги отфрли оние кои со сета искреност се трудат да му угодат. Повременото обесхрабрување, всушност, може да биде позитивен знак кој покажува дека нашата служба за Јехова не ја сфаќаме површно. Гледано од овој аспект, оној кој никогаш не се борел со обесхрабрување можеби не е толку духовно свесен за своите слабости како што се свесни другите за своите. Запомни: „Кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Коринтјаните 10:12; 1. Царства 16:7; 3. Царства 8:39; 1. Летописи 28:9).

И тие биле од прав

9, 10. а) Чија вера треба да ја имитираат христијаните? б) Како реагирал Мојсеј на својата задача?

9 Евреите поглавје 11 набројува извесен број претхристијански сведоци на Јехова кои покажале цврста вера. Христијаните од првиот век, како и оние од поново време, го сториле истото. Поуките што може да се научат од нив се непроценливи. (Спореди Евреите 13:7.) На пример, чија вера можат да ја имитираат христијаните ако не онаа на Мојсеј? Тој бил повикан да објави пораки на осуда пред најголемиот владетел во негово време — египетскиот фараон. Денес, Јеховините сведоци мораат да објавуваат слични пораки на осуда против лажната религија и против останатите организации кои му се спротивставуваат на Христовото воспоставено Царство (Откровение 16:1-15).

10 Како што покажал Мојсеј, исполнувањето на овој налог не е лесна задача. „Кој сум јас, та да одам кај Фараонот, царот египетски, и да ги изведам синовите Израилеви од земјата египетска?“ — прашал тој. Можеме да го разбереме неговото чувство на недостатност. Бил загрижен и за тоа како ќе реагираат останатите Израелци: „А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој?“ Тогаш Јехова му објаснил како би можел да го докаже своето овластување, но Мојсеј имал и друг проблем. Рекол: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој, бидејќи немам добар глас и тепкам, тешко зборувам“ (2. Мојсеева 3:11; 4:1, 10).

11. На кој начин би можеле да реагираме на теократските обврски како Мојсеј, но во што можеме да бидеме уверени ако покажуваме вера?

11 Повремено, можеби и ние се чувствуваме како Мојсеј. Иако ги признаваме нашите теократски обврски, можеби се прашуваме како ќе ги исполниме. ‚Кој сум јас па да им пристапам на луѓето, кога некои се од повисок социјален, економски или образовен положај, и да се осмелам да ги поучувам за Божјите патишта? Како ќе реагираат моите духовни браќа кога ќе давам коментари на христијанските состаноци или кога ќе нудам презентации од подиумот во Теократската школа на проповедање? Нема ли да ги видат моите недостатности?‘ Но, сети се, Јехова бил со Мојсеј и го опремил за неговата задача затоа што Мојсеј покажал вера (2. Мојсеева 3:12; 4:2-5, 11, 12). Ако ја имитираме неговата вера, Јехова ќе биде и со нас и ќе нѐ опреми за нашето дело.

12. Како може Давидовата вера да нѐ охрабри и покрај обесхрабрувањето поради гревови или недостатоци?

12 Секој кој се чувствува огорчен или обесхрабрен поради гревови или недостатоци, секако дека може да се повика на Давид кој рекол: „Беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене“. Преколнувајќи го Јехова, Давид исто така рекол: „Сврти го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија“. Сепак, никогаш не дозволил обесхрабрувањето да му ја одземе желбата да му служи на Јехова. „Не отфрлувај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.“ Давид очигледно бил „прав“, а Јехова не го напуштил бидејќи покажувал вера во Јеховиното ветување дека нема да го презре ‚понизното и смирено срце‘ (Псалм 37:1-9; 50:3, 9, 11, 17).

13, 14. а) Зошто не треба да бидеме следбеници на луѓе? б) Како покажуваат примерите на Павле и Петар дека дури и тие биле од прав?

13 Меѓутоа, забележи дека, иако треба овие „толку многу сведоци“ да ги сметаме како охрабрување за „со трпеливост да побрзаме [да трчаме, НС] кон претстојната борба“, не ни е речено да бидеме нивни следбеници. Речено ни е да ги следиме стапките на „Началникот и Завршителот [Главниот Застапник и Усовршител, НС] на верата — Исуса“, а не на несовршените луѓе — дури ни на верните апостоли од првиот век (Евреите 12:1, 2; 1. Петрово 2:21).

14 Апостолите Павле и Петар, столбови во христијанското собрание, повремено се препнувале. „Не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам“, напишал Павле. „Беден човек сум!“ (Римјаните 7:19, 24). И Петар во еден момент на претерана самоувереност му рекол на Исус: „Дури и сите да се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам“. Кога Исус го предупредил Петар дека трипати ќе се одрече од Него, Петар вообразено му противречел на својот Учител, фалејќи се: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе“. Па сепак се откажал од Исуса — грешка која го натерала горко да заплаче. Да, Павле и Петар биле од прав (Матеј 26:33-35).

15. Каков потстрек имаме да одиме напред иако сме создадени од прав?

15 Меѓутоа, и покрај своите слабости, Мојсеј, Давид, Павле, Петар и други како нив, излегле како победници. Зошто? Затоа што покажувале цврста вера во Јехова, имале безусловна доверба во него и тесно се држеле за него и покрај ненадејни падови. Се потпирале на него дека ќе ја даде „преизобилната сила [силата која е над она што е нормално, НС]“. Тој тоа и го сторил и никогаш не дозволил да паднат така што да не можат повторно да се соземат. Ако продолжиме да покажуваме вера, можеме да бидеме сигурни дека кога ќе биде просудуван нашиот случај, тоа ќе биде во склад со зборовите: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“. Колкав потстрек ни дава ова да одиме напред и покрај фактот дека сме од прав! (2. Коринтјаните 4:7; Евреите 6:10).

Што значи за нас лично тоа што сме од прав?

16, 17. Кога се работи за просудувањето, како Јехова го применува начелото што е објаснето во Галатјаните 6:4?

16 Искуството поучило многу родители и наставници дека е мудро да ги просудуваат децата или учениците според индивидуалните способности, а не на темел на споредувањата со братчињата и сестричките или со соучениците. Тоа е во согласност со библиското начело за кое им е кажано на христијаните да го следат: „Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг“ (Галатјаните 6:4).

17 Во склад со ова начело, иако Јехова постапува со својот народ како со една организирана група, тој ги просудува како поединци. Римјаните 14:12 вели: „Секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“. Јехова добро го познава генетскиот состав на сите негови слуги. Го познава нивниот физички и умствен состав, способностите, наследените сили и слабости, можностите што ги имаат, како и обемот до кој ги користат овие знаења за да донесат христијански плод. Исусовиот коментар за вдовицата која пуштила две парички во храмската каса и илустрацијата за семето посеано на добра почва, се охрабрувачки примери за христијаните кои можеби се чувствуваат депримирани затоа што немудро се споредуваат себеси со другите (Марко 4:20; 12:42-44).

18. а) Зошто треба да одредиме што значи за нас лично тоа што сме од прав? б) Зошто искреното самоиспитување не треба да нѐ разочара?

18 За да можеме да служиме со нашиот најголем потенцијал, битно е да одредиме што значи за нас лично тоа што сме од прав (Изреки 10:4; 12:24; 18:10; Римјаните 12:1). Само ако сме потполно свесни за своите лични маани и слабости, можеме да останеме будни во поглед на потребата и можностите за подобрување. Кога се самоиспитуваме, никогаш да не превидиме дека силата на светиот дух може да ни помогне да се подобриме. Преку него била создадена вселената, била напишана Библијата и, среде еден свет што е на умирање, создадено е едно мирољубиво општество на новиот свет. Според тоа, Божјиот свет дух сигурно е доволно силен за да им ја даде потребната мудрост и сила на оние кои ги бараат за да ја зачуваат беспрекорноста (Михеј 3:8; Римјаните 15:13; Ефесјаните 3:16).

19. За што не е оправдување тоа што сме создадени од прав?

19 Колку е утешно да се знае дека Јехова помни оти сме прав! Меѓутоа, никогаш да не мислиме дека тоа е оправдан изговор за да се опуштиме или можеби дури да го правиме она што не чини. Воопшто не! Тоа што Јехова помни дека сме прав е израз на неговата незаслужена доброљубивост. Но, ние не сакаме да бидеме „безбожници, што ја обрнуваат благодатта Божја во нечистотија и се одречуваат од Единиот Господар Бог и Господ наш Исус Христос“ (Јуда 4). Тоа што сме од прав не е никакво оправдување да бидеме безбожни. Христијанинот се труди да се бори против неисправните склоности, го тепа своето тело и го води како роб за да избегне да го ‚оскрбува Светиот Дух Божји‘ (Ефесјаните 4:30; 1. Коринтјаните 9:27).

20. а) Во кои два аспекта сме „богати во делото Господово“? б) Зошто имаме причина да бидеме оптимистични?

20 Сега, во текот на заклучните години од Сатановиот светски систем, не е време да забавиме, особено не во поглед на проповедањето на Царството и поголемото развивање на плодовите на Божјиот дух. На обете подрачја имаме ‚богата работа‘. Сега е време да одиме напред, бидејќи знаеме дека нашиот ‚труд не е залуден‘ (1. Коринтјаните 15:58). Јехова ќе нѐ одржи, зашто Давид за него рекол: „Никогаш нема да дозволи праведникот да се поколеба“ (Псалм 55:22, НС). Колкава радост е да се знае дека Јехова ни дозволува да имаме личен удел во најголемото дело што некогаш им било доделено на несовршени луѓе — и покрај тоа што сме од прав!

[Фуснота]

a Библискиот коментар Herders Bibelkommentar, коментирајќи за Псалм 102:14, забележува: „Тој добро знае дека ги создал луѓето од земскиот прав и ги познава слабостите и минливоста на нивниот живот, која ги притиска уште од првобитниот грев“. (Нагласено од нас).

Можеш ли да објасниш?

◻ Како се разликуваат 1. Мојсеева 2:7 и Псалм 102:14 кога се осврнуваат на тоа дека луѓето се создадени од прав?

◻ Зошто Евреите поглавје 11 претставува извор на охрабрување за денешните христијани?

◻ Зошто е мудро да го применуваме начелото што е изложено во Галатјаните 6:4?

◻ Како можат стиховите од Евреите 6:10 и 1. Коринтјаните 15:58 да нѐ заштитат од обесхрабрување?

[Слики на страница 10]

Христијаните ја имитираат верата на сообожавателите, но го следат Усовршителот на нивната вера, Исус

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели