Младите прашуваат . . .
Како можам да спречам секогаш да бидам обвинуван?
„Секогаш бев обвинуван за нешто. Ако куќата не беше заклучена или ако шпоретот беше оставен или ако нешто не беше на место или ненаправено, Рејмон е крив!“ (Рејмон).
КОГА си тинејџер, понекогаш може да изгледа дека си обвинуван скоро за сѐ и сешто што ќе тргне наопаку. Во една претходна статија, признавме дека родителите понекогаш пребрзо ги обвинуваат своите деца.a Причините за тоа можат да варираат од нормална родителска грижа до длабока емоционална вознемиреност. Без разлика на причината, да те сметаат одговорен за работи за кои не си крив може да биде болно и понижувачки.
Се разбира, како несовршен човек, одвреме навреме ќе правиш грешки (Римјаните 3:23). Освен тоа, бидејќи си млад, релативно си неискусен (Изреки 1:4, НС). Постои веројатност повремено да правиш грешки во просудувањето. Затоа, кога ќе погрешиш, на место е и фер е да те сметаат одговорен за тоа (Проповедник 11:9).
Тогаш, како треба да реагираш кога си обвинуван за нешто кое всушност си го направил? Некои младинци се обидуваат да се однесуваат како да се жртви на некоја тешка неправда. Тие дигаат прашина дека нивните родители секогаш ги обвинуваат за сѐ. Резултатот? Фрустрираните родители користат построги мерки за да го пренесат она што сакаат да го кажат. Библијата го дава следниов совет: „Само глупавите ги презираат мудроста и поуката. Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“ (Изреки 1:7, 8). Кога ги признаваш погрешките и правиш потребни промени, можеш да научиш од своите грешки (Евреите 12:11).
„Доверлив разговор“ со родителите
Но, сосема друга работа е кога си обвинуван за работи за кои не си крив или кога обвинувањето не попушта. Се разбира, може да чувствуваш лутина и огорченост. Може дури да бидеш искушуван на неисправно однесување, мислејќи дека и онака ќе бидеш обвинет (Проповедник 7:7, НС). Меѓутоа, пакосните постапки ги повредуваат сите. (Спореди Јов 36:18, НС.) Изреки 15:22 (НС) укажува на еден подобар начин на справување со работите, велејќи: „Има осуетување на плановите онаму каде што нема доверлив разговор“. Да, еден начин да го промениш начинот на кој твоите родители постапуваат со тебе е да им кажеш како се чувствуваш.
Прво, барај го она што Библијата го нарекува „вистинско време“ (Изреки 15:23, НС). Писателот Клејтон Барбоу предлага: „Одберете време и место кога сите се сталожени и кога сите се чувствувате прилично добро“. Понатаму, Библијата предупредува: „Навредлив збор јарост предизвикува“ (Изреки 15:1). Затоа, обиди се во твојот пристап да бидеш љубезен и полн со почитување, а не воинствен. Избегнувај да бидеш изваден од такт (Изреки 29:11). Наместо да ги напаѓаш родителите (,Секогаш ме обвинувате за сѐ!‘), обиди се да објасниш како нивното постојано обвинување те прави да се чувствуваш (,Имам лошо мислење за себеси кога ме обвинувате за работи за кои не сум крив‘). (Спореди 1. Мојсеева 30:1, 2.)
Истото може да се рече и за оние прилики кога твоите родители се лути поради некакво недоразбирање. Родителите на младиот Исус еднаш се вознемириле кога не знаеле каде се наоѓа. Но, Исус не цивкал ниту се жалел. Ја расчистил ситуацијата на смирен начин (Лука 2:49). Зошто кога си во неволја не се обидеш да се справуваш со твоите родители на еден возрасен начин? Сфати дека тие се вознемирени затоа што се грижат за тебе! Слушај со почитување (Изреки 4:1). Почекај додека не се смират работите пред да се осмелиш да ја кажеш твојата страна од приказната.
,Да се докаже делото свое‘
Но, зошто воопшто некои родители се склони пребрзо да дојдат до погрешни заклучоци во врска со нивните деца? Искрено речено, понекогаш младите им даваат на своите родители причина да бидат сомнителни. Изреки 20:11 велат: „Дури и дете може да се познае по работите негови: чисто ли ќе биде и правилно ли ќе биде поведението негово?“ Каква репутација си изградил кај твоите родители? Дали твоите ‚работи‘ покажале дека си ‚правилен‘ и сериозен или невнимателен и неодговорен? Ако второво е случај, немој да се изненадиш ако честопати брзо донесуваат погрешни заклучоци за тебе. „Морав да бидам искрен со себеси“, признал Рејмон, младиот човек кој беше претходно споменат, во врска со критизирањето од неговите родители. „Понекогаш имаше зрно вистина во нивните сомневања.“
Ако тоа е случај кај тебе, можеби нема многу што да сториш, но обиди се да го надминеш твоето минато. Со градење образец на однесување кое е достојно за верба и одговорно, може постепено да ги увериш твоите родители дека си направил промени и дека можат да имаат доверба во тебе.
Искуството на Рејмон го илустрира тоа. Неговите пријатели и семејството добронамерно му го дале прекарот Расеаниот професор поради неговата склоност да заборава. Дали твоите родители ти дале некој негативен епитет како што е „незрел“ или „неодговорен“? Како што забележува писателката Кетлин Мекој, родителите може да мислат дека таквите епитети служат „за да го истакнат она што не е во ред за да може тинејџерот да го види и да се промени“. Но, всушност, таквите епитети честопати предизвикуваат длабока огорченост. И покрај тоа, Рејмон дошол до сознанието дека прекарот укажува на една основана мисла. „Умот секогаш ми беше сконцентриран на едно нешто, па затоа губев некои работи, како што се клучевите или домашната и заборавав да ги вршам куќните работи,“ признава тој.
Затоа Рејмон почнал да прави промени. „Почнав да учам за одговорности и приоритети“, се присеќава тој. „Направив распоред и почнав личната библиска студија да ја сфаќам посериозно. Научив дека Јехова придава важност како на малите работи така и на големите работи“ (Лука 16:10). Со применување на библиските начела, Рејмон на крајот ја отфрлил својата репутација на заборавност. Зошто не се обидеш да го сториш истото? И ако некој епитет или прекар навистина те вознемирува, дискутирај за тоа со твоите родители. Можеби на твој начин ќе ги видат работите.
Кога изгледа како фаворитизам
Понекогаш изгледа дека зад обвинувањето стои фаворитизам. Рејмон се присетува: „Моите постари браќа или сестри си доаѓаа дома доцна и се извлекуваа од тоа. Јас ќе си дојдев дома и запаѓав во неволја поради тоа“. Еден Гвајанец по име Алберт се присетува дека имал слични чувства додека растел. Му се чинело дека мајка му него го дисциплинирала построго отколку брат му.
Меѓутоа, работите не се секогаш онакви какви што изгледаат. Родителите честопати им даваат поголема слобода на постарите деца не поради фаворитизам, туку едноставно поради тоа што мислат дека тие ќе постапуваат одговорно. Или можеби се вклучени посебни околности. Алберт признава дека брат му бил поштеден од физичко дисциплинирање затоа што бил „мал и болежлив“. Дали е фаворитизам ако родителите ги препознаваат посебните потреби или ограничувања кои определено дете би можело да ги има?
Се разбира, родителите понекогаш имаат свои миленици. (Спореди 1. Мојсеева 37:3.) За својот болежлив брат, Алберт вели: „Мама имаше посебна наклоност спрема него“. За среќа, христијанската љубов се шири (2. Коринтјаните 6:11—13). Затоа, дури и да имаат твоите родители „посебна наклоност“ спрема еден од твоите браќа или сестри, тоа не значи дека повеќе нема љубов за тебе. Вистинското спорно прашање е: Дали со тебе постапуваат неправедно, обвинувајќи те затоа што имаат слепа наклоност спрема некое твое братче или сестриче? Ако изгледа дека тоа е случај, секако дека треба да им кажеш како се чувствуваш. На еден смирен и разумен начин, дај им конкретни примери во врска со тоа како ти мислиш дека покажале фаворитизам. Можеби ќе слушаат.
Проблематични семејства
Како што е познато, не е лесно да се променат сите ситуации. За некои родители, посрамувањето и обвинувањето се вкоренети навики. Тоа особено може да биде случај кај родители кои имаат емоционални проблеми или се борат со некоја зависност. Под таквите околности може да нема многу корист од обидите да се разговара за тоа. Ако изгледа дека тоа е случај кај тебе, сфати дека проблемите на твоите родители се вон твојата контрола и веројатно можат да се решат само со надворешна помош. Најдоброто што можеш да го сториш е да им оддаваш соодветна чест и почитување и да се обидеш да избегнуваш непотребни конфликти (Ефесјаните 6:1, 2). Изреки 22:3 велат: „Умниот го гледа злото и се клони“.b
Во исто време, побарај и поддршка однадвор. Разговарај со некој зрел возрасен човек, можеби со некој христијански старешина. Вниманието полно со љубов од такво лице може многу да стори за да го сузбиеш чувството дека ти си секогаш крив за работите. Во исто време, ‚приближи се кон Бога‘ (Јаков 4:8). Иако другите можеби неправедно те обвинуваат, „[Бог] не се гневи до крај, ниту вечно се лути . . . Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“ (Псалм 102:9, 14). Спознанието дека ти си скапоцен во Божји очи може да ти помогне да го поднесеш неправедното обвинување.
[Фусноти]
a Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Зошто секогаш јас сум крив?“ која се појави во нашето издание од 8 ноември 1997.
b Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Како да излезам накрај со вербалното злоупотребување?“ во нашето издание од 8 јуни 1989 (англ.). Исто така, види ја серијата „Од зборови кои повредуваат до зборови кои лекуваат“ во Разбудете се! од 8 февруари 1997.
[Слика на страница 27]
Признавањето на нашите погрешки ни помага да учиме од нашите грешки