Бој се од Јехова и исполнувај ги неговите заповеди
„Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот“ (ПРОПОВЕДНИК 12:13).
1, 2. а) Како може стравот да нѐ заштити физички? б) Зошто настојуваат мудрите родители да всадат здрав страв кај своите деца?
„КАКО што храброста го загрозува животот така стравот го заштитува“, забележал Леонардо да Винчи. Расфрлањето со храброст, односно авантуристичката храброст, го прави човекот слеп за опасноста, додека стравот го потсетува да биде внимателен. На пример, кога ќе се приближиме до работ на еден гребен и ќе погледнеме од колку високо би можеле да паднеме, повеќето од нас инстинктивно ќе се повлечат. На сличен начин, здравиот страв не само што унапредува добар однос со Бог, како што научивме од претходната статија, туку и ни помага да се заштитиме од повреда.
2 Меѓутоа, стравот од многу современи ризици треба да се научи. Затоа што не се свесни за опасностите од струјата или од градскиот сообраќај, малите деца можат лесно да доживеат сериозна несреќа.a Мудрите родители се обидуваат да всадат здрав страв кај своите деца, предупредувајќи ги секогаш одново на опасностите околу нив. Родителите знаат дека овој страв веројатно ќе го спаси животот на нивните деца.
3. Зошто и како нѐ предупредува Јехова на духовните опасности?
3 Јехова се грижи за нашата благосостојба на сличен начин. Како Татко полн со љубов, тој нѐ поучува преку својата Реч и организација за наше добро (Исаија 48:17). Дел од оваа програма на божествено поучување вклучува да нѐ предупреди „секогаш одново“ на духовните стапици за да можеме да развиеме здрав страв од таквата опасност (2. Летописи 36:15; 2. Петрово 3:1). Во текот на историјата можеле да се избегнат многу духовни катастрофи и да се спречат многу страдања ‚само кога во нивното срце би развиле страв од Бог и секогаш би ги пазеле сите негови заповеди‘ (Второзаконие 5:29, NW). Во овие „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“, како може во нашето срце да се развие страв од Бог и да избегнеме духовна опасност? (2. Тимотеј 3:1).
Отстранувај се од злото
4. а) Каква омраза треба да негуваат христијаните? б) Какви чувства има Јехова кон грешното постапување? (Види ја фуснотата.)
4 Библијата објаснува дека „стравот од Господа е омраза кон злото“ (Пословици 8:13). Еден библиски лексикон оваа омраза ја опишува како „емоционален став кон лица и предмети на кои човек им се спротивставува, се гади од нив, ги презира и со кои не сака да има никаков контакт или врска“. Значи, побожниот страв вклучува внатрешна одбивност или гадење од сѐ што е лошо во Јеховините очиb (Псалм 97:10). Тој нѐ тера да се тргаме настрана од злото, исто како што би се повлекле од работ на еден гребен кога нашиот инстинктивен страв огласува тревога. „Со стравот од Господа се отстранува злото“, вели Библијата (Пословици 16:6).
5. а) Како можеме да го зајакнеме нашиот побожен страв и омраза кон она што е лошо? б) Што учиме од историјата на нацијата Израел во тој поглед?
5 Ние можеме да го зајакнеме овој здрав страв и омраза кон она што е лошо ако размислуваме за штетните последици што неминовно ги донесува гревот. Библијата нѐ уверува дека ќе го пожнееме она што го сееме — сеедно дали сееме според телото или според духот (Галатите 6:7, 8). Од таа причина Јехова сликовито ги прикажува неизбежните резултати од игнорирањето на неговите заповеди и од напуштањето на вистинското обожавање. Без божествена заштита, малата, ранлива нација Израел ќе биде на милост и немилост на суровите и моќни соседи (Второзаконие 28:15, 45-48). Трагичниот исход од непослушноста на Израел бил детално запишан во Библијата „како предупредување“ за да можеме да ја научиме лекцијата и да негуваме побожен страв (1. Коринќаните 10:11).
6. Кои се некои библиски примери што можеме да ги разгледаме додека учиме за побожниот страв? (Види ја фуснотата.)
6 Освен она што ѝ се случило на нацијата Израел како целина, Библијата содржи вистинити искуства на поединци кои биле совладани од љубомора, неморал, лакомост или гордост.c Некои од тие мажи му служеле на Јехова многу години, но во еден пресуден момент од својот живот, нивниот страв од Бог не бил доволно јак и пожнеале горчлива жетва. Медитирањето за такви библиски примери може да ја зајакне нашата решеност да не правиме слични грешки. Колку би било жалосно ако чекаме да го земеме при срце Божјиот совет дури откако ќе нѐ снајде лична трагедија! Спротивно на она што вообичаено се верува, искуството — особено од самопопустливоста — не е најдобриот учител (Псалм 19:7).
7. Кого го поканува Јехова во својот фигуративен шатор?
7 Една друга моќна причина да негуваме побожен страв е нашата желба да го сочуваме својот однос со Бог. Ние се плашиме да не предизвикаме незадоволство кај Јехова бидејќи го цениме неговото пријателство. Кого Бог го смета за пријател, оној што би го поканил во својот симболичен шатор? Само тој „кој оди непорочно, кој твори правда“ (Псалм 15:1, 2). Ако го цениме овој привилегиран однос со нашиот Творец, ќе се погрижиме да одиме непорочно во негови очи.
8. На кој начин го сфаќале некои Израелци од времето на Малахија пријателството со Бог како нешто само по себе разбирливо?
8 За жал, некои Израелци во времето на Малахија го сфаќале пријателството со Бог како нешто само по себе разбирливо. Наместо да се плашат од Јехова и да му оддаваат чест, тие на неговиот олтар принесувале болни и сакати животни. Нивниот недостиг на побожен страв се одразувал и во нивниот став кон бракот. За да се женат со помлади жени, тие се разведувале од жените на својата младост од безначајни причини. Малахија им рекол дека Јехова мрази „разведување“ (NW) и дека нивниот предавнички дух ги отуѓил од нивниот Бог. Како можел Бог да гледа со наклоност на нивните жртви кога олтарот бил фигуративно прекриен со солзи — горки солзи пролеани од напуштените жени? Таквото бесрамно непочитување на неговите мерила го поттикнало Јехова да праша: „Каде е стравот од Мене?“ (Малахија 1:6-8; 2:13-16).
9, 10. Како можеме да покажеме дека го цениме Јеховиното пријателство?
9 Денес, Јехова исто така ја гледа болката во срцето на многу недолжни партнери и деца кои се скршени од себичните и неморални сопрузи и татковци, или дури и од сопруги и мајки. Тоа сигурно го ожалостува. Еден Божји пријател ќе гледа на работите на начинот на кој Бог ги гледа и напорно ќе работи на тоа да го зајакне својот брак, ќе го отфрли световното размислување што ја омаловажува важноста на брачната врска, и ќе ‚бега од блуд‘ (1. Коринќаните 6:18).
10 Во бракот, како и на други подрачја од животот, омразата кон сѐ што е лошо во Јеховини очи, како и длабокото ценење на неговото пријателство, ќе донесе Јеховина наклоност и одобрување. Апостол Петар одлучно навел: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Имаме многу библиски примери што покажуваат како побожниот страв поттикнал поединци да го прават она што е исправно под различни искушувачки околности.
Тројца што се плашеле од Бог
11. Под какви околности било изјавено дека Авраам ‚се бои од Бога‘?
11 Во Библијата има еден човек кого Јехова лично го нарекол свој пријател — патријархот Авраам (Исаија 41:8). Побожниот страв на Авраам бил ставен на испит кога Бог побарал од него да го принесе како жртва својот единствен син, Исак, преку кого Бог ќе го исполни своето ветување дека Авраамовото потомство ќе стане голема нација (Битие 12:2, 3; 17:19). Дали ‚пријателот на Јехова‘ ќе го положи овој болен испит? (Јаков 2:23). Токму во моментот кога Авраам го кренал ножот за да го убие Исак, Јеховиниот ангел рекол: „Не ја спуштај раката врз детето . . . ниту му прави нешто! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го задржа од Мене ни својот син, својот единец“ (Битие 22:10-12).
12. Што било мотив за побожниот страв на Авраам, и како можеме да покажеме сличен дух?
12 Иако Авраам претходно се докажал како човек што се плаши од Јехова, во таа прилика тој го покажал својот побожен страв на еден извонреден начин. Неговата спремност да го жртвува Исак била нешто многу повеќе отколку само покажување учтива послушност. Авраам бил мотивиран од апсолутна доверба дека неговиот небесен Татко ќе го исполни своето ветување така што, ако е потребно, ќе го воскресне Исак. Павле напишал дека Авраам бил „потполно уверен дека [Бог] може и да го направи она што го имаше ветено“ (Римјаните 4:16-21). Дали сме подготвени да ја вршиме Божјата волја дури и кога таа бара големи жртви? Дали имаме потполна доверба дека таквата послушност ќе ни донесе долготрајни користи, знаејќи дека Јехова „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“? (Евреите 11:6). Тоа е вистински страв од Бог (Псалм 115:11).
13. Зошто можел Јосиф со право да се опише себеси како човек што ‚се боел од Бога‘?
13 Да разгледаме уште еден пример за побожен страв на дело — стравот на Јосиф. Како роб во домаќинството на Петефри, Јосиф секојдневно се соочувал со притисок да изврши прељуба. Изгледа не постоел начин да го избегне контактот со сопругата на својот господар, која упорно му упатувала неморални понуди. На крајот, кога ‚го фатила за наметката‘, тој ‚се истргнал и избегал надвор‘. Што го натерало веднаш да се тргне од лошото? Несомнено, главен фактор бил стравот од Бог, желбата да избегне да направи ‚толку големо зло и да згреши против Бога!‘ (Битие 39:7-12). Јосиф со право можел да се опише себеси како човек што ‚се боел од Бога‘ (Битие 42:18).
14. Како одразува милоста на Јосиф вистински страв од Бог?
14 Со години подоцна Јосиф директно се соочил со своите браќа, кои бездушно го продале во ропство. Тој лесно можел да ја искористи нивната очајна потреба од храна како прилика да им се одмазди за неправдата што му ја нанеле. Но, постапувањето со луѓето на тирански начин не одразува страв од Бог (Левит 25:43). Затоа, кога видел доволно докази за промената на срцата на неговите браќа, Јосиф милостиво им простил. Слично на Јосиф, нашиот побожен страв ќе нѐ поттикне да го победиме злото со добро, како и да се воздржуваме од тоа да паѓаме во искушение (Битие 45:1-11; Псалм 130:3, 4; Римјаните 12:17-21).
15. Зошто се радувало Јеховиното срце од однесувањето на Јов?
15 Јов бил уште еден извонреден пример за човек што се плашел од Бог. Јехова му рекол на Ѓаволот: „Дали го забележа мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото?“ (Јов 1:8). Непорочното постапување на Јов многу години го радувало срцето на неговиот небесен Татко. Јов се плашел од Бог бидејќи знаел дека тоа било исправно и дека тоа бил најдобриот начин на живот. „Стравот од Господа — ете тоа е мудрост“, извикал Јов, „,отстранувај се од злото‘ — тоа ти е разумност“ (Јов 28:28). Како оженет човек, Јов не бил непристојно внимателен кон младите жени ниту, пак, негувал прељубнички планови во своето срце. Иако бил богат човек, тој одбил да ја полага својата доверба во богатството и го избегнувал секој облик на идолопоклонство (Јов 31:1, 9-11, 24-28).
16. а) На кои начини покажал Јов добрина? б) Како покажал Јов дека не се воздржува да простува?
16 Меѓутоа, стравот од Бог не значи само да се тргаме настрана од она што е лошо, но и да го правиме она што е добро. Затоа Јов покажувал љубезен интерес за слепите, хромите и сиромашните (Левит 19:14; Јов 29:15, 16). Тој разбрал дека „кој му одбива милост на својот ближен, го презрел стравот од Сесилниот Бог“ (Јов 6:14). Одбивањето милост можело да вклучува воздржување да се простува или негување огорченост. На упатство од Бог, Јов се помолил за своите тројца придружници, кои му нанеле толкава голема тага (Јов 42:7-10). Би можеле ли да покажуваме сличен дух на простување кон некој соверник кој можеби на некој начин нѐ повредил? Искрената молитва во корист на оној што нѐ навредил може многу да ни помогне за да ја совладаме огорченоста. Благословите што Јов ги уживал заради својот побожен страв ни даваат претсјај за ‚големата добрина што Господ ја чува за оние кои се бојат од него‘ (Псалм 31:19; Јаков 5:11).
Стравот од Бог наспроти стравот од човек
17. Што може да ни направи стравот од луѓето, но зошто е таквиот страв кратковид?
17 Додека стравот од Бог може да нѐ наведе да го правиме она што е исправно, стравот од човек може да ја поткопа нашата вера. Од таа причина, кога ги охрабрувал апостолите да бидат ревносни проповедници на добрата вест, Исус им рекол: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата; туку плашете се повеќе од оној кој може да ги уништи и душата и телото во Геена“ (Матеј 10:28). Стравот од луѓе е кратковид, објаснил Исус, зашто луѓето не можат да ги уништат нашите идни изгледи за живот. Освен тоа, ние се плашиме од Бог затоа што сме свесни за неговата моќ што влева страхопочит, во споредба со која моќта на сите нации е безначајна (Исаија 40:15). Слично на Авраам, ние имаме апсолутна доверба во Јеховината моќ да ги воскресне своите верни слуги (Откровение 2:10). Затоа, со доверба велиме: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ (Римјаните 8:31).
18. На кој начин ги наградува Јехова оние што се плашат од него?
18 Сеедно дали наш противник е некој член на семејството или некој насилник на училиште, ќе увидиме дека „во стравот од Господа е голема верба“ (Пословици 14:26). Можеме да му се молиме на Бог за сила, знаејќи дека тој ќе нѐ чуе (Псалм 145:19). Јехова нема да ги заборави оние што се плашат од него. Тој преку својот пророк Малахија нѐ уверува: „Но кога разговараат оние, кои се плашат од Бога, Господ внимава, ги слуша и тоа се запишува пред Него во Спомен книгата во полза на оние, кои се бојат од Господа и кои Го почитуваат Неговото Име“ (Малахија 3:16).
19. Кои видови страв ќе престанат, но кој ќе остане засекогаш?
19 Близу е времето кога сите на Земјата ќе го обожаваат Јехова и кога стравот од човек ќе исчезне (Исаија 11:9). Стравот од глад, болест, криминал и војна исто така ќе исчезне. Но, стравот од Бог ќе остане низ сета вечност додека неговите верни слуги на небото и на Земјата ќе продолжат да покажуваат кон него должна почит, послушност и чест (Откровение 15:4). Во меѓувреме, сите ние да го земеме при срце инспирираниот совет на Соломон: „Нека твоето срце не им завиди на грешниците, туку нека секогаш ти биде во страв од Господа; зашто ќе имаш иднина, и твојата надеж нема да пропадне“ (Пословици 23:17, 18).
[Фусноти]
a Некои возрасни го губат стравот од опасност кога нивната работа ги доведува во редовен контакт со опасни ситуации. Кога бил запрашан зошто на толку многу столари им фали прст, еден искусен мајстор едноставно одговорил: „Го губат стравот од тие брзи електрични пили“.
b Самиот Јехова ја чувствува оваа одбивност. На пример, во Ефешаните 4:29 лошиот јазик се опишува како „гнил збор“. Грчкиот збор што честопати се користи за „гнил“ буквално укажува на расипано овошје, риба или месо. Таквиот збор живо ја прикажува одвратноста што треба да ја чувствуваме кон навредливиот или срамотниот говор. Исто така, идолите честопати се опишани во Писмото како „лепешкави“ (Второзаконие 29:17; Езекиел 6:9, обата NW). Нашата природна одбивност кон лепешки, односно измет, ни помага да го разбереме Божјето чувство на одбивност кон кој и да е облик на идолопоклонство.
c Како пример, разгледај ги библиските извештаи за Каин (Битие 4:3-12); Давид (2. Самоил 11:2—12:14); Гиезиј (2. Цареви 5:20-27) и Озиј (2. Летописи 26:16-21).
Се сеќаваш ли?
• Како учиме да го мразиме она што е лошо?
• На кој начин некои Израелци од времето на Малахија го сфаќале пријателството со Јехова како нешто само по себе разбирливо?
• Што можеме да научиме за стравот од Бог од Авраам, Јосиф и Јов?
• Кој страв нема никогаш да исчезне и зошто?
[Слика на страница 19]
Мудрите родители всадуваат здрав страв кај своите деца
[Слика на страница 20]
Исто како што стравот нѐ трга настрана од опасноста така и побожниот страв нѐ трга од злото
[Слика на страница 23]
Јов задржал страв од Бог дури и кога се соочил со тројцата лажни пријатели
[Извор на слика]
Од библискиот превод Вулгата латина, 1795