Плаши се од Јехова и слави го неговото свето име
„Кој нема навистина да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име, бидејќи само ти си лојален?“ (ОТКРОВЕНИЕ 15:4, NW).
1, 2. (а) Како ги отворил Јехова небесните отвори во текот на 1991? (б) Кое животно искуство го поттикнало еден верен мисионер да го даде советот: „Плаши се од Јехова“? (Види исто така 1991 Yearbook, стр. 187-189.)
ЈЕХОВА ‚ги отворил отворите небески за да излие благослов на нас, па да имаме и на претек‘. Тие зборови би можеле одново и одново да се применат на Јеховините сведоци во последно време (Малахија 3:10). На пример, во текот на службената 1991, одушевувањето на Сведоците делегати, како и месните посетители кои ги посетија конгресите, се прелеваше во христијанското дружење на специјалните конгреси кои се одржаа ширум Земјата — од конгресите „Чист јазик“ во Буенос Аирес во Јужна Америка; и Манила, Тајпеј и Бангкок на Ориентот, па до конгресите „Љубители на слободата“ во Будимпешта, Прага и Загреб (16-18 август 1991) во источна Европа.
2 Колку беше радосно за делегатите од странство да се сретнат со верните Сведоци во тие места! На пример, во Бангкок, Френк Дјуар — едно време единствениот објавител на Царството во Тајланд — раскажуваше за својата 58–годишна мисионерска служба. Неговите активности се протегале од пацифичките острови до југоисточна Азија, па дури и во Кина. Тој доживеал опасности од бродолом, диви животни во џунглите, тропски болести и суровиот режим на јапонските воени диктатори. Кога го прашале каков совет ќе им даде на присутните на конгресот, одговорот бил едноставен: „Плаши се од Јехова!“
3. Зошто треба да покажуваме божествен страв?
3 „Плаши се од Јехова!“ Колку е важно за сите нас да го негуваме тој здрав страв! „Почетокот на мудроста е Господовиот страв“ (Псалми 111:10, ДК). Тој страв не е некој морбиден страв од Јехова. Всушност, тоа е длабоко почитување за неговото величество достојно за стравопочит и божествените особини, темелени на увидот што го добиваме преку проучувањето на Божјата Реч. Во Откровение 15:3, 4, песната на Мојсеј и на Јагнето објавува: „Големи и прекрасни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен. Праведни и вистинити се твоите патишта, Цару на вечноста. Кој нема навистина да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име, бидејќи само ти си лојален?“ (NW). Лојален на своите обожаватели, Јехова има ‚книга напишана за спомен, за оние кои се плашат од Господ [Јехова, NW] и кои го честат неговото име‘. Тие се наградени со вечен живот (Малахија 3:16, Ба; Откровение 20:12, 15).
Божествениот страв триумфира
4. Кое ослободување од старо време треба да нѐ охрабри да се плашиме од Јехова?
4 Кога Израелците излегувале од фараоновиот Египет, Мојсеј јасно покажал дека се плашел само од Јехова. Набргу, Израелците биле фатени во стапица помеѓу Црвеното Море и египетските моќни воени сили. Што можеле да сторат? „Не плашете се! — му рече Мојсеј на народот. — Стојте цврсто па ќе видите што ќе ви направи Јахве за да ве спаси денес: Египќаните кои денес ги гледате нема никогаш повеќе да ги видите. Јахве ќе се бори за вас. Бидете мирни!“ Јехова на чудесен начин ги разделил водите. Израелците поминале преку морското дно. Тогаш водите повторно се срушиле. Војската на фараонот била уништена. Јехова го спасил народот кој се плашел од Бог, а истовремено извршил осуда врз Египет кој го срамотел Бог. Исто и денес, тој ќе ја покаже својата лојалност кога од Сатаниниот свет ќе ги ослободи своите Сведоци кои се плашат од Бог (Излазак 14:13, 14, Ст; Римјаните 15:4).
5, 6. Кои настани од времето на Исус Навин покажуваат дека повеќе треба да се плашиме од Јехова отколку од човек?
5 После излегувањето од Египет, Мојсеј испратил 12 шпиони во Ветената земја. Десетмина биле преплашени кога ги виделе жителите кои биле како џинови и се обиделе да го одвратат Израел од влегување во земјата. Но другите двајца, Исус Навин и Халев, известиле: „[Земјата] (...) е извонредно добра. Ако Јахве ни биде добростив, во таа земја ќе нѐ доведе, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која тече мед и млеко. Само, немојте да се буните против Јахве! Не плашете се од народот на таа земја: та тој е залак за нас. Тие се без заштита, а со нас е Јахве! Не плашете се од нив!“ (Бројеви 14:7-9, Ст).
6 Меѓутоа, тие Израелци подлегнале на стравот од човек. Поради тоа, никогаш не стигнале во ветената земја. Но Исус Навин и Халев, заедно со една нова генерација Израелци, имале предност да влезат во таа избрана земја и да ги одгледуваат нејзините лозја и маслинови дрвја. Во својот поздравен говор до насобраниот израелски народ, Исус Навин го дал следниов совет: „Плашете се од Јехова и служете му во беспрекорност и вистина“. А Исус Навин додал: „А јас и мојот дом, ние ќе му служиме на Јехова“ (Јошуа 24:14, 15, NW). Колку охрабрувачки зборови за семејните поглавари и за сите други да се плашат од Јехова додека се подготвуваме да преминеме во Божјиот праведен нов свет!
7. Како Давид ја нагласил важноста од стравот од Бог?
7 Овчарчето Давид исто така покажало примерен страв од Јехова кога го предизвикало Голијат во името на Бог (1. Самуилова 17:45, 47, Ст). На смртна постела Давид можел да каже: „Дух Господов [Јеховин, NW] зборува преку мене, и беседата негова е на мојот јазик. Богот Израелов рече, ми кажа каменот Израелов: кој владее со луѓето нека е праведен; владеејќи во страв Божји; И ќе биде како светлост утринска, кога сонцето излегува наутро без облаци“ (2. Самуилова 23:2-4, ДК). Тој Божји страв не постои меѓу светските владетели, и колку се жалосни последиците од тоа! Колку ќе биде поинаку кога Исус, „Синот Давидов“, ќе владее со Земјата во Јеховин страв! (Матеј 21:9).
Постапување во Јеховини страв
8. Зошто напредувала Јуда под власта на Јосафат, и што покажува тоа денес?
8 Околу сто години по смртта на Давид, Јосафат станал крал во Јуда. И тој исто така бил крал кој служел во страв од Јехова. Тој повторно го вратил теократскиот ред во Јуда, поставил судии ширум земјата и им ги дал следниве упатства: „Не судите во името на човек, туку во името на Јахве. Тој е со вас додека судите. Затоа, сега, нека биде Јахвиниот страв над вас; пазете и совесно работете, зашто во Јахве, нашиот Бог, нема неправда ниту лична пристрасност, ниту прима мито. (...) Работете во стравот Јахвин верно и со искрено срце“ (2. Љетописа 19:6-9, Ст). Значи, Јуда напредувала во стравот од Јехова, како што Божјиот народ денес има корист од службата на сочувствителните надгледници.
9, 10. Како триумфирал Јосафат во стравот од Јехова?
9 Меѓутоа, Јуда имала непријатели. Тие биле решени да го избришат Божјиот народ. Заедничките воени сили од Амон, Моав и гората Сеир навлегле на јудејска територија и му се заканиле на Ерусалим. Било тоа силна војска. Јосафат му се обратил на Јехова во молитва и „сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни“. Потоа, како одговор на таа молитва, Јеховиниот дух дошол над Левитот Јозиил, кој рекол: „Вака ви вели Господ ваш: ‚Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја. Излезете утре против нив. (...) Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господа, што ви се испраќа. Јудо и Ерусалиме, не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас‘“ (2. Летописи 20:5-17).
10 Следното утро, мажите на Јуда станале рано. Додека послушно излегле во пресрет на непријателот, Јосафат станал и рекол: „Чујте ме Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господа [Јехова, NW], вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови, и ќе имате успех.“ Марширајќи пред вооружените луѓе, пејачите на Јехова пееле во хор: „Фалете го Господа [Јехова, NW], зашто милоста Негова е засекогаш!“ Јехова ја изразил таа љубезна доброљубивост со тоа што во непријателските редови внел таква збрканост што тие се испоубиле меѓусебе. Кога мажите на Јуда дошле до стражарската кула во пустината, останале само мртвите трупови на непријателот (2. Летописи 20:20-24).
11. Како се разликуваат народите од Божјиот народ во поглед на стравот?
11 Кога соседните народи слушнале за тоа зачудувачко ослободување, ги обзел „страв од Бога“. Од друга страна, народот кој бил послушен во стравот од Јехова сега имал „мир од сите страни“ (2. Летописи 20:29, 30). Слично на тоа, кога Јехова ќе изврши осуда во Армагедон, тие (наградите) ќе бидат во „страв од Бога“ и од неговиот Син Извршител, Исус Христос, и не ќе можат да го издржат големиот ден на божествениот гнев (Откровение 6:15-17).
12. Како стравот од Јехова бил награден во старо време?
12 Здравиот страв од Јехова донесува богати награди. Ное ‚со послушност го направил ковчегот, за да го спаси својот дом‘ (Евреите 11:7). А што се однесува до христијаните од I век, запишано е дека откако уследил период на прогонство собранието ‚било во мир, напредувало и одело во страв Господов [Јеховин, NW]; и со утеха на Светиот Дух се умножувале‘ — како што тоа се прави во Источна Европа денес (Дела на св. апостоли 9:31).
Љуби го доброто, мрази го злото
13. Само како можеме да го вкусиме Јеховиниот благослов?
13 Јехова е потполно добар. Затоа, „стравот Господов [Јеховин, NW] е мразење на злото“ (Приче Саламунове 8:13, ДК). За Исус е запишано: „Тебе Ти омиле правдата, а омрзна беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со елеј на радоста“ (Евреите 1:9). Ако ние како Исус, сакаме Јеховин благослов, мораме да го мразиме злото, неморалноста, насилството и алчноста на Сатаниниот горделив свет. (Спореди Соломонови изреки 6:16-19.) Мораме да го љубиме она што Јехова го љуби и да го мразиме она што тој го мрази. Мораме да се плашиме да не направиме нешто што би го налутило Јехова. „И со страв Господов [Јеховин, NW] човекот се трга од зло“ (Приче Саламунове 16:6, ДК).
14. Како Исус ни дава пример?
14 Исус ни оставил пример дека треба блиску да ги следиме неговите стапки. „Кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди“ (1. Петрово 2:21-23). Во Јеховиниот страв, и ние можеме да го поднесеме срамот, исмејувањата и прогонствата со кои Сатаниниот свет нѐ затрупува.
15. Зошто треба повеќе да се плашиме од Јехова отколку од оние кои можат да го убијат телото?
15 Во Матеј 10:28, Исус нѐ советува: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се од оној кој може да ја погуби и душата и телото во гехена“ (Ба). Дури и ако некој кој се плаши од Јехова, биде убиен од непријателот, канџите на смртта се само моментални (Осија 13:14). После воскресението, тој ќе може да каже: „Каде е, смрт, твојата победа? Каде е, смрт, твоето осило?“ (1. Коринћанима 15:55, Ст).
16. Како Исус покажал страв од Јехова и како го прославил?
16 Самиот Исус дава извонреден пример за сите кои ја љубат Јеховината праведност и го мразат она што е лошо. Неговиот страв од Јехова се одразува во неговите последни зборови до своите ученици, како што стои наоѓа во Јован 16:33: „Овие работи ви ги кажав за да преку мене имате мир. Во светот имате неволја, но бидете храбри! Јас го победив светот“ (NW). Јовановиот извештај продолжува: „Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: ‚Оче, дојде часот: прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој, (...) Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот‘“ (Јован 17:1-6).
Плаши се од Јехова и слави Го
17. На кои начини можеме да го имитираме Исусовиот пример?
17 Дали ние можеме денес да го имитираме Исусовиот храбар пример? Сигурно дека можеме ако се плашиме од Јехова! Исус ни го објавил Јеховиното славно име и особини. Ако се плашиме од Јехова како наш Суверен Господ, го издигнуваме далеку над сите други богови, вклучувајќи го и безименото, мистично Тројство на т.н. христијанство. Исус му служел на Јехова со здрав страв, одбивајќи да биде фатен во замката на стравот од смртниот човек. „Во деновите на своето тело Христос понуди преколнувања како и молби до Оној кој можеше да го спаси од смрт, со силни извици и солзи, и беше поволно сослушан поради својот божествен страв.“ Како Исус, нека и ние се плашиме од Јехова додека продолжуваме да се учиме на послушност од она што го поднесуваме — секогаш со вечното спасение како наша цел (Хебреите 5:7-9, NW).
18. Како можеме да му принесуваме на Бог света служба со божествен страв?
18 Понатаму во тоа писмо до еврејските христијани, Павле ги советувал помазаните христијани: „Гледајќи дека ќе добиеме Царство кое не може да биде разнишано, да ја задржиме и понатаму незаслужената доброљубивост преку која можеме на прифатлив начин да му принесуваме на Бог света служба со божествен страв и стравопочитување.“ Денес ‚големото мноштво‘ учествува во таа света служба. А од што се состои таа? После разгледувањето на Јеховината незаслужена доброљубивост која се состои во давање на жртвата на Неговиот Син, Исус Христос, Павле вели: „Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Хебреите 12:28, NW; 13:12, 15). Од ценење спрема Божјата незаслужена доброљубивост, би требало да сакаме да посветиме секој можен час во неговата света служба. Како лојални придружници на преостанатите помазани христијани, големото мноштво денес го извршува во најголемиот дел од таа служба. Тие им го припишуваат спасението на Бог и Христос, додека симболично стојат пред Божјиот престол, ‚принесувајќи му света служба ден и ноќ‘ (Откровение 7:9, 10, 15, NW).
Слави го Јехова за вечност
19, 20. Кои два вида страв ќе бидат видливи во „Јеховиниот ден“?
19 Славниот ден на Јеховиното оправдување се приближува брзо! „,Гледај! доаѓа денот што гори како печка, и сите дрски и сите оние кои прават зло мора да станат стрниште. И денот што доаѓа сигурно ќе ги голтне‘, рекол Јехова над војските.“ Тоа катастрофално време е „големиот ден Јеховин што влева стравопочитување“ (Малахија 4:1, 5, NW). Ќе донесе „ужаси“ во срцата на злобните, и тие „нема да избегнат“ (Јеремија 8:15; 1. Солунјаните 5:3).
20 Меѓутоа, Јеховиниот народ е поттикнат од еден поинаков вид на страв. Ангелот на кого му било доверено „вечното Евангелие“ ги повикува со силен глас: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14:6, 7). Ние ќе стоиме со стравопочитување спрема тој суд додека жестоката усвитеност на Хар-Магедон не го претвори во пепел Сатаниниот свет. Здравиот страв од Јехова ќе биде испишан неизбришливо на нашите срца. Нека тогаш ни биде покажана наклоност да се најдеме меѓу ‚спасените кои го повикале името Јеховино‘! (Јоил 2:31, 32; Римјаните 10:13, NW).
21. До кои благослови ќе доведе стравот од Јехова?
21 Ќе уследат прекрасни благослови, вклучувајќи „години на животот“ кои ќе се протегаат во сета вечност! (Соломонови изреки 9:11; Псалам 37:9-11, 29, ДК). Според тоа, сеедно дали нашата надеж е да го наследиме Царството или да служиме во неговото подрачје на Земјата, да продолжиме да му принесуваме на Бог света служба со божествен страв и стравопочитување. Да продолжиме да го прославуваме неговото свето име. А каков ќе биде благословениот исход? Вечна благодарност дека сме го зеле при срце мудриот совет секогаш да се плашиме од Јехова!
Како би одговорил?
◻ Што се мисли со „стравот од Јехова“?
◻ Како стравот од Бог бил од корист за неговиот древен народ?
◻ Каков пример на божествен страв ни оставил Исус?
◻ Како можеме да ја зачуваме беспрекорноста ако се плашиме од Јехова?
[Слика на страница 18]
Во книгата Откровение, Исусовите браќа се прикажани како ја пеат „песната на Мојсеј“, песна која го слави Јехова
[Слика на страница 20]
Војската на Јосафат триумфира во стравот од Јехова
[Слика на страница 23]
Наградата за оние кои се плашат од Јехова ќе биде години на живот кои се протегаат во сета вечност