ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • be стр. 272-стр. 281 пас. 4
  • Порака што мораме да ја објавуваме

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Порака што мораме да ја објавуваме
  • Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „БОЈ СЕ ОД БОГА, ИСПОЛНУВАЈ ГИ НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ“
  • „СВЕДОЧЕЊЕ ЗА ИСУС“
  • „ОВАА ДОБРА ВЕСТ ЗА ЦАРСТВОТО“
  • Зошто да го следиме Христос?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Царство „кое нема да биде уништено“
    Обединети во обожавањето на единствениот вистинит Бог
  • Божјето Царство владее
    Спознание кое води до вечен живот
  • Што е Божјето Царство?
    Што навистина учи Библијата?
Повеќе
Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
be стр. 272-стр. 281 пас. 4

Порака што мораме да ја објавуваме

Јехова ни дал одговорност и голема предност, со зборовите: „Вие сте Ми сведоци . . . а Јас Сум Бог“ (Иса. 43:12). Ние не сме само верници. Ние сме сведоци што јавно сведочат за животоважните вистини што се наоѓаат во Божјата инспирирана реч. Која е таа порака што Јехова ни наложил да ја пренесуваме во нашево време? Тоа е онаа порака што го сосредоточува вниманието на Јехова Бог, на Исус Христос и на месијанското Царство.

„БОЈ СЕ ОД БОГА, ИСПОЛНУВАЈ ГИ НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ“

ДОЛГО пред христијанската ера, Јехова му кажал на верниот Авраам за една подготовка да се благословат „сите народи на земјата“ (Бит. 22:18). Исто така, тој го инспирирал Соломон да напише во врска со едно фундаментално барање пред кое стојат сите луѓе: „Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот“ (Проп. 12:13). Но, како ќе научат за овие работи луѓето што живеат во сите нации?

Иако отсекогаш имало луѓе што верувале во Божјата реч, Библијата покажува дека интензивното глобално сведочење со кое ќе се достигнат, всушност, сите нации со добрата вест било резервирано за „Господовиот ден“. Тој почнал во 1914 година (Откр. 1:10). Во врска со ова време, во Откровение 14:6, 7 е претскажано дека една животоважна објава ќе се упатува под ангелско водство „на секоја нација и племе и јазик и народ“. Тие ќе бидат поттикнувани: „Плашете се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд, и обожавајте го Оној кој ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода“. Божја волја е оваа порака да се пренесува. Ние имаме предност да учествуваме во тоа дело.

„Вистинскиот Бог.“ Јехова објавил „вие сте Ми сведоци“, во амбиент кога се дебатирало за спорното прашање за Господството (Иса. 43:10). Пораката што мора да се пренесе не се состои само од тоа дека луѓето треба да имаат некаква религија или да веруваат во бог. Наместо тоа, ним треба да им се даде прилика да научат дека Творецот на небото и на Земјата е единствениот вистински Бог (Иса. 45:5, 18, 21, 22; Јован 17:3). Само вистинскиот Бог може веродостојно да ја претскаже иднината. Ние имаме предност да покажеме дека исполнувањето на Јеховината реч во минатото дава цврста основа за доверба дека сѐ што тој ветил за иднината ќе се оствари (Ис. Нав. 23:14; Иса. 55:10, 11).

Се разбира, многумина на кои им сведочиме обожаваат други богови или тврдат дека не обожаваат ниеден бог. За да придобиеме уво што ќе слуша, можеби ќе треба да започнеме со нешто што е од заемен интерес. Можеме да извлечеме корист од примерот запишан во Дела 17:22-31. Забележи дека, иако бил тактичен, апостол Павле јасно навел дека сите луѓе се одговорни пред Богот што е Творец на небото и на Земјата.

Да се објавува Божјето име. Не пропуштај да го идентификуваш вистинскиот Бог по име. Јехова го сака своето име (Изл. 3:15; Иса. 42:8, обата NW). Тој сака луѓето да го знаат тоа име. Предизвикал неговото славно име да биде вклучено во Библијата повеќе од 7.000 пати. Наша одговорност е да ги запознаеме луѓето со него (Втор. 4:35).

Изгледите за иден живот на сите луѓе на светот зависат од тоа дали го познаваат Јехова и дали го повикуваат во вера (Јоил 3:5; Мал. 3:16; 2. Сол. 1:8). Сепак, повеќето луѓе не го познаваат Јехова. Тука спаѓаат и оние што ги има во голем број и што тврдат дека го обожаваат Богот на Библијата. Макар што имаат Библија и ја читаат, тие можеби сѐ уште не го знаат Божјето лично име, бидејќи е отстрането од многу современи преводи. Некои луѓе за името Јехова знаат единствено од тоа што нивните верски водачи им рекле да не го користат.

Како да ги запознаеме луѓето со Божјето име? Најделотворно можеме да го сториме тоа ако им го покажеме во Библијата — во нивниот личен примерок, ако е можно. Во некои преводи името се појавува неколку илјади пати. Во други, можеби се појавува само во Битие 22:14, Излез 34:5, 6, 23, Судии 6:24, Езра 9:5 и Езекиел 48:35. Извесен број преводи, таму каде што се појавува во текстот на оригиналниот јазик, го заменуваат Божјето лично име со изрази како што се „Господ“ и „Бог“, ставени со карактеристични букви. Таму каде што современите преведувачи во целост го испуштиле Божјето лично име, можеби ќе треба да користиш некој постар библиски превод за да им покажеш на луѓето што било направено. Во некои земји би можел да посочиш на божественото име во религиозните химни или во натписот на некоја јавна зграда.

Дури и за оние што обожаваат други богови, може делотворно да се користи Еремија 10:10-13 од Преводот Нов свет. Таму не само што се наведува Божјето име туку и јасно се објаснува кој е тој.

Немој да го криеш името Јехова зад етикети како што се „Бог“ или „Господ“, како што прави христијанскиот свет. Ова не значи дека името мора да се користи уште во почетокот на секој разговор. Некои луѓе, поради предрасуди, можат да ја прекинат дискусијата. Но, откако ќе поставиш темел за разговор, немој да се срамиш да го користиш божественото име.

Вредно е да се забележи дека Библијата го користи личното име на Бог почесто отколку вкупниот број места каде што користи назнаки, како што се „Господ“ или „Бог“. И покрај тоа, библиските писатели не се обидувале да го вклучат божественото име во секоја реченица. Тие едноставно го правеле тоа природно, слободно и со почит. Ова е добар образец за следење.

Личноста што ја идентификува името. Иако фактот дека Бог има лично име сам по себе е длабока вистина, тоа е само почеток.

За да го љубат Јехова и да го повикуваат во вера, луѓето треба да запознаат каков Бог е тој. Кога на гората Синај му го објавил своето име на Мојсеј, Јехова сторил повеќе отколку само да го повтори зборот „Јехова“. Свртел внимание кон некои од своите извонредни особини (Изл. 34:6, 7). Тоа е пример што треба да го имитираме.

Сеедно дали им сведочиш на некои новозаинтересирани луѓе или држиш говори во собранието, кога зборуваш за благословите на Царството, истакни што покажуваат тие за Богот што ги дава тие ветувања. Кога укажуваш на неговите заповеди, нагласи ја мудроста и љубовта што тие ја одразуваат. Стави до знаење дека Божјите барања не ни наметнуваат товар туку дека, наместо тоа, се наменети да ни бидат од корист (Иса. 48:17, 18; Мих. 6:8). Покажи како секој Јеховин израз на моќ открива нешто за неговата личност, за неговите мерила, за неговата намера. Сврти внимание кон рамнотежата што се гледа во начинот на кој Јехова ги покажува своите особини. Луѓето нека чујат како ги изразуваш своите сопствени чувства кон Јехова. Твојата љубов кон Јехова може да побуди таква љубов кај другите.

Итната порака за нашево време бара сите луѓе да се плашат од Бог. Со она што го кажуваме, треба да настојуваме да градиме таков побожен страв. Ова е здрав страв, страхопочит кон Јехова, длабоко почитување кон него (Псал. 89:7). Тој вклучува свесност дека Јехова е врховен Судија и дека нашите изгледи за иден живот зависат од тоа дали го имаме неговото одобрување (Лука 12:5; Рим. 14:12). Според тоа, таквиот страв е испреплетен со длабока љубов кон него и, како последица од тоа, со силна желба да му угодиме (Втор. 10:12, 13). Исто така, побожниот страв нѐ поттикнува да го мразиме она што е зло, да бидеме послушни на Божјите заповеди и да го обожаваме со сето срце (Втор. 5:29; 1. Лет. 28:9; Посл. 8:13). Тој нѐ чува од обидот да му служиме на Бог додека истовремено ги љубиме работите од светот (1. Јов. 2:15-17).

Божјето име — „цврста кула“. Луѓето што вистински го познаваат Јехова, уживаат голема заштита. Ова не е само затоа што го користат неговото лично име или што можат да набројат некои негови особини. Тоа е затоа што ја полагаат својата доверба во самиот Јехова. Во врска со нив, во Пословици 18:10 се наведува: „Господовото име е цврста кула: праведникот прибегнува кон него и наоѓа засолниште“.

Добро користи ги приликите да ги поттикнуваш другите да имаат доверба во Јехова (Псал. 37:3; Посл. 3:5, 6, сите NW). Таквата доверба покажува вера во Јехова и во неговите ветувања (Евр. 11:6). Кога луѓето ,го повикуваат името на Јехова‘ затоа што знаат дека тој е Универзален Суверен, ги љубат неговите патишта и целосно веруваат дека вистинското спасение може да дојде само од него, тогаш — нѐ уверува Божјата реч — ќе бидат спасени (Рим. 10:13, 14). Додека ги поучуваш другите, помагај им да градат таква вера во врска со секој аспект на животот.

Многу луѓе се соочуваат со огромни лични проблеми. Можеби не гледаат никаков излез од нив. Поттикни ги да учат за Јеховините патишта, да имаат доверба во него и да го применуваат она што го учат (Псал. 25:5). Охрабри ги горливо да се молат за Божја помош и да му благодарат за неговите благослови (Фил. 4:6, 7). Кога ќе го запознаат Јехова, не само со тоа што ќе читаат извесни изјави во Библијата туку и со тоа што во сопствениот живот ќе го доживуваат исполнувањето на неговите ветувања, тие ќе почнат да ја уживаат сигурноста што доаѓа од вистинското ценење на она што името Јехова претставува (Псал. 34:8; Ерем. 17:7, 8).

Добро користи ја секоја прилика да им помогнеш на луѓето да сфатат колку е мудро да се плашат од вистинскиот Бог, Јехова, и да ги држат неговите заповеди.

„СВЕДОЧЕЊЕ ЗА ИСУС“

ПО СВОЕТО воскресение и пред да се врати на небото, Исус Христос им дал упатства на своите ученици, со зборовите: „Ќе ми бидете сведоци . . . до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Лојалните Божји слуги во нашево време се опишани како такви кои „го имаат делото на сведочење за Исус“ (Откр. 12:17). Колку си марлив во врска со таквото сведочење?

Многу луѓе што искрено велат дека веруваат во Исус, не знаат ништо за неговото претчовечко постоење. Не увидуваат дека кога бил на Земјата, тој бил вистински човек. Не сфаќаат што се мисли со тоа да се биде Син Божји. Многу малку знаат за неговата улога во исполнувањето на Божјата намера. Не знаат што прави тој сега, и не увидуваат како се однесува и на нивните животи она што тој ќе го стори во иднина. Можеби дури и погрешно мислат дека Јеховините сведоци не веруваат во Исус. Наша предност е да настојуваме да ја објавиме вистината за овие работи.

Други луѓе, пак, не веруваат дека навистина живеел некој како оној Исус што е опишан во Библијата. Некои го гледаат Исус само како голем човек. Многумина ја отфрлаат идејата дека тој е Божји Син. ,Сведочењето за Исус‘ меѓу такви луѓе бара многу напори, стрпливост и тактичност.

Без оглед на нивното гледиште, ако сакаат да ја искористат Божјата подготовка за вечен живот, твоите слушатели треба да примат спознание за Исус Христос (Јован 17:3). Божјата јасно изразена волја е дека сите кои живеат, мора ,отворено да признаат дека Исус Христос е Господ‘ и мора да се подложат на неговиот авторитет (Фил. 2:9-11). Затоа не можеме едноставно да го избегнеме спорното прашање кога наидуваме на луѓе кои имаат силни, но погрешни мислења или отворени предрасуди. Иако во некои случаи можеме слободно да зборуваме за Исус Христос — дури и при нашата прва посета — во други, можеби ќе треба да дадеме разборити коментари кои ќе им помогнат на нашите слушатели да почнат исправно да мислат за него. Исто така, можеби ќе треба да размислуваме за начини на кои ќе можеме да воведеме и некои додатни аспекти на темата при идните посети. Меѓутоа, можеби не е возможно да дискутираме за сѐ што е вклучено додека не водиме домашна библиска студија со некого (1. Тим. 2:3-7).

Исусовото витално место во Божјата намера. Треба да им помогнеме на луѓето да сфатат дека со оглед на тоа што Исус е „патот“ и дека ,никој не доаѓа кај Таткото освен преку него‘, невозможно е да се има одобрен однос со Бог без вера во Исус Христос (Јован 14:6). Ако некој не ја увиди виталната улога што Јехова му ја доделил на својот првороден Син, невозможно е да ја разбере Библијата. Зошто? Затоа што Јехова направил неговиот Син да биде клучната фигура во извршувањето на сите свои намери (Кол. 1:17-20). Библиските пророштва се вртат околу тој факт (Откр. 19:10). Исус Христос е оној преку кого е дадено решението за сите проблеми што настанале со Сатановата побуна и гревот на Адам (Евр. 2:5-9, 14, 15).

За да ја сфати Христовата улога, човек мора да признае дека луѓето се наоѓаат во една очајничка состојба од која не можат самите да се ослободат. Сите сме родени во грев. Ова може да влијае врз нас на различни начини во текот на целиот наш живот. Меѓутоа, кога-тогаш, тој донесува смрт (Рим. 3:23; 5:12). Резонирај на темел на тој факт со оние на кои им сведочиш. Потоа истакни дека преку откупната жртва на Исус Христос, Јехова со љубов овозможил избавување од гревот и смртта на оние кои практикуваат вера во таа подготовка (Мар. 10:45; Евр. 2:9). Ова го отвора патот да уживаат вечен живот во совршенство (Јован 3:16, 36). Тоа не е возможно на ниеден друг начин (Дела 4:12). Како учител, сеедно дали приватно или во собранието, прави повеќе отколку само да ги наведеш овие факти. Љубезно и стрпливо гради кај своите слушатели чувство на благодарност за улогата на Христос како наш Откупител. Ценењето за оваа подготовка може да има длабок ефект во ставот, однесувањето и целите во животот на една личност (2. Кор. 5:14, 15).

Се разбира, Исус го дал сопствениот живот за жртва само еднаш (Евр. 9:28). Меѓутоа, тој сега активно служи како Првосвештеник. Помогни им на другите да сфатат што значи тоа. Дали доживуваат некаков стрес, разочарување, страдања или проблеми поради нељубезноста на луѓето околу нив? Кога бил човек, Исус го доживеал сето тоа. Знае како се чувствуваме. Поради несовршеноста, дали ни треба Божјата милост? Ако му се молиме на Бог за простување на темел на Исусовата жртва, Исус дејствува како „помошник кај Таткото“. Тој сочувствително „се зазема за нас“ (1. Јов. 2:1, 2; Рим. 8:34). На темел на Исусовата жртва и преку неговите услуги како Првосвештеник, можеме да му пристапиме на Јеховиниот ,престол на незаслужената љубезност‘ за да добиеме помош во право време (Евр. 4:15, 16). Иако сме несовршени, помошта што Исус ја дава како Првосвештеник ни овозможува да му служиме на Бог со чиста совест (Евр. 9:13, 14).

Освен тоа, Исус спроведува голем авторитет како оној што е назначен од Бог да биде Глава на христијанското собрание (Мат. 28:18; Ефеш. 1:22, 23). Како таков, тој обезбедува водство во согласност со Божјата волја. Кога ги поучуваш другите, помогни им да разберат дека Исус Христос, а не човек, е Главата на собранието (Мат. 23:10). Уште од твојот прв контакт со заинтересираните, кани ги на состаноците на локалното собрание, каде што ја проучуваме Библијата со помош на материјал што го обезбедува „верниот и разборит роб“. Објасни им не само кој е ,робот‘ туку и кој е Господарот за да бидат свесни за Исусовото поглаварство (Мат. 24:45-47). Запознај ги со старешините, и објасни ги библиските квалификации што тие мора да ги исполнат (1. Тим. 3:1-7; Тит 1:5-9). Истакни дека собранието не им припаѓа на старешините, туку дека тие ни помагаат да одиме по стапките на Исус Христос (Дела 20:28; Ефеш. 4:16; 1. Петр. 5:2, 3). Помогни им на овие заинтересирани лица да увидат дека постои едно организирано, светско општество кое функционира под поглаварството на Христос.

Од евангелијата учиме дека кога Исус влегол во Ерусалим кратко пред својата смрт, неговите ученици го поздравиле како „Оној кој доаѓа како Цар во Јеховино име!“ (Лука 19:38). Додека подлабоко ја проучуваат Библијата, луѓето учат дека Јехова сега му дал на Исус владејачки авторитет кој има ефект врз луѓето од сите нации (Дан. 7:13, 14). Кога држиш говори во собранието или водиш студии, гради ценење за она што треба да значи Исусовото владетелство за сите нас.

Нагласи дека нашиот начин на живот покажува дали навистина веруваме дека Исус Христос е Цар и дали спремно се подложуваме на неговото владетелство. Истакни го делото кое Исус, откако бил помазан за Цар, им го доделил на своите следбеници (Мат. 24:14; 28:18-20). Дискутирај што рекол Исус, Чудесниот Советник, во врска со приоритетите во животот (Иса. 9:6, 7; Мат. 6:19-34). Насочи го вниманието кон духот за кој Кнезот на мирот рекол дека ќе го покажуваат неговите ученици (Мат. 20:25-27; Јован 13:35). Внимавај да не ја преземаш одговорноста да судиш дали другите прават колку што треба, туку охрабри ги да размислат што покажуваат нивните постапки во врска со нивната подложност кон царувањето на Христос. Додека го правиш тоа, признај ја потребата и самиот да го правиш истото.

Да се положи Христос како темел. Библијата го споредува делото на правење христијански ученик со градењето една градба врз Исус Христос како темел (1. Кор. 3:10-15). За да го постигнеш тоа, помогни им на луѓето да го запознаат Исус на начин како што е опишан во Библијата. Внимавај да не гледаат на тебе како на човек што го следат (1. Кор. 3:4-7). Насочи им го вниманието кон Исус Христос.

Ако темелот е добро поставен, учениците ќе сфатат дека Христос ни оставил пример за ,тесно да ги следиме неговите стапки‘ (1. Петр. 2:21). За да градиш врз тоа, охрабри ги студентите да ги читаат евангелијата не само како некоја веродостојна историја, туку како образец што треба да го следиме. Помогни им да ги земат при срце ставовите и особините кои го карактеризирале Исус. Охрабри ги да внимаваат како гледал Исус на својот Татко, како се справувал со искушенијата и испитите, како покажал подложност кон Бог и како постапувал со луѓето во различни околности. Нагласи ја активноста со која Исус го исполнил својот живот. Потоа, кога ќе се соочи со одлуки и испити во животот, студентот ќе се праша: ,Што би сторил Исус во оваа ситуација? Дали мојот начин на постапување ќе покаже исправно ценење кон она што тој го сторил за мене?‘

Кога зборуваш пред собранието, немој да заклучиш дека со оглед на тоа што твоите браќа веќе имаат вера во Исус, нема потреба да свртиш посебно внимание кон него. Она што ќе го кажеш, ќе значи повеќе ако градиш врз таа вера. Кога зборуваш за состаноците, поврзи го тоа со улогата на Исус како Глава на собранието. Кога дискутираш за службата на теренот, сврти внимание кон духот што Исус го покажувал додека ја извршувал својата служба и претстави ја службата во светлина на она што Христос како Цар го прави за да ги собере луѓето за сочувување во новиот свет.

Се гледа дека потребно е повеќе отколку само да се научат основните факти за Исус. За да станат вистински христијани, луѓето мора да практикуваат вера во него и вистински да го љубат. Таквата љубов мотивира на лојална послушност (Јован 14:15, 21). Таа им овозможува на луѓето да застанат цврсто во верата под неволја, да продолжат да одат по Христовите стапки во сите денови од својот живот, да се докажат зрели христијани кои се цврсто „вкоренети и утврдени во темелот“ (Ефеш. 3:17). Таквиот начин на постапување му донесува слава на Јехова, Богот и Таткото на Исус Христос.

„ОВАА ДОБРА ВЕСТ ЗА ЦАРСТВОТО“

КОГА дал детали за знакот на својата присутност и за заклучокот на системот на работи, Исус претскажал: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14).

Која е точно пораката на која треба да ѝ се даде толкав публицитет? Таа е во врска со Царството за кое Исус нѐ научил да го молиме Бог, со зборовите: „Нека дојде царството твое“ (Мат. 6:10). Откровение 11:15 го опишува како „царство на нашиот Господ [Јехова] и на неговиот Христос“ бидејќи владејачкиот авторитет потекнува од Јехова и му е доделен на Христос како Цар. Меѓутоа, забележи дека пораката што Исус ја кажал требало да се објавува во нашево време во многу поголеми размери во однос на тоа колку проповедале неговите следбеници во првиот век. Тие им велеле на луѓето: „Ви се приближи Божјето царство“ (Лука 10:9). Исус, оној што бил помазан да биде Цар, тогаш бил во нивната средина. Но, како што е запишано во Матеј 24:14, Исус претскажал светско објавување на еден друг настан во исполнување на Божјата намера.

На пророкот Даниел му била дадена визија за овој настан. Тој видел некој „како Човечкиот Син“, Исус Христос, кој од „Прадревниот“, Јехова Бог, ја добива „власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици“ (Дан. 7:13, 14). Тој настан од универзално значење се случил на небото во 1914 година. Потоа, Ѓаволот и неговите демони биле фрлени на Земјата (Откр. 12:7-10). Стариот систем на работи влегол во своите последни денови. Но, пред да биде целосно отстранет, се врши глобално објавување дека Јеховиниот месијански Цар сега владее од својот небесен престол. Луѓето насекаде се предупредуваат. Нивната реакција дава доказ за нивниот став кон Севишниот како Владетел во „човечкото царство“ (Дан. 4:32).

Точно, допрва треба да дојде уште — уште повеќе! Ние сѐ уште се молиме „нека дојде царството твое“, но не со претстава дека воспоставувањето на Божјето Царство уште е во иднина. Напротив, тоа е со претстава дека небесното Царство ќе дејствува на решавачки начин за да ги исполни пророштвата како што се Даниел 2:44 и Откровение 21:2-4. Тоа ќе ја преобрази Земјата во рај полн со луѓе кои го љубат Бог и ближниот. Додека ја проповедаме „оваа добра вест за царството“, укажуваме на тие идни изгледи. Исто така, со доверба објавуваме дека Јехова веќе му го предал целосно владејачкиот авторитет на својот Син. Дали ја нагласуваш оваа добра вест кога сведочиш за Царството?

Да се објасни Царството. Како можеме да го исполниме налогот да го објавуваме Божјето Царство? Можеме да побудиме интерес на тој начин што ќе започнуваме разговори на различни теми, но набрзо треба да стане јасно дека нашата порака е за Божјето Царство.

Важен аспект од ова дело вклучува читање или цитирање стихови кои укажуваат на Царството. Кога укажуваш на Царството, погрижи се оние со кои разговараш да разберат што е тоа. Можеби ќе се бара повеќе отколку само да кажеш дека Божјето Царство е влада. На некои луѓе им е тешко да мислат дека нешто невидливо е влада. Би можел да резонираш со нив на различни начини. На пример, гравитацијата е невидлива, но има моќен ефект во нашиот живот. Ние не можеме да го видиме Оној што го создал законот за гравитација, но очигледно е дека тој има голема моќ. Библијата укажува на него како на „Царот на вечноста“ (1. Тим. 1:17). Или, би можел да резонираш дека во една голема земја, многу луѓе никогаш не биле во главниот град ниту, пак, го виделе нивниот владетел лично. За овие работи дознаваат на вестите. На сличен начин, Библијата, издадена на над 2.200 јазици, ни кажува за Божјето Царство; ни дава до знаење кому му е доверен авторитет и што прави Царството. Стражарска кула, која се издава на повеќе јазици од кое и да е друго списание, е посветено на тоа да „го објавува Јеховиното Царство“, како што е наведено на насловната страница.

За да им помогнеш на луѓето да сфатат што е Царството, би можел да спомнеш некои работи што тие сакаат владата да им ги обезбеди: економска сигурност, мир, слобода од криминал, непристрасно постапување со сите етнички групи, образование и здравствена нега. Покажи дека овие и другите здрави желби на човештвото ќе бидат задоволени само преку Божјето Царство (Псал. 145:16).

Настојувај да стимулираш кај луѓето желба да бидат поданици на Царството, во кое Исус Христос ќе владее како Цар. Укажи на чудата што ги извршувал тој како предвесници на она што ќе го прави како небесен Цар. Зборувај често за привлечните особини што ги покажувал (Мат. 8:2, 3; 11:28-30). Објасни дека тој си го дал за нас животот и дека потоа Бог го подигнал во бесмртен живот на небото. Оттаму тој владее како Цар (Дела 2:29-35).

Нагласи дека сега Божјето Царство владее од небото. Меѓутоа, сфати дека повеќето луѓе не ги увидуваат околностите за кои мислат дека ќе бидат знак за таа влада. Биди свесен за тоа и прашај ги дали знаат што Исус Христос рекол дека ќе биде доказ за тоа. Истакни некои обележја на сложениот знак што се наоѓа во Матеј 24. поглавје, Марко 13. поглавје или Лука 21. поглавје. Потоа прашај зошто востоличувањето на Христос на небото ќе води до такви околности на Земјата. Насочи го вниманието кон Откровение 12:7-10, 12.

Како реален доказ за она што Божјето Царство го прави, прочитај Матеј 24:14, и опиши ја глобалната програма на библиско образование што се случува сега (Иса. 54:13). Кажи им на луѓето за различните школи од кои Јеховините сведоци извлекуваат корист — сите темелени на Библијата и сите бесплатни. Објасни дека освен нашата служба од куќа до куќа, ние им нудиме и бесплатна домашна поука за Библијата на поединци и семејства во над 230 земји. Која човечка влада е во состојба да обезбеди таква опсежна образовна програма не само за своите поданици туку и за луѓето по целата Земја? Покани ги луѓето да дојдат во Салата на Царството, да присуствуваат на собирите и конгресите на Јеховините сведоци, за да видат доказ за тоа каков ефект има тоа образование врз животот на луѓето (Иса. 2:2-4; 32:1, 17; Јован 13:35).

Но, дали станарот ќе увиди како тоа има ефект и врз неговиот живот? Би можел тактично да истакнеш дека целта на твојата посета е да дискутираш за приликата што им е отворена на сите да изберат живот како поданици на Божјето Царство. Како? Ако научат што Бог бара и ако живеат во согласност со тоа сега (Втор. 30:19, 20; Откр. 22:17).

Да им се помогне на другите да го стават најнапред Царството. Дури и откако некој ќе ја прифати пораката за Царството, мора да донесе некои одлуки. Каков приоритет ќе му даде на Божјето Царство во својот живот? Исус ги поттикнал своите ученици да ,продолжат да го бараат најнапред царството‘ (Мат. 6:33). Како можеме да им помогнеме на сохристијаните да го прават тоа? Со тоа што самите ќе дадеме добар пример и ќе дискутираме во приликите што ни се на располагање. Понекогаш, со тоа што ќе прашаме дали некое лице размислило за извесни можности и ќе споделиме искуства за да покажеме што другите прават. Со тоа што ќе дискутираме за библиските извештаи на таков начин што ќе продлабочат нечија љубов кон Јехова. Со тоа што ќе ја потенцираме реалноста на Царството. Со тоа што ќе нагласуваме колку е навистина важно делото на објавување на Царството. Најголемо добро често нема да постигнеме со тоа што ќе им кажуваме на другите што да прават туку со тоа што ќе поттикнеме кај нив желба за тоа.

Без сомнение, животоважната порака која сите мораме да ја објавуваме првенствено се сосредоточува на Јехова Бог, на Исус Христос и на Царството. Животоважните вистини во врска со нив треба да ги нагласуваме во нашето јавно сведочење, во нашите собранија и во приватниот живот. Кога го правиме тоа, покажуваме дека навистина извлекуваме корист од нашето образование во Теократската школа за служба.

СИТЕ ЛУЃЕ ТРЕБА ДА ЧУЈАТ . . .

  • Дека Јехова е Творецот на небото и на Земјата.

  • Дека Јехова е единствениот вистински Бог.

  • Дека Јехова е Бог на извонредна љубов, ненадминлива мудрост, потполна правда и семоќност.

  • Дека ние сме одговорни пред Јехова за она што го правиме.

НАШЕТО ОБОЖАВАЊЕ НА ЈЕХОВА . . .

  • Треба да биде мотивирано од љубов кон него.

  • Треба да доаѓа од цело срце, а не од срце што ги љуби и работите во светот.

  • Треба да даде доказ за тоа колку ни е скапоцен одобрениот однос со него.

ПОМОГНИ ИМ НА ЛУЃЕТО ДА РАЗБЕРАТ . . .

  • Дека одобрен однос со Бог е можен само преку Исус Христос.

  • Дека избавување од гревот и смртта е можно само преку верата во Исус Христос.

  • Дека Божја волја е сите да го признаат Исус како Господ, не само да го нарекуваат Господ, туку да ги држат неговите заповеди.

  • Дека она што го кажува Библијата за Исус Христос е точно, но дека голем дел од она што христијанскиот свет го учи за него ги искривува фактите.

ЗАПРАШАЈ СЕ:

  • Дали давам доказ дека јасно сфаќам која е улогата на Исус Христос како наименувана Глава на собранието?

  • Дали ценењето за жртвата на Христос е толку моќен мотивирачки фактор во мојот живот колку што треба да биде?

  • Како можам моите постапки и ставови да ги доведам во уште поголема согласност со примерот што го дал Божјиот Син?

НЕКА ЛУЃЕТО ЧУЈАТ . . .

  • Дека Божјето Царство сега владее од небото и дека наскоро ќе ги замени сите човечки владетелства.

  • Дека Царството ќе ја преобрази Земјата во рај исполнет со луѓе кои го љубат Бог и нивниот ближен.

  • Дека само преку Царството целосно ќе бидат задоволени здравите желби на сите луѓе.

  • Дека со она што го правиме сега покажуваме дали сакаме да бидеме поданици на Божјето Царство.

ЗАПРАШАЈ СЕ:

  • Дали мојот живот покажува дека го барам најнапред Царството?

  • Постојат ли преиначувања што можам да ги направам за да го правам тоа уште поцелосно?

  • Што можам да сторам за да поттикнам кај другите желба да го бараат најнапред Царството?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели