Да се има доверба или да се нема
МОЖЕ да биде тешко да се знае дали да се има доверба или да се нема. Двата правца имаат свои опасности, посебно во еден свет каде што измамата и изневерувањето толку многу се распространети. Сепак, на сите ни се потребни пријатели во кои ќе имаме доверба и кои ќе нѐ поддржуваат во време на неволја (Изреки 17:17). Пред околу две илјади години, римскиот писател Федар ја изразил дилемата на следниов начин: „И да се има доверба и да се нема — е опасно“.
Може да биде опасно да се има доверба
Зошто може да биде опасно да се има доверба во некого? Па, размислете за предупредувањето дадено во списанието Psychology Today. Тоа ги опишува некои, кои ја искористуваат довербата на луѓето, како „грабливци“ кои „користат шарм и колорит сличен на камелеонот со цел да ги лажат и да раководат со оние кои се околу нив и да им нанесуваат штета на нивните животи“. Очигледно, со такви измамници околу нас, несомнено е опасно да се биде претерано доверлив.
Некој кој премногу има доверба може да биде лековерен и, како резултат на тоа, лесно да биде измамен и искористен. Еден класичен пример на лековерност бил Сер Артур Конан Дојл, творецот на остроумниот мајсторски детектив Шерлок Холмс. Во 1917 година, две млади девојки, Елси Рајт и нејзината братучетка Френсис Грифитс, тврделе дека си играле со самовили во градината на нивниот дом во Котингли, Англија. Тие дури изнеле фотографии од самовилите во обидот да го докажат тоа.
Конан Дојл, кој бил длабоко заинтересиран за спиритизам после смртта на неговиот син, имал доверба во нив и поверувал во приказните за самовилите — како што поверувале и многу луѓе во тоа време. Дури околу 55 години подоцна, двете девојки признале дека сето тоа било шега и дека ги исекле „самовилите“ од една книга пред да ги фотографираат сликите. Френсис Грифитс изразила зачуденост што некој поверувал во нивната приказна. Таа рекла: „Како ли само некој можеше да биде толку лековерен за да поверува дека тие биле вистински — нешто што секогаш беше мистерија за мене“ (Hoaxers and Their Victims — Шегаџии и нивните жртви).
Можете ли да ја видите стапицата во која паднал Конан Дојл? Тој слепо имал доверба во приказната само затоа што сакал таа да биде вистинита. Авторот Норман Мос вели: „Можеме да бидеме измамени само затоа што нашите перцепции се отапени од некоја навика и на работите гледаме со полузатворени очи . . . Понекогаш прифаќаме нешто како вистинито само затоа што тоа е она што сакаме да биде вистинито“ (The Pleasures of Deception — Задоволствата на измамата). Тоа го одекнува предупредувањето од околу 350 години пред нашата ера, кое го дал прочуениот грчки оратор Демостен: „Најлесно од сѐ е самиот себеси да се излажеш, затоа што човекот обично верува во она кое сака да биде вистинито“. Но, да се има доверба само во нашите чувства може да биде опасно.
Се разбира, можеби мислите дека ова е екстремен пример и дека Конан Дојл бил поглупав отколку што Вие некогаш би биле. Но не се само лековерните во опасност да бидат измамени. Многумина внимателни и обично претпазливи луѓе биле излажани и измамени од наизглед доверливи луѓе.
Може да биде опасно ако се нема доверба
Но, постојат опасности и кога се нема доверба во никого или во ништо. Недовербата е како корозивна ’рѓа. Може да ги нагризе и да ги уништи оние што инаку би можеле да бидат среќни и блиски врски. Длабоко вкоренетиот цинизам и непопустливата недоверба можат да ве направат многу несреќен човек, човек без пријатели. Тоа може да биде толку штетно за односите со другите луѓе што англискиот писател Семјуел Џонсон напишал: „Посреќно е да се биде понекогаш излажан отколку да се нема доверба“.
Недовербата може дури да го загрози и телесното здравје. Можеби сте свесни дека јаките емоции како што е гневот можат да ве изложат на опасност од срцев удар. Но, дали сте знаеле дека некои истражувања укажуваат на тоа дека недоверливоста може да го стори истото? Списанието Chatelaine вели: „Луѓето кои лесно избувнуваат не се единствените кои би можеле да си ги зголемат шансите да им се појави срцева болест поради нивното однесување. Новите истражувања покажуваат дека дури и суптилните облици на непријателство, како што се склоноста да се биде циничен и недоверлив, можат да ве стават во опасност“.
Претпазливо размислете за своите чекори
Што можете да сторите? Библијата дава некои добри совети во врска со тоа. „Неразумниот верува на секој збор“, стои во Изреки 14:15. Тоа не е деструктивен цинизам. Тоа е еден реалистичен потсетник на потребата од претпазливост. Само еден многу наивен и неискусен човек ќе верува слепо во секој збор што ќе го слушне. Со добра причина, библиската поговорка продолжува: „А благоразумниот е внимателен на своите чекори“. Англискиот драмски писател Вилијам Шекспир напишал: „Немај доверба во гнили штици“. Секој кој мисли дека штиците на еден мост под кој има длабока височина можеби се гнили, би бил многу глупав ако оди по нив. Тогаш, како можете да ‚внимавате на своите чекори‘ за да не ја ставите Вашата доверба на погрешно место?
Библијата нѐ охрабрува да испитаме што велат луѓето наместо слепо да прифатиме сѐ што ќе чуеме. „Самото уво ги испитува зборовите, исто како што непцето вкусува кога се јаде“, вели таа (Јов 34:3, НС). Зарем тоа не е вистина? Зарем обично не ја вкусуваме храната пред да ја голтнеме? Исто така, треба да ги испитаме зборовите и постапките на луѓето пред да ги голтнеме. Никој кој е искрен нема да се навреди ако ја провериме неговата веродостојност. Фактот дека треба да провериме за да видиме дали нешто е вистинско, поткрепен е со шкотската поговорка која гласи: „Ако некој ме излаже еднаш, срамот нека биде врз него; ако ме излаже двапати, срамот нека биде врз мене“.
Апостол Павле советувал: „Сите работи ставете ги на испит“ (1. Солунјаните 5:21, Today’s English Version). Зборот што го употребил апостол Павле за „испит“, исто така, бил употребен во поврзаност со испитување на скапоцени метали за да се види дали се вистински. Мудриот човек секогаш испитувал за да види дали она што го купува е вистинско. Во спротивно би можело да се случи на крајот да го купи она што се нарекувало имитација на злато — нешто што личело на злато, а всушност било безвредно.
Бидете разумни и урамнотежени
Се разбира, сакаме да бидеме разумни во овој поглед и да не бидеме претерано сомничави спрема другите (Филипјаните 4:5, НС). Немојте брзо да му припишувате лоши мотиви на некого. Погрешното сфаќање на мотивите може да биде најбрзиот начин да се уништат добрите и блиски врски. Обично е најдобро да претпоставувате дека Вашите пријатели сакаат да го прават она што е за Вас најдобро наместо да им припишувате лоши мотиви кога ќе се појават тешки ситуации.
Земете ги предвид несовршеностите и грешките на другите. „Изневерувањето од пријателот значи изигрување на довербата“, вели писателката Кристин фон Крајслер. Меѓутоа, таквото изневерување може да биде ненамерно или можеби било резултат на слабост за кое сега длабоко жали. Според тоа, таа продолжува: „Немојте да се задржувате на изневерувањето — нити дозволувајте да Ве спречува да имате доверба во другите“. Не дозволувајте горките и негативните искуства да Ве лишат од радостите кои доаѓаат со градењето доверливи односи со другите.
Бидете урамнотежени. Не морате да носите образници кога ги проценувате луѓето; претпазливиот човек секогаш останува внимателен. Од друга страна, доктор Редфорд Вилијамс предлага да се обидеме да претпоставиме дека другите го прават најдоброто што можат, да се обидеме да го разбереме нивното гледиште и „да вежбаме да имаме доверба во другите“, кога е тоа можно. Можеби е подобро да се има преголема доверба отколку воопшто да се нема.
Писателот на библиската книга Изреки признава дека „има пријатели кои се настроени да се разбијат еден со друг на парчиња“ — односно луѓе кои ќе се обидуваат да ја искористат Вашата доверба. Светот е полн со такви. Но дајте им на другите време и прилики да покажат дека се доверливи, и ќе најдете пријатели кои всушност ќе ‚се држат поцврсто и од брат‘ (Изреки 18:24, НС).
Тогаш, постои ли некој или нешто во кое можете да имате доверба во потполност, без страв дека Вашата доверба ќе биде искористена или изневерена? Да, секако дека постои. Следната статија накратко ќе разгледа каде можете да ја ставите Вашата доверба со потполна сигурност.
[Истакната мисла на страница 6]
„Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“ (Изреки 14:15).
[Слика на страница 7]
Земете ги предвид несовршеностите и грешките на другите