Младите прашуваат . . .
Како да си ги контролирам чувствата?
„Знам да им се налутам на родителите и да им кажам работи што не ги мислам. Потоа не им излегувам пред очи сѐ додека не се смирам“ (Кејт, 13-годишна).
„Најголемиот проблем што ме измачува е чувството на несигурност. Понекогаш чувствувам како да умирам однатре“ (Иван, 19-годишен).
ЕМОЦИИТЕ имаат голема моќ. Тие влијаат на она што го мислиме и на она што го правиме. Можат да нѐ поттикнат и на добро и на лошо. Понекогаш се чини дека се посилни и од самиот разум. „Никогаш не сум задоволен со себеси“, вели 20-годишниот Јаков. „Честопати не успевам да си ги исполнам ни сопствените очекувања. Понекогаш ќе се расплачам, а понекогаш сум толку лут што им се истурам на сите што ќе ми излезат пред очи. Многу ми е тешко да си ги контролирам чувствата.“
Но, за да може некој да стане зрела и одговорна личност, мора да научи да ги контролира своите чувства. Денес некои стручњаци сметаат дека не е толку важно човек да е интелигентен колку што е важно да умее да владее со сопствените чувства и да знае како да се однесува со другите. Во секој случај, и самата Библија му придава голема важност на контролирањето на чувствата. На пример, во Пословици 25:28 се вели: „Ако не можеш да го контролираш својот гнев, тогаш си беспомошен како град без ѕидини, отворен на напад“ (Today’s English Version). Зошто е толку тешко човек да си ги контролира чувствата?
Предизвик за младите
Сите ние, без оглед на тоа колку сме стари или какво потекло имаме, се бориме со своите чувства. Меѓутоа, особено тешка борба можеби водат оние што преминуваат од светот на младите во светот на возрасните. Во книгата Менување на телото, менување на животот (Changing Bodies, Changing Lives), писателката Рут Бел вели: „Повеќето тинејџери се збунети од многуте емоции кои истовремено можат да бидат апсурдни и прекрасни, застрашувачки и вознемирувачки. Многу луѓе во еден ист момент можат да имаат различни чувства за една иста работа . . . Во еден миг чувствуваат едно а веќе следниот чувствуваат нешто сосем спротивно“.
Освен тоа, како млада личност, ти си и неискусен (Пословици 1:4). Затоа, кога ќе се најдеш во потполно нова ситуација, сосема е нормално да се чувствуваш малку несигурен, па дури и исплашен. За среќа, нашиот Творец разбира како се чувствуваш. Тој ги знае дури и твоите ‚тегобни мисли‘ (Псалм 139:23, NW). Затоа во својата Реч тој дал да бидат запишани некои начела што можат да ни помогнат.
Како да се контролираат чувствата
За да можеш да си ги контролираш чувствата, мораш да научиш да си ги контролираш мислите. Негативните мисли можат да ти ја исцрпат силата што ти е потребна за да направиш нешто (Пословици 24:10). Но, како можеш да научиш да размислуваш позитивно и така да си ги контролираш чувствата?
Еден начин е да се бориш против негативните мисли што можат да те онерасположат или да те направат несигурен. Ако го послушаш библискиот совет да ги сосредоточиш мислите на работи што се ‚сериозни‘ и ‚праведни‘, ќе можеш да ги замениш негативните мисли со позитивни (Филипјаните 4:8). Можеби нема да е баш лесно да се направи ова, но ако се потрудиш, сепак можеш да успееш.
Една девојка по име Јасмина еднаш се жалела: „Доста ми е веќе од сѐ, и од новата работа и од новите обврски! Емоционално сум потполно исцрпена. Просто не можам да дишам“. Сосема е разбирливо дека младите понекогаш ќе се чувствуваат вака и поради тоа можат да станат несигурни во себе. Библијата ни кажува за еден млад човек по име Тимотеј, кој ги исполнувал сите предуслови за да ги врши должностите што му биле доверени. Сепак, се чини дека сметал оти не им е дораснат на тие должности и морал да се бори со тие чувства (1. Тимотеј 4:11-16; 2. Тимотеј 1:6, 7).
Можеби и ти се чувствуваш несигурен кога ќе се најдеш пред некоја нова или непозната задача. ‚Никогаш нема да успеам да го направам ова‘, можеби си велиш. Сепак, можеш да ги контролираш тие чувства на несигурност ако цврсто решиш да не размислуваш негативно. Потруди се да научиш како добро да ја вршиш доверената задача. Прашувај за совет и држи се за упатствата (Пословици 1:5, 7).
Колку подобро вршиш некоја работа, толку посигурен ќе се чувствуваш. Не размислувај постојано за твоите слабости зашто тоа може да те парализира и да те натера да се откажеш. Кога во една прилика некои го критизирале апостол Павле, тој одговорил: „Дури и ако сум невешт во говорот, сигурно не сум во спознанието“ (2. Коринќаните 10:10; 11:6). Слично на тоа, и ти можеш да си ја изградиш самопочитта така што ќе размислуваш за твоите позитивни страни и ќе го молиш Бог да ти дава сила да ги надвладееш слабостите што ги имаш. Бог навистина може да ти помогне, како што им помогнал на многу луѓе во минатото (Излез 4:10).
Чувствата полесно ќе ги контролираш и ако си поставиш скромни, реалистични цели и ако ги прифатиш своите ограничувања. Исто така, немој претерано да се споредуваш со другите. Во Галатите 6:4, Библијата ни дава добар совет: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“.
Смири го гневот
Гневот е уште една емоција што многу тешко се контролира. Како што видовме и од примерот на Кејт, која беше спомната во почетокот на статијата, гневот може да натера многу млади да кажат или да направат нешто што на другите ќе им нанесе штета или ќе ги навреди.
Мора да се признае, нормално е некогаш да се налутиме. Но, сети се на првиот убиец, Каин. Кога тој ‚се налутил многу‘, Бог го предупредил дека таквиот гнев може да го наведе да направи тежок грев. Потоа го прашал Каин: „А ти, ќе го надвладееш ли [гревот]?“ (Битие 4:5-7). Каин не го послушал советот што му бил даден. Но, ако се потпреш на Бог, тој може да ти помогне да го надвладееш гневот и да не направиш грев!
Значи, пак се работи за тоа да си ги контролираш мислите. Во Пословици 19:11, Библијата вели: „Благоразумието [Разбирањето, NW] го запира човекот од гнев, и чест му е да ја прости грешката“. Кога некој ќе те налути, обиди се да разбереш зошто постапил така. Дали намерно сакал да те повреди? Можно ли е само да реагирал импулсивно, па дури да не бил ни свесен што направил? Ако преминуваме преку грешките на другите, ја одразуваме Божјата милост, а таа особина може да ни помогне да си го смириме гневот.
Но, што ако со право сме лути на некого? Библијата вели: “Гневете се, но не грешете“ (Ефешаните 4:26). Ако е потребно, разговарај со тоа лице (Матеј 5:23, 24). Сепак, можеби е најдобро едноставно да заборавиш што се случило, да поминеш преку тоа и да продолжиш со животот.
Интересно е што пријателите можат да влијаат врз тоа како ќе реагираш кога си лут. Затоа Библијата нѐ предупредува: „Не спријателувај се со гневлив, и не оди со бесен човек, за да не свикнеш на неговите патишта и да не наместиш стапица за својата душа“ (Пословици 22:24, 25).
Кога се дружиш со луѓе што се трудат да си го контролираат гневот, и ти ќе можеш полесно да развиеш самосовладување. Во христијанските собранија на Јеховините сведоци има многу такви зрели поединци, а повеќето од нив се постари и поискусни од тебе. Запознај се подобро со некои од нив. Гледај како тие се справуваат со проблемите. Можеби ќе бидат во можност да ти дадат и „мудро водство“ (NW) кога самиот ќе наидеш на некој проблем (Пословици 24:6). Јаков, кој беше цитиран погоре, вели: „Многу е важно да се има зрел пријател кој може да те потсети што стои во Божјата реч. Кога ќе си помислам дека Јехова ме сака и покрај тоа што сум несигурен во себе, полесно ми е да ги надвладеам негативните чувства и да останам прибран“.
Други практични совети
Во една книга за телесно вежбање стои: „Бројните истражувања докажаа дека физичките движења предизвикуваат хемиски процеси во телото што влијаат врз нашето расположение. Нивото на хормони и кислород во организмот исто така се менува во зависност од движењата што ги правиме“. Нема сомнение во тоа дека телесните активности се корисни. Библијата ни кажува: „Телесното вежбање е корисно“ (1. Тимотеј 4:8). Зошто не одвоиш редовно време умерено да вежбаш? Тоа може добро да се одрази на твоето расположение. Здравата исхрана исто така може да ти биде од помош.
Размисли и за твојот избор на музика и забава. Во една студија што беше објавена во билтенот The Harvard Mental Health Letter се наведува: „Гледањето насилство . . . поттикнува на гнев и на агресивни чувства . . . Кај оние што гледаат насилнички филмови почесто се јавуваат агресивни мисли а имаат и повишен крвен притисок“. Затоа, добро внимавај што слушаш и што гледаш (Псалм 1:1-3; 1. Коринќаните 15:33).
На крајот, најдобриот начин да научиш да си ги контролираш чувствата е да развиеш блиско пријатество со Творецот. Тој нѐ повикува сите нас да му се обратиме во молитва и да му го излееме своето срце. „Не бидете тегобно загрижени за ништо“, нѐ поттикнува апостол Павле. „Објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили“. И ти можеш да стекнеш внатрешна сила за да се справиш со сите ситуации во животот. Апостол Павле додал: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:6, 7, 13).
Младата Малика вели: „Научив да се молам, да се молам, и само да се молам! Тоа што знам дека Јехова ме сака, ми помага да бидам смирена и подобро да си ги контролирам чувствата“. Со Божја помош, и ти можеш да успееш во тоа.
[Истакната мисла на страница 19]
За да можеш да си ги контролираш чувствата, мораш да научиш да си ги контролираш мислите
[Слика на страница 20]
Ако се дружиш со постари лица, ќе можеш да научиш како да владееш со чувствата