ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w97 15/3 стр. 17-22
  • Нека те чува проникливоста

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Нека те чува проникливоста
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Посебна потреба од проникливост
  • Како е со инвестирањата?
  • Кога деловните потфати ќе пропаднат
  • Што ако постои измама?
  • Проникливоста и донесувањето одлуки
  • Наклони го своето срце кон проникливост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Можеш ли да негуваш поголема способност на разликување?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • „Самиот Јехова дава мудрост“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Колку ќе те чини бизнисот?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
w97 15/3 стр. 17-22

Нека те чува проникливоста

„Самата способност на размислување ќе чува стража над тебе, самата проникливост ќе те чува“ (ИЗРЕКИ 2:11, НС).

1. Од што може да нѐ чува проникливоста?

ЈЕХОВА бара да практикуваш проникливост. Зошто? Затоа што тој знае дека таа ќе те чува од различни опасности. Изреки 2:10—19 (НС) започнуваат со зборовите: „Кога мудроста ќе влезе во твоето срце и спознанието ќе ѝ омили на твојата душа, самата способност на размислување ќе чува стража над тебе, самата проникливост ќе те чува“. Ќе те чува од што? Од такви работи како што е ‚лошиот пат‘, од оние кои ги напуштаат исправните патеки, како и од луѓето кои се застранети во својот општ правец.

2. Што е проникливост, и каква проникливост христијаните особено посакуваат?

2 Веројатно ќе се сетиш дека проникливоста е способност на умот преку која тој разликува една работа од друга. Лицето кое е проникливо, ги согледува разликите меѓу идеите или работите и добро просудува. Како христијани, ние особено посакуваме духовна проникливост темелена на точното спознание за Божјата Реч. Кога го проучуваме Писмото, тоа е исто како да ги копаме градежните блокови на духовната проникливост. Она што го учиме може да ни помогне да донесуваме одлуки кои му се угодни на Јехова.

3. Како можеме да стекнеме духовна проникливост?

3 Кога Бог го прашал израелскиот цар Соломон каков благослов сака, младиот владетел рекол: „Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце, за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло“. Соломон побарал проникливост и Јехова му ја дал во невообичаена мера (3. Царства 3:9; 4:30). За да стекнеме проникливост, треба да се молиме и мораме да ја проучуваме Божјата Реч со помош на просветлувачките публикации што ги обезбедува ‚верниот и разборит роб‘ (Матеј 24:45—47, НС). Тоа ќе ни помогне да развиеме духовна проникливост до таа мера што ќе станеме „потполно возрасни во моќта на разбирањето“, способни да ‚разликуваме [или да проникнуваме меѓу] добро и зло‘ (1. Коринтјаните 14:20, НС; Евреите 5:14).

Посебна потреба од проникливост

4. Што значи да се има „едноставно“ око, и како може тоа да ни користи?

4 Со исправна проникливост, можеме да постапуваме во склад со зборовите на Исус Христос: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова [материјалното] ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33). Исус исто така рекол: „Светило за телото е окото; ако твоето око биде чисто [едноставно, НС], и целото твое тело ќе биде светло“ (Лука 11:34). Окото е симболична светилка. ‚Едноставното‘ око е искрено, фокусирано. Со такво око можеме да покажуваме проникливост и да одиме без да се сопнеме во духовен поглед.

5. Во однос на деловните постапки, што треба да имаме на ум за целта на христијанското собрание?

5 Наместо да го чуваат своето око едноставно, некои си го искомплицирале својот а и животите на другите со примамливи деловни постапки. Но, треба да запомниме дека христијанското собрание претставува „столб и тврдина на вистината“ (1. Тимотеј 3:15). Како столбовите на една зграда, собранието ја поддржува Божјата вистина, а не нечиј деловен потфат. Собранијата на Јеховините сведоци не се основани како локации за унапредување комерцијални интереси, стоки или услуги. Мораме да се воздржуваме од бркање лични деловни работи во Салата на Царството. Проникливоста ни помага да сфатиме дека Салите на Царството, Собраниските студии на книга, покраинските состаноци и конгресите на Јеховините сведоци се места за христијанско дружење и духовна дискусија. Ако духовните врски ги користиме за унапредување на каков и да било вид комерцијализам, зарем тоа не би покажало барем некаков недостиг на ценење за духовните вредности? Собраниските врски не треба никогаш да се искористуваат за финансиска добивка.

6. Зошто на собраниските состаноци не треба да се продаваат или унапредуваат комерцијални производи и услуги?

6 Некои ги користеле теократските контакти за да продаваат здравствени или козметички средства, витамински продукти, телекомуникациски услуги, градежни материјали, аранжмани за патување, компјутерски програми и опрема и така натаму. Меѓутоа, собраниските состаноци не се место за продавање или за унапредување на некакви комерцијални производи или услуги. Можеме да го проникнеме основното начело ако запомниме дека Исус ‚ги истерал од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растурил парите и ги испревртел масите; па им рекол на оние што продавале гулаби: „Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување“ ‘ (Јован 2:15, 16).

Како е со инвестирањата?

7. Зошто е потребна проникливост и претпазливост во поглед на инвестирањата?

7 Кога се размислува за инвестирања во некој деловен потфат, потребни се и проникливост и претпазливост. Да претпоставиме дека некој сака да позајми пари и дава ветувања како ова: „Ти гарантирам дека ќе заработиш“. „Не можеш да изгубиш. Ова е сигурна работа.“ Чувај се кога некој дава такви уверувања. Или не е реален или е нечесен, бидејќи инвестирањето ретко кога е сигурна работа. Всушност, некои слаткоречиви бескруполозни поединци имаат измамено членови на собранието. Тоа потсетува на ‚безбожните луѓе‘ кои се вовлекле во собранието од првиот век и ‚незаслужената љубезност на нашиот Бог ја извртувале во изговор за распуштено однесување‘. Тие биле како назабени подводни карпи кои можеле да ги парчосаат и да ги убијат пливачите (Јуда 4, 12, НС). Вистина, мотивите на измамниците се поинакви, но и тие ги демнат членовите на собранието.

8. Што се случило во врска со некои навидум профитни деловни потфати?

8 Дури и добронамерните христијани споделувале информации во врска со навидум профитни потфати, само за да утврдат дека тие и оние кои го следеле нивниот пример, ги изгубиле парите што ги инвестирале. Како последица од тоа, извесен број христијани ги изгубиле предностите во собранието. Кога потфатите за брзо збогатување се покажале како измамнички сплетки, единствениот кој профитира е измамникот, кој честопати брзо исчезнува. Како може проникливоста да му помогне на некој да избегне такви ситуации?

9. Зошто е потребна проникливост за да се проценат тврдењата околу инвестирањата?

9 Проникливоста ја содржи мислата да се биде способен да се сфати она што не се гледа. Оваа способност е потребна за да се проценат тврдењата во врска со инвестирањата. Христијаните имаат доверба едни во други, и некои може да резонираат дека нивните духовни браќа и сестри не би се впуштиле во потфати кои би ги загрозиле средствата на соверниците. Но, фактот дека еден деловен човек е христијанин не гарантира дека тој се истакнува во деловните работи или дека неговиот потфат ќе успее.

10. Зошто некои христијани бараат деловни заеми од соверниците, и што би можело да се случи со таквите инвестирања?

10 Некои христијани бараат деловни заеми од соверниците затоа што угледните агенции за заеми никогаш не би дале аванс за нивните ризични потфати. Мнозина биле намамени да веруваат дека, ако едноставно ги инвестираат своите пари, би можеле брзо да се збогатат без многу труд или, пак, без никаков труд. Некои се привлечени кон некое инвестирање поради сјајот што е поврзан со тоа, само за да ја изгубат својата животна заштеда! Еден христијанин инвестирал голема сума пари, очекувајќи за возврат да добие 25 проценти за само две недели! Ги изгубил сите пари кога фирмата паднала под стечај. Во еден друг потфат, еден претприемач на недвижен имот позајмил големи суми пари од другите во собранието. Ветувал неразумно големи добивки, но паднал под стечај и ги изгубил позајмените средства.

Кога деловните потфати ќе пропаднат

11. Каков совет дал Павле во врска со алчноста и љубовта кон парите?

11 Деловните неуспеси довеле до разочарување, па дури и до загуба на духовноста кај некои христијани кои се впуштиле во нездрави потфати. Од пропустот да се дозволи проникливоста да дејствува како заштита, произлегле болка во срцето и огорченост. Алчноста уловила мнозина. ‚А . . . користољубивоста [алчност, НС] дури да не се спомнува меѓу вас, како што им прилега на светии‘ — напишал Павле (Ефесјаните 5:3). И предупредил: „А оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:9, 10).

12. Ако христијаните прават бизнис еден со друг, што треба особено да запомнат?

12 Ако еден христијанин развие љубов кон парите, тој ќе си нанесе голема духовна штета. Фарисеите биле љубители на пари, а тоа е обележје и на мнозина во овие последни денови (Лука 16:14; 2. Тимотеј 3:1, 2). За разлика од тоа, начинот на живот на еден христијанин треба да биде без ‚среброљубие‘ (Евреите 13:5). Секако, христијаните можат да прават бизнис еден со друг или заеднички да започнат некои бизниси. Меѓутоа, ако го прават тоа, дискусиите и преговарањата треба да се држат настрана од собраниските работи. И запомни: Дури и меѓу духовните браќа, деловните спогодби секогаш правете ги писмено. Во овој поглед е корисна статијата „Сторете го тоа писмено!“ објавена во Разбудете се! од 8 февруари 1983 година, страници 13 до 15 (англ.).

13. Како би го применил стихот од Изреки 22:7 на деловните потфати?

13 Стихот од Изреки 22:7 ни кажува: „Должникот станува роб [слуга, НС] на заемодавецот“. Честопати е немудро да се ставаме себеси или нашите браќа во положба на еден таков слуга. Ако некој нѐ замоли да му позајмиме пари за некој деловен потфат, би било препорачливо да се разгледа неговата способност да ја отплати сумата. Дали е познат како доверлив и достоен за доверба? Се разбира, треба да сфатиме дека давањето таков заем би можело да значи губење на парите, бидејќи многу деловни потфати пропаѓаат. Еден договор сам по себе не гарантира успешен потфат. И, секако, не е мудро човек во еден потфат да ризикува повеќе отколку што би можел да си дозволи да изгуби.

14. Зошто треба да покажуваме проникливост ако сме му позајмиле пари на некој сохристијанин чијшто бизнис пропаднал?

14 Треба да покажуваме проникливост ако на еден христијанин сме му позајмиле средства за деловни цели и парите биле изгубени, иако не биле вклучени нечесни постапки. Ако деловниот неуспех не бил по грешка на нашиот соверник којшто ги зел парите на заем, можеме ли да речеме дека ни е нанесена неправда? Не, бидејќи доброволно сме го дале заемот, веројатно сме собирале камата од тоа, и ништо нечесно не се случило. Со оглед на тоа дека немало нечесност, немаме основа за правна постапка против позајмувачот. Какво добро би имало од тоа да тужиме еден чесен сохристијанин кој морал да пријави стечај затоа што пропаднал еден добронамерен деловен потфат? (1. Коринтјаните 6:1).

15. За кои фактори треба да се размисли доколку се пријави стечај?

15 Оние кои доживуваат деловни неуспеси, понекогаш бараат олеснување со тоа што пријавуваат стечај. Со оглед на тоа дека христијаните не се немарни во врска со задолженоста, дури и откако биле законски ослободени од извесни долгови, некои се чувствувале обврзани да се обидат да ги исплатат поништените суми доколку кредиторите би прифатиле отплаќање. Но, што ако еден позајмувач ги изгубил парите од својот брат, а потоа си живее луксузно? Или, што ако позајмувачот стекнал доволно средства за да го отплати она што го зел на заем, но ја игнорирал моралната обврска што можеби ја има спрема својот брат во финансиски поглед? Тогаш, би се покренале прашања во врска со квалификациите на позајмувачот да служи во одговорно својство во собранието (1. Тимотеј 3:3, 8; види Стражарска кула од 15 септември 1994, страници 30, 31).

Што ако постои измама?

16. Кои чекори може да се преземат доколку се чини дека сме жртви на деловна измама?

16 Проникливоста ни помага да сфатиме дека од сите инвестирања не произлегуваат профити. Сепак, што ако е вклучена измама? Измамата е „намерна употреба на лукавство, мамење или извртување на вистината со цел да се наведе другиот да се откаже од некоја вредна работа што му припаѓа или, пак, да се откаже од некое законско право“. Исус Христос ги изложил чекорите што можат да се преземат кога едно лице мисли дека било измамено од некој сообожавател. Според Матеј 18:15—17, Исус рекол: „Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник“. Илустрацијата што Исус потоа ја дал покажува дека тој имал на ум такви гревови како што се оние кои вклучуваат финансиски работи, вклучувајќи и измама (Матеј 18:23—35).

17, 18. Ако некое лице кое се изјаснува како христијанин нѐ измами, како може проникливоста да нѐ чува?

17 Се разбира, не би имало никаква библиска основа да се преземаат чекорите што се изложени во Матеј 18:15—17 доколку немало доказ или дури и навестување за измама. Сепак, што ако едно лице кое се изјаснува како христијанин навистина нѐ измамило? Проникливоста може да нѐ зачува од преземање постапка која би можела да фрли лоша светлина врз собранието. Павле им препорачал на сохристијаните да бидат спремни да претрпат штета, па дури да бидат и измамени, наместо да изведат некој брат пред суд (1. Коринтјаните 6:7).

18 Нашите искрени браќа и сестри не се ‚полни со секаква лага и злоба‘, како маѓесникот Вариисус (Дела 13:6—12). Затоа, да користиме проникливост кога ќе бидат изгубени пари во деловни потфати во кои се вклучени соверници. Ако размислуваме да поведеме судска постапка, треба да ги земеме предвид можните последици врз нас лично, врз другото лице или лица, врз собранието и врз надворешните. Стремењето по надоместок би можело да одземе многу време, енергија и други средства. Тоа би можело да доведе само до збогатување на адвокатите и останатите професионалци. За жал, некои христијани ги жртвувале теократските предности затоа што премногу се внеле во овие работи. Ако застраниме на ваков начин, тоа сигурно го усреќува Сатана, а ние всушност сакаме да го израдуваме Јеховиното срце (Изреки 27:11). Од друга страна, прифаќањето на една загуба може да нѐ поштеди од болки во срцето и да ни заштеди многу време нам и на старешините. Тоа би помогнало да се сочува мирот на собранието и ќе ни овозможи да продолжиме најнапред да го бараме Царството.

Проникливоста и донесувањето одлуки

19. Што можат да сторат за нас духовната проникливост и молитвата кога донесуваме одлуки исполнети со стрес?

19 Донесувањето одлуки во врска со финансиските или деловните работи може да биде исполнето со доста стрес. Но, духовната проникливост може да ни помогне да ги одмериме факторите и да донесуваме мудри одлуки. Освен тоа, ослонувањето на Јехова во молитва може да ни го донесе „мирот Божји“ (Филипјаните 4:6, 7). Тоа е спокојство и смиреност кои доаѓаат од блискиот личен однос со Јехова. Се разбира, таквиот мир може да ни помогне да ја задржиме нашата рамнотежа кога сме соочени со тешки одлуки.

20. Што треба да бидеме одлучни да правиме во врска со деловните работи и собранието?

20 Да бидеме решени да не дозволиме деловните спорови да го нарушат нашиот мир или мирот на собранието. Треба да запомниме дека христијанското собрание функционира за да ни помогне духовно, а не за да служи како центар за комерцијални тежнеења. Деловните работи треба секогаш да се држат настрана од собраниските активности. Треба да користиме проникливост и претпазливост кога се впуштаме во деловни потфати. И секогаш да задржиме урамнотежено гледиште за таквите работи, најнапред барајќи ги интересите на Царството. Ако и не успее некој деловен потфат во кој се вклучени сообожаватели, да го бараме она што е најдобро за сите кои се засегнати.

21. Како можеме да примениме проникливост и да постапуваме во склад со Филипјаните 1:9—11?

21 Наместо да бидеме претерано загрижени околу финансиските и другите помалку важни работи, нека сите ние ги наклониме нашите срца кон проникливоста, да се молиме за Божје водство и да ги држиме интересите на Царството на прво место. Во склад со Павловата молитва, ‚нека нашата љубов изобилува со точно спознание и со сета проникливост, за да можеме да се увериме во поважните работи и да не ги спрепнуваме другите‘ или себеси. Сега, кога Царот Христос седи на својот небесен престол, да покажуваме духовна проникливост во секој аспект од животот. И ‚да бидеме исполнети со праведен плод преку Исус Христос, на слава и фалба на нашиот Бог‘, Суверениот Господ Јехова (Филипјаните 1:9—11, НС).

Како би одговорил?

◻ Што е проникливост?

◻ Зошто постои посебна потреба да се покажува проникливост во врска со деловните постапки меѓу христијаните?

◻ Како може проникливоста да ни помогне ако мислиме дека некој соверник нѐ измамил?

◻ Каква улога треба да игра проникливоста при донесувањето одлуки?

[Слика на страница 18]

Проникливоста ќе ни помогне да го примениме Исусовиот совет да продолжиме најнапред да го бараме Царството

[Слики на страница 20]

Деловните спогодби секогаш прави ги писмено

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели