Млади, сеќавајте се на својот Величествен Творец
„Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ (ПРОП. 12:1).
1. Како Јехова покажува дека има доверба во своите млади слуги?
ЗА ЈЕХОВА, младите христијани се скапоцени и пријатни како освежувачки капки роса. Всушност, тој претскажал дека во денот кога неговиот Син ќе ја поведе „својата војска“, млади мажи и жени ‚спремно ќе се понудат‘ да служат во неа (Пс. 110:3). Ова пророштво требало да се исполни во време кога повеќето луѓето ќе бидат безбожни, непослушни и преокупирани со себеси и со пари. Сепак, Јехова знаел дека младите што ќе му служат ќе бидат поинакви. Млади браќа и сестри, Бог има огромна доверба во вас!
2. Што значи да се сеќаваме на Јехова?
2 Замисли колку мора да се радува Бог кога гледа како младите се сеќаваат на својот Величествен Творец (Проп. 12:1). Се разбира, да се сеќаваме на Јехова не значи само да размислуваме за него. Тоа значи да преземеме нешто — да го правиме она што го радува и да дозволиме неговите закони и начела да нѐ водат во животот. Значи и да имаме доверба во Јехова бидејќи знаеме дека тој ни го посакува најдоброто (Пс. 37:3; Иса. 48:17, 18). Дали и ти имаш вакви чувства кон својот Величествен Творец?
„Имај доверба во Јехова со сето свое срце“
3, 4. Како Исус покажал доверба во Јехова, и зошто е важно да имаме доверба во Јехова денес?
3 Се разбира, Исус Христос ни е најдобар пример за некој што имал доверба во Бог. Тој живеел во склад со зборовите од Изреки 3:5, 6: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“. Кратко откако Исус се крстил, Сатана му се појавил и се обидел да го искуша нудејќи му ја власта над светот и неговата слава (Лука 4:3-13). Но, не успеал да го заведе. Исус добро знаел дека вистинското „богатство, чест и живот“ се резултат на „понизноста и стравот од Јехова“ (Изр. 22:4).
4 Денес во светот преовладуваат алчноста и себичноста. Во една таква средина, мудро е да го следиме примерот на Исус. Имај на ум дека Сатана ќе стори сѐ за да ги одвлечка Јеховините слуги од тесниот пат што води во живот. Тој сака сите да одат по широкиот пат што води во уништување. Не дозволувај му да те заведе! Напротив, биди решен да се сеќаваш на својот Величествен Творец. Имај потполна доверба во Него и држи се цврсто за „вистинскиот живот“, кој наскоро сигурно ќе дојде (1. Тим. 6:19).
Млади, бидете мудри!
5. Што мислиш за иднината на овој свет?
5 Младите што се сеќаваат на својот Величествен Творец се многу мудри за свои години. (Прочитај Псалм 119:99, 100.) Бидејќи гледаат на работите од Божја гледна точка, тие се свесни дека овој свет наскоро ќе помине. Дури и во вашиот релативно краток живот, вие, млади, сигурно сте забележале дека стравот и грижите постојано се зголемуваат. Ако сѐ уште сте во училишните клупи, сигурно слушате дека многу се зборува за загадување, за глобално затоплување, за уништување на шумите и за други слични проблеми. Луѓето се многу загрижени поради овие работи, но само Јеховините сведоци во потполност разбираат дека тие проблеми се дел од знакот кој покажува колку е близу крајот на Сатановиот свет (Отк. 11:18).
6. Како биле измамени некои млади?
6 За жал, некои млади Божји слуги станале невнимателни и, малку по малку, изгубиле од вид дека времето на овој свет му истекува (2. Пет. 3:3, 4). Други биле намамени да направат тежок грев бидејќи западнале во лошо друштво или гледале порнографија (Изр. 13:20). Колку жално би било да ја изгубиме Божјата милост сега, кога крајот е толку близу! Затоа, да учиме од она што им се случило на Израелците во 1473 год. пр.н.е., кога биле улогорени во моавските рамници, на самиот праг на Ветената земја. Што се случило таму?
Паднале на чекор до целта
7, 8. а) Која стратегија ја употребил Сатана на моавските рамници? б) Која тактика ја користи Сатана денес?
7 Во тоа време, Сатана бил цврсто решен да го спречи израелскиот народ да го добие ветеното наследство. Откако не успеал да ги проколне преку пророкот Валаам, Сатана употребил една полукава стратегија. Се обидел да ги да ги наведе Израелците сами да го изгубат Јеховиниот благослов. Ѓаволот ги искористил Моавките да ги заведат мажите, и оваа тактика донекаде му успеала. Луѓето се впуштиле во неморални односи со моавските ќерки и почнале да му се клањаат на Ваал фегорски! Иако нивното скапоцено наследство — Ветената земја — им било на дофат, околу 24.000 Израелци го изгубиле животот. Каква трагедија! (4. Мој. 25:1-3, 9).
8 Денес, забрзано се приближуваме кон една многу поубава ветена земја — новиот свет. По обичај, Сатана повторно го користи сексуалниот неморал за да го расипе Божјиот народ. Моралните мерила во светот паднаа толку ниско што блудот е најнормална работа, а хомосексуалноста едноставно е прашање на личен избор. Една христијанка вели: „Само дома и во Салата на Царството моите деца слушаат дека Бог ги забранува хомосексуалноста и интимните односи меѓу невенчани лица“.
9. Што може да се случи во „цутот на младоста“, и како младите би можеле да се справат со ова?
9 Младите што се сеќаваат на својот Величествен Творец знаат дека интимните односи се дар од Бог кој е поврзан со животот и со раѓањето деца. Затоа сфаќаат дека се дозволени само во бракот бидејќи така одредил Бог (Евр. 13:4). Меѓутоа, во „цутот на младоста“, односно во периодот кога сексуалните нагони се силни и можат донекаде да им го извртат размислувањето, младите мораат да водат вистинска борба за да останат морално чисти (1. Кор. 7:36). Што можеш да сториш кога во главата ќе почнат да ти се вртат неисправни мисли? Моли му се искрено на Јехова да ти помогне да размислуваш за изградувачки работи. Јехова секогаш ги слуша оние што искрено му се обраќаат. (Прочитај Лука 11:9-13.) И изградувачкиот разговор со некого може да ти помогне да почнеш да размислуваш за нешто друго.
Мудро избирај ги своите цели!
10. Кое негативно размислување треба да го избегнеме, и кои прашања може да си ги поставиме?
10 Една причина зошто многу млади во светот водат разуздан живот и живеат само за телесни задоволства е тоа што не дозволуваат да ги води Бог и немаат сигурна надеж за иднината (Изр. 29:18). Тие се како безбожните Израелци во времето на Исаија, кои живееле за да „се радуваат и [да] се веселат... [да] јадат месо и [да] пијат вино“ (Иса. 22:13). Наместо да им завидуваме на таквите луѓе, зошто не размислуваме за скапоцената надеж што Јехова им ја дава на оние што му се верни? Ако си млад слуга на Бог, дали со нетрпение го очекуваш новиот свет? Дали се трудиш да ‚живееш разборито... додека го чекаш исполнувањето на прекрасната надеж‘ што ти ја дава Јехова? (Тит 2:12, 13). Твојот одговор ќе влијае врз твоите цели и врз тоа кои работи ќе ги ставиш на прво место во животот.
11. Зошто младите кои сѐ уште одат на училиште треба да бидат трудољубиви?
11 Светот сака младите да ја трошат својата сила на цели што немаат врска со Бог. Се разбира, вие што сѐ уште одите на училиште треба да бидете трудољубиви за да го стекнете неопходното образование. Не губете од вид дека вашата цел не е само да најдете добра работа туку и да дадете придонес во собранието и делотворно да ја проповедате пораката за Царството. За да успеете во тоа, треба да научите добро да комуницирате, логично да размислувате и да разговарате со другите смирено и со почит. Сепак, младите што ја проучуваат Библијата и се трудат да живеат според нејзините начела го стекнуваат најдоброто можно образование и поставуваат цврст темел за успешна и вечна иднина. (Прочитај Псалм 1:1-3.)a
12. Чиј пример е добро да го следат христијанските семејства?
12 Во Израел било многу важно родителите да ги поучуваат своите деца за речиси секој аспект од животот, а особено за духовните работи (5. Мој. 6:6, 7). На тој начин, младите Израелци кои ги слушале своите родители и другите постари богобојазливи лица не стекнувале само знаење туку и мудрост, разборитост, разбирање и способност за расудување — извонредни особини што можат да се стекнат само ако некој е поучен за Бог и за неговите закони (Изр. 1:2-4; 2:1-5, 11-15). Слично на Израелците, и христијанските семејства денес треба да му обрнат внимание на ваквото поучување.
Слушај ги оние што те сакаат
13. Какви совети добиваат некои млади, и зошто треба да бидат претпазливи?
13 Младите слушаат совети од најразлични луѓе, меѓу кои спаѓаат и професорите, кои главно ги советуваат учениците како да се пробијат во светот. Те молиме, барај водство од Бог во молитва додека размислуваш за тие совети, имајќи го на ум она што стои во Божјата реч и во духовната храна што ја дава верниот и разборит роб. Од твоето проучување на Библијата, добро знаеш дека младите и неискусните се главна мета на Сатана. На пример, во еденската градина, неискусната Ева го слушала Сатана, туѓинец кој со ништо не покажал дека ја сака. Сега сѐ ќе беше поинаку да го послушала Јехова, оној што на толку многу начини докажал дека ја сака! (1. Мој. 3:1-6).
14. Зошто треба да ги слушаме и Јехова и христијанските родители?
14 Твојот Величествен Творец те сака и тебе, и тоа со апсолутно чисти мотиви. Тој има желба да бидеш среќен засекогаш, а не само сега! Затоа Бог, како еден нежен и грижлив родител, ти вели тебе и на сите што му служат: „Тоа е патот, одете по него!“ (Иса. 30:21). Ако и твоите родители се христијани што навистина го сакаат Јехова, ти имаш додатна помош. Слушај ги со почит кога те советуваат какви цели да си поставиш и што да ставиш на прво место во животот (Изр. 1:8, 9). Никогаш немој да заборавиш дека тие сакаат да добиеш живот, нешто што е многу повредно од богатството или угледот во овој свет (Мат. 16:26).
15, 16. а) Каква доверба можеме да имаме во Јехова? б) Која важна поука ја извлекуваме од она што му се случило на Варух?
15 Оние што се сеќаваат на својот Величествен Творец водат едноставен живот, уверени дека Јехова ‚никогаш нема да ги остави и никогаш нема да ги напушти‘. (Прочитај Евреите 13:5.) Бидејќи овој исправен став толку се разликува од размислувањето на светот, не смееме да му дозволиме на духот на светот да влијае врз нас (Еф. 2:2). Во врска со ова, разгледај го примерот на Варух, писарот на Еремија. Тој живеел во тешките последни денови на Ерусалим, кои завршиле со уништувањето на овој град во 607 год. пр.н.е.
16 Можно е Варух да посакувал да има повеќе во материјален поглед. Јехова го забележал ова и љубезно го предупредил да не бара „големи работи“ за себе. Варух покажал дека е понизен и скромен со тоа што го послушал Јехова, и така го преживеал уништувањето на Ерусалим (Ерем. 45:2-5). Од друга страна, луѓето што во тоа време стекнале „големи работи“ во материјален поглед, ставајќи го Јехова во втор план, наскоро останале без ништо бидејќи Халдејците (Вавилонците) им зеле сѐ. Мнозина го изгубиле дури и животот (2. Лет. 36:15-18). Она што му се случило на Варух ни помага да сфатиме дека добриот однос со Бог е многу поважен од богатството и угледот во овој свет.
Угледај се на добрите примери
17. Зошто Исус, Павле и Тимотеј се добри примери на кои можат да се угледаат Јеховините слуги денес?
17 Божјата реч содржи многу убави примери кои можат да ни помогнат во животот. На пример, Исус бил најнадарениот човек што некогаш живеел, а сепак се посветил на она што на луѓето може да им донесе трајна корист — ‚добрата вест за Царството‘ (Лука 4:43). За да му го даде најдоброто од себе на Јехова, апостол Павле се откажал од успешна кариера и ги искористил своето време и сила да ја проповеда добрата вест. Тимотеј, ‚вистински син во верата‘, го следел убавиот пример на Павле (1. Тим. 1:2). Дали Исус, Павле и Тимотеј се покајале што решиле да водат таков живот? Во никој случај! Всушност, Павле рекол дека, за него, сѐ што може да понуди овој свет е „смет“, односно ѓубре, во споредба со честа да му служи на Бог (Фил. 3:8-11).
18. Какви големи промени направил еден млад брат, и зошто воопшто не жали за тоа?
18 Денес, многу млади христијани се угледуваат на верата што ја покажале Исус, Павле и Тимотеј. На пример, еден млад брат, кој порано имал добро платена работа, напишал: „Бидејќи живеам според библиските начела, набрзо добив унапредување. И покрај тоа што имав поголема плата, се чувствував како да трчам по ветар. Кога еден ден седнав да разговарам со раководството на фирмата и им кажав дека сакам да започнам со полновремена служба, веднаш ми понудија уште поголема плата само за да ме задржат. Но, веќе имав донесено цврста одлука. Многу луѓе не можат да сфатат зошто се повлеков од една успешна кариера за да служам полновремено. Мојот одговор е — затоа што навистина сакам да живеам во склад со ветувањето кое му го дадов на Бог. Бидејќи најважно во животот ми е да му служам на Бог, чувствувам толкава среќа и задоволство што не би ги менувал за никакви пари и углед!“
19. Какви мудри одлуки се поттикнати да донесат младите?
19 Низ целиот свет, илјадници млади луѓе донеле слични мудри одлуки. Затоа, млади, кога размислувате за иднината, имајте го цврсто на ум Јеховиниот ден (2. Пет. 3:11, 12). Не завидувајте им на оние што максимално го искористуваат светот. Напротив, слушајте ги оние што навистина ве сакаат. Собирајте си „богатство на небото“, бидејќи тоа е најсигурната инвестиција што можете да ја направите и единствената што може да ви донесе вечна корист (Мат. 6:19, 20; прочитај 1. Јованово 2:15-17). Да, сеќавај се на својот Величествен Творец, и тој ќе те благослови.
[Фуснота]
a Во врска со високото образование и вработувањето, види ја Стражарска кула од 1 октомври 2005, страници 26-31.
Можеш ли да се сетиш?
• Како покажуваме дека имаме доверба во Бог?
• Кое е најдоброто образование?
• Што учиме од Варух?
• Кои лица ни се добар пример, и зошто?
[Слики на страница 13]
Јехова го дава најдоброто можно образование
[Слика на страница 15]
Варух го послушал Јехова и го преживеал уништувањето на Ерусалим. Што учиш од овој пример?