Млади, дали поставувате темел за иднината?
„Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас . . . замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж“ (ЕРЕМИЈА 29:11).
1, 2. На кои различни начини може да се гледа на младите години?
ПОВЕЌЕТО возрасни мислат дека младоста е прекрасен период од животот. Се сеќаваат на енергијата и жарот што ги имале кога биле млади. Со носталгија си спомнуваат за времето кога имале многу помалку одговорности, време кога им било многу забавно и пред нив лежел животот полн со поволни прилики.
2 Вие што сте млади веројатно поинаку гледате на работите. Можеби ви е тешко да се справите со емоционалните и физичките промени што ги носи младоста. Можеби на училиште се соочувате со силен притисок од врсниците. Можеби треба да вложувате одлучен напор да се спротивставите на дрогата, алкохолот и неморалот. Исто така, многу од вас се соочуваат со прашањето за неутралноста или со други прашања поврзани со верата. Да, младоста може да биде тежок период. Но, таа сепак е време на поволни прилики. Прашање е: Како ќе ги искористите тие поволни прилики?
Уживај во младоста
3. Каков совет и какво предупредување им дал Соломон на младите?
3 Постарите ќе ти кажат дека младоста не трае долго, и во право се. За само неколку години, твојата младост ќе помине. Затоа, уживај во неа додека ја имаш! Така гласел советот што го дал цар Соломон, кој напишал: „Радувај се младецу, за време на својата младост, и весели се во деновите на својата младост; оди по патиштата на своето срце и следи ги желбите на своите очи“. Меѓутоа, Соломон ги предупредил младите: „Отстрани ја лутината од своето срце и отстрани го лукавството од своето тело“. Понатаму, тој рекол: „Детството и младоста се суета“ (Проповедник 11:9, 10).
4, 5. Зошто е мудро младите да се подготват за иднината? Илустрирај.
4 Дали сфаќаш што сакал да каже Соломон? За да го илустрираме тоа, замисли си дека некој млад човек добива скап подарок, можеби наследство. Што ќе направи со него? Може да го потроши целото на уживање — исто како расипничкиот син од Исусовата парабола (Лука 15:11—23). Но, што ќе се случи кога ќе се потрошат парите? Сигурно ќе жали што бил толку неодговорен! Од друга страна, пак, да претпоставиме дека го користи тој подарок за да постави темел за иднината, можеби на тој начин што поголемиот дел од него ќе го инвестира мудро. На крајот, кога ќе ги жнее користите од својата инвестиција, дали мислиш дека ќе зажали што не ги потрошил сите пари за да се забавува додека бил млад? Се разбира дека не!
5 Годините од твојата младост сметај ги за подарок од Бог — што всушност и се. Како ќе ги искористиш? Можеш да си ја потрошиш сета енергија и жар препуштајќи се на лични задоволства, гледајќи само да се забавуваш без да размислуваш за иднината. Но, ако го правиш тоа, тогаш твоето ‚детство и младост‘ навистина ќе бидат „суета“. Колку само е подобро да ја искористиш младоста за да се подготвиш за иднината!
6. а) Кој совет што го кажал Соломон им дава водство на младите? б) Што сака Јехова да направи за младите, и каква корист може да има од тоа еден млад човек?
6 Соломон кажал едно начело што може да ти помогне да ја искористиш младоста најдобро што можеш. Тој рекол: „Спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост“ (Проповедник 12:1). Тоа е клучот за успехот — слушај го Јехова и извршувај ја неговата волја. Јехова им кажал на древните Израелци што сака да направи за нив: „Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас . . . замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж“ (Еремија 29:11). Јехова сака и тебе да ти даде „иднина и надеж“. Ако си спомнуваш за него во твоите постапки, мисли и одлуки, таа иднина и таа надеж ќе бидат добри (Откровение 7:16, 17; 21:3, 4).
„Приближете му се на Бог“
7, 8. Како може една млада личност да му се приближи на Бог?
7 Јаков нѐ охрабрува да мислиме на Јехова кога нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Јехова е Творецот, небесниот Суверен, достоен за секое обожавање и фалба (Откровение 4:11). Но сепак, ако му се приближиме, и тој ќе ни се приближи нам. Зарем тоа што се грижи за нас со толку многу љубов не те исполнува со радост? (Матеј 22:37).
8 Можеме да му се приближиме на Јехова на повеќе начини. На пример, апостол Павле вели: „Бидете истрајни во молитвата, останувајќи будни во неа со благодарење“ (Колошаните 4:2). Со други зборови, стекни навика да се молиш. Не се задоволувај само со тоа да речеш „амин“ откако во молитва те застапувал татко ти или некој сохристијанин во собранието. Дали некогаш си му го излеал срцето на Јехова и си му кажал што мислиш, што те плаши, со какви предизвици се соочуваш? Дали некогаш си му кажал работи за кои би се срамел да зборуваш со некој човек? Кога се молиме искрено и од срце, нѐ обзема чувство на мир (Филипјаните 4:6, 7). Таквите молитви ни помагаат да му се приближиме на Јехова и да почувствуваме дека и тој ни се приближува нам.
9. Како може еден млад човек да слуша што вели Јехова?
9 Следниве инспирирани зборови ни кажуваат на кој друг начин можеме да му се приближиме на Јехова: „Слушај совет и прифати ја стегата со која си поучуван, за после да бидеш мудар“ (Пословици 19:20, NW). Да, ако слушаш што вели Јехова и ако си му послушен, ти поставуваш темел за иднината. Како можеш да покажеш дека навистина го слушаш Јехова? Без сомнение, редовно присуствуваш на христијанските состаноци и ја слушаш програмата што се изнесува. Исто така, ‚им искажуваш чест на татка си и мајка си‘ со тоа што присуствуваш на семејната библиска студија (Ефешаните 6:1, 2; Евреите 10:24, 25). Тоа е добро. Но, освен тоа, дали ‚си откупуваш време‘ за да се подготвуваш за состаноците, за редовно да ја читаш Библијата и за да истражуваш? Дали се трудиш да го применуваш она што го читаш, за да одиш како ‚мудар‘? (Ефешаните 5:15—17; Псалм 1:1—3). Ако го правиш тоа, му се приближуваш на Јехова.
10, 11. Кои големи користи ги имаат младите кога го слушаат Јехова?
10 Во уводните зборови на книгата Пословици, инспирираниот писател ја објаснува целта на оваа библиска книга. Тој вели дека таа е наменета „за да се усвојат мудроста и стегата, да се распознаат разборитите зборови, за преку стега да се прими поука што дава разборитост, праведност, исправно расудување и справедливост, за на неискусните да им се даде остроумност, на младиот човек знаење и способност за расудување“ (Пословици 1:1—4, NW). Значи, ако ги читаш и ако ги применуваш зборовите од Пословици — како и од останатиот дел од Библијата — ќе стекнеш праведност и справедливост, и на Јехова ќе му биде мило што си му се приближил (Псалм 15:1—5). Колку повеќе стекнуваш исправно расудување, остроумност, знаење и способност за расудување, толку подобри одлуки ќе донесуваш.
11 Дали е неразумно да се очекува еден млад човек да постапува вака мудро? Не, бидејќи многу млади христијани го прават тоа. Затоа, другите ги почитуваат и ‚не гледаат со презир на нивната младост‘ (1. Тимотеј 4:12). Нивните родители со право се гордеат со нив, а и Јехова вели дека го радуваат неговото срце (Пословици 27:11). И покрај тоа што се млади, можат да бидат уверени дека овие инспирирани зборови важат за нив: „Гледај го беспрекорниот и набљудувај го справедливиот, зашто иднината на тој човек ќе биде мирна“ (Псалм 37:37, NW).
Донесувај добри одлуки
12. Која е една од важните одлуки што ги донесуваат младите луѓе, и зошто таа одлука има долгорочни последици?
12 Младоста е време кога се донесуваат одлуки, а некои од нив ќе остават трајни последици. Некои одлуки што ќе ги донесеш сега ќе влијаат врз тебе во текот на многу години во иднината. Мудрите одлуки водат до среќен, успешен живот. Немудрите одлуки можат да остават белег врз целиот живот. Да разгледаме како тоа важи за две одлуки што мораш да ги донесеш. Прво: Со кого избираш да се дружиш? Зошто е важно тоа? Па, една инспирирана пословица гласи: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумните станува лош“ (Пословици 13:20). Со други зборови, со текот на времето стануваме како оние со кои се дружиме — или мудри или глупави. Каков повеќе би сакал да бидеш ти?
13, 14. а) Што друго вклучува дружењето освен директен контакт со луѓе? б) Која грешка треба да ја избегнуваат младите?
13 Кога станува збор за дружење, веројатно помислуваш на друштво на други луѓе. Тоа е точно — но вклучено е нешто повеќе. Ти си во нечие друштво и кога гледаш програма на телевизија, кога слушаш музика, читаш роман, одиш на кино или користиш Интернет. Ако тоа друштво е наменето за да задоволи насилнички и неморални склоности или поттикнува на дрога, пијанство или на сѐ друго што е спротивно на библиските начела, ти се дружиш со „безумникот“, кој се однесува како Јехова да не постои (Псалм 14:1).
14 Можеби мислиш дека, затоа што одиш на христијански состаноци и затоа што си активен во собранието, ти си толку силен што не може штетно да ти влијае некој насилнички филм или музички албум со убави мелодии, но сомнителен текст. Можеби си мислиш дека нема да има никакви лоши последици ако ѕирнеш во некоја порнографска Веб-страница на Интернет. Апостол Павле кажува дека не си во право! Тој вели: „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринќаните 15:33). За жал, многу надежни млади христијани дозволиле немудрото друштво да им ги расипе добрите навики. Затоа, биди решен да се тргаш настрана од такви друштва. На тој начин ќе го следиш советот на Павле: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2).
15. Која е втората одлука што треба да ја донесат младите, и какви притисоци понекогаш им се вршат во тој поглед?
15 Еве ја и втората одлука со која се соочуваш. Ќе дојде време кога ќе треба да решиш што ќе правиш откако ќе завршиш со школувањето. Ако живееш во земја каде што не е лесно да се најде вработување, можеби ќе бидеш под притисок да го прифатиш без размислување најдоброто што ти се нуди. Ако живееш во некоја богата земја, можеби имаш голем избор, а некои од тие понуди можат да бидат вистинско искушение. Со најдобри мотиви, твоите професори или родителите можеби ќе те наговараат да се стремиш по кариера што ќе ти овозможи финансиска сигурност, можеби дури и богатство. Меѓутоа, школувањето за таа кариера може многу да го ограничи времето што ќе можеш да го поминеш во служба за Јехова.
16, 17. Објасни како различни библиски стихови можат да му помогнат на еден млад човек да стекне урамнотежено гледиште за вработувањето.
16 Не заборавај да се посоветуваш со Библијата пред да донесеш некоја одлука. Библијата нѐ охрабрува да заработуваме за живот и покажува дека имаме одговорност да се издржуваме (2. Солуњаните 3:10—12). Сепак, вклучени се и некои други работи. Те охрабруваме да ги прочиташ следниве библиски стихови и да размислиш за тоа како можат да му помогнат на некој млад човек да биде урамнотежен кога избира кариера: Пословици 30:8, 9; Проповедник 7:11, 12; Матеј 6:33; 1. Коринќаните 7:31; 1. Тимотеј 6:9, 10. Откако ги прочита овие стихови, дали гледаш кое е Јеховиното гледиште за оваа работа?
17 Световното вработување никогаш не треба да стане толку важно што ќе ја засени нашата служба за Јехова. Ако можеш да стекнеш квалификации за некое пристојно вработување само со средно образование, тоа е добро. Ако треба уште да се школуваш откако ќе го завршиш средното училиште, тогаш треба да разговараш со родителите. Меѓутоа, никогаш немој да ги изгубиш од вид „поважните работи“ — т.е. духовните работи (Филипјаните 1:9, 10). Не повторувај ја грешката што ја направил Варух, писарот на Еремија. Тој изгубил ценење за предносната служба што ја имал и почнал ‚да бара чудеса за себе‘ (Еремија 45:5). Заборавил за момент дека ниедни ‚чудеса‘ во овој свет нема да го приближат до Јехова ниту да му помогнат да го преживее уништувањето на Ерусалим. Нешто слично може да се каже и за нас денес.
Цени ги духовните работи
18, 19. а) Од што страдаат повеќето луѓе околу тебе, и што треба да чувствуваш за нив? б) Зошто многу луѓе не чувствуваат духовен глад?
18 Дали во средствата за јавно информирање си видел слики на деца од земјите каде што владее глад? Ако да, сигурно ти било многу жал за нив. Дали ти е жал и за луѓето во твојата околина? И зошто би требало да ти биде жал? Затоа што повеќето од нив исто така гладуваат. Тие го трпат гладот за кој пророкувал Амос: „Еве, доаѓаат денови — говори Господ Бог — кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа“ (Амос 8:11).
19 Точно, повеќето од оние што страдаат од овој духовен глад не се „свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Мнозина мислат дека не се духовно гладни. Некои можеби дури и мислат дека се добро нахранети. Но, ако е така, тоа е затоа што се хранат со безвредната ‚мудрост на светот‘, која вклучува материјализам, научни шпекулации, разни гледишта во врска со моралот и други такви работи. Некои мислат дека во споредба со современата „мудрост“ библиските учења се застарени. Меѓутоа, „светот . . . не го запозна Бог преку својата мудрост“. Мудроста на светот нема да ти помогне да му се приближиш на Бог. Таа не е ништо друго освен „безумство пред Бога“ (1. Коринќаните 1:20, 21; 3:19).
20. Зошто не е разумно да сакаме да ги имитираме луѓето што не го обожаваат Јехова?
20 Кога ќе ги погледнеш тие слики на гладни деца, дали посакуваш да бидеш како нив? Секако дека не! Сепак, некои млади во христијанските семејства изразиле желба да бидат како духовно гладните луѓе околу нив. Тие веројатно си мислат дека младите во светот се безгрижни и уживаат во животот. Забораваат дека тие млади се отуѓени од Јехова (Ефешаните 4:17, 18). Исто така, забораваат какви се лошите последици од духовниот глад. Некои од тие последици се несакана тинејџерска бременост, како и физичките и емоционалните последици од неморалот, пушењето, пијанството и дрогата. Духовниот глад може да води до бунтовен дух, длабока безнадежност и недостиг на водство во животот.
21. Како можеме да се заштитиме од тоа да ги прифатиме погрешните ставови на оние што не го обожаваат Јехова?
21 Според тоа, кога на училиште си заедно со оние што не го обожаваат Јехова, не дозволувај да те надвладеат нивните ставови (2. Коринќаните 4:18). Некои ќе зборуваат со презир за духовните работи. Освен тоа, медиумите ќе прикажуваат подмолна пропаганда, која остава впечаток дека неморалот, пијанството и нечистиот говор се нормална работа. Бори се против тоа влијание. Продолжи редовно да се дружиш со луѓе што ‚ја чуваат верата и добрата совест‘. Секогаш биди ‚обилно вработен во делото Господово‘ (1. Тимотеј 1:19; 1. Коринќаните 15:58). Биди активен во Салата на Царството и во службата на теренот. Во текот на школските години, одвреме навреме учествувај во помошна пионерска служба. Зајакни го на тој начин твоето духовно гледиште и тогаш нема да изгубиш рамнотежа (2. Тимотеј 4:5).
22, 23. а) Зошто еден млад христијанин честопати ќе донесува одлуки што другите не ги разбираат? б) На што се охрабрени младите?
22 Поради тоа што гледаш на работите од духовен аспект веројатно ќе донесуваш одлуки што другите нема да ги разберат. На пример, еден млад христијанин бил надарен музичар и по сите предмети имал петка. Кога матурирал, му се придружил на својот татко во бизнисот за чистење прозорци за да може да ја гради кариерата што ја избрал, т.е. да биде полновремен евангелизатор, односно пионер. Неговите професори не ги разбрале причините за таа одлука, но ако ти си му се приближил на Јехова, сигурни сме дека ги разбираш.
23 Додека размислуваш како да ги искористиш скапоцените дарови што ти ги нуди младоста, ‚сигурно собирај си извонреден темел за иднината, за цврсто да го зграпчиш вистинскиот живот‘ (1. Тимотеј 6:19). Биди решен ‚да си спомнуваш за својот Создател‘ во твојата младост — и во целиот твој живот. Тоа е единствениот начин на кој можеш да поставиш темел за една успешна иднина, иднина што никогаш нема да има крај.
Каков е твојот заклучок?
• Кој инспириран совет им помага на младите да ја планираат својата иднината?
• Наведи некои начини на кои еден млад човек може ‚да му се приближи на Бог‘.
• Кои одлуки што ги донесува еден млад човек ќе влијаат врз неговата иднина?
[Слики на страница 15]
Дали ќе дозволиш сета младешка енергија и жар да ти отидат на лични стремежи?
[Слика на страници 16 и 17]
Мудрите млади христијани се грижат да задржат јасен духовен вид