Искористи го својот живот колку што можеш најдобро
ТАТКОТО бил дома, в кревет, умирајќи од рак. Неговиот син бил во работилницата и ги раскренувал столарските алатки на својот татко. Додека ги разгледувал алатките, тој размислувал за прекрасните работи кои ги направил татко му со нив. Иако работилницата била веднаш до куќата, тој знаел дека татко му никогаш повторно нема да влезе таму, дека никогаш повторно нема да ги држи алатките кои толку вешто ги користел. Тоа време било минато.
Синот помислил на стихот од Проповедник 9:10: „Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“. Тој добро го знаел овој стих. Многупати го користел кога ги поучувал другите за библиската вистина дека смртта е состојба на неактивност. Но сега, јачината на Соломоновиот аргумент го погодила в срце — треба во потполност да го живееме животот и да уживаме во деновите додека можеме, бидејќи ќе дојде време кога повеќе не ќе можеме да го правиме тоа.
Уживај го животот
Низ целата книга Проповедник, мудриот цар Соломон силно ги поттикнува своите читатели да уживаат во животот. На пример, поглавје 3 наведува: „Разбрав, дека за нив [луѓето] нема ништо подобро, освен да се веселат и да прават добро во текот на животот свој. Кога секој човек јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:12, 13).
Соломон бил инспириран од Бог да ја повтори оваа мисла: „Еве уште што најдов за добро и пријатно: да јаде и да пие и да се насладува од доброто на сите свои трудови, со кои се труди под сонцето преку сите дни од животот свој, што му ги дал Бог; зашто тоа е негов дел“ (Проповедник 5:17).
На сличен начин тој ги поттикнува младите луѓе: „Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат“ (Проповедник 11:9а). Колку само е убаво во потполност да се ужива силата и енергијата на младоста! (Изреки 20:29).
„Спомнувај си за твојот Творец“
Секако, Соломон не мислел дека е мудро да се стремиме по сѐ што можеби му изгледа привлечно на нашето срце или на очите. (Спореди 1. Јованово 2:16.) Тоа се гледа од она што го напишал потоа: „Само знај, дека за сето тоа [тежнеењата кои можеби ги задоволуваат твоите желби] Бог ќе те изведе на суд“ (Проповедник 11:9б). Без разлика на нашата возраст, треба да запомниме дека Бог набљудува што правиме со својот живот и ќе ни суди според тоа.
Колку само е глупаво да резонираме дека можеме да водиме еден самољубив и себичен живот и да ја одложуваме побожната оддаденост сѐ до нашите подоцнежни години! Нашиот живот би можел да заврши во секое време. Дури и да не заврши, служењето на Бог на стари години не станува полесно. Признавајќи го тој факт, Соломон пишува: „Спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја, додека не дошле тешки денови и не настанале години, за кои ќе речеш: ‚Не ми се мили‘“ (Проповедник 12:1).
Напреднатата возраст го зема својот данок. Потоа, Соломон со симболични зборови ги опишува ефектите од напреднатите години. Рацете се тресат, нозете слабеат, а бројот на забите се намалува. Косата белее и паѓа. Сонот е толку лесен што човек се буди од гласот на една птица. Сите сетила — видот, слухот, допирот, мирисот и вкусот — слабеат. Ослабнувањето на телото е причина за страв од паѓање и други „стравувања“ на јавните патишта. На крај лицето умира (Проповедник 12:2—7).
Староста е особено несреќна за оние кои пропуштиле да се ‚сеќаваат на својот Творец‘ во текот на младоста. Поради тоа што попусто го потрошило својот живот, на таквото лице ‚не му се мили‘ подоцнежните години. Безбожниот начин на живот може исто така да придонесе за проблемите и болките на староста (Изреки 5:3—11). За жал, кога погледнуваат нанапред, таквите не гледаат никаква иднина, освен гробот.
Радувај се во староста
Ова не значи дека постарите не можат да го уживаат животот. Во Библијата, ‚долгите дни и годините на животот‘ се исто така придружени со Божји благослов (Изреки 3:1, 2). На својот пријател Авраам, Јехова му рекол: „А ти . . . ќе бидеш погребен во длабока старост“ (1. Мојсеева 15:15). И покрај неудобностите на поодминатите години, Авраам нашол мир и спокојство во своите позни години, со задоволство осврнувајќи се на животот оддаден на Јехова. Исто така, тој со вера гледал на еден „град, што има [вистински, NW] основи“ — Божјето Царство (Евреите 11:10). Така, тој умрел „сит од животот“ (1. Мојсеева 25:8).
Затоа, Соломон силно поттикнал: „Ако човек проживее и многу години, нека се весели во текот на сите нив“ (Проповедник 11:8). Без разлика дали сме стари или млади, вистинската радост е поврзана со нашиот однос со Бог.
Додека младиот човек во работилницата ги прибирал последните алатки на неговиот татко, тој размислувал за овие работи. Размислувал за сите луѓе кои ги знаел а кои се обидувале да го искористат својот живот колку што можат најдобро, но не нашле среќа бидејќи немале никаков однос со својот Творец. Колку само изгледало прикладно тоа што, откако дал охрабрување човекот да се радува во текот на својот живот, Соломон резимирал со овие зборови: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, NW] за човекот“ (Проповедник 12:13).