Млади кои си спомнуваат за својот Творец
„И спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја“ (ПРОПОВЕДНИК 12:1).
1. Кои изрази на еден 11-годишник откриваат дека нашиот Творец за него е реален?
КОЛКУ само е убаво кога младите зборуваат и постапуваат на начин кој покажува дека тие го сметаат Јехова Бог за вистинска личност на која ѝ се восхитуваат и сакаат да ѝ угодат! Едно 11-годишно момче рекло: „Кога сум сам и ќе погледнам низ прозорецот, гледам колку се прекрасни Јеховините творби. Потоа сонувам за тоа колку прекрасен ќе биде рајот во иднината и како тогаш ќе можам да ги допирам животните“ (Исаија 11:6—9). Тоа додало: „Кога сум сам, му се молам на Јехова. Знам дека тој нема да ми се налути поради тоа што му зборувам цело време. Знам дека тој секогаш е таму и ме посматра“. Дали нашиот Творец е реален за тебе како што е за ова момче?
Колку реален ти е Бог?
2. а) Како може твојот Творец да ти стане реален? б) Каква улога можат да имаат родителите во помагањето на своите деца да го ценат тоа дека Бог е реална личност?
2 За да ти бидат Јехова и неговите ветувања реални, ти мораш првин да научиш за него и за прекрасната иднина што тој ти ја нуди во праведниот нов свет што го опишува Библијата (Откровение 21:3, 4). Ако твоите родители те поучиле за овие работи, ти имаш причина да бидеш благодарен затоа што тоа ти овозможува да внимаваш на инспирираната заповед: „Спомнувај си за твојот Творец“ (Проповедник 12:1). За своето рано родителско обучување, една младинка рекла: „Сѐ во животот се сведуваше на Јехова. Тоа беше клучот да си спомнувам за мојот Творец“. Една друга млада жена забележала: „Засекогаш ќе им бидам благодарна на моите родители што ме поучија дека Јехова е реална личност. Тие ми покажаа како да го сакам и ми кажуваа за радоста да му се служи полновремено“.
3, 4. Што може да ти помогне да размислуваш за Јехова како за реална личност?
3 Па сепак, на мнозина им е тешко да го сфатат Бог како реална личност која е заинтересирана за нив. Дали ти е тешко и тебе? Следнава изјава во Стражарска кула му помогнала на еден младинец да размислува за Бог на еден личен начин: „Колку е голем Јехова во поглед на неговото тело, ние не знаеме“. Се разбира, Божјата возвишеност не зависи од неговата големина или обликот, како што навела следната реченица во таа Стражарска кула: „Неговата вистинска величина е во тоа што тој е онаков Бог каков што е“, всушност, верен, сочувствителен Бог, полн со љубов и кој простуваa (2. Мојсеева 34:6; 5. Мојсеева 32:4; Псалм 86:5, НС; Јаков 5:11). Дали ти го сметаш Јехова за таква личност, за доверлив пријател со кого можеш да имаш драгоцен однос? (Исаија 41:8; Јаков 2:23).
4 Исус им помогнал на своите рани следбеници да се радуваат на еден личен однос со Бог. На тој начин, кога апостол Јован пишувал за своето очекувано воскреснување во небесен живот, тој забележал: „Ќе бидеме слични на [Бога], оти ќе Го видиме каков што е“ (1. Јованово 3:2; 1. Коринтјаните 15:44). На младите денес може исто така да им се помогне да го сметаат Бог за реална личност која можат да ја запознаат добро, иако не можат лично да ја видат. Еден младич забележал: „Моите родители ми помогнаа да си спомнувам за Јехова со тоа што ми поставуваа многу прашања, како што е: ‚Што би рекол Јехова? Како би го објаснил тоа со сопствени зборови? Што значи тоа?‘“ Зарем ваквите прашања не нѐ тераат да размислуваме за нашиот личен однос со Бог?
Што значи да си спомнуваш
5. Кои библиски примери покажуваат дека да си спомнеш за некого подразбира повеќе отколку да се сетиш на неговото име?
5 Да се внимава на налогот: „Спомнувај си за твојот Творец“ значи повеќе отколку само да се размислува за Јехова. Тоа вклучува акција, вршење на она што нему му е угодно. Кога разбојникот го преколнувал Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое“, тој сакал Исус да стори повеќе отколку само да се сети на неговото име. Тој сакал Исус да дејствува, да го воскресне (Лука 23:42). На сличен начин, затворениот Јосиф очекувал некаква акција во своја корист кога го замолил фараоновиот пехарник да си спомне за него пред фараонот. А кога Јов го молел Бог: „Да си спомнеше за мене“, Јов барал Бог да дејствува во некое идно време за да го воскресне (Јов 14:13; 1. Мојсеева 40:14, 23).
6. На кој начин хебрејскиот збор за „си спомнува“ подразбира наклоност кон нештото или кон лицето за кое си спомнуваш?
6 Еден авторитет вели дека хебрејскиот збор преведен со „да си спомне“ честопати ја подразбира „наклоноста на умот и постапката што го придружува сеќавањето“. Импликацијата на „наклоност“ во зборот „спомне“ може да се види во извикот на „мешаното мноштво“ (НС) во пустината: „Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во Египетската земја“. Исто како што Јов молел Бог поволно да си спомне за него, така и Језекиј, Неемија, Давид и еден неименуван псалмист исто молеле Јехова со наклоност да си спомне за нив, во знак на признание на нивната верност (4. Мојсеева 11:4, 5; 4. Царства 20:3; Неемија 5:19; 13:31; Псалм 24:7; 105:4).
7. Ако си спомнуваме за Бог со наклоност, како ќе влијае тоа врз нашето однесување?
7 Според тоа, би можеле да се запрашаме: ‚Дали ние си спомнуваме за нашиот Творец со наклоност и избегнуваме да не правиме ништо за да предизвикаме тој да чувствува повреда или болка?‘ Една младинка забележала: „Мајка ми ми помогна да увидам дека Јехова има чувства и уште на рана возраст бев свесна дека моите постапки имаат влијание врз него“ (Псалм 77:40—42). Една друга објаснила: „Знаев дека моите постапки или ќе помогнат или ќе пречат во одговорот на предизвикот што Сатана го изнел пред Јехова. Сакав да направам Јеховиното срце да се радува, а тоа ми помогна и сѐ уште ми помага денес“ (Изреки 27:11).
8. а) Кое стремење ќе покаже дека си спомнуваме за Јехова со наклоност? б) Кои прашања младите мудро ќе ги разгледаат?
8 Мора да се признае, во овој зол свет не е секогаш лесно да си спомнуваш за Јехова така што потполно ќе учествуваш во активност која му е угодна. Па сепак, колку само убаво би било ако би можел да го имитираш младиот Тимотеј од првиот век — а да не ги ни спомнуваме илјадниците богобојазливи младинци денес — со тоа што ќе тежнееш по полновремена христијанската служба како пионер! (Дела 16:1—3; 1. Солунјаните 3:2). Меѓутоа, би можело да се постави прашањето: ‚Дали би бил во состојба да се издржуваш себеси во пионерската служба? И ако стапиш во брак, дали би ги имал вештините да се грижиш за оние во твоето семејство? (1. Тимотеј 5:8). Ова се важни прашања и многу е битно да размислиш сериозно за нив.
Образование со цел
9. Со каква одлука се соочуваат младите во врска со световното образование?
9 Како што човечкото општество станува сѐ посложено, може да е потребно повеќе школување за да се добие адекватно вработување со цел да се издржуваш себеси во пионерското дело. Можеби си забележал дека дури и некои со факултетско образование морале да се преквалификуваат за да стекнат нови вештини кои се ценети од работодавачите денес. Според тоа, кон колкаво школување ќе се стремите вие младите кои сакате да му угодите на Бог? Одлуката треба исправно да се донесе имајќи ја на ум инспирираната заповед: „Спомнувај си за твојот Творец“.
10. Кое е најдоброто образование што можеме да го добиеме?
10 Се разбира, ти ќе сакаш да тежнееш по она што дури и мнозина световни авторитети го сметаат за најдобро образование — образованието остварено преку грижливо проучување на Божјата Реч. Германскиот писател Јохан Волфганг фон Гете забележал: „Колку е поголем интелектуалниот напредок на [луѓето], толку повозможно ќе биде да се користи Библијата и како темел и како средство за образование“. Да, проучувањето на Библијата подобро ќе те опреми за животот отколку кое и да било друго образование! (Изреки 2:6—17; 2. Тимотеј 3:14—17).
11. а) Кое е најважното дело што можеме да го вршиме? б) Зошто една младинка избрала да стекне извесна мера образование?
11 Со оглед на тоа дека спознанието за Бог е животодајно, најважното дело што денес можеш да го вршиш е да го споделуваш тоа спознание со другите (Изреки 3:13—18; Јован 4:34; 17:3). Меѓутоа, за да го правиш тоа делотворно, треба да бидеш поучен на темелни начини. Треба да бидеш во состојба да размислуваш јасно, да зборуваш логично и да читаш и да пишуваш добро — вештини кои се учат в училиште. Затоа, сфати ја сериозно твојата наставна програма, како што сторила Трејси, една младинка од Флорида (САД), која дипломирала во средното училиште со школски одликувања. Таа ја изразила својата надеж: „Секогаш сум имала за своја цел да бидам полновремен слуга на мојот Бог Јехова, и се надевам дека моето образование ќе ми помогне да ја постигнам оваа цел“.
12. Доколку се избере додатно световно образование, која цел може тоа да помогне да се исполни?
12 Дали си размислувал за тоа зошто одиш на училиште? Дали првенствено за да се опремиш да станеш делотворен слуга на Јехова? Ако да, ти ќе сакаш сериозно да размислиш за тоа колку добро твоето образование ја постигнува оваа цел. После консултирањето со своите родители, можеби ќе биде одлучено дека треба да тежнееш по школување што е повеќе од минималното кое го бара законот. Таквото додатно школување може да ти помогне да добиеш вработување за да се издржуваш и сѐ уште да ти остави време и енергија за потполно да учествуваш во активноста на Царството (Матеј 6:33).
13. На кој начин две руски христијанки, кои се стремеле по дополнително образование, ја покажале својата цел во животот?
13 Некои кои тежнеат кон дополнително образование се ангажираат во полновремената служба уште додека стекнуваат натамошно школување. Размисли за Надја и Мариња, две тинејџерки од Москва (Русија). Обете се крстија во април 1994 година и почнаа да служат како помошни пионерки. Кратко потоа, тие дипломираа во средно училиште и се запишаа на една двогодишна програма за сметководство. Во мај 1995 година, започнаа со општа пионерска служба, а сепак задржаа одличен успех на нивните часови по сметководство. Освен тоа, заедно беа во состојба да водат во просек по 14 библиски студии секоја седмица уште додека одеа в училиште. Девојките се надеваат дека нивното образование по сметководство ќе им овозможи да најдат адекватно вработување за да се издржуваат во полновремената служба.
14. Без оглед на тоа колкав обем на световно образование ќе избереме, што треба да биде најважното нешто во нашиот живот?
14 Ако тежнееш по световно образование што е повисоко од она што се бара со закон, мудро испитај ја својата причина зошто го правиш тоа. Дали е тоа за да си направиш име и да стекнеш материјално богатство? (Јеремија 45:5; 1. Тимотеј 6:17). Или, пак, твоја цел е да го употребиш дополнителното образование за да учествуваш попотполно во Јеховината служба? Лидија, една младинка која избрала да тежнее по натамошно образование, изразила една убава сосредоточеност на духовните работи, објаснувајќи: „Другите тежнеат по повисоко образование и дозволуваат материјализмот да им се испречи, и го отфрлаат Бог. Лично, мојот однос со Бог за мене е најважното нешто“. Каков став кој е препорачлив за сите нас!
15. Какво разновидно образовно минато постоело помеѓу христијаните од првиот век?
15 Значајно е тоа што христијаните од првиот век имале многу разновидно образовно минато. На пример, апостолите Петар и Јован биле сметани за „неучени и прости“, затоа што не биле обучувани во рабинските школи (Дела 4:13). Од друга страна, апостол Павле го добил она што денес може да се спореди со факултетско образование. Па сепак, Павле не го користел тоа образование за да сврти внимание кон себеси; напротив, тоа било од корист кога им проповедал на луѓе од различни сталежи (Дела 22:3; 1. Коринтјаните 9:19—23; Филипјаните 1:7). На сличен начин, Манил, кој бил „одгледан [воспитуван, НС] со Ирода четворовласникот“, бил меѓу оние кои го презеле водството во антиохиското собрание (Дела 13:1).
Зошто да управуваш мудро со своите финансии?
16. а) Зошто може да биде потешко да си спомнуваме за нашиот Творец ако сме во долгови? б) На кој начин една од Исусовите илустрации ја открива важноста да размислуваме пред да трошиме?
16 Ако пропуштиш мудро да управуваш со своите финансии, може да биде потешко да си спомнуваш за својот Творец правејќи го она што му е угодно. Зашто, ако западнеш во долгови, може да се рече дека ти имаш друг господар. Библијата објаснува: „Должникот станува роб на заемодавецот“ (Изреки 22:7). Една од Исусовите илустрации ја истакнува важноста да размислиме пред да трошиме. „Кој од вас“ — рекол Исус — „сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување, та, откако ги постави темелите и не може да доврши, да не почнат, сите што гледаат, да му се смеат“ (Лука 14:28, 29).
17. Зошто честопати е тешко да го контролираш своето трошење?
17 Затоа, ти мудро ќе се трудиш да живееш според библиското начело да ‚не должиме никому ништо, освен да се сакаме еден со друг‘ (Римјаните 13:8). Но, тоа е тешко да се стори, особено кога си соочен со постојано снабдување со нови производи за кои рекламните стручњаци тврдат дека навистина ти се потребни. Еден родител, кој се трудел да им помогне на своите деца да вежбаат способност за просудување, забележал: „Потрошивме многу време во дискутирање околу тоа што е потреба, а што желба“. Училиштата, општо земено, пропуштиле да поучат за такви работи и обезбедиле мало, ако и воопшто, некакво образование за тоа како да се ракува со финансиите на еден одговорен начин. „Дипломираме во средно училиште со поголемо знаење за рамностраните триаголници отколку за тоа како да штедиме“ — забележала една социјална работничка. Тогаш, што може да ти помогне мудро да трошиш?
18. Кој е клучот за мудро управување со финансиите, и зошто?
18 Внимавањето на поттикот: „Спомнувај си за твојот Творец“ претставува клуч за мудро управување со твоите финансии. Тоа е затоа што, кога ја слушаш таа заповед, твој приоритет е да му угодиш на Јехова, а твојата наклоност кон него влијае врз тоа како ги трошиш своите пари. Спрема тоа, ти ќе се трудиш да не дозволиш личните желби да се мешаат со давањето оддаденост на Бог со сета душа (Матеј 16:24—26). Ќе се стремиш да го задржиш своето око „чисто“, то ест јасно сосредоточено на Божјето Царство и на вршењето на Неговата волја (Матеј 6:22—24). На тој начин, божествената опомена ‚да му оддаваш чест на Јехова со твоите скапоцени работи‘, ќе ја сметаш за радосна предност (Изреки 3:9, НС).
Млади — достојни за имитирање
19. На кој начин младите во минатото си спомнувале за својот Творец?
19 За среќа, многу младинци, во минатото и во сегашноста, си спомнувале за својот Творец. Малечкиот Самуил останал непоколеблив во службата во табернакулот и покрај неморалното влијание на оние со кои служел (1. Царства 2:12—26). Една привлечна заводница, Петефриевата сопруга, не можела да го заведе младиот Јосиф да направи блуд (1. Мојсеева 39:1—12). Иако бил ‚уште млад [само момче, НС]‘, Јеремија смело проповедал и покрај тешкото противење (Јеремија 1:6—8). Едно малечко израелско девојче бестрашно упатило еден моќен сириски војсководач да побара помош во Израел, каде што можел да научи за Јехова (4. Царства 5:1—4). Младиот Даниил и неговите придружници ја задржале својата вера кога биле искушувани во врска со Божјите закони за исхраната. А младичите Седрах, Мисаил и Авденаго порадо избрале да бидат фрлени во една огнена печка отколку да ја компромитираат својата лојалност кон Бог преку обожавање пред еден лик (Даниил 1:8, 17; 3:16—18; 2. Мојсеева 20:5).
20. На кој начин многу млади си спомнувале за својот Творец денес?
20 Денес, повеќе од 2.000 младинци на возраст од 19 до 25 години, служат во светското главно седиште на Јеховините сведоци во државата Њујорк (САД). Тие се само мал дел од десетиците илјади млади кои ширум светот си спомнуваат за својот Творец. Како Јосиф од старо време, тие одбиле да ја компромитираат својата морална чистота. Мнозина порадо го слушале Бог отколку луѓето, кога биле присилувани да изберат кому ќе му служат (Дела 5:29). Во 1946 година во Полска, 15-годишната Хенрика Зур била мачена кога одбила да изврши чин на религиозно идолопоклонство. „Мисли во себе што сакаш“ — сугерирал еден од нејзините мачители — „само прекрсти се на католички начин.“ Поради тоа што одбила, била одвлечкана во шумата и стрелана, а нејзината сигурна надеж останала неповредена!b
21. Која покана би било мудро да се прифати, и со каков исход?
21 Колку само Јеховиното срце мора да е згреано од младите кои си спомнувале за него низ вековите! Дали ти ќе се оѕвиеш на неговата покана: „Спомнувај си за твојот Творец“? Навистина, тој е достоен за твоето сеќавање! Секојдневно размислувај за сето она што тој го сторил за тебе и што допрва ќе го стори, и прифати ја неговата покана: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“ (Изреки 27:11).
[Фусноти]
a Стражарска кула, 15 декември 1953 година, страница 750 (англ.).
b Види 1994 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишник на Јеховините сведоци за 1994 година), страници 217, 218, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Дали се сеќаваш?
◻ Како може да им се помогне на младите да го сметаат Бог за реална личност?
◻ Што значи да си спомнуваш за својот Творец?
◻ За каква цел треба да служи нашето образование?
◻ Зошто е многу битно да управуваме мудро со своите финансии?
◻ Кои млади се достојни да ги имитираш?
[Слика на страница 17]
Дали си размислувал за тоа зошто одиш на училиште?
[Слика на страница 18]
Дали учиш мудро да управуваш со финансиите?