Живот после смртта — како, каде и кога?
ТВОРЕЦОТ и Животодавецот на човекот ја дава својата лична гаранција дека човечката смрт не мора да значи крај на животот засекогаш. Освен тоа, Бог нѐ уверува дека е можно да живееме повторно не само еден натамошен ограничен животен век, туку да живееме со изгледот никогаш повторно да не се соочиме со смрт! Апостол Павле едноставно, но доверливо изјавил: „[Бог] им дал гаранција на сите луѓе со тоа што го воскреснал [Христа Исуса] од мртвите“ (Дела 17:31, НС).
Се разбира, тоа сѐ уште ги остава неодговорени трите основни прашања: Како може едно умрено лице да се врати во живот? Кога ќе се случи тоа? Каде доаѓа во постоење тој нов живот? Ширум светот, на овие прашања биле давани различни одговори, но еден битен клуч за одредување на вистината во врска со оваа работа е да се разбере што точно се случува со луѓето при нивната смрт.
Дали одговорот е бесмртност?
Едно раширено верување е дека еден дел од секој човек е бесмртен и дека само неговото тело умира. Ти сигурно си чул некое такво тврдење. На овој дел, за кој се тврди дека е бесмртен, се укажува различно како на „душа“ или „дух“. Се вели дека таа или тој ја преживува смртта на телото и дека продолжува да живее на друго место. Отворено речено, едно такво верување не потекнува од Библијата. Вистина, древните хебрејски библиски личности радосно очекувале живот по смртта, но не преку преживување на некаков бесмртен дел од нив. Тие со доверба радосно очекувале едно идно враќање во живот на Земјата преку чудото на воскресение.
Патријархот Авраам претставува еден истакнат пример за лице кое имало вера во идно воскресение на умрените. Опишувајќи ја Авраамовата спремност да го принесе својот син Исак како жртва, Евреите 11:17—19 ни кажува: „Авраам со вера го принесе како жртва Исака . . . оти тој мислеше дека Бог е силен и дека мртви може да воскреснува, поради кое го прими како праобраз на воскресението“, затоа што Бог не барал Исак да биде жртвуван. Понатаму сведочејќи за раното верување меѓу Израелците дека повторно ќе се вратат назад во живот во некое подоцнежно време (наместо да имаат непосредно продолжување на животот во некакво духовно подрачје), пророкот Осија напишал: „Од раката на Шеолот [општиот гроб на човештвото] ќе ги откупам; од смртта ќе ги ослободам“ (Осија 13:14, НС).
Според тоа, кога се појавила во еврејското размислување и верување идејата за вродена човечка бесмртност? Encyclopaedia Judaica признава дека „доктрината за бесмртност на душата влегла во јудаизмот веројатно под грчко влијание“. Меѓутоа, сѐ до времето на Христа, оддадените Евреи сѐ уште верувале и радосно очекувале едно идно воскресение. Тоа можеме јасно да го видиме од Исусовиот разговор со Марта при смртта на нејзиниот брат Лазар: „Тогаш Марта Му рече на Исуса: ‚Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми . . .‘ Исус ѝ рече: ‚Твојот брат ќе воскресне.‘ Марта Му рече: ‚Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден‘“ (Јован 11:21—24).
Состојбата на умрените
Овде повторно нема потреба да се погаѓа во врска со работата. Едноставната библиска вистина е дека умрените се „заспани“, бесвесни, без апсолутно никакво чувство или спознание. Таквата вистина не е изнесена во Библијата на некаков сложен, тешко разбирлив начин. Разгледај ги овие лесно разбирливи стихови: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат . . . Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10). „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:3, 4).
Затоа, разбирливо е зошто Исус Христос се осврнал на смртта како на сон. Апостол Јован забележува еден разговор помеѓу Исус и неговите ученици: „Потоа им рече: ‚Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.‘ Тогаш учениците Негови рекоа: ‚Господи, ако заспал, ќе стане‘. Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш рече Исус отворено: ‚Лазар умре‘“ (Јован 11:11—14).
Умира целата личност
Процесот на човечката смрт ја вклучува целата личност, а не само смртта на телото. Според јасните библиски изјави, мораме да заклучиме дека човекот не поседува некаква бесмртна душа што може да ја преживее смртта на неговото тело. Писмото јасно покажува дека душата може да умре. „Оти, ете, сите души се Мои; како душата на таткото, така и душата на синот се Мои: која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4). Никаде не се зборува дека зборовите „бесмртен“ или „бесмртност“ се вродени во човештвото.
За хебрејските и грчките зборови, во Библијата преведени со „душа“, New Catholic Encyclopedia ја дава оваа интересна позадина: „Душата во СЗ [Стариот Завет] е непеш, во НЗ [Новиот Завет] е [психе́] . . . Непеш потекнува од еден оригинален корен што веројатно значи да диши, и затоа . . . бидејќи дишењето ги разликува живите од умрените, непеш почнал да значи живот или сопствена личност или, едноставно, поединечен живот . . . Во СЗ не постои дихотомија [поделба на два дела] на тело и душа. Израелецот ги гледал работите конкретно, во нивната целокупност, и затоа луѓето ги сметал за личности, а не за мешавина. Изразот непеш, иако е преведен со нашиот збор душа, никогаш не значи душа што е одделена од телото или од поединечната личност . . . Изразот [психе́] е зборот од НЗ што одговара на непеш. Тој може да значи начелото на животот, самиот живот или живото суштество“.
Според тоа, можеш да видиш дека при смртта, претходно живата личност или живото суштество престанува да постои. Телото се враќа во „земја“ или во елементите на земјата, било постепено преку погребување и подоцнежно распаѓање или, пак, забрзано преку кремирање. Јехова му рекол на Адам: „Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (1. Мојсеева 3:19). Тогаш, како е возможен живот после смртта? Возможен е затоа што Бог има свое лично сеќавање за личноста која умрела. Јехова ја има чудесната моќ и способноста да создава луѓе, и затоа не треба да биде изненадувачки што во своето сеќавање може да сочува запис за образецот на животот на поединецот. Да, сите изгледи за таквиот повторно да живее зависат од Бог.
Тоа е смислата на зборот „дух“, за кој се зборува дека се враќа кај вистинскиот Бог кој го дал. Опишувајќи го овој исход, инспирираниот писател на книгата Проповедник објаснува: „И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал“ (Проповедник 12:7).
Само Бог може да направи некој да живее. Кога Бог го создал човекот во Едем и му дувнал во носниците „дух животен“, освен што ги исполнил Адамовите дробови со воздух, Јехова предизвикал животната сила да ги оживее сите клетки во неговото тело (1. Мојсеева 2:7). Поради тоа што оваа животна сила може да се пренесе од родителите на децата преку процесот на зачнување и раѓање, човечкиот живот може исправно да му се припише на Бог, иако, се разбира, е добиен преку родителите.
Воскресението — среќно време
Воскресението не треба да се меша со реинкарнација, која не наоѓа никаква поддршка во Светото писмо. Реинкарнација е верување дека откако едно лице ќе умре, тоа повторно се раѓа во едно или повеќе последователни постоења. За ова се вели дека е или на повисоко или на пониско ниво на постоење, во споредба со нечиј поранешен живот, зависно од тоа какво минато наводно било изградено во текот на тој поранешен животен век. Според ова верување, некој може да биде „повторно роден“ или како човек или како животно. Тоа е сосема спротивно на она што го учи Библијата.
Зборот „воскресение“ е преведен од грчкиот збор ана́стазис, што дословно значи „повторно станување“. (Еврејските преведувачи од грчки го превеле ана́стазис со хебрејските зборови техија́т хамети́м, што значат „оживување на умрените“.) Воскресението вклучува реактивирање на животниот образец на поединецот, чијшто животен образец Бог го задржал во своето сеќавање. Според Божјата волја за поединецот, личноста е обновена или во човечко тело или во духовно тело; сепак тој го задржува својот личен идентитет и ги има истата личност и сеќавања како кога умрела.
Да, Библијата зборува за два вида воскресение. Едното е воскресение на небо со духовно тело; тоа е за релативно малкумина. Исус Христос добил такво воскресение (1. Петрово 3:18). А тој покажал дека такво воскресение ќе доживеат и избраните меѓу следбениците на неговите стапки, почнувајќи со верните апостоли, на кои им го дал ветувањето: „Одам да ви приготвам место . . . Пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:2, 3). Библијата се осврнува на ова како на „прво воскресение“, прво по времето и рангот. Оние кои на тој начин воскреснуваат во небесен живот, Писмото ги опишува дека се свештеници на Бог и дека владеат како цареви со Христос Исус (Откровение 20:6, НС). Ова „прво воскресение“ е за еден ограничен број, а самото Писмо открива дека од верните мажи и жени ќе бидат земени само 144.000. Тие ќе го докажат својот интегритет спрема Јехова Бог и спрема Христос Исус сѐ до својата смрт, останувајќи активни во сведочењето на другите за својата вера (Откровение 14:1, 3, 4).
Без сомнение, воскресението на умрените е едно време на бескрајна среќа за оние кои се воскреснати во живот на небото. Но, среќата не завршува тука, бидејќи е ветено и воскресение во живот токму тука на Земјата. Оние кои ќе воскреснат ќе му се придружат на еден неограничен број од оние кои го преживуваат крајот на сегашниот зол систем. Откако го гледал малиот број на оние кои ги исполнуваат условите за небесно воскресение, на апостол Јован му била дадена една визија за едно ‚големо мноштво народ, кое што никој не можел да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици‘. Колку само среќно време ќе биде кога милиони, можеби и милијарди, ќе се вратат во живот овде на Земјата! (Откровение 7:9, 16, 17).
Кога ќе биде тоа?
Секоја радост и среќа ќе биде краткотрајна ако мртвите би се вратиле на Земја што е исполнета со борба, крвопролевање, загадување и насилство — каква што е ситуацијата денес. Не, воскресението мора да го чека воспоставувањето на „нова земја“. Замисли си, планета исчистена од луѓе и институции кои досега изгледале склони кон руинирање на Земјата и упропастување на нејзината некогашна убавина, а да не ја ни спомнуваме неискажливата беда што ја донеле врз нејзините жители (2. Петрово 3:13; Откровение 11:18).
Очигледно, допрва претстои времето за општото воскресение на човештвото. Сепак, добрата вест е таа дека тоа не е далеку. Вистина, тоа мора да го чека крајот на овој сегашен зол систем на ствари. Меѓутоа, изобилните докази покажуваат дека е близу времето за ненадејното избувнување на ‚големата неволја‘ (НС), која ќе кулминира во ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘, на која обично се укажува како на Армагедон (Матеј 24:3—14, 21; Откровение 16:14, 16). Тоа ќе го донесе отстранувањето на сета злоба од оваа прекрасна планета, Земјата. По тоа ќе дојде Илјадагодишното владеење на Христос Исус, кога Земјата постепено ќе биде доведена во рајска состојба.
Библијата открива дека за време на ова Милениумско владеење ќе се одигра воскресението на умрените луѓе. Тогаш ќе се исполни ветувањето што го дал Исус додека бил на Земјата: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат . . . ќе воскреснат“ (Јован 5:28, 29).
Резултатот од надежта во воскресение
Колку само прекрасна надеж за иднината претставува овој изглед за воскресение — време кога умрените ќе се вратат во живот! Колку само тоа нѐ охрабрува додека се соочуваме со суровоста на сѐ подлабоката старост, болест, неочекуваните неволји и тага, како и со секојдневните притисоци и животни проблеми! Таа го одзема осилото на смртта — не со тоа што потполно ја отстранува тагата, туку што нѐ одвојува од оние кои немаат никаква надеж за иднината. Апостол Павле го признал овој утешувачки резултат од надежта во воскресение со следниве зборови: „Браќа, не сакам да не знаете за умрените, за да не жалите како и другите, што немаат надеж. Оти, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, тоа и упокоените во Исуса Бог ќе ги приведе со Него“ (1. Солунјаните 4:13, 14).
Можеби веќе сме ја доживеале вистината на една друга забелешка што ја дал ориенталецот Јов: „Човекот опустува како нешто гнило, како облека изедена од молци. Човек роден од жена е со малку денови и полн со неволја. Никнува како цвеќе и свенува; како некоја минлива сенка, не истрајува“ (Јов 13:28—14:2, New International Version). И ние сме свесни за неизвесноста на животот и за мрачната реалност дека „времето и непредвидениот настан“ можат да го снајдат секого од нас (Проповедник 9:11, НС). Секако, никој од нас не се радува на помислата да се соочи со процесот на умирање. Па сепак, сигурната надеж во воскресение навистина помага да се отстрани преовладувачкиот страв од смртта.
Затоа, биди храбар! Гледај подалеку од можното заспивање во смрт — кон едно враќање во живот преку чудото на воскресението. Радосно очекувај го со доверба изгледот за иден живот без крај и додај ја кон тоа радоста што знаеш дека таквото благословено време е во блиската иднина.