Дали оваа книга е во согласност со науката?
Религијата не гледала секогаш на науката како на свој пријател. Во претходните векови, некои теолози се спротивставувале на научните откритија кога сметале дека тие го загрозуваат нивното толкување на Библијата. Но, дали науката навистина е непријател на Библијата?
ДОКОЛКУ писателите на Библијата ги одобрувале најзастапуваните научни гледишта од своето време, резултатот би бил книга со очигледни научни неточности. Сепак, писателите не унапредувале такви ненаучни погрешни сфаќања. Напротив, тие запишале извесен број изјави кои не се само научно основани туку биле и во директна спротивност со прифатените гледишта од тоа време.
Каков е обликот на Земјата?
Тоа прашање ги интересирало луѓето со илјадници години. Општото гледиште во древните времиња било тоа дека Земјата е рамна. На пример, Вавилонците верувале дека универзумот е една кутија или соба чиј под е Земјата. Ведските свештеници од Индија си замислувале дека Земјата е рамна и дека е населена само на едната страна. Едно примитивно племе во Азија си ја замислувало Земјата како еден огромен послужавник за чај.
Дури во шестиот век пр. н. е., грчкиот филозоф Питагора изнел теорија дека, со оглед на тоа што Месечината и Сонцето се сферични, и Земјата мора да биде сфера. Аристотел (четврти век пр. н. е.) подоцна се согласил, објаснувајќи дека сферичноста на Земјата ја докажуваат замрачувањата на Месечината. Земјината сенка на Месечината е накривена.
Меѓутоа, сфаќањето за рамна Земја (населена само на горната страна) не исчезнало потполно. Некои не можеле да ја прифатат логичната импликација од кружната Земја — концептот за антиподи.a Лактанциј, христијански апологет од четвртиот век н. е., се исмејувал на самата помисла. Тој резонирал: „Зарем постои некој толку безумен за да верува дека постојат луѓе чии стапала се повисоко од нивните глави? . . дека плодовите и дрвјата растат надолу? дека дождовите, снегот и градот паѓаат нагоре?“2
Концептот за антиподи создал дилема кај неколкумина теолози. Некои теории застапувале дека, доколку постојат антиподци, тие не би можеле да имаат никаква врска со познатите луѓе — или поради тоа што морето е премногу широко за да го препловат или поради тоа што екваторот го опкружува еден непреоден врел појас. Тогаш, откаде би можеле да дојдат некакви антиподци? Збунети, некои теолози повеќе сакале да веруваат дека не би можеле да постојат антиподци, а како што аргументирал Лактанциј, како прво дури ни Земјата не би можела да биде сфера!
Меѓутоа, концептот за сферична Земја преовладал и на крајот бил широко прифатен. Но, дури со почетокот на вселенската ера во XX-тиот век, луѓето можеле да отпатуваат доволно далеку во вселената за да потврдат преку директно набљудување дека Земјата е топка.b
А каква положба зазела Библијата во ова спорно прашање? Во осмиот век пр. н. е., кога преовладувало гледиштето дека Земјата е рамна, со векови пред грчките филозофи да изнесат теорија дека Земјата веројатно е сферична и илјадници години пред луѓето да видат од вселената дека Земјата е топка, еврејскиот пророк Исаија со забележителна едноставност изјавил: „Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата“ (Исаија 40:22). Хебрејскиот збор куг, овде преведен со ‚круг‘, може да се преведе и со „сфера“.3 Други библиски преводи гласат „Земјината топка“ (Douay Version) и „кружната Земја“ (Moffatt).c
Библискиот писател Исаија ги избегнал вообичаените митови за Земјата. Наместо тоа, тој запишал една изјава која не ја загрозиле напредоците на научното откритие.
Што ја држи Земјата?
Во древните времиња, луѓето биле збунети и од други прашања во врска со Космосот: Врз што се потпира Земјата? Што ги држи Сонцето, Месечината и ѕвездите? Немале познавање за законот за универзална гравитација, што го формулирал Исак Њутн а бил објавен во 1687 година. Замислата дека небесните тела, всушност, лебдат во празен простор не висејќи на ништо, им била непозната. Затоа, нивните објаснувања честопати укажувале дека допирливи предмети или материи ги држат во воздух Земјата и другите небесни тела.
На пример, една древна теорија, која можеби потекнува од луѓе кои живееле на некој остров, била дека Земјата е опкружена со вода и дека плови во овие води. Хиндусите замислувале дека Земјата имала неколку темели наредени еден врз друг. Таа се потпирала врз четири слона, слоновите стоеле врз една голема желка, желката стоела врз една огромна змија, а замотаната змија пловела во водите на универзумот. Емпедокле, грчки филозоф од петтиот век пр. н. е., верувал дека Земјата се потпира на еден виор и дека овој виор е причина за движењето на небесните тела.
Меѓу највлијателните гледишта биле гледиштата на Аристотел. Иако изнел теорија дека Земјата е сфера, тој одрекувал дека таа воопшто би можела да виси во празен простор. Во својата студија On the Heavens, во која го побивал сфаќањето дека Земјата се потпира на вода, тој рекол: „Ниту за водата ниту за Земјата не е својствено да стојат во воздух: мора да има нешто за да се потпрат“.4 Значи, на што се ‚потпира‘ Земјата? Аристотел научувал дека Сонцето, Месечината и ѕвездите се закачени за површината на цврсти, проѕирни сфери. Сферата лежи вгнездена во сфера, а Земјата — неподвижна — во центарот. Додека сферите кружат една во друга, објектите во нив — Сонцето, Месечината и планетите — се движат по небото.
Објаснувањето на Аристотел изгледало логично. Ако небесните тела не биле цврсто закачени за нешто, како инаку би можеле да стојат во воздухот? Гледиштата на почитуваниот Аристотел биле прифаќани како факт во текот на околу 2.000 години. Според The New Encyclopædia Britannica, во XVI и XVII век неговите учења „се воздигнале до статус на религиозна догма“ во очите на Црквата.5
Со изумувањето на телескопот, астрономите почнале да ја доведуваат во прашање теоријата на Аристотел. Сепак, одговорот ги заобиколувал сѐ додека сер Исак Њутн не објаснил дека планетите лебдат во празен простор, а во нивните орбити ги држи една невидлива сила — гравитацијата. Тоа изгледало неверојатно, а на некои колеги на Њутн им било тешко да веруваат дека вселената би можела да биде пространство кое во голема мера е без материја.d6
Што има да каже Библијата по ова прашање? Пред околу 3.500 години, со извонредна јасност Библијата изјавила дека Земјата виси „на ништо“ (Јов 26:7). Во оригиналниот хебрејски јазик, зборот „ништо“ (бели-ма́) што е употребен овде дословно значи „без што и да е“.7 Contemporary English Version го употребува изразот „на празен простор“.
Повеќето луѓе во тие времиња воопшто не си ја замислувале Земјата како планета која виси „на празен простор“. Сепак, далеку пред своето време, библискиот писател запишал една изјава која е научно точна.
Библијата и медицината — Дали се согласуваат?
Современата медицина нѐ научила многу за ширењето и превентивата на болестите. Медицинските напредоци во XIX век довеле до тоа во медицинската практика да се воведе антисепса — чистота за да се намалат инфекциите. Резултатот бил драматичен. Имало значителна редукција на инфекциите и на случаите на предвремена смрт.
Меѓутоа, древните лекари не разбирале потполно како се шират болестите ниту, пак, ја сфаќале важноста на санитарната заштита во спречувањето на заболувањата. Не е толку чудно тоа што многу од нивните медицински постапки би изгледале варварски според современите мерила.
Еден од најстарите достапни медицински текстови е Папирусот Еберс, компилација на египетското медицинско знаење кое датира од околу 1550 пр. н. е. Свитокот содржи околу 700 лекови за различни заболувања „кои варираат од каснување од крокодил до болка во ноктот на ножниот прст“.8 The International Standard Bible Encyclopaedia наведува: „Медицинското знаење на овие лекари било чисто емпириско, во голема мера магиско и потполно ненаучно“.9 Повеќето од лековите биле чисто неделотворни, но некои од нив дури и крајно опасни. За лекување на рана, еден од рецептите препорачувал да се нанесе смеса од човечки измет и други супстанции.10
Овој текст за египетски медицински лекови бил напишан отприлика во исто време кога биле напишани и првите книги на Библијата, во кои спаѓа и Мозаитскиот закон. Мојсеј, кој бил роден во 1593 пр. н. е., пораснал во Египет (2. Мојсеева 2:1—10). Како член на фараоновото домаќинство, тој бил ‚научен во целата египетска мудрост‘ (Дела 7:22). Бил запознаен со „лекарите“ на Египет (1. Мојсеева 50:1—3, НС). Дали нивните неделотворни или опасни медицински постапки влијаеле врз неговите списи?
Не. Напротив, Мозаитскиот закон вклучувал санитарни одредби кои биле далеку понапредни од нивното време. На пример, еден закон во врска со воените логори барал да се закопува изметот надвор од логорот (5. Мојсеева 23:13). Ова било крајно напредна превентивна мерка. Помогнала да се зачува водата од контаминација и обезбедила заштита од шигелоза што ја предизвикуваат муви, како и од други дијареични заболувања кои секоја година сѐ уште одземаат милиони животи во земјите каде што санитарните услови се бедни.
Мозаитскиот закон содржел и други санитарни одредби кои го штителе Израел од ширењето на инфективните болести. Лицето кое имало или за кое постоело сомневање дека има пренослива болест, било ставано во карантин (3. Мојсеева 13:1—5). Облеката или садовите кои дошле во контакт со животно кое умрело самото (можеби од болест), требало или да се измијат пред повторната употреба или, пак, да се уништат (3. Мојсеева 11:27, 28, 32, 33). Секое лице кое допрело леш се сметало за нечисто и морало да се подложи на една процедура на чистење која вклучувала перење на неговата облека и капење. За време на седумдневниот период додека бил нечист, тој требало да одбегнува физички контакт со другите (4. Мојсеева 19:1—13).
Овој санитарен кодекс открива мудрост која ја немале лекарите од околните народи од тоа време. Илјадници години пред медицината да дознае за начините на кои се шират болестите, Библијата пропишала разумни превентивни мерки како заштита од болести. Не изненадува тоа што Мојсеј можел да каже дека во негово време Израелците, општо земено, живееле по 70 или 80 годиниe (Псалм 89:10).
Можеби ќе признаете дека горенаведените библиски изјави се научно точни. Но, има и други изјави во Библијата кои не можат научно да се докажат. Дали тоа неизбежно ја доведува Библијата во спротивност со науката?
Прифаќање на она што не може да се докаже
Ако некоја изјава не може да се докаже, не мора да значи дека е и невистинита. Научниот доказ е ограничен од човековата способност да открие доволно докази и исправно да ги толкува податоците. Но, некои вистини не можат да се докажат бидејќи не се зачувани никакви докази, доказите се нејасни или неоткриени или, пак, научните способности и стручни мислења се недоволни за да се дојде до неоспорен заклучок. Дали тоа би можело да биде случај со извесни библиски изјави за кои недостигаат независни физички докази?
На пример, библиските осврнувања на едно невидливо подрачје населено со духовни лица не може научно да се докаже — ниту да се побие. Истото може да се рече и за чудесните настани споменати во Библијата. Нема на располагање доволно јасни геолошки докази за глобалниот потоп од Ноевото време за да се задоволат некои луѓе (1. Мојсеева, 7. поглавје). Дали затоа мораме да заклучиме дека тој не се случил? Историските настани можат да бидат замрачени од времето и од промените. Затоа, зарем не е можно илјадниците години геолошка активност да избришале многу од доказите за потопот?
Точно е дека Библијата содржи изјави кои не можат да се докажат или да се побијат со расположливите физички докази. Но, треба ли тоа да нѐ изненади? Библијата не е учебник по наука. Меѓутоа, таа е книга на вистината. Веќе разгледавме силни докази дека нејзините писатели биле луѓе од интегритет и чесност. А кога спомнуваат работи поврзани со науката, нивните зборови се точни и потполно слободни од древните „научни“ теории кои се покажале како чисти митови. Значи, науката не е непријател на Библијата. Постои секаква причина да се одмери со отворени мисли она што го вели Библијата.
[Фусноти]
a „Антиподи . . . се две места на Земјината топка кои се наоѓаат токму едно спроти друго. Правата линија помеѓу нив би минувала низ центарот на Земјата. Зборот антиподи на грчки значи стапало спроти стапало. Две лица што стојат на антиподите би биле најблиску еден до друг на површините на нивните стапала“1 (The World Book Encyclopedia).
b Прецизно говорејќи, Земјата е сплескан сфероид; таа е малку сплескана на половите.
c Освен тоа, само сферичен објект изгледа како круг од секој агол на гледање. Рамен диск почесто би изгледал како елипса, а не како круг.
d Главно гледиште во времето на Њутн било дека универзумот е исполнет со течност — космичка „супа“ — и дека вртлозите во течноста се причина за вртењето на планетите.
e Во 1900-тата година, просечниот животен век во многу Европски земји и во Соединетите Држави бил помалку од 50 години. Оттогаш драматично се зголемил не само поради напредокот на медицината во контролирањето на болестите туку и поради подобрата санитарна заштита и условите за живеење.
[Истакната мисла на страница 21]
Ако некоја изјава не може да се докаже, не мора да значи дека е и невистинита
[Слика на страница 18]
Илјадници години пред луѓето да ја видат Земјата како топка од вселената, Библијата се осврнала на „кругот на земјата“
[Слики на страница 20]
Сер Исак Њутн објаснил дека гравитацијата ги држи планетите во нивните орбити