Кревајќи ги крилјата како орли
КАКО се чувствува човек кој издржал пет години во нацистички концентрациони логори? Обесхрабрено? Огорчено? Осветољубиво?
Колку и да звучи чудно, еден таков човек напишал: „Мојот живот беше збогатен повеќе отколку што воопшто можев да се надевам“. Зошто се чувствувал така? Тој објаснил: „Најдов прибежиште под крилјата на Највишиот и го доживеав исполнувањето на зборовите на пророкот Исаија кога рекол: ‚Оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе . . . одат и нема да се уморат‘“ (Исаија 40:31).
Овој христијански маж чие тело претрпело најстрашно постапување што може да се замисли, имал дух кој симболично се вивнувал угоре, дух што нацистичката бруталност не можела да го победи. Како Давид, тој нашол прибежиште во сенката на Божјите ‚крилја‘ (Псалм 56:1). Овој христијанин се осврнал на една споредба што ја употребил пророкот Исаија, споредувајќи ја својата духовна сила со силата на еден орел кој се вивнува сѐ повисоко и повисоко во небото.
Дали некогаш си се чувствувал како да потклекнуваш пред проблемите? Несомнено, и ти би сакал да најдеш прибежиште под крилјата на Највишиот, да ‚кренеш крилја како орел‘. За да разбереме како е можно ова, корисно е да знаеме нешто за орелот, кој честопати симболично е употребен во Светото писмо.
Под бајракот на орелот
Од сите птици што луѓето ги набљудувале од старо време, веројатно најмногу му се восхитувале на орелот поради неговата сила и величествениот лет. Многу древни војски, вклучувајќи ги и оние на Вавилон, Персија и Рим, марширале под бајракот на орелот. Војската на Кир Велики била една од нив. Библијата прорекла дека овој персиски цар ќе биде како птица грабливка што доаѓа од исток за да го проголта Вавилонското Царство (Исаија 45:1; 46:11). Двесте години откако било запишано ова пророштво, трупите на Кир, кои на своите бојни бајраци имале орли, се спуштиле на градот Вавилон како некој орел кој се нафрлува врз својот плен.
Во поново време, воини како Карло Велики и Наполеон, и земјите како што се Соединетите Држави и Германија, исто така го избрале орелот за свој симбол. На Израелците им било заповедано да не обожаваат ликови на орли или на какви и да било други суштества (2. Мојсеева 20:4, 5). Сепак, библиските писатели алудирале на карактеристиките на орелот за да ја илустрираат својата порака. Затоа орелот, најчесто споменуваната птица во Светото писмо, е употребена за да симболизира такви работи како што се мудрост, божествена заштита и брзина.
Окото на орелот
Остриот вид на орелот секогаш бил пословичен. Иако златниот орел ретко тежи повеќе од 5 килограми, неговото око всушност е поголемо од човековото, а видот му е многу поостар. Самиот Јехова, опишувајќи му ја на Јов способноста на орелот да си бара храна, рекол: „Очите негови гледаат далеку“ (Јов 39:27, 29). Во својата книга All the Birds of the Bible (Сите птици во Библијата), Алис Пармели известува дека „еден орел еднаш забележал мртва риба како плови по едно езеро на оддалеченост од 5 километри и направил дијагонално пикирање до самото место. Орелот не само што бил во можност да види еден мал објект на многу поголемо растојание отколку човекот туку за сето петкилометарско пикирање птицата постојано ја држела рибата во фокусот“.
Поради неговиот остар вид, орелот е соодветен симбол за мудрост, една од главните особини на Јехова. (Спореди Језекиил 1:10; Откровение 4:7.) Зошто е така? Мудроста подразбира однапред да се видат последиците од некоја постапка што би можеле да ја направиме (Изреки 22:3). Со својата способност да гледа далеку во далечината, орелот може да ја забележи опасноста уште оддалеку и да преземе мерки на претпазливост, исто како разумниот човек од Исусовата илустрација, кој ја предвидел веројатноста од луња и ја изградил својата куќа на карпа (Матеј 7:24, 25). Интересно е дека во шпанскиот јазик, да опишеш некого како орел значи дека тој има увид или способност за разликување.
Ако некогаш имаш прилика да видиш орел одблизу, забележи го начинот на кој ги користи своите очи. Тој не те гледа со површен поглед; напротив, се чини дека внимателно го испитува секој детаљ од твојот изглед. На сличен начин, мудриот човек ја анализира работата внимателно пред да донесе одлука, а не ја става довербата на својот инстинкт или на своите чувства (Изреки 28:26). Иако остриот вид на орелот претставува прикладен симбол за божествената особина мудрост, библиските писатели симболично го употребиле и неговиот величествен лет.
„Патиштата на орелот по небото“
„Патиштата на орелот по небото“ се впечатливи и по нивната брзина и по начинот на кој се чини дека лета без напор, без да следи некаква пропишана патека и без да остава некаква трага (Изреки 30:19). На брзината на орелот се алудира во Плач Јеремиин 4:19, каде што се опишани вавилонските војници: „Оние, што нѐ гонеа, беа побрзи од орлите небески; по горите нѐ гонеа“. Кога некој орел кој кружи над земјата, ќе го забележи својот плен, тој ги свиткува своите крилја и прави стрмно пикирање при кое, според некои извештаи, може да постигне брзина до 130 километри на час. Не е за изненадување тоа што Светото писмо го употребува орелот како синоним за брзина, особено во врска со некоја воена сила (2. Царства 1:23; Јеремија 4:13; 49:22).
Од друга страна, Исаија се осврнува на летот на орелот кој е без напор. „Оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат“ (Исаија 40:31). Во што е тајната на лесниот лет на орелот? Искачувањето изискува мал напор, затоа што орелот ја користи термиката, односно столбовите од топлиот воздух што се крева угоре. Термиките се невидливи, но орелот е мајстор да ги пронајде. Штом еднаш е пронајдена термиката, орелот ги раширува крилјата и опашката и кружи во столбот од топол воздух што го носи орелот сѐ повисоко и повисоко. Кога ќе се достигне доволна висина, тој едри кон следната термика, каде што процесот се повторува. На овој начин, орелот може со часови да остане високо горе со минимален трошок на енергија.
Во Израел, особено во Раседната долина, што се протега од Гасион-Гавер на брегот на Црвеното Море па до Дан на север, орлите се вообичаена глетка. Особено се бројни во текот на пролетта и есента кога мигрираат. Во некои години, биле изброени и до 100.000 орли. Кога утринското сонце ќе го загрее воздухот, може да се видат стотици грабливки како летаат над карпите кои се граничат со Раседната долина.
Лесниот лет на орелот претставува прекрасна илустрација за тоа како може Јеховината сила да нѐ подигне духовно и емоционално за да можеме да продолжиме со нашата работа. Исто како што еден орел не може сам да се вивне до толкави висини користејќи ја сопствената сила, така и ние не можеме да излеземе на крај доколку се ослонуваме на нашите лични способности. „За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“, објаснил апостол Павле (Филипјаните 4:13, НС). Како еден орел кој постојано бара невидливи термики така и ние преку нашите горливи молитви ‚постојано молиме‘ (НС) за Јеховината невидлива активна сила (Лука 11:9, 13).
Орлите преселници често ги наоѓаат термиките така што ги набљудуваат другите птици грабливки. Природонаучникот Д. Р. Мекинтош известил дека во една прилика биле видени 250 орли и мршојади како кружат угоре во истата термика. Денешните христијани можат на сличен начин да учат да се ослонуваат на Јеховината сила така што ќе ги имитираат верните примери на другите побожни слуги. (Спореди 1. Коринтјаните 11:1.)
Во сенката на орловите крилја
Еден од најопасните периоди во животот на орелот е кога тој се учи да лета. Не мал број орли загинуваат при тој обид. Новоиспилената израелска нација исто така била во опасност кога заминала од Египет. Затоа биле многу соодветни зборовите од Јехова до Израелците: „Сами видовте што им направив на Египтјаните и како ве изнесов, како на крилја орлови и ве приведов при Себе“ (2. Мојсеева 19:4). Има извештаи за орли како кратко време го носеле младото птиче на својот грб за малечкото да не тресне при своите почетни обиди да лета. Коментирајќи во Palestine Exploration Quarterly (Тромесечник за истражувања во Палестина) за таквите извештаи, Г. Р. Драјвер рекол: „Значи, [библиската] слика не претставува обичен производ на фантазијата, туку се темели на вистински факт“.
Орлите се примерни родители и на други начини. Тие не само што го обезбедуваат полетарчето со редовни оброци туку мајката орлица исто така внимателно го раздробува месото што машкиот орел го донесува во гнездото за да може орлето да го голтне. Поради тоа што нивните гнезда обично се направени на карпи или на високи дрвја, младите птички се изложени на временските стихии (Јов 39:27, 28). Жешкото сонце што е вообичаено за библиските земји, би можело да предизвика смрт на младата птичка доколку не би била грижата од нејзините родители. Возрасниот орел ги раширува своите крилја, понекогаш и со часови, со цел да го засени своето нежно полетарче.
Затоа е многу прикладно што во Светото писмо крилјата на еден орел се користат како симбол за божествена заштита. 5. Мојсеева 32:9—12 опишува на кој начин Јехова ги штител Израелците за време на нивното патување низ пустината: „Зашто делот на Господа е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово. Он го најде во пустиња, во земја безводна, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеница на окото свое; како што орелот го покрива гнездото свое, и сакајќи ги орлињата, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на пердувите свои, така Господ Сам ги водеше нив“. Јехова ќе ни ја даде истата заштита полна со љубов, доколку имаме доверба во него.
Патот во бегство
Понекогаш, кога сме соочени со проблеми, можеме да се затекнеме себеси како сакаме да одлетаме од сите свои тешкотии. Токму така се чувствувал Давид. (Спореди Псалм 54:6, 7.) Но, иако Јехова ветил дека ќе нѐ поддржува додека се соочуваме со испити и страдања во овој систем, тој не нуди некакво потполно бегство. Го имаме библиското ветување: „Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото [освен она што е вообичаено за луѓе, НС]; но верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите [да издржите, НС]“ (1. Коринтјаните 10:13).
‚Излезот‘, односно „патот за бегство“ (King James Version), подразбира да научиме да имаме доверба во Јехова. Тоа го открил и Макс Либстер, чиј коментар беше цитиран на почетокот од статијава. За време на неговите години во концентрациони логори, тој го запознал Јехова и се ослонувал на него. Како што открил Макс, Јехова нѐ зајакнува преку својата Реч, преку својот дух и преку својата организација. Дури и во логорите, Сведоците ги барале соверниците и им нуделе духовна помош, споделувајќи библиски мисли и секаква библиска литература што била на располагање. И како што секогаш одново потврдувале верните преживеани, Јехова ги зацврстил. „Постојано го молев Јехова за помош“, објаснува Макс, „и неговиот дух ме одржа.“
Без разлика со какво искушение се соочуваме, можеме на сличен начин да сметаме на Божјиот свет дух, под услов да молиме за него (Матеј 7:7—11). Закрепнати од оваа „сила која е над она што е нормално“ (НС), ќе се вивнеме а нема да пропаднеме во своите проблеми. Ќе продолжиме да одиме по Јеховиниот пат и нема да се умориме. Ќе ги кренеме крилјата како орли (2. Коринтјаните 4:7; Исаија 40:31).
[Истакната мисла на страница 10]
Тој не те гледа со површен поглед
[Извор на слика на страница 9]
Фотографија: Cortesía de GREFA
[Извор на слика на страница 10]
Фотографија: Cortesía de Zoo de Madrid