„Како дните на дрво“
ПРЕД повеќе од три илјади години Мојсеј напишал: „Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести“ (Псалм 89:10).
И покрај медицинскиот напредок, животниот век на човекот е сѐ уште како во деновите на Мојсеј. Меѓутоа, луѓето нема секогаш да бидат осудени на една ваква минлива егзистенција. Во библиската книга Исаија, Бог рекол: „Дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои“ (Исаија 65:22).
Во библиските земји едно од дрвјата со најдолг животен век е маслината. Дрвото кое е прикажано овде е едно од многуте маслинови дрвја, стари илјада години, кои сѐ уште успеваат во Галилеја. Кога ќе успеат луѓето да живеат толку долго? Истото пророштво објаснува дека тоа ќе биде кога Бог ќе создаде „ново небо и нова земја“ (Исаија 65:17).
Книгата Откровение исто така го прорекува воспоставувањето на „ново небо и нова земја“ — нова небеска влада и ново човечко општество, кога Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе‘ (Откровение 21:1, 4).
Ова божествено ветување наскоро ќе биде исполнето. Тогаш, дури и деновите на едно маслиново дрво ќе изгледаат само како 24-часовен ден. А ние ќе имаме време во изобилство, да уживаме во потполност во делата на нашите раце.