132. клас на Гилеад
Застапници на вистината
НА 10 март 2012 год., во образовниот центар на Јеховините сведоци во Патерсон (Њујорк) се случи нешто посебно. Илјадници убаво облечени лица, меѓу кои имаше и посетители од други земји, се собраа за да присуствуваат на дипломирањето на 132. клас на мисионерската школа Гилеад. Многумина ја следеа програмата во салата во Патерсон, а други ја пратеа на видео монитори преку сателитска врска. Имаше вкупно 9.042 присутни.
Сите беа во исчекување. За разлика од оние што дипломираа на претходните класови на мисионерската школа, овие дипломци веќе биле во некој вид специјална полновремена служба — служеле во Бетел, биле специјални пионери, патувачки надгледници или мисионери — иако претходно ја немале завршено школата Гилеад. Што да им се каже на овие искусни дипломци?
Присутните не требаше да чекаат долго за да дознаат. Герит Леш, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, беше претседавач на програмата и го изнесе воведниот говор. Тој го постави прашањето: „Дали си застапник?“ Објасни дека христијаните се застапници на вистината бидејќи ги бранат целокупните христијански учења. Да се застапува вистината не значи само да се поучуваат луѓето за вистината туку и да им се помогне да ја засакаат.
„Како знаеме дека ја имаме вистината?“, праша брат Леш. Тој рече дека доказ за тоа не е бројот на луѓето што ја прифаќаат. Иако денес има милиони што му служат на вистинскиот Бог, на Педесетница 33 год. од н.е. имало само малкумина. Брат Леш наброја пет работи според кои можеме да бидеме сигурни дека ја имаме вистината: 1) ние остануваме во Исусовите учења, 2) се сакаме еден со друг, 3) се држиме за Божјите високи морални мерила, 4) остануваме неутрални во судирите на овој свет, и 5) го носиме Божјето име.
„Продолжи напред и следи ги упатствата“
Присутните се прашуваа што ќе чујат како следно кога Џефри Џексон од Водечкото тело дојде до пултот со куфер во рацете! Говорот што го одржа беше со наслов „Продолжи понатаму и следи ги упатствата“, а се темелеше на Исаија 50:5. Зборувајќи пророчки за Исус Христос, тој стих гласи: „Јас не се бунев. Не се свртев на другата страна“.
Брат Џексон ги поттикна студентите брзо да го препознаваат водството што го дава Јехова преку својот свет дух, преку Библијата и преку својата организација. Во споредбата со талантите, запишана во Матеј 25:14-30, сите три роба во извесна смисла добиле иста сума затоа што она што го добиле било според нивните способности. Од нив се очекувало да го направат најдоброто што можат. Два роба биле пофалени и затоа биле наречени ‚добри и верни‘ робови. Верноста не зависи секогаш од резултатите туку од тоа дали некој продолжува да работи и да ги следи упатствата.
Третиот роб бил наречен „зол и мрзлив“ и ‚бескорисен‘. Каде згрешил тој? Го закопал својот талант. Талантот не бил само една монета туку сума што одговарала на износ од 6.000 денарии, кои тежеле 20 килограми. Отприлика толку му е дозволено на едно лице да го наполни куферот кога е на меѓународен лет. Требало да се вложи труд за да се закопа нешто големо колку еден куфер. Значи, робот направил нешто — го закопал талантот — но тој не добил такво упатство. Слично на тоа, еден мисионер може да биде многу зафатен. Но, прашањето е: со што? Можеби пишува долги имејл пораки, пребарува на интернет, се дружи со другите или води некаков бизнис. На крајот од денот таквата личност можеби е капната од умор, но не го правела она што ѝ било кажано. Брат Џексон го заврши својот говор со зборовите: „Секогаш следи ги упатствата!“
„Ослободи се од сомнежите“
Тоа беше насловот на говорот што го одржа Ентони Морис од Водечкото тело. „Библијата никогаш не ги поврзува верата и сомнежот“, рече тој. „Верата го растерува сомнежот.“ На Сатана му успеало да посее сомнежи во умот на една совршена жена, Ева, што значи дека лесно може да посее сомнежи и во нашиот ум. „Храни си ја верата и сомневањата ќе изгладнат до смрт“, рече брат Морис. Тој го спомна извештајот за Петар, кој ‚одел по водата‘, но кога ‚го видел бурниот ветар‘, се уплашил и почнал да тоне. Откако му помогнал, Исус го прашал: „Зошто се посомнева?“ (Матеј 14:29-31). „Како мисионери ќе бидете зафатени во полновремената служба, и другите можеби ќе бидат восхитени од она што го правите, исто како кога би оделе по вода, но кога ќе дувне бурен ветар, не подлегнувајте им на сомнежите.“
Брат Морис понатаму рече дека, иако ќе биде тешко да се пребродат бурните времиња, ќе дојде момент кога ветровите ќе стивнат. Тој ги советуваше студентите во тешките моменти да мислат на она што го направиле Павле и Сила кога биле во затворот во Филипи. Во Дела 16:25 пишува: „Околу полноќ Павле и Сила се молеа и со песна го фалеа Бог, а затворениците ги слушаа“. Забележете го следниов детаљ: Тие не само што се молеле туку и пееле. А пееле толку гласно што другите затвореници можеле да ги чујат. Брат Морис рече дека повеќето од нас немаат школувани гласови, но дека не треба да се срамиме да пееме, особено кога минуваме низ тешки моменти. На крајот ги прочита зборовите од песна број 135 од песнарката Пејте му на Јехова. Таа песна е со наслов: „Истрај до крајот“.
Други охрабрувачки говори
„Дали ќе видиш многу денови?“ беше насловот на говорот што го одржа Роберт Лучони од Одделението за набавка. Говорот се темелеше на зборовите на цар Давид запишани во Псалм 34:12. Во него брат Лучони зборуваше за тоа како да се пребродат тешките моменти, а сепак да се задржи добар однос со Јехова. Можеме многу да научиме од извештајот од 1. Самоилова 30. поглавје. Додека Давид, неговите луѓе и нивните семејства бегале од цар Саул, живееле како изгнаници во Сиклаг. Кога Амаличаните ги одвеле останатите како заробеници, мажите го обвинувале Давид и сакале да го каменуваат. Како реагирал Давид? Не подлегнал на обесхрабрувањето туку ‚бил зајакнат од Јехова, својот Бог‘ (1. Самоилова 30:6). Барал совет од Јехова, постапил во склад со Божјето водство и ги спасил заробениците. Говорникот ги увери дипломците дека, ако покажат слична доверба во Јехова и ако го следат неговото водство, ќе видат многу добри денови. Ќе му се радуваат на животот додека ја извршуваат скапоцената задача што им е дадена.
„Спремно дочекајте ги ноќните стражи“ беше темата на говорот што го изнесе Мајкл Барнет, еден од инструкторите на школата. Израелците ја делеле ноќта од зајдисонце до изгрејсонце на три стражи од по четири часа. Последната стража, која траела од 2.00 до 6.00 часот наутро, била најтемна и најстудена. Тогаш било најтешко да се остане буден. Псалмистот размислувал за Јеховините зборови за да не задреме во последната стража од ноќта (Псалм 119:148). „Треба да бидете будни“, им рече брат Барнет на дипломците. „Ќе имате некои темни, обесхрабрувачки денови и ќе го почувствувате студениот свет во кој нема љубов. Треба однапред да знаете како ќе постапите тогаш.“ Потоа ги потсети дека треба да продолжат да проучуваат на длабоки библиски теми за да останат духовно будни. Брат Барнет го кажа следново: „Секој ден му се молите на Јехова затоа што сакате да ви биде пријател. Затоа, дозволете му и на Јехова, како ваш пријател, да ви зборува секој ден преку страниците на Библијата. Ноќта е поодмината, па затоа планирајте како ќе го поминете времето што ви претстои. На тој начин спремно ќе ги дочекате ноќните стражи“.
„Обучени за задачата“, е темата што, на темел на 1. Петрово 5:10, ја избра Марк Њумер, друг инструктор на Гилеад. Тој им го постави на студентите следново прашање: „Иако сте искусни проповедници, зошто бевте повикани во Образовниот центар на Јеховините сведоци? Одговорот гласеше: „Затоа што сте професионалци на вашето поле. Многу професионалци земаат слободни денови од работа за да одат на курсеви за уште повеќе да ги изострат своите вештини. Во изминативе пет месеци, Јехова ве зацврстуваше и ве зајакнуваше преку длабокото проучување на неговата Реч и преку подлабокото запознавање со неговата организација за да можете да ги извршувате сериозните одговорности што ве чекаат. Дрвените греди што се цврсти не се виткаат, не се кршат и не се одвојуваат под притисок. Резултатите од вашата обука ќе се видат додека соработувате со вашите браќа и сестри. Дали под притисок ќе се повлечете од Божјите начела или ќе останете цврсти, постапувајќи сосема во склад со она што сте го научиле од Божјата Реч? Нешто што е цврсто може да издржи товар. Цврстината на дрвените греди зависи од цврстината на нивните дрвени влакна. Твојата цврстина зависи од најскриените нишки на твојата личност. Јехова те довел овде за да те зацврсти, за да можат другите да се потпрат на тебе и за да бидеш дораснат на задачата што те чека. Бог го направил својот дел и затоа се молиме и ти да го направиш твојот дел и да му дозволиш на ‚Големиот Учител‘ да го доврши твоето обучување“.
Искуства и интервјуа
На дипломирањата на Гилеад секогаш е вистинско освежување да се чуе што имаат да кажат студентите, па така беше и овојпат. За време на еден дел од програмата, студентите одглумија некои од нивните недамнешни искуства во проповедањето. На пример, еден брачен пар од Франција морал да чека шест часа на аеродром кога доаѓале на школата. Во ресторанот на аеродромот почнале разговор со двајца луѓе кои ги чекале своите летови. Кога едниот од нив рекол дека е од Малави, тие почнале да му зборуваат на јазикот чичева. Изненаден, ги прашал од каде го знаат неговиот јазик. Му објасниле дека служат како мисионери во Малави. Кога другиот човек рекол дека е од Камерун, на негово големо изненадување тие почнале да му зборуваат на француски. Обајцата имале високо мислење за Јеховините сведоци и мисионерите им дале убаво сведоштво.
Николас Аладис од Одделот за преведувачка служба интервјуираше две брачни двојки од дипломците. Едната брачна двојка заминала од Австралија за да служат како мисионери во завојуваниот Источен Тимор. Другата брачна двојка ја напуштила Кореја за да служат во Хонгконг. Двете брачни двојки едвај чекаа да се вратат на своите доделби за да го применат она што го научија на школата.
Откако на студентите им беа врачени дипломите, еден од нив во име на целиот клас прочита писмо на благодарност за поуките што ги добија. Тогаш брат Леш, во своите заклучни зборови, кажа неколку убави сликовити описи, велејќи дека вистината е како прекрасно виножито, како оаза во пустина и како котва во разбранувано море. „Колкав благослов е да се знае вистината“, рече тој. „Бидете застапници на вистината и помогнете им и на другите да бидат застапници како вас.“
[Табела/карта на страница 31]
ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ
12 застапени земји
36 просечна возраст
20 просек на години во вистината
15 просек на години во полновремена служба
[Карта]
(Види во публикацијата)
Студентите беа испратени во земјите што се означени подолу
ЗЕМЈИ ВО КОИ СЕ ИСПРАТЕНИ
БЕЛИСЕ
БЕНИН
БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА
ГАБОН
ГВИНЕЈА
ГРУЗИЈА
ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА
ЕКВАДОР
ЗЕЛЕН ’РТ
ЗИМБАБВЕ
ИСТОЧЕН ТИМОР
КАМБОЏА
КАМЕРУН
ЛИБЕРИЈА
МАДАГАСКАР
МАЛАВИ
ПЕРУ
САД
САМОА
САО ТОМЕ-И-ПРИНСИПЕ
ХОНГКОНГ
[Слика на страница 31]
132. клас што дипломира на школата Гилеад
Во списокот долу, редовите се наведени однапред наназад, а имињата одлево надесно.
1) Јап Р.; Јап Џ.; Нг Т.; Нг П.; Лорино Ф.; Лорино Б.; Вон С.; Вон С.
2) Моралес Н.; Моралес М.; Жануту Х.; Жануту М.; Рамф И.; Рамф Џ.; Жерман Д.; Жерман Н.
3) Ачаде И.; Ачаде И.; Томас К.; Томас Е.; Естижан К.; Естижан П.
4) Ермен Д.; Ермен А.; Бреј Џ.; Бреј А.; Аморин М.; Аморин Д.; Со Ј.; Со Ј.
5) Симон Ж.; Симон К.; Сил К.; Сил Д.; Ериксон Џ.; Ериксон Р.
6) Мекласки Д.; Мекласки Т.; Браун А.; Браун В.; Мариану Д.; Мариану С.; Лојола Ј.; Лојола К.
7) Ретгерц Ф.; Ретгерц Н.; Фуко Ф.; Фуко Ш.; Вунџа Џ.; Вунџа Е.