Ерусалим во библиските времиња — што открива археологијата?
ВО ЕРУСАЛИМ се случиле интересни главни археолошки активности, особено од 1967 година наваму. Многу од ископаните места сега се отворени за јавноста, па да посетиме некои од нив и да видиме како археологијата се поклопува со библиската историја.
Ерусалим на цар Давид
Подрачјето на кое Библијата се осврнува како на Гората Сион, на која бил изграден древниот Давидов град, изгледа прилично незначително во метрополата на современиот Ерусалим. Ископувањата на Давидовиот град, водени од починатиот професор Јигал Шило помеѓу 1978 и 1985 година, открија една масивна скалеста градба, односно потпорен ѕид, на источната страна од брдото.
Професор Шило тврдеше дека тоа сигурно се остатоци од некоја огромна подградба со терасести ѕидови, на кои Евусејците (жители пред Давидовото освојување) изградиле една цитадела. Тој објаснил дека скалестата градба што ја нашол на врвот од овие терасести ѕидови, ѝ припаѓала на новата тврдина изградена од Давид, на местото на евусејската цитадела. Во 2. Царства 5:9 читаме: „Давид се насели во тврдината, и ја нарече Давидов град, и изгради наоколу ѕид од крајот, па сѐ до внатре“.
Близу оваа градба се влезовите од древните водени системи на градот, од кои некои изгледа се делови од Давидовото време. Некои изјави во Библијата во врска со ерусалимскиот систем на тунел за вода покренале извесни прашања. На пример, Давид им рекол на своите луѓе дека „секој кој ги удира Евусејците, преку тунелот за вода нека дојде во контакт“ со непријателот (2. Царства 5:8, НС). Давидовиот заповедник Јоав го сторил тоа. Што точно е мислено со изразот „тунелот за вода“?
И други прашања биле покренати во врска со прочуениот Силоамски тунел, веројатно ископан од инженерите на цар Езекија во осмиот век пр. н. е. на кој се укажува во 4. Царства 20:20 и во 2. Летописи 32:30. Како успеале да се сретнат двата тима од копачи на тунел, копајќи од спротивните краеви? Зошто избрале кривулеста патека, која го прави тунелот значително подолг отколку прав? Како добивале доволно воздух за да дишат, особено со оглед на тоа дека веројатно користеле светилки кои гореле на масло?
Списанието Biblical Archaeology Review понудило можни одговори на ваквите прашања. Дан Гил, геолошки консултант за ова ископување, е цитиран: „Под Давидовиот град има еден добро развиен природен карстен систем. Карст е геолошки термин кој опишува еден нерамномерен регион од понори, пештери и канали, предизвикани од подземна вода додека таа прокапува и тече низ подземни карпести формации . . . Нашето геолошко истражување на подземниот водовод под Давидовиот град покажува дека тој воглавно бил обликуван со вешто човечко зголемување на природните (карстни) канали настанати со распаѓање, како и на шахтите што биле споени во функционални системи за обезбедување со вода“.
Ова би можело да објасни на кој начин бил ископан Силоамскиот тунел. Тој можеби го следел кривулестиот пат на некој природен канал под брдото. Тимовите кои работеле од секој крај, можеби ископале еден провизорен тунел со тоа што ги променувале постоечките пештери. Потоа бил ископан еден кос канал за водата да тече од изворот Гихон до Бањата Силоам, која веројатно била лоцирана во градските ѕидини. Ова претставувало вистински инженерски подвиг, бидејќи висинската разлика меѓу двата краја изнесува само 32 сантиметри, и покрај неговата должина од 533 метри.
Научниците одамна сфатиле дека главниот извор на вода за древниот град бил изворот Гихон. Тој бил сместен надвор од ѕидините на градот, но доволно близу за да овозможи да се ископа тунел и 11-метарска шахта, кои би им овозможиле на жителите да црпат вода без да излегуваат надвор од заштитните ѕидини. Оваа шахта е позната како Воренова шахта, наречена според Чарлс Ворен, кој го открил системот во 1867 година. Но, кога биле направени тунелот и шахтата? Дали постоеле во Давидовото време? Дали ова бил тунелот за вода што го користел Јоав? Дан Гил одговара: „За да испитаме дали Вореновата шахта всушност била природен понор, анализиравме еден фрагмент варовна кора од неговите нерамномерни ѕидови на јаглерод-14. Тој не содржеше ништо, покажувајќи притоа дека кората е стара повеќе од 40.000 години. Ова дава несомнен доказ дека шахтата не можела да биде ископана од човек“.
Остатоци од времето на Езекија
Цар Езекија живеел кога асирската нација освојувала сѐ пред себе. Во шестата година од неговото владеење, Асирците ја зазеле Самарија, главниот град на десетплеменското царство. Осум години подоцна (732 пр. н. е.), Асирците повторно се вратиле, заканувајќи им се на Јуда и на Ерусалим. Втора Летописи 32:1—8 ја опишува Езекиината одбранбена стратегија. Дали постојат некакви видливи докази од овој период?
Да, во 1969 година, професорот Нахман Авигад открил остатоци од овој период. Ископувањата открија дел од еден масивен ѕид, чиј прв дел е долг 40 метри, широк 7 метри и, според проценките, висок 8 метри. Ѕидот стоел делумно на камена подлога, а делумно на новоизградени куќи. Кој го изградил ѕидот и кога? „Два пасуса од Библијата му помогнаа на Авигад да укаже на датумот и целта на ѕидот“ — известува едно археолошко списание. Овие пасуси гласат: „И се утврди Езекија, ги поправи сите срушени ѕидови и ги издигна до кулата, а надвор изгради друг ѕид“ (2. Летописи 32:5). „И се разрушија куќите ерусалимски, за да се зацврстат ѕидините градски“ (Исаија 22:10). Денес, посетителите можат да видат дел од овој таканаречен Широк ѕид во Еврејскиот кварт од Стариот град.
Разни ископувања исто така откриваат дека Ерусалим во ова време бил многу поголем отколку што досега се мислело, веројатно поради приливот на бегалци од северното царство после неговиот пораз од страна на Асирците. Професор Шило проценил дека евусејскиот град покривал подрачје од околу 6 хектари. Во времето на Соломон, тој покривал речиси 16 хектари. До времето на цар Езекија, 300 години подоцна, утврденото подрачје на градот пораснало на околу 60 хектари површина.
Гробишта од периодот на Првиот храм
Гробиштата од периодот на Првиот храм, то ест пред Вавилонците да го уништат Ерусалим во 607 пр. н. е., биле уште еден извор на информации. Беа направени спектакуларни наоди кога во 1979—1980 година, на падините на долината Хином беше ископана една група пештери за закоп. „Во сета историја на археолошкото истражување во Ерусалим, ова е едно од малкуте складишта на Првиот храм што е најдено со сета негова содржина. Тоа содржеше преку илјада предмети“ — вели археологот Габриел Баркеј. Тој продолжува: „Најдрагиот сон на секој археолог кој работи во Израел, а особено во Ерусалим, е да открие пишан материјал“. Беа пронајдени два мали сребрени свитока кои содржеа — што?
Баркеј објаснува: „Кога ја видов неодвитканата сребрена лента и ја ставив под лупа, можев да видам дека површината беше покриена со внимателно направени букви, изгребани со остар инструмент во многу тенкиот и кршлив лист од сребро . . . Божественото име, кое јасно се појавува во натписот, е составено од четирите хебрејски букви, напишани со древно хебрејско писмо, јод-хе-вав-хе. Во една подоцнежна публикација, Баркеј додава: „На наше изненадување, обете сребрени плочки беа испишани со формули за благослов, речиси идентични со библискиот Свештенички благослов“ (4. Мојсеева 6:24—26). Ова беше првпат Јеховиното име да биде пронајдено во некој натпис откриен во Ерусалим.
Како научниците ги датираа овие сребрени свитоци? Главно со помош на археолошкиот контекст, во рамките на кој беа откриени. Во складиштето беа пронајдени преку 300 парчиња грнчарија кои може да се датираат, а кои укажуваат на седмиот и шестиот век пр. н. е. Кога ќе се спореди со други датирани натписи, писмото укажува на истиот период. Свитоците се изложени во музејот Израел во Ерусалим.
Уништувањето на Ерусалим во 607 пр. н. е.
Во 4. Царства поглавје 25, 2. Летописи поглавје 36 и во Јеремија поглавје 39, Библијата кажува за уништувањето на Ерусалим во 607 пр. н. е., известувајќи дека војската на Навуходоносор го ставила градот во пламен. Дали неодамнешните ископувања го потврдија овој историски извештај? Според професорот Јигал Шило, „доказот [за вавилонското уништување] во Библијата . . . е надополнет со јасен археолошки доказ, со потполното уништување на различните градби, како и со еден голем пожар кој ги уништил различните дрвени делови од куќите“. Понатаму тој коментирал: „Траги од ова уништување се пронајдени во секое од ископувањата што се извршени во Ерусалим“.
Посетителите можат да ги видат остатоците од ова уништување кое се случило пред повеќе од 2.500 години. Израелската кула, Изгорената соба и Куќата на булите се имиња на популарни археолошки места кои се сочувани и отворени за јавноста. Во книгата Ancient Jerusalem Revealed, археолозите Џејн М. Кахил и Дејвид Тарлер резимираат: „Големото уништување на Ерусалим од страна на Вавилонците е очигледно не само во тенките наслаги од јагленисани остатоци ископани во градбите како што се Изгорената соба и Куќата на булите туку и во длабокиот шут од камења од пропаднати згради, пронајдени на западната падина. Библиските описи на уништувањето на градот . . . го надополнуваат археолошкиот доказ“.
На тој начин, библиската слика на Ерусалим од Давидовото време па сѐ до неговото уништување во 607 пр. н. е., на многу начини е потврдена со археолошките ископувања, направени во текот на изминативе 25 години. Но, што е со Ерусалим од првиот век н. е.?
Ерусалим во времето на Исус
Ископувањата, Библијата, еврејскиот историчар Јосиф од првиот век, како и други извори, им помагаат на научниците да си го претстават Ерусалим од времето на Исус, пред да биде уништен од Римјаните во 70 н. е. Една макета, изложена зад еден голем хотел во Ерусалим, редовно се осовременува според она што го откриваат новите ископувања. Главната одлика на градот била Храмското брдо, коешто Ирод двојно го зголемил во споредба со оној од времето на Соломон. Тоа била најголемата платформа во древниот свет направена со човечка рака, со големина од околу 480 на 280 метри. Некои градежни камења тежеле по 50 тони, а еден скоро 400 тони и, според еден научник, „по големина му нема рамен никаде во древниот свет“.
Не е ни чудо што некои луѓе биле шокирани кога го чуле Исус како вели: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам“. Тие мислеле дека тој зборува за огромната храмска зграда, иако тој мислел на „храмот на Своето тело“. Затоа рекле: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?“ (Јован 2:19—21). Како резултат на ископувањата во околината на Храмското брдо, посетителите сега можат да видат делови од ѕидини и други архитектонски одлики од времето на Исус, па дури и да одат по неговите стапки по кои веројатно одел тој кон јужните храмски порти.
Недалеку од западниот ѕид на Храмското брдо, во Еврејскиот кварт на Стариот град, има две убаво обновени ископини од првиот век н. е., познати како Изгорената куќа и Иродовскиот кварт. После откритието на Изгорената куќа, археологот Нахман Авигад напишал: „Сега беше сосема јасно дека оваа зграда била изгорена од страна на Римјаните во 70 А. Д., за време на уништувањето на Ерусалим. За првпат во историјата на ископувањата во градот, на виделина излезе жив и јасен археолошки доказ за палењето на градот. (Види ги фотографиите на страница 12.)
Некои од овие откритија фрлаат светлина врз некои настани од Исусовиот живот. Градбите биле лоцирани во Горниот град, каде што живееле богатите луѓе на Ерусалим, вклучувајќи ги и првосвештениците. Во куќите се пронајдени голем број ритуални кади. Еден научник забележува: „Големиот број кади сведочи за стриктното придржување кон законите за ритуална чистота што ја практикувале резидентите на Горниот град во периодот на Вториот храм. (Овие закони се забележани во Мишната, која им посветува десет поглавја на деталите околу миквех.)“ Оваа информација ни помага да ги сфатиме Исусовите коментари до фарисеите и книжниците во врска со овие ритуали (Матеј 15:1—20; Марко 7:1—15).
Во Ерусалим се откриени и еден изненадувачки голем број камени садови. Нахман Авигад забележува: „Тогаш, зошто тие се појавиле така ненадејно и во толкави количества во ерусалимското домаќинство? Одговорот лежи во подрачјето на халаках — еврејските закони за ритуална чистота. Мишната ни кажува дека камените садови спаѓаат во оние предмети кои не се подложни на нечистота . . . Каменот едноставно не бил подложен на ритуално загадување“. Се сугерира дека ова го објаснува фактот зошто водата што Исус ја претворил во вино, била складирана во камени садови, наместо во земјени (3. Мојсеева 11:33; Јован 2:6).
Една посета во музејот Израел ќе покаже две необични костурници. Biblical Archaeology Review објаснува: „Костурниците првенствено биле користени отприлика сто години пред Римјаните да го уништат Ерусалим во 70 н. е. . . Починатиот бил сместуван во една вдлабнатина изделкана во ѕидот на една пештера за закоп; откако телото ќе се распаднело, коските биле собирани и ставани во една костурница — сад кој обично бил од декориран варовник“. Двата кои се изложени, беа пронајдени во ноември 1990 година во една пештера за закоп. Археологот Зви Гринхат известува: „Овде за првпат во еден археолошки контекст на две од костурниците во гробницата се појавува зборот . . . ‚Кајафа‘. Веројатно тоа е името на семејството на првосвештеникот Кајафа, споменат . . . во Новиот Завет . . . Токму од неговата куќа во Ерусалим, Исус му бил предаден на римскиот прокуратор Понтиј Пилат“. Едната костурница содржела коски на маж од околу 60-годишна возраст. Научниците шпекулираат дека ова навистина се коските на Кајафа. Еден научник наодите ги припишува на Исусовото време: „Во една од другите костурници е пронајдена монета искована од Ирод Агрипа (37—44 н. е.). Двете костурници Кајафа би можеле да датираат некаде од почетокот на векот“.
Вилијам Г. Девер, професор по блискоисточна археологија на универзитетот од Аризона, во врска со Ерусалим коментирал: „Нема да претерам ако речам дека за археолошката историја научивме повеќе од ова клучно место во изминативе 15 години, отколку во претходните 150 години заедно“. Многу од главните археолошки активности во Ерусалим во текот на последниве децении навистина изнесоа наоди кои ја разјаснуваат библиската историја.
[Извор на слика на страница 9]
Репродукција на градот Ерусалим во времето на Вториот храм — лоцирана на теренот на хотелот Холиленд (Ерусалим)
[Слики на страница 10]
Горе: Југозападниот агол од ерусалимското Храмско брдо
Десно: Минување низ тунелот на Езекија