На кој начин христијаните се соочуваат со прекорувањата од јавноста
КАКО се чувствуваш кога некој те прекорува или шири лаги за тебе? Секако дека си длабоко повреден. Јеховините сведоци доживуваат нешто слично секогаш кога ќе станат предмет на неточни или искривени информации во јавноста. Но, како што рекол Исус во Матеј 5:11, 12, тие сепак имаат причина да бидат радосни.
На пример, една католичка публикација во Германија тврдела дека „секој Сведок е должен да подари на седиштето на сектата по 17 до 28 проценти од својот приход“. Меѓутоа, Јеховините сведоци не сочинуваат секта, а нивното дело потполно се финансира со доброволни донации. Многу читатели биле наведени на погрешно мислење поради овие неточни информации, а Јеховините сведоци сметаат дека сето тоа е навистина жалосно. Но, како треба да реагираат вистинските христијани на јавните обвинувања?
Пример што треба да го следат христијаните
Матеј 23. поглавје јасно опишува како Исус ги осудил своите религиозни противници поради нивното лицемерство и измама. Дали тоа претставува пример за денешните христијани во поглед на тоа како да се соочат со критикувањата? Всушност, не. Божјиот Син ги прекорил своите религиозни непријатели поради посебниот авторитет и увид што го поседувал, правејќи го тоа во корист на мноштвата што слушале.
Матеј 15:1-11 известува дека Исус бил критикуван поради тоа што за неговите ученици се велело дека ја престапуваат еврејската традиција. Како реагирал Исус? Тој останал цврст. Во некои прилики отворено се борел со оние што го критикувале, побивајќи ги нивните погрешни гледишта. Општо земено, денешните христијани не грешат кога се обидуваат да ги поправат погрешните претставувања на нивното дело и на нивните учења, обидувајќи се да ја разјаснат ситуацијата на еден вистинит и логичен начин. Тие го прават тоа за да им помогнат на искрените луѓе да увидат дека критикувањето на Јеховините сведоци е неоправдано и клеветничко.
Сепак, забележи како реагирал Исус нешто подоцна кога неговите ученици му укажале: „Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?“ Фарисеите ‚се соблазниле‘ — тие не биле само збунети туку станале и непоправливи противници поради што Исус ги отфрлил. Затоа тој одговорил: „Оставете ги: тие се слепи водачи“. Понатамошни дискусии со тие непријателски расположени антагонисти би биле бесмислени, на ничија корист, и само би воделе до бескорисна препирка (Матеј 7:6; 15:12-14; спореди 27:11-14). Одговорите што ги дал Исус покажуваат дека има „време кога се молчи, и време кога се зборува“ (Проповедник 3:7).
Јеховините сведоци не очекуваат секој да зборува поволно за нив. Тие ги имаат во мислите Исусовите зборови: „Тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто така им правеа на лажните пророци и нивните татковци“ (Лука 6:26). Ч. Т. Расел, првиот претседател на Друштвото Стражарска кула, во една прилика бил запрашан зошто не се брани од клеветите. Тој одговорил: „Ако застанеш за да го клоцнеш секое куче што лае на тебе, никогаш нема да стигнеш далеку“.
Затоа, не треба да дозволиме забелешките од некои противници да го одвратат нашето внимание од службата за Бог (Псалм 118:69). Да се сосредоточиме на делото на вистинските христијани, то ест на евангелизирањето. Со самото тоа ќе имаме можности да одговараме на прашањата и да ја објасниме суштината на нашето дело, како што е издигнувањето на моралот кај луѓето и поучувањето за Божјата Реч (Матеј 24:14; 28:19, 20).
Дали да се одговори на критизирањето?
За своите следбеници, Исус рекол: „Не сте од светот . . . затоа светот и ве мрази“ (Јован 15:19). Многу новински извештаи кои натрупуваат обвиненија врз Јеховините сведоци, претставуваат израз на ваквата омраза и затоа не треба да им се обрнува внимание. Меѓутоа, медиумите можат понекогаш да изнесат информации што укажуваат на недостиг на информираност во врска со Сведоците или информации што искривуваат или погрешно прикажуваат извесни факти. Некои новинари можеби добиваат информации од пристрасни извори. Дали да не обрнуваме внимание на овие неточни информации од медиумите или, пак, да ја браниме вистината со соодветни средства, зависи од околностите, од поттикнувачот на критиката и од неговата цел.
Понекогаш работите можат да се поправат со едно добро напишано писмо до издавачот, но само ако писмото биде објавено во целост. Сепак, таквото писмо може да постигне и сосема спротивен ефект од она што се мислело. Како тоа? Првобитната невистина може на тој начин да добие уште поголем публицитет или, пак, на противниците може да им се даде натамошна прилика да печатат лаги или клевети. Во повеќето случаи е мудро тоа да се остави на старешините кои се одговорни да одлучат дали да се напише писмо. Ако некој негативен извештај во печатот предизвикува предрасуда, канцеларијата на подружницата на Друштвото Стражарска кула може да ги информира собранијата во таа земја во врска со фактите, бидејќи со тоа ќе им помогне на сите објавители да им дадат задоволителен одговор на оние што се распрашуваат.
Дали ти лично треба да бидеш вмешан во сите овие извртени оптужби? Исусовиот совет ‚да ги оставиме‘, да не им обрнуваме внимание, јасно се применува на оваа група противници. Лојалните христијани имаат библиски причини да ги одбегнуваат отпадниците и нивните гледишта (1. Коринтјаните 5:11-13; Тит 3:10, 11; 1. Јованово 2:19; 2. Јованово 10, 11). Ако некој е искрено заинтересиран да утврди дали критиките за Сведоците се базираат на вистини или на лаги, твоето добро утврдено знаење честопати ќе биде доволно за да дадеш одговор. (Види Стражарска кула од 1 јули 1986, стр. 26 и 27.)
Ако се соочуваш со искривени информации во печатот, земи го при срце советот од Изреки 14:15: „Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“. Во Швајцарија многу луѓе биле огорчени кога еден трогателен новински извештај тврдел дека една девојка Сведок умрела поради тоа што нејзините роднини не му дозволиле на медицинскиот персонал да примени трансфузија на крв. Но дали тоа навистина било така? Не, пациентката одбила трансфузија на крв од религиозни причини, но сепак се согласила на бескрвно медицинско лекување кое можело да биде започнато без многу врева и кое веројатно ќе го спасело нејзиниот живот. Меѓутоа, болницата непотребно ги одложувала работите сѐ додека не било предоцна. Новинскиот извештај не ги споменал овие факти.
Затоа, внимателно одмери колку вистина содржат ваквите извештаи. На оние што се распрашуваат можеме да им објасниме дека старешините се соочуваат со таквите ситуации на еден љубезен начин, во согласност со библиските упатства. Придржувањето кон начелата додека одговараме, нѐ спречува пребрзо да донесуваме заклучоци (Изреки 18:14).
Неопходна е информација од прва рака
Во првиот век луѓето ширеле лаги за Исус Христос со цел да наштетат на неговиот добар глас, а некои дури го прикажале и како предавник (Лука 7:34; 23:2; спореди Матеј 22:21). Подоцна, младото христијанско собрание се соочило со масовно противење како од страна на религиозните така и од страна на световните елементи. Бидејќи „Бог го избра она, што е безумно во овој свет“, многумина гледале со презир на неговите слуги (1. Коринтјаните 1:22-29). Денешните вистински христијани мораат да бидат свесни дека ќе наидуваат на прекор, кој претставува еден облик на прогонство (Јован 15:20).
Меѓутоа, Јеховините сведоци ценат кога оној со кој разговараат е непристрасен и покажува ист став како некои од Павловите посетители во Рим, кои изјавиле: „Ние сакаме да чуеме од тебе лично што мислиш ти за тоа; зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи“ (Дела 28:22).
Дај им објаснување на оние што се погрешно информирани, но стори го тоа со кротост (Римјаните 12:14; спореди 2. Тимотеј 2:25). Поттикни ги да се информираат од прва рака во врска со Јеховините сведоци, што ќе им овозможи да ги согледаат лажните обвинувања. Би можел да користиш и објаснувања што се издадени од Друштвото Стражарска кула, кои нудат поединости во врска со организацијата, нејзината историја и нејзините учења.a Во една прилика Филип му одговорил на Натанаил така што едноставно му рекол: „Дојди и види“ (Јован 1:46). И ние можеме да го сториме истото. Секој кој сака, срдечно е поканет да дојде во локалната Сала на Царството за да види самиот какви луѓе се Јеховините сведоци и што веруваат тие.
Не плашете се од противниците
Колку е охрабрувачки да се знае дека прекорувањата не ги спречуваат луѓето да станат Сведоци! Во текот на едно ТВ шоу во Германија, отпадниците изнеле многу лаги за Сведоците. Еден гледач ги препознал измислиците кои стоеле зад слаткоречивоста на отпадниците и бил поттикнат да ја обнови својата библиска студија со Сведоците. Да, прекорувањата од јавноста понекогаш донесуваат позитивни резултати! (Спореди Филипјаните 1:12, 13.)
Апостол Павле знаел дека некои ќе обрнуваат поголемо внимание на „бајки“ отколку на вистината. Затоа тој напишал: „Во сѐ биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на евангелист, службата своја исполнувај ја добро!“ (2. Тимотеј 4:3-5). Затоа, не дозволувај да ти се одврати вниманието ‚и во ништо не плаши се‘ од противниците (Филипјаните 1:28). Остани смирен и спокоен и радосно проповедај ја добрата вест, непоколебливо соочувајќи се со прекорувањата од јавноста. Да, запомни го Исусовото ветување: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно — заради Мене! Радујте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас“ (Матеј 5:11, 12).
[Фуснота]
a Види ги публикациите: Јеховините сведоци обединето ја извршуваат Божјата волја ширум светот; Јеховините сведоци во дваесеттиот век и Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство).
[Истакната мисла на страница 27]
Кога бил соочен со противници, Исус им рекол на своите ученици: „Оставете ги“. Што значело тоа?
[Истакната мисла на страница 29]
„Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно — заради Мене!“ (Матеј 5:11)