Пази се од вообразеност!
ВО ПРВИОТ век, фарисеите ја уживале добрата репутација на праведни обожаватели на Бог. Тие биле сериозни истражувачи на Писмото и често се молеле. Некои луѓе гледале на нив како на пријатни и разумни. Еврејскиот историчар Јосиф напишал: „Фарисеите се љубезни еден кон друг и негуваат хармонични односи со заедницата“. Не е ни чудо што биле, веројатно, најпочитуваните и највисоко ценетите поединци во еврејското општество од тоа време!
Меѓутоа, денес зборот „фарисеј“ и термините кои се поврзани со него се навредливи; тие се синоним за лицемерство, вообразеност, за некаква супериорна моралност, фанатична побожност и принесување на служба само со зборови. Зошто фарисеите го изгубиле своето добро име?
Тоа било затоа што, за разлика од повеќето Евреи, Исус Христос не бил измамен од надворешната појава на фарисеите. Тој ги споредил со „варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија“ (Матеј 23:27).
Навистина, тие изговарале долги молитви додека стоеле на јавните места, но тоа било само за да бидат видени од другите, како што рекол Исус. Нивното обожавање било чиста измама. Тие биле „вљубени“ во проминентните места на вечерите и во челните места во синагогите. Додека сите Евреи биле обврзани да носат реси на нивната облека, фарисеите се обиделе да ги импресионираат луѓето носејќи екстремно долги реси. Тие гордо ги покажувале своите зголемени ковчежиња во кои се наоѓале Писмата што ги носеле како амајлии (Матеј 6:5; 23:5-8). Нивното лицемерство, нивната лакомост и нивната ароганција на крајот им донеле срамота.
Исус гласно изјавил дека Бог ги отфрлил фарисеите: „Лицемери, добро пророкувал за вас Исаиј, велејќи: ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби‘“ (Матеј 15:7-9). Нивната праведност била чиста вообразеност. Разбирливо е што Исус ги предупредил своите ученици: „Пазете се од квасот фарисејски“ (Лука 12:1). И ние денес мора да се ‚пазиме‘ од вообразеност или да внимаваме да не станеме религиозни лицемери.
Додека го правиме тоа, треба да сфатиме дека едно лице не станува вообразено прекуноќ. Всушност, оваа тенденција прогресивно се вовлекува низ еден извесен временски период. Некој поединец може дури и несвесно да ги стекне непожелните особини на фарисеите.
Еден супериорен став
Кои се некои од особините од кои мора ‚да се пазиме‘? Вообразените поединци обично „зборуваат, се држат и изгледаат како никогаш да не сториле нешто неисправно“, објаснува Encyclopædia of Religion and Ethics. Вообразените обично се фалат и се самоистакнуваат, што всушност било и главниот проблем кај фарисеите.
Исус го опишал овој фарисејски став со една споредба: „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот митник. Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што придобивам‘“. За разлика од него, митникот понизно ги признал своите грешки и се докажал како поправеден од фалбаџискиот фарисеј. Исус им ја упатил оваа споредба на оние ‚што биле уверени во себе дека се праведни и кои ги презирале другите‘ (Лука 18:9-14).
Како несовршени луѓе, повремено може да чувствуваме дека сме подобри од другите, поради нашите природни способности или предности. Но, христијаните би требало веднаш да ги отфрлат ваквите мисли. Можеби имаш долги години искуство како христијанин. Можеби си вешт библиски учител, или, пак, изјавуваш дека си помазан да владееш со Христос на небото. Некои во собранието уживаат посебни привилегии како полновремени слуги, старешини или слуги помошници. Запрашај се: ‚Како би се чувствувал Јехова ако она што тој ми го дал, јас го користам како причина да се чувствувам супериорно во однос на другите?‘ Секако, тоа би го разлутило (Филипјаните 2:3, 4).
Кога еден христијанин покажува дух на супериорност поради неговите способности, привилегии или авторитет, кои ги добил од Бог тој всушност ги краде од Бог славата и честа кои му припаѓаат само Нему. Библијата јасно ги предупредува христијаните ‚да не мислат повеќе [за себе, НС] отколку што треба да мислат‘. Таа нѐ поттикнува: „Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; не мислете дека сте мудри“ (Римјаните 12:3, 16).
„Престанете да судите“
Според една библиска енциклопедија, едно вообразено лице „се смета себеси за морално исправно или за она кое има исправна положба пред Бог поради својата лојалност на барањата на словото на законот, без оглед на духот во кој тие се напишани“. Едно друго дело ги опишува вообразените како „претерано религиозни луѓе кои го трошат сето свое време, барајќи грешки кај другите“.
Фарисеите биле виновни за такво нешто. Со текот на времето, нивните човечки правила изгледале како да се поважни од Божјите закони и начела (Матеј 23:23; Лука 11:41-44). Тие самите се наименувале за судии и биле склони да го осудат секој оној кој не им удоволувал на нивните вообразени мерила. Нивниот супериорен став и нивното претерано самопочитување им наметнало потреба да ги контролираат другите луѓе. Нивната неспособност да го контролираат Исус ги разбеснила, па така го изманеврирале неговото убиство (Јован 11:47-53).
Колку е непријатно да се биде во друштво со некој кој се става себеси во улога на судија, постојано барајќи грешки кај другите, испитувајќи го и контролирајќи го секого околу себе. Навистина, никој во собранието го нема тоа право да им наметнува на другите свои мислења и сопствени правила (Римјаните 14:10-13). Урамнотежените христијани согледуваат дека многу аспекти од секојдневниот живот спаѓаат во доменот на лична одлука. Особено оние кои тежнеат кон перфекционизам и кои изискуваат многу, мора да избегнуваат да ги осудуваат другите.
Навистина, христијанското собрание е овластено да има упатства кои придонесуваат за доброто функционирање на Јеховината земска организација (Евреите 13:17). Но, некои ги искривиле овие упатства или додале некои свои правила. Во едно подрачје, сите ученици кога имале говори во Теократската школа за проповедање морале да носат одела и нивните палта требало да бидат закопчани. Ученикот кој би пропуштил да го стори тоа, би бил дисквалификуван од предноста да има говори. Наместо да се поставуваат вакви крути правила, зарем нема да биде поразумно и во склад со духот на Божјата Реч да се даде љубезно водство какво што навистина е потребно? (Јаков 3:17)
Вообразените лица може, исто така, да го пропагираат своето гледиште дека ако еден христијанин поминува низ многу лични тешкотии, тогаш тој сигурно има некој духовен недостаток. Тоа е токму она што го мислеле за верниот Јов вообразените Елифаз, Вилдад и Софар. Тие немале комплетна претстава за ситуацијата и затоа било дрско од нивна страна тоа што го обвиниле Јов за злодело. Јехова ги укорил за нивната искривена проценка на Јововите маки. (Види Јов, поглавја 4, 5, 8, 11, 18, 20.)
Ревност во погрешен правец
Вообразеноста и ревноста честопати се меѓусебно поврзани. Апостол Павле зборувал за религиозно настроените Евреи како за оние кои ‚имаат ревност за Бога, но не по разумот. Зашто, не познавајќи ја правдата Божја и гледајќи да ја воспостават својата правда, тие не ѝ се покориле на Божјата правда‘ (Римјаните 10:2, 3). Како фарисеј, и самиот Павле бил претерано ревен, меѓутоа неговата ревност била во погрешен правец, не се темелела на Јеховината праведност (Галатјаните 1:13, 14; Филипјаните 3:6).
Библијата со право предупредува: „Не бивај строг и немој да се покажуваш за многу умен, за да не се избезумиш“ (Проповедник 7:16). Во собранието, некој христијанин на почетокот може да биде совесен, но неговата совест и ревност можат да дегенерираат во вообразеност. Кога е водена од човечка мудрост, наместо од Јеховината праведност, религиозната ревност може да ги повреди другите. Како?
Родителите, на пример, може да станат премногу зафатени со грижата за духовните потреби на другите и во сето тоа може да ги запостават потребите на своето сопствено семејство. Или, пак, тие можат да бидат претерано ревни, барајќи од своите деца повеќе од она што тие веројатно би можеле да го сторат (Ефесјаните 6:4; Колосјаните 3:21). Некои деца, неспособни да им удоволат на ваквите неразумни барања, одговараат на тоа така што водат дволичен живот. Еден разумен родител ќе ги земе во обѕир ограничувањата на своето семејство и ќе направи соодветни прилагодувања. (Спореди 1. Мојсеева 33:12-14.)
Претераната ревност може да нѐ лиши и од тактичноста, од способноста за соживување и од чувствителноста, кои се витални за нашиот однос со другите. Едно лице може да вложува многу труд за унапредување на интересите на Царството. Меѓутоа, додека го прави тоа неговата претерана ревност може да ги повреди останатите. Павле рекол: „Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, — ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, — штом љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Коринтјаните 13:2, 3).
На Бог му се мили понизните
Како христијани, ние треба да ја идентификуваме заканата од вообразеност пред таа да почне да се развива во нас. Мора да го избегнуваме супериорниот став, навиката да ги осудуваме другите и слепата ревност темелена на човечка мудрост.
Додека се ‚пазиме‘ од фарисејските ставови, наместо да ги осудуваме другите како вообразени, ќе биде подобро да се насочиме кон сопствените тенденции и склоности. Навистина, Исус ги осудил фарисеите и ги прогласил за „породи аспидини“ кои заслужуваат вечно уништување. Но, Исус можел да ги чита срцата на луѓето. Ние не можеме (Матеј 23:33).
Да ја бараме Божјата праведност, а не сопствената (Матеј 6:33). Само тогаш ќе имаме Јеховина наклоност, бидејќи Библијата нѐ предупредува сите нас: „Здобивајте се со понизност, бидејќи ‚Бог им се противи на горделивите, а на смирените [понизните, НС] им дава благодат‘“ (1. Петрово 5:5).