-
Кој ја проповеда добрата вест?Стражарска кула 2011 | 1 Март
-
-
Кој ја проповеда добрата вест?
„...ќе биде проповедана по целиот свет“ (МАТЕЈ 24:14)
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ја проповедаат добрата вест. Тоа го прават во целиот свет и на различни начини. Еден начин е така што...
Им ја кажуваат на другите. Исто како Исус и неговите ученици, Јеховините сведоци одат кај луѓето за да им ја пренесат добрата вест, а не чекаат луѓето да дојдат кај нив (Лука 8:1; 10:1). Сите Јеховини сведоци, кои ги има преку седум милиони, им кажуваат на другите за Божјето Царство. Тие проповедаат од куќа до куќа, на улица, по телефон и на други начини. Минатата година, во делото на проповедање потрошија повеќе од една и пол милијарда часови.
Ги поучуваат луѓето за Божјето Царство и за ‚сѐ што заповедал‘ Исус (Матеј 28:20). Редовно водат повеќе од осум милиони бесплатни библиски студии.
Сведоците проповедаат во целиот свет, и тоа во 236 земји. Им ја пренесуваат веста на луѓе со најразлично потекло. Проповедаат по селата и по градовите, во амазонските џунгли и во сибирските шуми, во африканските пустини и на Хималајските планини. Не добиваат плата за тоа, туку проповедаат на свој трошок и во своето слободно време, мотивирани од љубов кон Бог и кон ближниот. Добрата вест ја објавуваат и на тој начин што...
Издаваат различни публикации. Ова списание, чиј целосен назив е Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство, се издава на 185 јазици и секој број има тираж од повеќе од 42 милиони примероци. И придружното списание Разбудете се!го објавува Царството и се издава на 83 јазици со тираж од околу 40 милиони примероци.
Книги, брошури, трактати и аудио снимки и DVD-ja во кои се објаснети библиските учења сега има на околу 540 јазици. Само во изминативе десет години Сведоците имаат отпечатено и поделено повеќе од 20 милијарди вакви публикации, што значи во просек по 3 публикации на секој човек на Земјата!
Јеховините сведоци отпечатиле или нарачале да се отпечатат различни преводи на Библијата. Свето писмо — превод Нов свет, кое го преведуваат и издаваат Сведоците и кое може да се добие само од нив — сега го има комплетно или дел од него на 96 јазици. Дистрибуирани се повеќе од 166 милиони примероци. Сведоците ја шират добрата вест за Царството и...
На христијанските состаноци. Седмичните состаноци кои се одржуваат во локалните Сали на Царството не служат само за верска поука туку имаат и образовен карактер. Се изнесуваат говори на библиски теми, а Библијата се проучува со помош на списанието Стражарска кула и други публикации. Освен тоа, на тие состаноци Сведоците учат поделотворно да ја објавуваат добрата вест.
Сведоците го проучуваат истиот материјал во повеќе од 107.000 собранија во светот, што придонесува за нивното единство. На овие состаноци секој е добредојден и не се собираат прилози. Се разбира, ништо од сево ова не би имало смисла ако Сведоците не постапуваат така како што проповедаат. Според тоа, даваат сѐ од себе да им ја пренесат на другите добрата вест...
Со својот личен пример. Се трудат да се однесуваат примерно како што им прилега на христијани и прават сѐ за да постапуваат со другите онака како што сакаат другите да постапуваат со нив (Матеј 7:12). Иако се несовршени и понекогаш прават грешки, тие искрено сакаат да покажуваат љубов кон сите луѓе не само со тоа што ќе им ја пренесат добрата вест туку и ќе им помагаат секогаш кога е можно.
Со своето проповедање Јеховините сведоци не се обидуваат да го променат светот. Тие ќе проповедаат сѐ додека Јехова не каже дека е доволно, и тогаш, како што прорекол Исус, ќе дојде крајот. Што ќе значи тоа за Земјата и за луѓето на неа?
[Слика на страница 7]
Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест во целиот свет
-
-
Што е „крајот“?Стражарска кула 2011 | 1 Март
-
-
Што е „крајот“?
„... и тогаш ќе дојде крајот“ (МАТЕЈ 24:14)
ВО ПОСЛЕДНО време многу се зборува за крајот на светот. Во книги, филмови и списанија, како со хумористична така и со научна содржина, се опишуваат катастрофите што ќе се случат во судниот ден. Некои од нив се уништување во нуклеарна војна, удар на астероид, смртоносен вирус, драстични промени во климата или напад од вонземјани.
И религиозните гледишта многу се разликуваат. Мнозина веруваат дека „крајот“ ќе значи и крај на животот на Земјата. Во врска со Матеј 24:14, еден теолог ги запишал следниве морничави зборови: „Ова е еден од најважните стихови во целата Божја Реч... На нашава генерација ѝ претстои толку разорно уништување што малкумина од нас можат да си замислат колку страшно ќе биде тоа“.
Луѓето што размислуваат така не се свесни за еден важен факт: Јехова Бог ‚ја зацврстил‘ Земјата и ‚не ја создал залудно, туку ја обликувал за да биде населена‘ (Исаија 45:18). Според тоа, кога зборувал за „крајот“, Исус не мислел дека ќе биде уништена планетата или дека човекот ќе биде збришан од лицето на Земјата. Тој сакал да каже дека ќе бидат уништени злите луѓе — оние кои тврдоглаво одбиваат да живеат во склад со водството што Јехова со љубов ни го дава.
Да наведеме еден пример. Да речеме дека имаш убава куќа и им дозволуваш на некои луѓе да живеат во неа без да плаќаат кирија. Некои од станарите одржуваат мирољубиви односи со другите и добро се грижат за куќата. Други, пак, прават многу проблеми, се караат и ги малтретираат добрите станари. Го оштетуваат твојот имот и тврдоглаво продолжуваат да го прават тоа.
Што ќе направиш во таква ситуација? Дали ќе ја уништиш куќата? Секако дека не. Веројатно ќе ги истераш лошите потстанари и ќе ја поправиш штетата што била направена.
Јехова ќе постапи на сличен начин. Со својот дух тој го поттикнал псалмистот да го запише следново: „Оние што прават зло, ќе бидат истребени, а оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата. Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:9-11).
Апостол Петар зборувал на истата тема. Под водство на светиот дух напишал: „Од дамнина постоеле небесата и... земјата стоела над водата и среде водата преку Божјата реч. Со неа тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода“ (2. Петрово 3:5, 6). Овде апостолот зборува за Потопот во времето на Ное, со кој бил уништен светот од безбожни луѓе, но не и Земјата. Тој општ Потоп ‚им дал пример на безбожниците за она што треба да дојде‘ (2. Петрово 2:6).
Петар додал: „А сегашните небеса и земја преку истата таа реч се зачувани за оган“. Ако го прочитаме само овој дел од стихот, би можеле да дојдеме до погрешен заклучок. Но, забележи што пишува понатаму во истиот стих: „И уништувањето на безбожниците“. Значи, нема да биде уништена Земјата туку безбожните луѓе. Што ќе се случи потоа? Петар напишал: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса [Божјето месијанско Царство] и нова земја [праведно човечко општество] во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:7, 13).
Библиските пророштва ни покажуваат и дека времето на „крајот“ е близу. Во Матеј 24:3-14 и 2. Тимотеј 3:1-5 можеш да прочиташ некои обележја што ни го потврдуваат тоа.a
Зар не мислиш дека е чудно што има толку голема збрка во врска со Матеј 24:14, стих кој и едно дете може да го разбере? За ова постојат неколку причини. Сатана ги заслепил луѓето да не можат да ја видат скапоцената вистина што се наоѓа во Божјата Реч (2. Коринќаните 4:4). Освен тоа, Бог ги скрил своите намери од горделивите и им ги открил на понизните. Затоа, Исус рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, зашто ова си го скрил од мудрите и умните, а си им го открил на малите деца“ (Матеј 11:25). Голема чест е да се биде меѓу понизните кои разбираат што е Божјето Царство и ги чекаат благословите што царството ќе им ги донесе на сите кои го поддржуваат!
-