ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 15/12 стр. 4-8
  • Да учиме од човечкото семејство на Исус

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Да учиме од човечкото семејство на Исус
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Јосиф — праведен човек
  • Марија — несебичен слуга на Бог
  • Браќата на Исус — возможна е промена
  • Тој го прифатил божественото водство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Што учиме од Марија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Тој бил закрила, поткрепа и духовен столб
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Добар татко и верен Божји слуга
    Угледајте се на нивната вера
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 15/12 стр. 4-8

Да учиме од човечкото семејство на Исус

Ш ТО знаеш за потесното семејство на Исус, за оние со кои што живеел сѐ до своето крштавање, во првите 30 години од неговиот живот на земјата? Што ни кажуваат извештаите од евангелијата? Што можеме да научиме ако дознаеме повеќе за неговото семејство? И ти можеш да извлечеш корист од одговорите.

Дали Исус се родил, како што се вели, со секирата во медот? Јосиф, неговиот потатко, бил дрводелец по струка. За тоа била потребна напорна физичка работа, која често вклучувала да се сечат дрва за градежен материјал. Кога околу 40 дена по неговото раѓање човечките родители на Исус отишле во Ерусалим, принеле жртвен принос што бил пропишан според Законот. Дали принеле јагне и плус грлица или гулаб како што одредувал Законот? Не. Изгледа не можеле да си дозволат такви приноси. Сепак, во Законот имало подготовка за сиромашните. Во склад со таа подготовка, Јосиф и Марија принеле „пар грлици или два мали гулаба“. Тоа што ги избрале поевтините животни покажува дека семејството било сиромашно (Лука 2:22—24; Левит 12:6, 8).

Можеш да видиш дека Исус Христос, идниот Владетел над целото човештво, се родил кај понизни луѓе, луѓе што морале напорно да работат за да врзат крај со крај. Тој станал дрводелец, исто како и неговиот потатко (Матеј 13:55; Марко 6:3). ‚Иако [Исус] бил богат‘ како моќно духовно суштество на небото, Библијата вели дека ‚станал сиромашен‘ поради нас. Зел пониска положба како човек и израснал во семејство на обични луѓе (2. Коринќаните 8:9; Филипјаните 2:5—9; Евреите 2:9). Исус не се родил во некое богато семејство и ова можеби им помогнало на луѓето да се чувствуваат опуштено со него. Не биле одвратени од неговиот статус или положба. Можеле да го ценат поради неговите учења, неговите привлечни особини и поради неговите прекрасни дела (Матеј 7:28, 29; 9:19—33; 11:28, 29). Можеме да ја видиме мудроста на Јехова Бог во тоа што дозволил Исус да се роди во обично семејство.

Сега да ги разгледаме членовите од семејството на Исус и да видиме што можеме да научиме од нив.

Јосиф — праведен човек

Кога Јосиф дознал дека неговата свршеница останала бремена „пред да се состанат“, сигурно бил растргнат помеѓу љубовта кон Марија и одбојноста што ја чувствувал дури и кон она што само наликувало на неморал. Целата ситуација изгледала како кршење на неговото право како нејзин иден сопруг. Во негово време, ако една жена била свршена за некого се сметала како да му е сопруга на тој човек. Откако добро размислил, Јосиф одлучил тајно да се разведе од Марија за да ја поштеди од тоа да биде каменувана како прељубница (Матеј 1:18; Второзаконие 22:23, 24).

Потоа еден ангел му дошол на Јосиф на сон и му рекол: „Не плаши се да ја доведеш дома Марија, својата жена, зашто она што е зачнато во неа, е од светиот дух. Таа ќе роди син, и ќе му дадеш име Исус, зашто тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови“. Кога го добил ова упатство од Бог, Јосиф постапил во согласност со тоа и ја одвел Марија дома (Матеј 1:20—24).

Со оваа одлука, тој праведен и верен човек бил вклучен во исполнувањето на она што Јехова го кажал преку пророкот Исаија: „Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел“ (Исаија 7:14). Јосиф без сомнение бил духовен човек кој ја ценел предноста да му стане потатко на Месијата, и покрај фактот што првородениот син на Марија немало да биде негов син.

Јосиф се воздржал од сексуални односи со Марија сѐ додека таа не го родила својот син (Матеј 1:25). За нововенчаната двојка можеби било тешко да се воздржува од сексуални односи, но изгледа дека и двајцата не сакале да има какви и да било недоразбирања во врска со тоа кој е Таткото на бебето. Колку прекрасен пример на самосовладување! Јосиф ги ставил духовните вредности пред своите природни желби.

Во четири прилики Јосиф добил ангелско водство во врска со воспитувањето на неговиот посвоен син. Три од нив биле во врска со тоа каде да го воспитува момчето. За да преживее детето, било многу важно да послуша без одложување. Во сите случаи, Јосиф веднаш дејствувал, и прво го однел детето во Египет а потоа пак во Израел. Ова го заштитило малиот Исус од масакрот на бебињата од страна на Ирод. Исто така, како резултат на послушноста на Јосиф се исполниле пророштвата во врска со Месијата (Матеј 2:13—23).

Јосиф го научил Исус на занает за да може да се грижи за себе. Затоа Исус бил познат не само како „синот на дрводелецот“ туку и како „дрводелецот“ (Матеј 13:55; Марко 6:3). Апостол Павле напишал дека Исус ‚во секој поглед бил испитан како и ние‘. Нормално, ова би вклучувало и да работи напорно за да помогне околу издршката на семејството (Евреите 4:15).

На крај, доказ за оддаденоста на Јосиф кон вистинското обожавање гледаме во последниот извештај во кој тој е спомнат во Христијанските грчки списи. Јосиф го одвел своето семејство во Ерусалим за Пасхата. Само од мажите се барало да одат, но за Јосиф станало обичај да го носи и своето семејство во Ерусалим „од година на година“. Тој правел големи жртви, зашто од Назарет до Ерусалим морале да пешачат околу 100 километри. Меѓутоа, во таа прилика за која се известува во Библијата, Исус се одделил од групата. Го нашле во храмот како ги слуша и им поставува прашања на учителите на Законот. Иако имал само 12 години, Исус покажал голема мудрост и спознание од Божјата реч. Од овој настан гледаме дека родителите на Исус мора добро да го поучиле, воспитувајќи го да биде духовно настроено момче (Лука 2:41—50). Изгледа дека Јосиф починал по некое време од овој настан, зашто не се спомнува понатаму во библиските извештаи.

Да, Јосиф бил праведен човек кој добро се грижел за своето семејство, како духовно така и физички. Дали и ти, како Јосиф, ги ставаш духовните интереси на прво место во твојот живот кога увидуваш која е Божјата волја за нас денес? (1. Тимотеј 2:4, 5). Дали спремно го слушаш она што Бог ни го кажува преку Божјата реч, покажувајќи на тој начин покорност како Јосиф? Дали ги поучуваш своите деца за да можат да водат духовно значајни разговори со другите?

Марија — несебичен слуга на Бог

Марија, мајката на Исус, била извонреден слуга на Бог. Кога ангелот Гавриел објавил дека ќе роди дете, таа се изненадила. Бидејќи била девица, таа немала „односи со маж“. Кога дознала дека ќе роди преку светиот дух, понизно ја прифатила пораката, велејќи: „Еве! Јеховина робинка! Нека биде со мене според твојата изјава“ (Лука 1:30—38). Таа толку многу ја ценела духовната предност што била спремна да претрпи секакви неволји што можеле да произлезат од нејзината одлука.

Навистина, со тоа што го прифатила налогот се променил целиот нејзин живот како жена. Кога отишла во Ерусалим да се прочисти, еден почитуван постар човек по име Симеон ѝ рекол: „Долг меч ќе ја прободе самата твоја душа“ (Лука 2:25—35). Изгледа укажал на тоа како ќе се чувствува Марија кога ќе гледа како многумина го отфрлаат Исус и како го приковуваат на маченички столб.

Додека Исус растел, Марија го задржала на ум она што се случувало во неговиот живот, „извлекувајќи заклучоци во своето срце“ (Лука 2:19, 51). Како Јосиф, и таа била духовна личност и ги сочувала во своето сеќавање настаните и зборовите што ги исполниле пророштвата. Она што ѝ го кажал ангелот Гавриел мора да ѝ се врежало во главата: „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Највишиот; и Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давида, неговиот татко, и тој ќе владее како цар над Јакововиот дом засекогаш, и неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:32, 33). Да, таа сериозно ја сфатила привилегијата да му биде мајка на Месијата.

Духовноста на Марија повторно станала очигледна кога се сретнала со Елисавета, која исто така останала бремена на чудесен начин. Кога ја видела, Марија го прославила Јехова и ја покажала својата љубов кон Божјата реч. Таа алудирала на зборовите од молитвата на Ана што се запишани во 1. Самоил 2. поглавје а вклучила мисли и од други книги од Хебрејските списи. Таквото спознание од Писмото покажувало дека е оспособена да стане оддадена и богобојазлива мајка. Таа соработувала со Јосиф во духовното воспитување на својот син (Битие 30:13; 1. Самоил 2:1—10; Малахија 3:12; Лука 1:46—55).

Марија имала силна вера во својот син како Месија, а таа вера не се намалила ни по смртта на Исус. Набрзо по неговото воскресение, таа била меѓу верните ученици што се состанале за молитва заедно со апостолите (Дела 1:13, 14). Ја задржала својата вера и покрај тоа што морала да помине низ агонијата да гледа како нејзиниот сакан син умира на маченички столб.

Како можеш да извлечеш корист од тоа што ќе учиш за животот на Марија? Дали ја прифаќаш привилегијата да му служиш на Бог сеедно какви жртви се вклучени во тоа? Дали си засегнат од тоа колку е сериозна оваа предност денес? Дали го имаш на ум она што Исус го прорекол и дали го споредуваш тоа со она што се случува денес, „извлекувајќи заклучоци во своето срце“? (Матеј, поглавја 24 и 25; Марко, поглавје 13; Лука, поглавје 21). Дали ја имитираш Марија така што ќе станеш добро упатен во Божјата реч и често ќе ја користиш во своите разговори? Ќе ја задржиш ли својата вера во Исус и покрај умствената мака што можеби ќе мораш да ја претрпиш затоа што си негов следбеник?

Браќата на Исус — возможна е промена

Изгледа дека браќата на Исус не практикувале вера во него сѐ до неговата смрт. Веројатно не е чиста случајност што не биле присутни кога тој умрел на маченичкиот столб и што Исус морал да ја довери мајка си на апостол Јован. Членовите на семејството на Исус покажале дека не го ценат, и во една прилика дури и рекле дека „се мрднал од умот“ (Марко 3:21). Бидејќи Исус имал членови од семејството што не биле верници, оние што денес имаат неверници во своето домаќинство можат да бидат сигурни дека тој разбира како се чувствуваат кога роднините им се потсмеваат поради нивната вера.

Меѓутоа, по воскресението на Исус, изгледа неговите браќа почнале да практикуваат вера во него. Тие биле во групата што се состанала во Ерусалим пред Пентекост 33 н.е. и горливо се молеле заедно со апостолите (Дела 1:14). Очигледно, воскресението на нивниот полубрат ги поттикнало да направат промена во срцето до тој степен што станале негови ученици. Никогаш не треба да се откажеме од роднините што не ја делат нашата вера.

Јаков, полубратот на Исус на кого Тој лично му се појавил, е претставен во Библијата дека има истакната улога во христијанското собрание. Напишал божествено инспирирано писмо до сохристијаните, опоменувајќи ги да ја задржат својата вера (Дела 15:6—29; 1. Коринќаните 15:7; Галатите 1:18, 19; 2:9; Јаков 1:1). Еден друг полубрат, Јуда, напишал инспирирано писмо за да ги охрабри соверниците да водат тешка борба за верата (Јуда 1). Вредно е да се забележи дека ниту Јаков ниту Јуда во своите писма не се осврнале на крвната врска што ја имале со Исус за да ги импресионираат сохристијаните. Колку прекрасна лекција за скромност можеме да научиме од нив!

Па, кои се некои работи што ги учиме од семејството на Исус? Секако, поуки за оддаденост што можат да се покажат на тие начини се овие: 1) Верно подложувај се на волјата што Бог ја изразува и соочи се со сите испити што тоа ги носи со себе. 2) Стави ги духовните интереси на прво место, дури и кога тоа значи да правиш жртви. 3) Воспитувај ги своите деца во склад со Библијата. 4) Не се откажувај од членовите на семејството што не ја делат твојата вера. 5) Немој да се фалиш со каква и да било врска што можеби ја имаш со некој истакнат во христијанското собрание. Да, тоа што ќе научиме нешто за човечкото семејство на Исус нѐ зближува со него и ја зголемува нашата благодарност за тоа што Јехова избрал обично семејство да го воспитува Исус во неговото детство.

[Слики на страници 4 и 5]

Јосиф ја зел Марија за жена и бил вклучен во исполнувањето на месијанските пророштва

[Слики на страница 6]

Јосиф и Марија ги поучиле своите деца за духовните вредности и за улогата на работата

[Слики на страница 7]

Иако биле подигнати во духовно семејство, браќата на Исус не поверувале во него сѐ додека не умрел

[Слики на страница 8]

Полубраќата на Исус, Јаков и Јуда, ги охрабриле сохристијаните

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели