Ќе бидеш ли спасен кога Бог ќе дејствува?
„Ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни“ (МАТЕЈ 24:22).
1, 2. а) Зошто е нормално да бидеме заинтересирани за својата иднина? б) За кои битни прашања можеби бил вклучен природен интерес?
КОЛКУ си ти заинтересиран за себеси? Мнозина денес го доведуваат сопствениот интерес до крајности со тоа што се егоцентрични. Сепак, Библијата не го осудува соодветниот интерес за она што влијае врз нас (Ефесјаните 5:33). Тоа вклучува да бидеме заинтересирани за нашата иднина. Затоа, би било нормално да сакаш да знаеш што донесува твојата иднина. Дали си заинтересиран?
2 Можеме да бидеме сигурни дека Исусовите апостоли имале таков интерес за својата иднина (Матеј 19:27). Тоа веројатно било еден фактор кога четворица од нив биле со Исус на Маслинската Гора. Тие прашале: „Кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се изврши сето тоа?“ (Марко 13:4). Исус не го игнорирал природниот интерес за иднината — нивниот и нашиот интерес. Секогаш одново, тој истакнувал на кој начин тоа ќе влијае врз неговите следбеници и каков ќе биде конечниот исход.
3. Зошто го поврзуваме Исусовиот одговор со нашево време?
3 Исусовиот одговор изложил едно пророштво со главно исполнување во нашево време. Тоа можеме да го видиме од светските војни и од другите конфликти во нашиот век, од земјотресите кои гаснат безброј животи, од оскудицата на храна што донесува болести и смрт, како и од чумите — од пандемијата на шпанската треска во 1918 година па сѐ до сегашната напаст на СИДА-та. Меѓутоа, голем дел од Исусовиот одговор имал и едно исполнување што водело до и го вклучило уништувањето на Ерусалим од страна на Римјаните во 70 година н. е. Исус ги предупредил своите ученици: „Чувајте се сами, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведени заради Мене, за сведоштво пред нив“ (Марко 13:9).
Што прорекол Исус и што се случило
4. Кои се некои предупредувања што биле вклучени во Исусовиот одговор?
4 Исус прорекол повеќе од тоа како другите ќе постапуваат со неговите ученици. Тој ги предупредил во врска со начинот како треба самите да постапуваат. На пример: „Кога ќе видите, ‚мерзоста на запустението‘, како што рекол пророкот Даниил, да стои каде што не треба — кој чита, нека разбере — тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините“ (Марко 13:14). Паралелниот извештај во Лука 21:20 гласи: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски“. На кој начин тоа се покажало точно во првото исполнување?
5. Што се случило меѓу Евреите во Јудеја во 66 година н. е.?
5 The International Standard Bible Encyclopedia (1982) ни кажува: „Евреите биле сѐ понемирни под римската управа, а прокураторите биле сѐ понасилни, сурови и нечесни. Во 66 година А. Д. избувнала отворена буна . . . Војната почнала кога зелотите ја освоиле Масада и потоа, под Менахем, напредувале кон Ерусалим. Истовремено, Евреите во гувернерскиот град Ќесарија биле масакрирани, а веста за ова ѕверство се раширила низ земјата. Новите монети биле означувани со Година 1 до Година 5 од побуната“.
6. Каков одговор од страна на Римјаните предизвикала еврејската побуна?
6 Римската Дванаесетта легија под Цестеј Гал навлегла од Сирија, ги разорила Галилеја и Јудеја, а потоа го нападнала главниот град, па дури го окупирала и горниот дел од „Ерусалим, светиот град“ (Неемија 11:1, НС; Матеј 4:5; 5:35; 27:53). Сумирајќи ги настаните, томот The Roman Siege of Jerusalem (Римската опсада на Ерусалим) вели: „Римјаните пет дена се обидувале да се искачат на ѕидот, но секогаш одново биле одбивани. Најпосле, бранителите, надвладеани од канонада од проектили, попуштиле. Формирајќи тестудо — метод на поставување на штитовите над своите глави за да се заштитат себеси — римските војници го поткопале ѕидот и се обиделе да ја запалат вратата. Бранителите ги обзела ужасна паника“. Христијаните во градот можеле да се сетат на Исусовите зборови и да распознаат дека една одвратна работа стоела на свето место.a Но, бидејќи градот бил опколен, како можеле христијаните да бегаат, како што советувал Исус?
7. Што сториле Римјаните кога во 66 година н. е. победата била на дофат?
7 Историчарот Јосиф Флавиј раскажува: „Без да е свесен ниту за очајот на опседнатите ниту, пак, за чувствата на луѓето, Цестеј [Гал] ненадејно ги повлече своите луѓе, откажувајќи се од секаква надеж иако не претрпе пораз и, спротивно на секаков разум, го напушти градот“ (The Jewish War — Еврејската војна, II, страница 540 [xix, 7]). Зошто се повлекол Гал? Која и да била причината, неговото повлекување им дозволило на христијаните да ја послушаат Исусовата заповед и да бегаат во планините и на безбедно.
8. Која била втората фаза од римскиот обид против Ерусалим, и што доживеале преживеаните?
8 Послушноста била животоспасувачка. Наскоро, Римјаните презеле чекори за да го задушат бунтот. Кампањата под генерал Тит достигнала кулминација во една опсада врз Ерусалим од април до август 70 година н. е. Се смрзнува крвта кога се чита Јосифовиот опис за тоа како Евреите пострадале. Освен оние кои биле убиени борејќи се против Римјаните, други Евреи биле исклани од ривалски банди од Евреи, а гладувањето довело до канибализам. До римската победа умреле 1.100.000 Евреи.b Од 97.000 преживеани, некои биле брзо погубени; други биле заробени. Јосиф вели: „Оние кои беа над седумнаесет години, беа ставени во пранги и испратени на принудна работа во Египет, додека голем број беа подарени од страна на Тит во провинциите за да изгинат во театрите од меч или од диви ѕверови“. Дури и додека се случувало ова сортирање, 11.000 затвореници изгладнеле до смрт.
9. Зошто христијаните не го доживеале исходот што го имале Евреите, но кои прашања остануваат?
9 Христијаните би можеле да бидат благодарни што го послушале Господовото предупредување и што побегнале од градот пред да се врати римската војска. На тој начин биле спасени од делот на она што Исус го нарекол „мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ врз Ерусалим (Матеј 24:21). Исус додал: „И, ако не се скратат оние дни, никој [ниедно тело, НС] не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни“ (Матеј 24:22). Што значело тоа тогаш, а што значи сега?
10. Како порано сме го објаснувале Матеј 24:22?
10 Во минатото беше објаснето дека ‚телото што ќе се спаси‘ се однесува на Евреите кои ја преживеале неволјата врз Ерусалим во 70 година н. е. Христијаните побегнале и затоа Бог можел да им дозволи на Римјаните да предизвикаат брзо уништување. Со други зборови, поради фактот дека „избраните“ биле вон опасност, деновите на неволјата можеле да бидат скратени, дозволувајќи им на некои еврејски „тела“ да бидат спасени. Се мислеше дека преживеаните Евреи ги предочувале оние кои ќе ја преживеат големата неволја што доаѓа во наше време (Откровение 7:14).
11. Зошто се чини дека треба повторно да се разгледа објаснувањето на Матеј 24:22?
11 Но, дали тоа објаснување е во склад со она што се случило во 70 година н. е.? Исус рекол дека човечкото „тело“ требало да биде „спасено“ од неволјата. Дали ти би го употребил зборот ‚спасен‘ за да опишеш 97.000 преживеани, со оглед на фактот дека илјадници од нив набргу умреле од изгладнетост или, пак, биле исклани во некој театар? Во врска со еден театар во Ќесарија, Јосиф вели: „Бројот на оние кои погинаа во борбите со дивите ѕверови или во борбата еден со друг или, пак, кои беа живи изгорени, надмина 2.500“. Иако не умреле во опсадата, тешко дека биле ‚спасени‘. И дали Исус би ги сметал дека се слични на среќните преживеани од ‚големата неволја‘ што доаѓа?
Спасено тело — како?
12. Кои биле „избраните“ од првиот век за коишто Бог бил заинтересиран?
12 До 70 година н. е., Бог повеќе не ги сметал природните Евреи за свој избран народ. Исус покажал дека Бог ја имал отфрлено таа нација и дека ќе дозволи нејзиниот главен град, храмот и системот на обожавање да завршат (Матеј 23:37—24:2). Бог избрал една нова нација, духовен Израел (Дела 15:14; Римјаните 2:28, 29; Галатјаните 6:16). Таа била составена од мажи и жени избрани од сите нации и помазани со свет дух (Матеј 22:14; Јован 15:19; Дела 10:1, 2, 34, 35, 44, 45). Неколку години пред нападот на Цестеј Гал, Петар пишувал до „избраните според предзнаењето на Бога, Таткото, со посветување преку духот“. Таквите со дух помазани биле „род избран, царско свештенство, свет народ“ (1. Петрово 1:1, 2, НС; 2:9). Бог требало да ги земе таквите на небо за да владеат со Исуса (Колосјаните 1:1, 2; 3:12; Тит 1:1; Откровение 17:14).
13. Која смисла можеби ја имале Исусовите зборови од Матеј 24:22?
13 Од корист е ова идентификување на избраните, бидејќи Исус прорекол дека деновите на неволјата ќе бидат скратени „заради избраните“. Грчкиот збор преведен со „заради“ може да се преведе и како „поради“ или „за“ (Марко 2:27; Јован 12:30; 1. Коринтјаните 8:11; 9:10, 23; 11:9; 2. Тимотеј 2:10; Откровение 2:3). Значи, Исус можеби рекол: ‚Ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но поради избраните ќе се скратат тие дни‘c (Матеј 24:22). Дали се случило нешто што им користело или што било ‚поради‘ христијанските избраници кои биле фатени во стапица во Ерусалим?
14. Како било спасено едно „тело“ кога римската војска во 66 година н. е. неочекувано се повлекла од Ерусалим?
14 Сети се дека во 66 година н. е., Римјаните поминале низ земјата, го окупирале горен Ерусалим и почнале да го поткопуваат ѕидот. Јосиф коментира: „Да издржеше со опсадата уште малку подолго, веднаш ќе го освоеше Градот“. Прашај се: ‚Зошто моќната римска војска ненадејно би ја прекинала кампањата и би се повлекла, спротивно на секаков разум?‘ Рупер Фурно, специјалист за толкување на воена историја, коментира: „Ниеден историчар не успеал да даде каква и да е соодветна причина за чудната и погубна одлука на Гал“. Како и да е, последицата била таа што неволјата била скратена. Римјаните се повлекле, а Евреите се нафрлувале на нив додека овие си оделе. А што е со помазаните христијански „избрани“ кои биле фатени во стапица? Укинувањето на опсадата значело дека биле спасени од каков и да било колеж што се заканувал за време на неволјата. Според тоа, христијаните кои извлекле корист од скратувањето на неволјата во 66 година н. е. биле спасеното „тело“ споменато во Матеј 24:22 (НС).
Што донесува твојата иднина?
15. Зошто би рекол дека Матеј, поглавје 24, би требало да биде од особен интерес во нашево време?
15 Некој би можел да праша: ‚Зошто би требало да бидам особено заинтересиран за ова разјаснето разбирање на Исусовите зборови?‘ Па, постои голема причина да се заклучи дека Исусовото пророштво требало да има поголемо исполнување од она што се случило до и заклучно со 70 година н. е.d (Спореди Матеј 24:7; Лука 21:10, 11; Откровение 6:2—8.) Со децении, Јеховините сведоци проповедале дека главното исполнување што се случува во наше време, докажува дека можеме да очекуваме „голема неволја“ во голем обем, која токму претстои. Како ќе се исполнат пророчките зборови од Матеј 24:22 за време на таа неволја?
16. Кој охрабрувачки факт го дава Откровението во врска со приближувањето на големата неволја?
16 Околу две децении после неволјата врз Ерусалим, апостол Јован ја напишал книгата Откровение. Таа потврдила дека претстои голема неволја. А бидејќи сме заинтересирани за она што се однесува на нас лично, може да ни олесни сознанието дека Откровението пророчки нѐ уверува оти човечки тела ќе ја преживеат оваа голема неволја што доаѓа. Јован прорекол „големо мноштво . . . од сите племиња и колена, народи и јазици“. Кои се тие? Еден глас од небото одговара: „Тие се што дојдоа од големи маки [од големата неволја, НС]“ (Откровение 7:9, 14). Да, тие ќе бидат преживеаните! Откровението исто така ни дава увид во тоа како ќе се одвиваат работите во големата неволја што доаѓа и како ќе се исполни Матеј 24:22.
17. Што ќе вклучи почетната фаза од големата неволја?
17 Почетната фаза од оваа неволја ќе биде напад врз една симболична проститутка наречена ‚Големиот Вавилон‘ (Откровение 14:8; 17:1, 2). Таа го претставува царството на лажната религија ширум светот, а за најголем прекор е христијанскиот свет. Според зборовите од Откровение 17:16—18, Бог ќе му стави во срцето на политичкиот елемент да ја нападне симболичната блудница.e Помисли само како би можело да им изгледа тоа на Божјите помазани „избрани“ и на нивните придружници, ‚големото мноштво‘. Додека напредува овој опустошувачки напад врз религијата, би можело да се чини дека тој ќе ги избрише сите религиозни организации, вклучувајќи го и Јеховиниот народ.
18. Зошто би можело да се чини дека ниедно „тело“ нема да биде спасено во почетниот дел од големата неволја?
18 Тогаш Исусовите зборови од Матеј 24:22 ќе се исполнат во еден голем обем. Како што се чинело дека избраните во Ерусалим биле загрозени, би можело да изгледа дека и Јеховините слуги се во опасност да бидат елиминирани во текот на нападот врз религијата, небаре тој напад ќе го избрише секое „тело“ од Божјиот народ. Сепак, да го задржиме во мислите она што се случило во 66 година н. е. Неволјата што ја предизвикале Римјаните била скратена, давајќи им на Божјите помазаници доволно голема прилика да побегнат и да останат живи. Затоа, можеме да останеме уверени дека нема да биде дозволено со уништувачкиот напад врз религијата да биде убиено глобалното собрание од вистински обожаватели. Тој ќе се случи брзо, како „во еден ден“. Но, на некој начин ќе биде скратен, нема да биде дозволено да ја доврши својата намера, за Божјиот народ да може да биде ‚спасен‘ (Откровение 18:8).
19. а) Што ќе биде очигледно после првиот дел од големата неволја? б) До што ќе доведе тоа?
19 По тоа, за некое време ќе потрајат другите елементи на Ѓаволовата земна организација, оплакувајќи ја загубата на врските со својата стара религиозна љубовница (Откровение 18:9—19). Во некој момент, тие ќе забележат дека Божјите вистински слуги остануваат, ‚живеејќи безгрижно, без ѕидови‘ и кои изгледаат како лесен плен. Какво само изненадување ги очекува! Како одговор на вистинска или заканувачка агресија врз неговите слуги, Бог ќе се крене во осуда против своите непријатели во последниот дел од големата неволја (Језекиил 38:10—12, 14, 18—23).
20. Зошто втората фаза од големата неволја нема да го стави Божјиот народ во опасност?
20 Оваа втора фаза од големата неволја ќе биде паралелна со она што му се случило на Ерусалим и на неговите жители при вториот напад на Римјаните во 70 година н. е. Тоа ќе се покаже како „мака [голема неволја, НС], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:21). Но, ние можеме да останеме уверени дека Божјите избраници и нивните придружници нема да бидат во опасната зона, во опасност да бидат убиени. О, тие не ќе бидат побегнати на некоја географска локација. Христијаните од Ерусалим во првиот век можеле да побегнат од тој град во планинскиот регион, како што е Пела, отаде Јордан. Меѓутоа, во иднина, Божјите верни Сведоци ќе бидат лоцирани по целата Земјина топка, па затоа безбедноста и заштитата нема да се темелат на географската локација.
21. Кој ќе се бори во конечната битка и со каков резултат?
21 Уништувањето нема да биде од војската на Рим или од некое друго човечко посредништво. Наместо тоа, книгата Откровение опишува дека погубните сили се од небото. Да, тој последен дел од големата неволја нема да го изврши некоја човечка војска, туку ‚Словото [Речта, НС] Божје‘, Царот Исус Христос, потпомогнат од „небесните војски“, вклучувајќи ги и воскреснатите помазани христијани. ‚Господарот над господарите и Царот над царевите‘ ќе изврши погубување што е далеку потемелно од она што го извршиле Римјаните во 70 година н. е. Тоа ќе ги елиминира сите човечки противници на Бог — цареви, воени заповедници, слободни и робови, мали и големи. Дури и човечките организации на Сатановиот свет ќе се соочат со својот крај (Откровение 2:26, 27; 17:14; 19:11—21; 1. Јованово 5:19, НС).
22. Во која натамошна смисла ќе биде спасено едно „тело“?
22 Сети се дека „телото“, и од помазаниот остаток и од ‚големото мноштво‘, веќе ќе биде спасено откако Големиот Вавилон брзо и потполно пропаѓа во првиот дел од неволјата. На сличен начин, во последниот дел од неволјата, „телото“ што побегнало на Јеховината страна ќе биде спасено. Колку само ова ќе се разликува од исходот на бунтовничките Евреи во 70 година н. е.!
23. Што може радосно да очекува преживеаното „тело“?
23 Размислувајќи за можностите за твојата сопствена иднина, како и за иднината на твоите сакани, забележи што е ветено во Откровение 7:16, 17: „Нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; нив нема да ги пече сонцето, и никаква горештина; бидејќи Агнецот, Кој е среде престолот, ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни“. Секако, тоа значи навистина да се биде ‚спасен‘ во една прекрасна, трајна смисла.
[Фусноти]
b Јосиф вели: „Кога влезе, Тит беше запрепастен од цврстината на градот . . . Тој гласно извика: ‚Бог беше на нашата страна; Бог е тој кој ги симна Евреите од овие тврдини; зашто, што би можеле да сторат човечки раце или направи против вакви кули?‘“
c Интересно е дека Шем-Тобовиот текст на Матеј 24:22 го користи хебрејскиот збор аву́р, што значи „поради, заради, со цел да“. (Види ја претходната статија, страница 13.)
d Види Стражарска кула од 15 февруари 1994 година, страници 11 и 12 и картата на страници 14 и 15, која во паралелни колони го дава Исусовиот пророчки одговор што се наоѓа во Матеј, поглавје 24, Марко, поглавје 13 и Лука, поглавје 21.
e Види Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!), страници 235—258, издадена во 1988 година од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.
Како би одговорил?
◻ Кои биле двете фази од нападот на римската војска врз Ерусалим?
◻ Зошто не е веројатно дека 97.000 преживеани во 70 година н. е. го сочинувале „телото“ споменато во Матеј 24:22?
◻ На кој начин биле скратени деновите од неволјата на Ерусалим, и како било спасено едно „тело“ на тој начин?
◻ Како ќе бидат скратени деновите и спасено „телото“ во големата неволја што се приближува?
[Слика на страница 16]
Еврејска монета искована после побуната. Хебрејските букви гласат „Година два“, што значи 67 година н. е., втората година од нивната автономија
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 17]
Римска монета искована во 71 година н. е. Лево е еден вооружен Римјанин; десно е една Еврејка која оплакува. Зборовите „IVDAEA CAPTA“ значат „Поробена Јудеја“
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.