ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 15/12 стр. 19-24
  • Покажи се подготвен за Јеховиниот ден

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Покажи се подготвен за Јеховиниот ден
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Избегнувај став на самоугодување
  • Спротивстави се на духовната дремливост
  • Избегнувај ги духовно штетните животни стилови
  • По секоја цена, покажи се подготвен
  • Дали си спремен за Јеховиниот ден?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Среќни се оние кои остануваат будни!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Бидете будни во „времето на крајот“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • „Бдејте“ — дојде часот на суд!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 15/12 стр. 19-24

Покажи се подготвен за Јеховиниот ден

„Покажете се подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не ни мислите“ (МАТЕЈ 24:44).

1. Зошто треба да бидеме заинтересирани за Јеховиниот ден?

ТОА ќе биде ден на битка и бес, ден на неволја и мака, ден на темнина и опустошување. Јеховиниот „голем и страшен“ ден ќе дојде врз овој злобен систем на работи исто толку сигурно како што Потопот го збришал злобниот свет од времето на Ное. Тој ден нема да нѐ одмине. Сепак, „сите што го повикуваат Господовото име ќе бидат спасени“ (Јоил 3:4, 5; Амос 5:18—20). Бог ќе ги уништи своите непријатели и ќе го спаси својот народ. Со чувство на итност, пророкот Софонија изјавува: „Близу е Господовиот ден, голем! Близу е и доаѓа брзо“ (Софонија 1:14). Но, кога ќе биде извршен овој Божји суд?

2, 3. Зошто е неопходно да се подготвиме за Јеховиниот ден?

2 „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите на небесата ниту Синот, туку само Таткото“, рекол Исус (Матеј 24:36). Бидејќи не го знаеме точното време, неопходно е да ги земеме при срце зборовите од нашиот годишен стих за 2004: „Бдејте . . . Покажете се подготвени“ (Матеј 24:42, 44).

3 Покажувајќи колку ненадејно оние што се спремни ќе бидат собрани на безбедно додека другите ќе бидат оставени, Исус рекол: „Двајца мажи ќе бидат на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен; две жени ќе мелат на рачна воденица: едната ќе биде земена, а другата оставена“ (Матеј 24:40, 41). Во таа критична фаза, во каква ситуација ќе се наоѓаме ние лично? Дали ќе бидеме подготвени или тој ден ќе нѐ фати неспремни? Многу зависи од мерките што ги преземаме сега. За да се покажеме подготвени за Јеховиниот ден, треба да избегнуваме еден став што преовладува денес, не треба да дозволиме да паднеме во извесна духовна состојба и треба да избегнуваме одредени животни стилови.

Избегнувај став на самоугодување

4. Каков став имале луѓето од времето на Ное?

4 Да размислиме за времето на Ное. „Со вера Ное, откако доби божествено предупредување за она што уште не се гледаше, покажа побожен страв и изгради арка за спасение на своето домаќинство“, стои во Библијата (Евреите 11:7). Арката требало да биде нешто необично и секој ќе можел да ја види. Освен тоа, Ное бил ‚проповедник на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Ниту градежниот проект на Ное ниту неговото проповедање не ги поттикнало луѓето од негово време на акција. Зошто? Затоа што тие ‚јаделе и пиеле, мажите се женеле и жените се мажеле‘. Оние на кои им проповедал Ное биле толку преокупирани со личните работи и задоволства што ‚не обрнале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘ (Матеј 24:38, 39).

5. Каков став имале жителите на Содом и Гомора?

5 Истото било случај и во времето на Лот. Писмото ни кажува: „Јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, градеа. Но оној ден кога Лот излезе од Содом, од небото падна дожд од оган и сулфур и ги уништи сите“ (Лука 17:28, 29). Откако ангелите го предупредиле Лот на претстојното уништување, тој им кажал на своите зетови за она што требало да се случи. Но, ним ‚им се сторило дека тој се шегува‘ (Битие 19:14).

6. Каков став мораме да избегнуваме?

6 Исто како што било во деновите на Ное и Лот, „таква ќе биде присутноста на Синот човечки“, рекол Исус (Матеј 24:39; Лука 17:30). Всушност, кај многу луѓе денес преовладува ставот на самоугодување. Мораме да се чуваме врз нас да не влијае таквиот став. Нема ништо лошо во тоа да се ужива во добра храна и во пиење, но во умереност. Слично на тоа, бракот е подготовка од Бог. Меѓутоа, ако таквите работи ни станале најважни во животот и духовните интереси сме ги потиснале настрана, дали ние лично сме подготвени за Јеховиниот страшен ден?

7. Кое важно прашање треба да си го поставиме пред да преземеме нешто, и зошто?

7 „Преостанатото време е скратено“, рекол апостол Павле. „Отсега оние кои имаат жени нека бидат како да ги немаат“ (1. Коринќаните 7:29—31). Ни останува само ограничено време за да го завршиме делото на проповедање на Царството што ни го доверил Бог (Матеј 24:14). Павле ги опоменал дури и оние што се во брак да не бидат толку преокупирани со својот сопружник па интересите на Царството да ги стават на второ место во животот. Јасно, умствената склоност што ја препорачувал Павле е спротивна на самоугодувањето. Исус рекол: „Продолжете да го барате најнапред царството и [Божјата] праведност“ (Матеј 6:33). Пред да донесеш некоја одлука или пред да преземеш нешто, неопходно е да се запрашаш: ‚Како ќе влијае ова врз ставањето на интересите на Царството на прво место во мојот живот?‘

8. Ако главна преокупација ни станале секојдневните работи во животот, што треба да правиме?

8 Што ако сфатиме дека веќе сме толку внесени во нормалните секојдневни работи во животот што сме ги истиснале духовните интереси? Дали има само мала разлика помеѓу нашиот начин на живот и оној на нашите соседи, кои немаат точно спознание за Писмото и не се објавители на Царството? Ако е така, тоа треба да ни биде предмет на молитва. Јехова може да ни помогне да имаме исправен умствен став (Римјаните 15:5; Филипјаните 3:15). Тој може да ни помогне на прво место да ги ставиме интересите на Царството, да го правиме она што е исправно и да ја исполниме нашата обврска кон него (Римјаните 12:2; 2. Коринќаните 13:7).

Спротивстави се на духовната дремливост

9. Според Откровение 16:14—16, зошто е важно да се спротивставиме на духовната дремливост?

9 Самото пророштво што зборува за Армагедон — претстојната ‚војна на големиот ден на Семоќниот Бог‘ — предупредува дека некои можеби нема да останат будни. „Гледај, доаѓам како крадец“, вели Господ Исус Христос. „Среќен е оној кој останува буден и ги чува своите горни облеки, за да не оди гол и да не му го видат срамот“ (Откровение 16:14—16). Горните облеки што се спомнати овде се однесуваат на она што нѐ прави препознатливи како христијански Сведоци на Јехова. Во тоа спаѓа делото што го вршиме како објавители на Царството и нашето христијанско однесување. Ако западнеме во неактивност слична на поспаност, може да ни биде одземен нашиот христијански идентитет. Тоа е срамно и опасно. Не смееме да дозволиме да западнеме во состојба на духовна дремливост или безволност. Како можеме да се спротивставиме на таквата склоност?

10. Зошто секојдневното читање на Библијата ни помага да останеме духовно будни?

10 Библијата постојано ја нагласува потребата да останеме будни и трезвени. На пример, евангелијата нѐ потсетуваат: „Бдејте“ (Матеј 24:42; 25:13; Марко 13:35, 37); „покажете се подготвени“ (Матеј 24:44); „постојано гледајте, бидете будни“ (Марко 13:33); „бидете подготвени“ (Лука 12:40). Откако вели дека Јеховиниот ден ќе дојде неочекувано врз овој свет, апостол Павле ги поттикнува соверниците: „Да не спиеме како останатите, туку да останеме будни и да бидеме трезвени“ (1. Солуњаните 5:6). Во последната книга од Библијата, прославениот Исус Христос ја нагласува ненадејноста на своето доаѓање, велејќи: „Доаѓам брзо“ (Откровение 3:11; 22:7, 12, 20). И многу од еврејските пророци го опишале и предупредиле на големиот ден на Јеховиниот суд (Исаија 2:12, 17; Еремија 30:7; Јоил 2:11; Софонија 3:8). Секојдневното читање на Божјата реч, Библијата, и размислувањето за она што го читаме е добра помош да останеме духовно будни.

11. Зошто личната библиска студија е неопходна за духовна будност?

11 Да, колку само ја поттикнува нашата духовна будност марливата лична студија на Писмото со помош на библиските публикации што ги обезбедува „верниот и разборит роб“! (Матеј 24:45—47). Меѓутоа, за да имаме корист од личната студија, таа мора да биде напредна и редовна (Евреите 5:14—6:3). Мораме редовно да земаме цврста духовна храна. Во денешно време може да е предизвик да се најде време за тоа (Ефешаните 5:15, 16). Сепак, не е доволно да ја читаме Библијата и библиските публикации само кога нам ни одговара. Неопходна е редовна лична студија за да останеме „здрави во верата“ и да останеме будни (Тит 1:13).

12. На кој начин христијанските состаноци, собири и конгреси ни помагаат да се бориме против духовната дремливост?

12 Христијанските состаноци, собири и конгреси исто така ни помагаат да се бориме против духовната дремливост. Како? Преку поуките што ги добиваме. Зарем на овие собири не сме редовно потсетувани колку е близу Јеховиниот ден? Седмичните христијански состаноци исто така даваат прилики „да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела“. Таквото поттикнување, односно подбудување, помага да останеме духовно будни. Не изненадува што ни е заповедано редовно да се собираме додека ‚гледаме дека се приближува денот‘ (Евреите 10:24, 25).

13. Како ни помага христијанската служба да останеме духовно будни?

13 Исто така, тоа што од сѐ срце ќе учествуваме во христијанската служба ќе ни помогне да останеме будни. Зар има подобар начин постојано да ни бидат во мислите знаците на времињата и нивното значење отколку да им зборуваме на другите за нив? А кога гледаме како оние со кои ја проучуваме Библијата напредуваат и почнуваат да постапуваат во склад со она што го учат, се зголемува и нашето чувство на итност. „Опашајте го својот ум за активност“, рекол апостол Петар, „бидете потполно трезвени“ (1. Петрово 1:13). Тоа што ќе бидеме „секогаш обилно вработени во делото Господово“ е добар лек против духовната затапеност (1. Коринќаните 15:58).

Избегнувај ги духовно штетните животни стилови

14. Како што е опишано во Лука 21:34—36, на кои животни стилови опоменува Исус?

14 Во своето големо пророштво за знакот на својата присутност, Исус дал уште едно предупредување. Тој рекол: „Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка. Зашто ќе дојде врз сите кои живеат по лицето на целата земја. Затоа, останете будни, преколнувајќи цело време за да успеете да го избегнете сето она што треба да се случи, и да стоите пред Синот човечки“ (Лука 21:34—36). Исус точно ги опишал животните стилови по кои луѓето општо земено се стремат: прејадување, пијанство и начин на живот што носи грижи.

15. Зошто треба да избегнуваме прејадување и претерано пиење?

15 Прејадувањето и претераното пиење не се во склад со библиските начела и треба да се избегнуваат. „Не биди меѓу оние што се опиваат со вино ниту меѓу оние што лакомо јадат месо“, стои во Библијата (Пословици 23:20, NW). Но, за да претставуваат опасност за духовноста, јадењето и пиењето не мора да го достигнат тој степен. Тие можат да го направат човек поспан и мрзлив долго време пред тој да почне да претерува со јадење и пиење. „Мрзливецот е полн со желби“, вели една библиска пословица, „но душата негова нема ништо“ (Пословици 13:4, NW). Таквото лице можеби сака да ја извршува Божјата волја, но неговата желба останува неисполнета поради немарност.

16. Како можеме да го избегнеме товарот на тегобните грижи во врска со семејството?

16 Кои се грижите во животот на кои предупредил Исус? Тоа се личните грижи, издршката на семејството и слично. Колку само е немудро да дозволиме тие да ни натежнат! „Кој од вас, со тоа што тегобно се грижи, може да му додаде еден лакот на својот животен век?“, прашал Исус. Тој ги опоменал своите слушатели: „Никогаш немојте тегобно да се грижите и не велете: ‚Што ќе јадеме?‘ или: ‚Што ќе пиеме?‘ или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто по сето ова желно тежнеат нациите. Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“. Ако ги ставиме интересите на Царството на прво место во животот и ако имаме доверба дека Јехова ќе се грижи за нас, ќе можеме да ја држиме под контрола тегобната загриженост и да останеме будни (Матеј 6:25—34).

17. Како можат материјалистичките стремежи да донесат грижи?

17 Можеме да станеме тегобно загрижени и поради материјалистички стремежи. На пример, некои си го комплицираат животот со тоа што живеат над своите можности. Други биле привлечени од шеми за брзо збогатување или ризични инвестиции. За трети станало замка световното образование како средство да постигнат финансиски успех. Точно, можеби ќе биде корисен извесен степен на образование за да се добие вработување. Меѓутоа, факт е дека во стремежот по високо образование, кое одзема многу време, некои си нанеле духовна штета. Колку само е опасно да се биде во таква ситуација додека се приближува Јеховиниот ден! Библијата опоменува: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст“ (1. Тимотеј 6:9).

18. За да не дозволиме да бидеме вовлечени во материјалистички начин на живеење, каква способност мораме да развиваме?

18 За да не западнеме во материјалистички начин на живеење, неопходно е во донесувањето одлуки да ја развиваме способноста да разликуваме исправно од неисправно. Оваа способност ќе ја развиеме ако редовно земаме ‚цврста духовна храна што им припаѓа на зрелите луѓе‘ и ако нашата „моќ за согледување преку употреба ја извежбаме да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:13, 14). Тоа што ‚ќе се уверуваме во поважните работи‘ кога си поставуваме приоритети исто така ќе нѐ заштити да не донесуваме погрешни одлуки (Филипјаните 1:10).

19. Ако увидиме дека имаме многу малку време за духовни активности, што треба да направиме?

19 Материјалистичкиот начин на живеење може да нѐ заслепи, оставајќи ни сосема малку или никакво време за духовни активности. Како можеме да се преиспитаме и да не дозволиме да паднеме во замката на таков начин на живот? Треба во молитва да размислиме како и до кој обем можеме да си го поедноставиме животот. Цар Соломон од древниот Израел рекол: „Сладок е сонот на трудољубивиот, дали јал малку или многу, додека богатството не го остава богатиот да заспие“ (Проповедник 5:12). Дали грижата за непотребните материјални поседи ни одзема премногу време и енергија? Колку повеќе имаме, толку повеќе мораме да одржуваме, да осигуруваме и да штитиме. Дали можеби ќе ни биде од корист да си го поедноставиме животот на тој начин што ќе се ослободиме од извесни поседи?

По секоја цена, покажи се подготвен

20, 21. а) Какво уверување дава апостол Петар во врска со Јеховиниот ден? б) Какви дела мораме и понатаму да правиме додека се покажуваме подготвени за Јеховиниот ден?

20 Времето за светот во деновите на Ное истекло, а ќе истече и за сегашниов систем на работи. Апостол Петар нѐ уверува: „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец, во кој небесата ќе поминат со писклив звук, а вжарените елементи ќе се распаднат, а земјата и делата на неа ќе бидат откриени“. Ниту симболичните небеса — злобните влади — ниту симболичната земја — човештвото отуѓено од Бог — нема да ја преживее жештината на Божјиот разгорен гнев. Покажувајќи како можеме да се покажеме подготвени за тој ден, Петар извикнува: „Поради тоа што сите овие работи така треба да се распаднат, какви личности тогаш треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост, очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден!“ (2. Петрово 3:10—12).

21 Во тие дела и постапки на побожна оддаденост се вклучени нашето редовно присуство на христијанските состаноци и нашето учество во проповедањето на добрата вест. Да ги извршуваме со оддаденост кон Бог од сѐ срце додека стрпливо го чекаме големиот Јеховин ден. ‚Да сториме сѐ што можеме за Бог на крајот да нѐ најде без дамка и без петно и во мир‘ (2. Петрово 3:14).

Дали се сеќаваш?

• Зошто треба да се покажеме подготвени за Јеховиниот ден?

• Што треба да сториме ако главна преокупација ни станале нормалните стремежи во животот?

• Што ќе ни помогне да се спротивставиме на духовната дремливост?

• Кои штетни животни стилови мораме да ги избегнуваме, и како?

[Слики на страници 20 и 21]

Луѓето во времето на Ное не обрнале внимание на претстојниот суд — а ти?

[Слика на страница 23]

Можеш ли да си го поедноставиш животот за да имаш повеќе време за духовни активности?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели