„Роб“ што е и верен и разборит
„Кој е, всушност, верниот и разборит роб, кого неговиот господар го поставил над своите домашни?“ (МАТЕЈ 24:45).
1, 2. Зошто е многу важно редовно да добиваме духовна храна денес?
ВО ВТОРНИК попладне, на 11 нисан 33 н.е., Исусовите ученици поставиле едно прашање што има длабоко значење за нас денес. Тие прашале: „Што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на работи?“ Во одговорот што им го дал, Исус кажал едно значајно пророштво. Тој зборувал за еден бурен период на војни, глад, земјотреси и болести. Сето тоа требало да биде само „почеток на мачните болки“. Ситуацијата ќе станела уште полоша. Каков само застрашувачки изглед! (Матеј 24:3, 7, 8, 15—22; Лука 21:10, 11).
2 Од 1914 година наваму веќе се исполниле повеќето аспекти од Исусовото пророштво. Човештвото во потполност ги чувствува „мачните болки“. Сепак, вистинските христијани не треба да се плашат. Исус ветил дека ќе им обезбеди квалитетна духовна храна. Со оглед на тоа што сега Исус е на небото, какви подготовки направил да добиеме духовна храна ние што сме овде на земјата?
3. Кои подготовки ги направил Исус за да добиваме „храна во право време“?
3 Самиот Исус го посочил одговорот на ова прашање. Додека го кажувал своето значајно пророштво, тој прашал: „Кој е, всушност, верниот и разборит роб, кого неговиот господар го поставил над своите домашни за да им ја дава нивната храна во право време?“ Потоа рекол: „Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина ви велам: Ќе го постави над целиот свој имот“ (Матеј 24:45—47). Да, требало да има еден „роб“, кој ќе бил поставен за да обезбедува духовна храна, „роб“ што ќе бил и верен и разборит. Дали тој роб бил некој поединец, низа поединци што се појавувале еден по друг или, пак, нешто друго? Бидејќи верниот роб ја обезбедува духовната храна што ни е толку многу потребна, во наш интерес е да го дознаеме одговорот.
Поединец или класа?
4. Од каде знаеме дека „верниот и разборит роб“ не може да биде само една личност?
4 „Верниот и разборит роб“ не може да биде само една личност. Зошто? Затоа што тој роб почнал да дели духовна храна уште во првиот век, а според Исус, сѐ уште требало да го прави тоа кога ќе пристигнел Господарот во 1914. Тоа би опфаќало околу 1.900 години верна служба на само еден поединец. Толку долго не живеел ниту Матусал! (Битие 5:27).
5. Објасни зошто терминот ,верен и разборит роб‘ не се однесува на секој христијанин поединечно.
5 А дали терминот ,верен и разборит роб‘ би можел да се однесува општо на секој поединечен христијанин? Точно е тоа дека сите христијани мораат да бидат верни и разборити; меѓутоа, јасно е дека Исус имал на ум нешто повеќе кога зборувал за „верниот и разборит роб“. Од каде знаеме? Исус рекол дека ,господарот, кога ќе дојде‘, ќе го постави тој роб „над целиот свој имот“. Како можел секој христијанин поединечно да биде поставен над сѐ — над „целиот“ имот на Господарот? Такво нешто е невозможно!
6. Како требало да функционира нацијата Израел како Божји „слуга“, односно „роб“?
6 Според тоа, единствен логичен заклучок е дека Исус се осврнал на една група христијани како на „верниот и разборит роб“. Дали можеби станува збор за повеќе луѓе што го сочинуваат тој роб? Да. Седумстотини години пред Христос, Јехова се осврнал на целата нација Израел како на „Мои сведоци“ и „Мојот слуга, што го избрав“ (Исаија 43:10, ПСП). Секој припадник на нацијата Израел почнувајќи од 1513 пр.н.е., кога бил даден Мојсеевиот закон, па сѐ до Пентекост 33 н.е., бил дел од оваа класа претставена со слуга. Повеќето Израелци немале директен удел во управувањето со работите поврзани со нацијата ниту, пак, со координирањето на програмата за делење духовна храна. Јехова користел цареви, судии, пророци, свештеници и Левити за да се извршат тие задачи. Сепак, како нација, Израел требало да го застапува Јеховиниот суверенитет и да го фали меѓу нациите. Секој Израелец требало да биде сведок на Јехова (Второзаконие 26:19; Исаија 43:21; Малахија 2:7; Римјаните 3:1, 2).
Еден „слуга“ е отпуштен
7. Зошто на древната нација Израел ѝ било одземено правото да биде Божји „слуга“?
7 Со оглед на тоа што Израел бил Божјиот „слуга“ пред многу векови, дали тој бил и слугата за кој зборувал Исус? Не, бидејќи древниот Израел, за жал, не се покажал ниту верен ниту разборит. Павле накратко ја изнесува таа ситуација кога ги цитира зборовите што Јехова ѝ ги кажал на оваа нација: „Поради вас се хули на Божјето име меѓу нациите“ (Римјаните 2:24). Навистина, кога Израелците го отфрлиле Исус, достигнале кулминација на една долга историја на побуна од нивна страна, а тогаш и Јехова ги отфрлил нив (Матеј 21:42, 43).
8. Кога бил поставен „слуга“ што го заменил Израел, и под какви околности?
8 Ова неверство на ,слугата‘, Израел, не значело дека верните обожаватели засекогаш ќе бидат лишени од духовна храна. На Пентекост 33 н.е., 50 дена по воскресението на Исус, светиот дух бил излеан врз околу 120 негови ученици во една горна соба во Ерусалим. Во таа прилика била родена една нова нација. Нејзиното раѓање било соодветно објавено кога припадниците на оваа нова нација смело почнале да им кажуваат на жителите на Ерусалим за „величествените Божји работи“ (Дела 2:11). Така, таа нова, духовна нација, станала ,слугата‘ што требало да им ја објавува Јеховината слава на нациите и да им дава храна во право време (1. Петрово 2:9). Затоа подоцна со право била наречена „Израелот Божји“ (Галатите 6:16).
9. а) Кој го сочинува „верниот и разборит роб?“ б) Кои се ,домашните‘?
9 Секој припадник на „Израелот Божји“ е предаден, крстен христијанин што е помазан со свет дух и има небесна надеж. Според тоа, изразот ,верен и разборит роб‘ се однесува на сите припадници на таа помазана духовна нација како група на земјата во кое и да е време почнувајќи од 33 н.е. па досега, исто како што секој Израелец што живеел во кое и да е време од 1513 пр.н.е. па сѐ до Пентекост 33 н.е. бил дел од претхристијанската класа претставена со слуга. Но, кои се ,домашните‘ што добиваат духовна храна од тој роб? Во првиот век н.е., сите христијани имале небесна надеж. Според тоа, и домашните биле помазаните христијани, но гледани како поединци, а не како група. На сите нив, вклучувајќи ги и оние што имале одговорни положби во собранието, им требала духовната храна што ја делел тој роб (1. Коринќаните 12:12, 19—27; Евреите 5:11—13; 2. Петрово 3:15, 16).
„Секому неговата работа“
10, 11. Од каде знаеме дека на сите членови на класата на робот нема да им бидат доделени исти задачи?
10 И покрај тоа што на „Израелот Божји“, како класа на верниот и разборит роб, му е доделено да извршува една задача, и секој поединечен член си има свои лични одговорности. Исусовите зборови запишани во Марко 13:34 јасно ни го покажуваат ова. Исус рекол: „Тоа е како човек кој отпатувал во туѓина и ја оставил својата куќа и им дал власт на своите робови, секому неговата работа, и му заповедал на вратарот да бдее“. Значи, секој член на класата на робот добил задача — да го зголеми Христовиот имот на земјата. Секој ја извршува оваа задача во зависност од своите способности и можности (Матеј 25:14, 15).
11 Понатаму, апостол Петар им рекол на помазаните христијани што живееле во негово време: „Користете го дарот, секој во мерата во која го примил, служејќи си еден на друг како одлични настојници на Божјата незаслужена љубезност која се изразува на разни начини“ (1. Петрово 4:10). Значи, тие помазаници имаат одговорност да си служат еден на друг користејќи ги даровите што им ги дал Бог. Понатаму, зборовите на Петар покажуваат дека сите христијани нема да имаат исти способности, одговорности или предности. Меѓутоа, секој член на класата на робот ќе може на некој начин да придонесе за порастот на духовната нација. Како?
12. На кој начин секој член на класата на робот, сеедно дали е маж или жена, придонел за порастот на робот?
12 Прво, секој имал одговорност да биде сведок на Јехова — да ја проповеда добрата вест за Царството (Исаија 43:10—12; Матеј 24:14). Непосредно пред да се вознесе на небото, Исус им заповедал на сите свои верни ученици, и мажи и жени, да бидат учители. Тој рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:19, 20).
13. Која предност ја имале сите помазаници?
13 Кога биле најдени нови ученици, требало внимателно да бидат поучени да држат сѐ што им заповедал Исус на своите ученици. Со текот на времето, оние што се оѕвале биле оспособени да поучуваат други. На потенцијалните членови на класата на робот во многу нации им била ставена на располагање квалитетна духовна храна. Сите помазани христијани, и мажи и жени, го извршувале налогот да прават ученици (Дела 2:17, 18). Ова дело требало да продолжи да се извршува од времето кога робот првпат почнал со својата работа па сѐ до крајот на овој систем на работи.
14. Само на кого му била дадена предноста да поучува во собранието, и како гледале на тоа верните помазани жени?
14 Новите што се крстиле и биле помазани станале дел од робот, и без оглед на тоа кој ги поучил во почетокот, тие понатаму примале поука од членовите на собранието што ги исполнувале библиските услови да служат како старешини (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:6—9). Така, овие наименувани мажи имале предност да придонесат за порастот на нацијата на еден посебен начин. Верните помазани христијанки не биле огорчени поради тоа што задачата да поучуваат во собранието им била дадена само на христијанските мажи (1. Коринќаните 14:34, 35). Напротив, тие биле среќни што извлекувале корист од напорната работа на мажите кои биле членови на собранието, и биле благодарни за предностите што ги имале жените, вклучувајќи ја и предноста да им носат радосна вест на другите. Ревносните помазани сестри денес покажуваат ист таков понизен став, без оглед на тоа дали наименуваните старешини се помазаници или не.
15. Кој бил еден од главните извори на духовна храна во првиот век, и кој презел водство да ја дава таа храна?
15 Основната духовна храна што се давала во првиот век доаѓала директно од перото на апостолите и другите ученици што предводеле. Писмата што ги напишале — особено оние писма што станале дел од 27-те инспирирани книги што ги сочинуваат Христијанските грчки списи — кружеле низ собранијата и без сомнение служеле како основа врз која поучувале локалните старешини. На овој начин, претставници на робот верно им делеле богата духовна храна на искрените христијани. Класата на робот во првиот век верно го извршила својот налог.
,Робот‘ по 19 века
16, 17. На кој начин класата на робот верно ја извршувала својата задача пред 1914?
16 А како е денес? Кога во 1914 започнала присутноста на Исус, дали тој нашол некоја група помазани христијани што верно делеле храна во право време? Сигурно дека нашол. Оваа група можела јасно да се препознае по добрите плодови што ги давала (Матеј 7:20). Оттогаш наваму, историјата потврдила дека Исус ја препознал вистинската група.
17 Во времето кога пристигнал Исус, околу 5.000 домашни вредно ја ширеле библиската вистина. Имало малку работници, но робот користел бројни добро смислени методи за ширење на добрата вест (Матеј 9:38). На пример, биле направени подготовки да се објавуваат проповеди на библиски теми во речиси 2.000 весници. На овој начин, вистината од Божјата реч допрела до десетици илјади читатели истовремено. Освен тоа, била подготвена една осумчасовна програма во која се прикажувале слајдови во боја и филм. Благодарение на оваа инвентивна презентација, на вкупно девет милиони луѓе од три континенти им била пренесена библиската порака — почнувајќи од создавањето па до крајот на илјадагодишното Христово владеење. Печатената литература била уште едно средство што се користело. На пример, во 1914 биле издадени околу 50.000 примероци од ова списание.
18. Кога Исус го поставил робот над сиот свој имот, и зошто?
18 Да, кога пристигнал Господарот, го нашол својот верен роб како совесно ги храни домашните и ја проповеда добрата вест. Сега тој роб го очекувале поголеми одговорности. Исус рекол: „Вистина ви велам: Ќе го постави над целиот свој имот“ (Матеј 24:47). Исус го направил ова во 1919, откако тој роб поминал низ еден период на испити. Но, зошто „верниот и разборит роб“ добил поголеми одговорности? Затоа што Господарот добил поголем имот. Во 1914, на Исус му било дадено да царува.
19. Објасни како се задоволени духовните потреби на ,големото мноштво‘.
19 Што е имотот над кој новокрунисаниот Господар го поставил својот верен роб? Тоа се сите духовни работи што му припаѓаат нему овде на земјата. На пример, две децении по устоличувањето на Исус во 1914, бил откриен идентитетот на едно „големо мноштво“ од „други овци“ (Откровение 7:9; Јован 10:16). Тие не биле помазани членови на „Израелот Божји“, туку искрени мажи и жени со земна надеж, кои имале љубов кон Јехова и сакале да му служат исто како што му служеле и помазаниците. Всушност, тие му рекле на „верниот и разборит роб“: „Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас“ (Захарија 8:23). Овие новокрстени христијани земале од истата богата духовна храна како и помазаните домашни, и оттогаш овие две класи сѐ уште се хранат од истата духовна трпеза. Колкав само благослов е ова за членовите на ,големото мноштво‘!
20. Каква улога одиграло ,големото мноштво‘ во зголемувањето на имотот на Господарот?
20 Членовите на ,големото мноштво‘ радосно ѝ се придружиле на помазаната класа на робот во проповедањето на добрата вест. Додека проповедале, се зголемувал земниот имот на Господарот, а со тоа се зголемиле и одговорностите на „верниот и разборит роб“. Бидејќи бројот на оние што ја бараат вистината растел, се јавила потреба од проширување на објектите за печатење за да се држи чекор со побарувачката на библиска литература. Во многу земји се отвориле канцеларии на подружниците на Јеховините сведоци. Биле испратени мисионери „до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Од приближно пет илјади помазаници во 1914, бројот на луѓе што го фалат Бог порасна на повеќе од шест милиони денес, од кои повеќето се од ,големото мноштво‘. Навистина, откако Царот бил крунисан во 1914, неговиот имот се зголемил повеќекратно!
21. Кои две параболи ќе ги разгледаме на нашата следна студија?
21 Сето ова покажува дека робот бил и „верен и разборит“. Веднаш откако зборувал за „верниот и разборит роб“, Исус кажал две параболи што ги истакнуваат тие особини: параболата за разборитите и глупавите девици и параболата за талантите (Матеј 25:1—30). Ова ни ја буди љубопитноста! Какво значење имаат овие параболи за нас денес? На ова прашање ќе се задржиме во следната статија.
Што мислиш?
• Кој го сочинува „верниот и разборит роб“?
• Кои се ,домашните‘?
• Кога бил поставен верниот роб над целиот имот на Господарот, и зошто баш тогаш?
• Кој помогнал да се зголеми имотот на Господарот во последниве децении, и како?
[Слики на страница 10]
Класата на робот во првиот век верно го извршувала својот налог