ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/1 стр. 17-22
  • „Бдејте“!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Бдејте“!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Останете будни, стојте цврсто во верата“
  • Тројца апостоли што не можеле да останат будни
  • Три многу важни особини
  • „Цврсто држи се и понатаму за она што го имаш“
  • Зошто мора да бдееме?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2016
  • „Бдејте“ — дојде часот на суд!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Бидете будни во „времето на крајот“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Среќни се оние кои остануваат будни!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/1 стр. 17-22

„Бдејте“!

„Што ви кажувам вам, на сите им го кажувам: Бдејте“ (МАРКО 13:37).

1, 2. а) Каква лекција научил еден човек во врска со чувањето на својот посед? б) Што учиме во врска со будноста од Исусовата илустрација за крадецот?

ХУАН си ги чувал вредните работи дома. Ги ставил под кревет — најбезбедното место во куќата, како што си мислел тој. Меѓутоа, една ноќ, додека тој и неговата жена спиеле, во спалната влегол крадец. Очигледно, крадецот точно знаел каде да бара. Тивко ги зел сите скапоцени предмети што биле под креветот, како и парите што Хуан ги оставил во една фиока во шкафчето покрај креветот. Следното утро, Хуан ја открил кражбата. Долго време ќе се сеќава на болната лекција што ја научил: Заспан човек не може да го чува својот посед.

2 Истото важи и во духовен поглед. Не можеме да ја зачуваме нашата надеж и нашата вера ако заспиеме. Затоа, Павле ја дал опомената: „Да не спиеме како останатите, туку да останеме будни и да бидеме трезвени“ (1. Солуњаните 5:6). За да покаже колку е битно да се остане буден, Исус ја употребил илустрацијата за еден крадец. Ги опишал настаните што ќе се случат пред тој да се појави како Судија, а потоа опоменал: „Затоа, бдејте зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ. Но едно знајте дека домаќинот, кога би знаел во која стража доаѓа крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му се провали во куќата. Затоа и вие покажете се подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не ни мислите“ (Матеј 24:42—44). Крадецот не најавува однапред кога ќе дојде. Тој се надева дека ќе пристигне тогаш кога никој не го очекува. Слично, како што рекол Исус, крајот на овој систем ќе дојде ‚во час кога не ни мислиме‘.

„Останете будни, стојте цврсто во верата“

3. На кој начин Исус, користејќи ја илустрацијата за робовите што го чекале својот господар да се врати од свадба, покажал колку е важно да се остане буден?

3 Со зборовите што се запишани во евангелието по Лука, Исус ги споредил христијаните со робови што чекале нивниот господар да се врати од свадба. Тие треба да останат будно внимателни за кога ќе пристигне тој да бидат будни, спремни да го пречекаат. На сличен начин, Исус рекол: „Синот човечки доаѓа во час во кој и не мислите дека е веројатно“ (Лука 12:40). Некои што многу години му служеле на Јехова можат да го изгубат своето чувство на итност во врска со времињата во кои живееме. Можат дури и да дојдат до заклучок дека крајот би можел да биде уште многу далеку. Но, таквото размислување би можело да нѐ наведе да го одвратиме нашето внимание од духовните работи и да го насочиме кон материјалистички цели, пречки што можат да нѐ направат духовно дремливи (Лука 8:14; 21:34, 35).

4. Која увереност ќе нѐ мотивира да бдееме, и како го покажал тоа Исус?

4 Можеме да извлечеме уште една поука од Исусовата илустрација. Иако робовите не знаеле во кој час ќе пристигне нивниот господар, очигледно знаеле која ноќ ќе биде тоа. Би било тешко да останат будни цела ноќ ако мислеле дека нивниот господар ќе дојде некоја друга ноќ. Но не, тие знаеле која ноќ ќе дојде господарот и тоа им дало голем поттик да останат будни. На многу сличен начин, библиските пророштва јасно откриваат дека ние живееме во времето на крајот; но тие не ни го кажуваат денот ниту часот на самиот крај (Матеј 24:36). Тоа што веруваме дека доаѓа крајот ни помага да останеме будни, но ако сме уверени дека Јеховиниот ден навистина е близу, ќе имаме далеку посилна мотивација да бдееме (Софонија 1:14).

5. Како можеме да се оѕвиеме на опомената на Павле да ‚останеме будни‘?

5 Пишувајќи им на коринќаните, Павле поттикнал: „Останете будни, стојте цврсто во верата“ (1. Коринќаните 16:13). Да, нашата будност е поврзана со тоа да стоиме цврсто во христијанската вера. Како можеме да останеме будни? На тој начин што ќе стекнеме подлабоко спознание за Божјата реч (2. Тимотеј 3:14, 15). Добрите навики на лична студија и редовното присуство на состаноците ни помагаат да ја зајакнеме верата, а еден важен аспект на нашата вера е да го држиме цврсто во мислите Јеховиниот ден. Затоа, тоа што одвреме навреме ќе ги разгледуваме библиските докази дека живееме близу до крајот на овој систем, ќе ни помогне да не ги изгубиме од вид важните вистини во врска со претстојниот крај.a Исто така, добро е да обрнеме внимание на тоа како се одвиваат светските настани што ги исполнуваат библиските пророштва. Еден брат од Германија напишал: „Секогаш кога гледам вести — војни, земјотреси, насилство и загадување на нашата планета — се освестувам колку е близу крајот“.

6. На кој начин Исус ја илустрирал склоноста да се изгуби духовната будна внимателност како што минува времето?

6 Во Марко 13. поглавје наоѓаме уште еден извештај за Исусовата опомена до неговите следбеници да останат будни. Според ова поглавје, Исус ја споредува нивната положба со положбата на вратар што чека неговиот господар да се врати од патување во странство. Вратарот не знаел во кој час ќе се врати неговиот господар. Тој едноставно морал да бдее. Исус се осврнал на четири различни стражи во текот на кои би можел да пристигне господарот. Четвртата стража траела некаде од три часот наутро па до изгрејсонце. На таа последна стража, вратарот лесно можела да го совлада дремка. Како што се вели, војниците сметаат дека часот пред мугрите е најдобар момент да се фати некој непријател на препад. Слично, во овој доцен час, кога во духовна смисла светот околу нас длабоко спие, можеби ќе се соочиме со нашата најголема борба да останеме будни (Римјаните 13:11, 12). Затоа, во својата илустрација, Исус постојано поттикнува: „Постојано гледајте, бидете будни . . . Затоа бдејте . . . Што ви кажувам вам, на сите им го кажувам: Бдејте“ (Марко 13:32—37).

7. Која реална опасност постои, и со оглед на тоа, кое охрабрување честопати го читаме во Библијата?

7 Многу пати во текот на својата служба и откако воскреснал, Исус поттикнувал на будност. Всушност, речиси секогаш кога Писмото се осврнува на крајот на овој систем на работи, ја наоѓаме опомената да останеме будни или да бдеемеb (Лука 12:38, 40; Откровение 3:2; 16:14—16). Јасно, духовната дремливост е многу реална опасност. Овие опомени ни се потребни на сите! (1. Коринќаните 10:12; 1. Солуњаните 5:2, 6).

Тројца апостоли што не можеле да останат будни

8. Во градината Гетсиманија, како реагирале тројцата Исусови апостоли кога тој побарал од нив да бдеат?

8 За да се остане буден потребно е нешто повеќе отколку добри намери, како што гледаме од примерот на Петар, Јаков и Јован. Тие биле тројца духовни мажи што лојално го следеле Исус и чувствувале длабока наклоност кон него. Сепак, ноќта на 14 нисан 33 н.е., тие не успеале да останат будни. Напуштајќи ја горната соба каде што ја прославиле Пасхата, тројцата апостоли го придружувале Исус до градината Гетсиманија. Таму Исус им рекол: „Душата ми е длабоко нажалена, дури до смрт. Останете овде и бдејте со мене“ (Матеј 26:38). Трипати Исус горливо му се молел на својот небесен Татко, и трипати се вратил кај своите пријатели, но ги нашол како спијат (Матеј 26:40, 43, 45).

9. Што веројатно придонело за да задремат апостолите?

9 Зошто овие верни мажи го разочарале Исус таа ноќ? Еден фактор бил физичкиот умор. Било доцна, веројатно по полноќ, а ним ‚очите им биле натежнати‘ за спиење (Матеј 26:43). Сепак, Исус рекол: „Бдејте и молете се непрестајно за да не паднете во искушение. Духот, секако, е горлив, но телото е слабо“ (Матеј 26:41).

10, 11. а) И покрај тоа што бил уморен, што му помогнало на Исус да бдее во градината Гетсиманија? б) Што можеме да научиме од она што им се случило на тројцата апостоли кога Исус побарал од нив да бдеат?

10 Без сомнение, и Исус бил уморен таа историска ноќ. Меѓутоа, наместо да заспие, тие последни многу важни моменти додека бил на слобода ги искористил за горлива молитва. Неколку дена пред тоа ги поттикнал своите следбеници да се молат, велејќи: „Останете будни, преколнувајќи цело време за да успеете да го избегнете сето она што треба да се случи, и да стоите пред Синот човечки“ (Лука 21:36; Ефешаните 6:18). Ако обрнеме внимание на Исусовиот совет и го следиме неговиот добар пример во поглед на молитвата, нашите преколнувања од срце упатени до Јехова ќе ни помогнат да останеме духовно будни.

11 Секако, Исус разбрал — како што во тој момент не разбирале неговите ученици — дека наскоро ќе биде уапсен и осуден на смрт. Неговите искушенија ќе достигнеле агониска кулминација на маченичкиот столб. Исус ги предупредил своите апостоли за овие работи, но тие не разбирале што им вели тој. Затоа, заспале додека тој останал буден и се молел (Марко 14:27—31; Лука 22:15—18). Како што било случај со апостолите, и нашето тело е слабо и има работи што сѐ уште не ги знаеме. Сепак, ако ја изгубиме од вид итноста на времињата во кои живееме, би можеле да заспиеме во духовна смисла. Ќе останеме будни само ако бидеме будно внимателни.

Три многу важни особини

12. Кои три особини Павле ги поврзува со тоа да бидеме трезвени?

12 Како можеме да го задржиме нашето чувство на итност? Веќе видовме колку е важна молитвата и колку е потребно да го задржиме во мислите Јеховиниот ден. Освен тоа, Павле спомнува три важни особини што треба да ги негуваме. Тој вели: „Но ние, кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени и да го облечеме градниот оклоп на верата и љубовта и како шлем — надежта за спасение“ (1. Солуњаните 5:8). Накратко да разгледаме каква улога играат верата, надежта и љубовта за да останеме духовно будни.

13. Каква улога игра верата за да останеме будно внимателни?

13 Мораме да имаме непоколеблива вера дека Јехова постои и дека „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Првото исполнување на Исусовото пророштво за крајот, во првиот век, ја зајакнува нашата вера во неговото поголемо исполнување во нашево време. А нашата вера нѐ одржува во горливо исчекување на Јеховиниот ден и сигурни сме дека „[пророчката визија] ќе дојде и не ќе се забави“ (Хабакук 2:3).

14. Во кој поглед е многу важна надежта за да останеме будни?

14 Нашата сигурна надеж е како „котва за душата“ што ни овозможува да истраеме во тешкотиите дури и кога мораме да чекаме на извесно исполнување на Божјите ветувања (Евреите 6:18, 19). Маргарет, една сестра помазана со дух и во своите 90-ти години, која се крстила пред повеќе од 70 години, признава: „Кога мојот сопруг умираше од рак во 1963, имав чувство дека би било прекрасно кога крајот би дошол брзо. Но, сега сфаќам дека сум мислела главно на своите сопствени интереси. Во тоа време немавме поим до кој обем ќе се прошири делото низ целиот свет. Дури и сега има уште многу места каде што делото штотуку се отвора. Затоа сум радосна што Јехова покажува стрпливост“. Апостол Павле нѐ уверува: „Истрајноста, пак, [донесува] одобрена состојба; а одобрената состојба надеж, а надежта не води до разочарување“ (Римјаните 5:3—5).

15. Како ќе нѐ мотивира љубовта дури и кога ни се чини дека сме чекале долго време?

15 Христијанската љубов е една извонредна особина затоа што е мотив кој лежи во основата на сѐ што правиме. Му служиме на Јехова затоа што го сакаме, независно од неговиот временски распоред. Љубовта кон ближниот нѐ поттикнува да ја проповедаме добрата вест за Царството, сеедно колку долго ќе биде Божја волја да проповедаме и сеедно колку пати ќе навраќаме во истите домови. Како што напишал Павле, „остануваат верата, надежта, љубовта, овие три; а најголема од нив е љубовта“ (1. Коринќаните 13:13). Љубовта нѐ одржува и ни помага да останеме будни. „[Љубовта] на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не затајува“ (1. Коринќаните 13:7, 8).

„Цврсто држи се и понатаму за она што го имаш“

16. Наместо да се олабавиме, каков став треба да негуваме?

16 Живееме во значајни времиња кога светските настани постојано нѐ потсетуваат дека сме во завршниот дел на последните денови (2. Тимотеј 3:1—5). Сега не е време да се олабавиме туку ‚цврсто да се држиме и понатаму за она што го имаме‘ (Откровение 3:11). Со тоа што ќе ‚бидеме будни во поглед на молитвите‘ и ќе негуваме вера, надеж и љубов, ќе се покажеме спремни за часот на испит (1. Петрово 4:7). Имаме многу работа во делото Господово. Тоа што ќе бидеме зафатени во делата на побожна оддаденост ќе ни помогне да останеме потполно будни (2. Петрово 3:11).

17. а) Зошто повремените разочарувања не треба да нѐ обесхрабрат? (Види ја рамката на 21. страница.) б) Како можеме да го имитираме Јехова и каков благослов ги очекува оние што го прават тоа?

17 „Господ е мој дел“, напишал Еремија, „и затоа се надевам [ќе покажам став на чекање, NW] во Него. Добар е Господ за оној, кој се надева во Него, за душата, која Го бара. Блазе му на тој, кој трпеливо чека спасение од Господа“ (Плач Еремиин 3:24—26). Некои од нас чекаат само кратко време. Други чекаат многу години за да го видат спасението од Јехова. Но, колку само е краток тој период на чекање кога ќе се спореди со вечноста што е пред нас! (2. Коринќаните 4:16—18). И додека го чекаме Јеховиното одредено време, можеме да негуваме важни христијански особини и да им помагаме и на другите да извлечат корист од Јеховината стрпливост и да ја прифатат вистината. Затоа, да бдееме сите. Да го имитираме Јехова и да бидеме стрпливи, благодарни за надежта што ни ја дал. И додека верно остануваме будно внимателни, цврсто да се држиме за надежта за вечен живот. Тогаш, овие пророчки ветувања сигурно ќе важат и во нашиот случај: „[Јехова] ќе те возвиши и ќе ја наследиш земјата; радосно ќе ја гледаш пропаста на безбожните“ (Псалм 37:34).

[Фуснота]

a Може да биде од помош повторно да ги разгледаш шесте видови докази што покажуваат дека живееме во „последните денови“, кои беа разработени на страници 12 и 13 од изданието на Стражарска кула од 15 јануари 2000 (2. Тимотеј 3:1).

b Кога зборува за грчкиот глагол преведен со „бдејте“, лексикографот В. Е. Вајн објаснува дека тој дословно значи ‚да се растерува сонот‘ и „не изразува само обично неспиење туку будноста на оние што се сосредоточени на нешто“.

Како би одговорил?

• Како можеме да го зајакнеме нашето уверување дека е близу крајот на овој систем на работи?

• Што можеме да научиме од примерите на Петар, Јаков и Јован?

• Кои три особини ќе ни помогнат да останеме духовно будни?

• Зошто сега е време ‚цврсто да се држиме и понатаму за она што го имаме‘?

[Рамка/слика на страница 21]

„Среќен е оној што е во исчекување“ (Даниел 12:12, NW)

Замислете си дека еден чувар се сомнева дека некој крадец планира да изврши кражба во просториите што ги чува тој. Кога ќе падне ноќта, чуварот внимателно слуша дали има некаков звук што би можел да го открие присуството на крадецот. Од час на час ги напрега ушите и очите. Лесно е да се сфати зошто би можел да биде измамен од лажна тревога — звукот на налет на ветар во дрвјата или мачка што кутнува нешто (Лука 12:39, 40).

Нешто слично може да им се случи и на оние што ‚желно го очекуваат откровението на нашиот Господ Исус Христос‘ (1. Коринќаните 1:7). Апостолите мислеле дека Исус ‚ќе го обнови царството на Израел‘ кратко по своето воскресение (Дела 1:6). Со години подоцна, христијаните во Солун морале да бидат потсетени дека Исусовото присуство ќе биде во иднина (2. Солуњаните 2:3, 8). Сепак, лажните тревоги во врска со Јеховиниот ден не ги натерале тие рани следбеници на Исус да го напуштат патот што води во живот (Матеј 7:13).

Во нашево време, разочарувањето поради привидните одложувања на доаѓањето на крајот на овој систем на работи не треба да биде причина да попуштиме во будноста. Еден будно внимателен чувар може да биде измамен од лажна тревога, но сепак, ќе мора да бдее! Тоа му е работа. Истото е случај и со христијаните.

[Слика на страница 18]

Дали си уверен дека Јеховиниот ден е близу?

[Слики на страница 19]

Состаноците, молитвата и добрите навики на проучување ни помагаат да бдееме

[Слика на страница 22]

Како Маргарет, да бдееме стрпливо и активно

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели