Читателите прашуваат
Дали кај Исус навистина дошле тројца мудреци?
Од Јужна Америка па до Источна Европа и Азија, божиќните приказни го прикажуваат бебето Исус со тројца цареви, или мудреци, кои му носат скапоцени подароци. Дали тоа е точно? Дали е во склад со фактите? Да видиме.
Две евангелија, според Матеј и според Лука, даваат извештај за раѓањето на Исус. Овие извештаи покажуваат дека само скромните овчари од блиските полиња дошле кај Исус кога се родил. Таканаречените цареви, или мудреци, биле, всушност, астролози, а не цареви, и не е наведено колкумина биле. Астролозите не дошле кај Исус додека бил новороденче во јасли, туку стигнале кога Исус веќе бил поголемко детенце и живеел во куќа. Всушност, нивното присуство го довело во опасност животот на Исус!
Разгледај го внимателно извештајот за раѓањето на Исус што го дал библискиот писател Лука. Таму пишува: „Имаше и овчари кои живееја надвор и чуваа ноќна стража над своите стада. Одеднаш Јеховин ангел застана покрај нив и... им рече: ‚...Ќе најдете дете повиено и положено во јасли‘... И брзо отидоа и ги најдоа Марија и Јосиф, и детето положено во јаслите“ (Лука 2:8-16).
Само Јосиф, Марија и овчарите биле со бебето Исус. Во извештајот на Лука не е спомнат никој друг.
Сега разгледај го извештајот од Матеј 2:1-11 од Преводот на МПЦ: „А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирода, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток... И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија“.
Забележи дека извештајот спомнува само „мудреци“, а не „тројца мудреци“, и уште спомнува дека тие најпрвин допатувале од исток во Ерусалим, а не во родниот град на Исус, Витлеем. Кога конечно стигнале во Витлеем, Исус бил ‚Младенец‘ — а не повеќе бебе — и не бил во јасли, туку во куќа.
Исто така, иако во овој превод се користи зборот „мудреци“ за да се означат посетителите, други преводи користат „маги“ или „астролози“. Според едно дело, зборот „мудреци“ е превод на „една грчка именка што првобитно се однесувала на персиски свештеници што биле стручњаци за астрологија“ (Handbook on the Gospel of Matthew). А во еден речник, овој збор е дефиниран како „маѓесник, волшебник, учител по врачање“ (The Expanded Vine’s Expository Dictionary of New Testament Words).
Иако астрологијата и врачањето сѐ уште се популарни денес, Библијата нѐ опоменува да немаме ништо со нив (Исаија 47:13-15). Тие се облици на спиритизам и работи што Јехова Бог ги мрази (5. Мојсеева 18:10-12). Затоа, ниеден Божји ангел не им го објавил на астролозите раѓањето на Исус. Меѓутоа, Бог им се јавил во сон и ги опоменал да не се враќаат назад кај злобниот цар Ирод, бидејќи тој сакал да го убие Исус. Така, ‚тие се вратиле во својата земја по друг пат‘ (Матеј 2:11-16).
Дали вистинските христијани ќе продолжат со измислената традиција за Христовото раѓање, која ја искривува вистината во врска со раѓањето на Исус? Се разбира дека одговорот е не.