Дозволи зборовите на Исус да влијаат врз твојот став
„Оној кого Бог го испрати ги зборува Божјите зборови“ (ЈОВАН 3:34)
1, 2. Со што би можеле да се споредат зборовите што Исус ги кажал во Проповедта на гората, и зошто може да се каже дека таа се темели на „Божјите зборови“?
ЕДЕН од најголемите брусени дијаманти за кој се знае денес е 530-каратната Африканска ѕвезда. Тоа е навистина бесценет камен! Но, уште поскапоцени од него се духовните бисери што ги содржи Исусовата Проповед на гората. Ова не нѐ изненадува бидејќи зборовите на Исус, всушност, потекнуваат од Јехова. Зборувајќи за Исус, Библијата вели: „Оној кого Бог го испрати ги зборува Божјите зборови“ (Јован 3:34-36).
2 Иако Проповедта на гората можеби била изнесена за помалку од половина час, таа содржи 21 цитат од осум книги од Хебрејските списи. Значи, цврсто се темели на „Божјите зборови“. Да видиме сега како би можеле да примениме некои од многуте скапоцени зборови што се наоѓаат во оваа извонредна проповед на Божјиот сакан Син.
„Прво помири се со братот“
3. Откако ги предупредил своите ученици дека гневот има последици, каков совет им дал Исус?
3 Како христијани, ние сме среќни и мирољубиви бидејќи го имаме Божјиот свет дух, а во плодовите на духот спаѓаат радоста и мирот (Гал. 5:22, 23). Исус не сакал неговите ученици да ги загубат својот мир и среќа, и затоа ги предупредил дека непопустливиот гнев има смртоносни последици. (Прочитај Матеј 5:21, 22.) Потоа рекол: „И така, ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Мат. 5:23, 24).
4, 5. а) На што се однесувал ‚дарот‘ кој го спомнал Исус во својата изјава запишана во Матеј 5:23, 24? б) Колку е важно да се помириме со некој брат што сме го навредиле?
4 ,Дарот‘ кој го спомнал Исус се однесувал на која и да било жртва што се принесувала во храмот во Ерусалим. На пример, во тоа време животинските жртви биле важни како составен дел од обожавањето на вистинскиот Бог. Сепак, Исус кажал дека нешто друго е уште поважно — да се помириме со братот што сме го навредиле пред да му го принесеме својот дар на Бог.
5 Изразот ‚да се помири‘ значи да ‚се воспостави мир‘. Според тоа, која лекција можеме да ја научиме од овие зборови на Исус? Јасно е дека начинот на кој постапуваме со другите директно влијае врз нашиот однос со Јехова (1. Јов. 4:20). Всушност, жртвите што му биле принесувани на Бог во старо време биле безвредни доколку оној што ги принесувал не постапувал како што треба со своите ближни. (Прочитај Михеј 6:6-8.)
Понизноста — клуч за помирување
6, 7. Зошто треба да сме понизни кога се трудиме да се помириме со некој брат што сме го навредиле?
6 Кога треба да се помириме со некој брат што сме го навредиле, веројатно нашата понизност ќе биде ставена на испит. Понизниот човек не се расправа со соверниците за да им докаже дека наводно тој е во право. Ова само може да ги влоши односите — како што се случило меѓу христијаните во древниот Коринт. Во врска со таа ситуација, апостол Павле ја навел следнава поучна забелешка: „Тоа што се тужите еден со друг е крајно поразително за вас. Зошто попрвин не ја претрпите неправдата? Зошто попрвин не ја прежалите штетата?“ (1. Кор. 6:7).
7 Исус не рекол дека треба да одиме кај нашиот брат за да го убедиме дека тој греши, а ние сме во право. Целта треба да ни биде да ги средиме нарушените односи. За да ја постигнеме оваа цел, треба искрено да кажеме како се чувствуваме. Освен тоа, треба да признаеме дека сме ги повредиле неговите чувства. И, ако сме згрешиле, сигурно треба да бидеме спремни понизно да се извиниме.
„Ако твоето десно око те наведува на грев“
8. Наведи ја накратко суштината на Исусовите зборови запишани во Матеј 5:29, 30.
8 Во својата Проповед на гората, Исус дал добри совети во врска со моралот. Тој знаел дека деловите на нашето несовршено тело можат да имаат опасно влијание врз нашиот живот. Затоа рекол: „Ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе. Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да биде фрлено во геената. И ако твојата десна рака те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе. Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да се најде во геената“ (Мат. 5:29, 30).
9. Како може нашето „око“ или „рака“ да ‚нѐ наведе на грев‘?
9 ,Окото‘ што го спомнал Исус се однесува на способноста да го насочиме своето внимание на нешто, а ‚раката‘ се однесува на она што го правиме со рацете. Ако не внимаваме, овие делови од телото можат да нѐ ‚наведат на грев‘, односно да нѐ спрепнат, и така да престанеме да ‚одиме со Бог‘ (1. Мој. 5:22; 6:9). Затоа, кога ќе се најдеме на искушение да му бидеме непослушни на Јехова, мора да преземеме драстични мерки и, во симболична смисла, да си го извадиме окото или да си ја отсечеме раката.
10, 11. Што ќе ни помогне да не направиме сексуален неморал?
10 Како можеме да ги спречиме очите да се концентрираат на неморални работи? „Склучив сојуз со своите очи“, рекол богобојазливиот Јов, „па како би можел тогаш да гледам по девица?“ (Јов 31:1). Јов бил женет човек кој бил решен да не ги прекрши Божјите морални закони. Таков став треба да имаме и ние, сеедно дали сме во брак или не. За да не направиме неморал, мора да дозволиме да нѐ води Божјиот свет дух, кој го раѓа плодот самосовладување кај оние што го сакаат Бог (Гал. 5:22-25).
11 За да не направиме сексуален неморал, би било добро да се прашаме: ‚Дали им дозволувам на моите очи да побудат кај мене интерес за неморални информации кои лесно можат да се најдат во книги, на телевизија или на Интернет?‘ Да не ги забораваме и следниве зборови на ученикот Јаков: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“ (Јак. 1:14, 15). Всушност, ако кое и да било лице што му се заветувало на Бог си дозволило да гледа со неморални побуди во некој од спротивниот пол, мора да преземе драстични мерки, кои можат да се споредат на вадење и фрлање на окото. (Прочитај Матеј 5:27, 28.)
12. Кој совет на Павле може да ни помогне да се бориме против неморалните желби?
12 Бидејќи постои опасност да ги користиме рацете на погрешен начин, и со тоа сериозно да ги прекршиме Јеховините морални мерила, мора да бидеме цврсто решени да останеме морално чисти. Затоа, треба да го послушаме следниов совет на Павле: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Кол. 3:5). Зборот „усмртете“ нагласува дека мора да преземеме драстични мерки за да се бориме против неморалните телесни желби.
13, 14. Зошто е животоважно да не размислуваме и да не постапуваме неморално?
13 Повеќето луѓе се спремни, ако е потребно, да дозволат со операција да им биде отстранета ногата или раката само за да си го зачуваат животот. Во симболична смисла, и ние мора спремно да го ‚фрлиме‘ окото или раката за да спречиме да размислуваме и да постапуваме неморално бидејќи, во спротивно, би ја изгубиле Јеховината милост. Вечното уништување кое е симболизирано со „геената“ ќе го избегнеме само ако останеме умствено, морално и духовно чисти.
14 Со оглед на тоа што сме наследиле грев и несовршенство, треба многу да се напрегаме за да останеме морално чисти. Павле рекол: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб, за да не бидам самиот отфрлен откако им проповедав на другите“ (1. Кор. 9:27). Затоа, да бидеме решени да го примениме советот што го дал Исус во врска со моралот, и никогаш да не дозволиме да постапиме на начин со кој ќе покажеме недостиг на ценење за неговата откупна жртва (Мат. 20:28; Евр. 6:4-6).
„Давајте“
15, 16. а) Како Исус дал добар пример во врска со давањето? б) Што значат зборовите на Исус запишани во Лука 6:38?
15 Зборовите на Исус и неговиот извонреден пример нѐ поттикнуваат да бидеме дарежливи. Тој покажал голема великодушност кога дошол на Земјата за да им помогне на несовршените луѓе. (Прочитај 2. Коринќаните 8:9.) Бил спремен да се откаже од небесната слава, да стане човек и да го даде својот живот за грешните луѓе. Некои од нив ќе добијат богатство на небото бидејќи ќе го наследат Царството заедно со него (Рим. 8:16, 17). Освен тоа, Исус поттикнал на великодушност, односно дарежливост, кога рекол:
16 „Давајте, и ќе ви се даде. Ќе ви сипат во скутот добра мера, набиена, натресена и преполна. Зашто, со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Лука 6:38). ‚Сипувањето во скутот‘ се однесува на еден обичај што го имале некои продавачи, имено, да му го наполнат скутот од широката горна облека на муштеријата, која била прицврстена со појас за половината и свиткана во еден вид торба во која можел да носи разни производи. Кога од срце им даваме на другите, и самите можеби ќе добиеме добра мера за возврат, и тоа кога најмногу ќе ни треба (Проп. 11:2).
17. Зошто Јехова е најдобар пример во врска со давањето, и кое давање ќе ни донесе радост?
17 Јехова ги сака и ги наградува оние што се дарежливи од срце. Лично тој оставил најдобар пример во овој поглед со тоа што го дал својот единороден Син „за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Павле напишал: „Кој обилно сее, обилно и ќе жнее. Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Кор. 9:6, 7). Ако даваме од своето време, сила и материјални средства за да му служиме на вистинскиот Бог, сигурно ќе бидеме богато благословени и ќе имаме голема радост. (Прочитај Изреки 19:17; Лука 16:9.)
„Не труби пред себе“
18. Во кој случај нема ‚да добиеме плата‘ од нашиот небесен Татко?
18 „Внимавајте да не правите праведни дела пред луѓето за да ве видат. Инаку нема да добиете плата од својот Татко кој е на небесата“ (Мат. 6:1). Кога рекол „праведни дела“, Исус мислел на однесување што е во склад со Божјата волја. Тој не сакал да каже дека не треба да се прават побожни дела во јавност, бидејќи самиот им рекол на своите ученици да ја пуштат својата „светлина пред луѓето“ (Мат. 5:14-16). Но, нема ‚да добиеме плата‘ од нашиот небесен Татко ако ги правиме работите само ‚за да нѐ видат‘ и да нѐ ценат луѓето, како да сме глумци во некој театар. Ако имаме таков мотив, нема да се радуваме на близок однос со Бог и нема да ги добиеме вечните благослови кога ќе завладее неговото Царство.
19, 20. а) Што сакал да каже Исус кога рекол дека не треба ‚да трубиме‘ кога даваме „милостина“? б) Како не ѝ дозволуваме на левицата да дознае што прави десницата?
19 Ако имаме исправен став, ќе го послушаме следниов совет од Исус: „Затоа, кога даваш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите во синагогите и по улиците за да ги слават луѓето. Вистина, ви велам, тие веќе ја добиле својата плата“ (Мат. 6:2). Зборот „милостина“ се однесува на прилозите што се давале за да им се помогне на сиромашните. (Прочитај Исаија 58:6, 7.) Исус и неговите апостоли имале заеднички пари што ги користеле за да им помогнат на сиромашните (Јован 12:5-8; 13:29). Бидејќи не се трубело со вистинска труба кога им се давала парична помош на сиромасите, очигледно овде Исус употребил хипербола кога рекол дека не треба ‚да трубиме‘ пред нас кога даваме „милостина“. Не треба на сите да им кажеме дека даваме, како што правеле еврејските фарисеи. Исус ги нарекол лицемери бидејќи раскажувале за своите доброволни прилози „во синагогите и по улиците“. Тие лицемери „си ја добиле својата плата“ — пофалбата од луѓето и, веројатно, можноста да седат на предните седишта покрај познати рабини во синагогата — но Јехова немало да им даде ништо (Мат. 23:6). А како требало да постапуваат учениците на Христос? Исус им ги кажал следниве зборови, кои важат и за нас:
20 „А ти кога даваш милостина, твојата левица нека не знае што прави твојата десница, за да биде твојата милостина во тајност. Тогаш твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати“ (Мат. 6:3, 4). Кога работиме нешто, обично ги користиме и двете раце. Според тоа, да не ѝ дозволиме на нашата левица да дознае што прави нашата десница значи да не им се фалиме на другите за нашите добри дела, дури ни на оние што ни се толку блиски колку што се блиски левицата и десницата.
21. Како ќе ни возврати Оној „кој гледа во тајност“?
21 Ако не се фалиме дека им даваме на другите, нашата „милостина“ ќе биде во тајност. Тогаш нашиот Татко, „кој гледа во тајност“, ќе ни возврати. Бидејќи живее на небото и не може да се види со човечко око, нашиот небесен Татко останува „во тајност“ во однос на луѓето (Јован 1:18). Јехова, „кој гледа во тајност“, ќе ни возврати така што ќе ни дозволи да бидеме блиски пријатели со него, ќе ни ги прости гревовите и ќе ни даде вечен живот (Изр. 3:32; Јован 17:3; Еф. 1:7). Тоа е далеку подобро од каква и да било пофалба од луѓе!
Скапоцени зборови што многу ни значат
22, 23. Зошто треба да ги цениме зборовите на Исус?
22 Проповедта на гората навистина изобилува со прекрасни и многу поучни духовни бисери. Без сомнение, содржи скапоцени зборови што можат да ни донесат радост дури и во овој свет исполнет со проблеми. Да, ќе бидеме среќни ако ги цениме зборовите на Исус и ако им дозволиме да влијаат врз нашиот став и врз нашиот начин на живот.
23 Секој што го слуша и го извршува она што го кажал Исус ќе биде благословен. (Прочитај Матеј 7:24, 25.) Затоа, да бидеме решени да ги послушаме советите на Исус. Во последната статија од овој циклус ќе разгледаме уште некои работи што ги кажал во Проповедта на гората.
Како би одговорил?
• Зошто е важно да се помириме со некој брат што сме го навредиле?
• Како може да спречиме да нѐ наведе на грев нашето „десно око“?
• Како треба да гледаме на давањето?
[Слика на страница 11]
Колку е убаво ‚да се помириме‘ со некој соверник што сме го навредиле!
[Слики на страници 12 и 13]
Јехова ги благословува оние што радосно даваат