Јехова добро се грижеше за мене
БЛАГО речено, почнав да му служам на Јехова на необичен начин. Одраснав во едно прекрасно селско подрачје на далечниот север на Нов Зеланд, населено воглавно со Маори, како што сум јас. Еден ден, додека патував со коњот, на патот ми пријде братучед ми Бен. Тоа беше есента (јужна хемисфера, а пролет во северната хемисфера) во 1942. Имав 27 години и во тоа време бев активен член на Англиканската црква.
Многу години Бен ги читаше книгите на судијата Ратерфорд, тогашниот претседател на Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, а сега имаше в рака писмо од новозеландската главна канцеларија која го молеше да ги повика месните жители во една локација кадешто би можеле заеднички да ја прослават Господовата Спомен-вечера. Освен тоа, Бен требаше да подготви некого да ја води службата. Гледајќи во мене, Бен рече: „Ти си тој“. Горд што бев сметан за способен — а бев и причестувач во црквата — се согласив.
Таа вечер околу 40 лица се собраа во домот на Бен да ја прослават смртта на нашиот Господ, а ниеден од нив не беше Сведок на Јехова. Штом пристигнав, братучед ми ми го даде говорниот нацрт. Поминав без предложената песна и го повикав зетот на Бен да ја отвори програмата со молитва. Потоа почнав да го претставувам материјалот од нацртот што се состоеше од серија прашања со одговори кои се темелеа на Светото писмо. Еден месен свештеник кој беше присутен, ме прекинуваше со приговори, но на нив беше одговарано со читање на библиските објаснувања од нацртот.
Се сеќавам дека едно од прашањата во нацртот беше поврзано со годишното доба кога требаше да се прославува самиот настан. Колку беше охрабрувачки кога сите присутни погледнаа низ прозорецот и ја видоа полната месечина. Се разбира, датумот беше 14. низан.
Каква ноќ беше тоа! Нашата прослава траеше четири часа! Беа поставени многу прашања и одговорени со помош на Библијата во нацртот од Заедницата. Кога ќе се сетам на тоа време, знам дека немаше да го доживеам тоа искуство без Јеховината љубезна грижа — иако тогаш јас ни не бев негов предаден Сведок. Сепак, таа ноќ на Спомен-свеченоста во 1942 ја открив мојата цел во животот.
Раните години
Роден сум во 1914. Татко ми умрел околу четири месеци пред да се родам, и се сеќавам дека како дете им завидував на другите деца кои имаа татко кој ги сака. Тоа многу ми недостасуваше. За мајка ми животот без сопруг беше тешка борба, а беше и уште поотежнат од далекусежните последици на I Светска вјна.
Како младинец, се оженив со една млада госпоѓица по име Агнес Коуп, и таа е мој животен партнер веќе преку 58 години. На почетокот заедно се боревме да постигнеме успех во животот. Поради тешката суша не успеав како фармер. Најдов некаков излез во спортот, но сѐ до искуството со Спомен-свеченоста во 1942, немав вистинска цел во животот.
Сведочење на роднините
После таа Свеченост, сериозно ја проучував Библијата и разговарав со некои од моите братучеди за библиската литература издадена од Друштвото Стражарска кула. Во септември 1943 некои Сведоци на Јехова од едно друго подрачје дојдоа да ја посетат нашата изолирана општина. Водевме интензивна, четиричасовна дискусија. Тогаш, откако дознав дека изутрината треба да си заминат, прашав: „Што ме спречува да се крстам сега?“ Двајца мои братучеди и јас бевме потопени во вода во еден и пол часот изутрината.
После тоа, многу патував за да им сведочам на моите роднини. Некои беа приемливи, и таквите мои разговори ги темелев на Матеј, 24. поглавје. Други не беа приемливи, и во тие случаи ги употребував Исусовите зборови до фарисеите забележани во Матеј, 23. поглавје. Сепак, со текот на времето, научив да бидам потактичен, по примерот на нашиот љубезен и доброљубив небесен Татко (Матеј 5:43-45).
Отпрвин мојата сопруга се противеше на мојата желба да му служам на Јехова. Меѓутоа, наскоро ми се придружи и во декември 1943 стана предадена, крстена другарка. На тој значаен ден, при крштевањето ѝ се придружија петмина други од нашето село Ваима, така што вкупниот број на објавители на Царството во тоа место се искачи на девет.
Благослови и покрај противење
Во текот на 1944 повторно нѐ посетија браќа однадвор, и овој пат ни пружија потребна обука во формалната служба од куќа до куќа. Бидејќи нашата присутност во општината стана повеќе од очигледна, се зголеми противењето од претставниците на т.н. христијанство (Јован 15:20). Имаше повторни соочувања со месниот свештеник кои доведоа до долги дискусии во врска со науките. Но Јехова даде победа, а други членови на општината, вклучувајќи ја и сестра ми, дојдоа под Јеховината љубезна грижа.
Во јуни 1944 во Ваима беше формирано собрание. Религиозното прогонување и омразата растеа. На Јеховините сведоци им беше забрането да бидат погребувани на месните гробишта. Повремено, противењето стануваше насилно. Имаше физички конфронтации. Мојот автомобил сосе гаражата изгореа до пепел. И покрај тоа, со Јеховин благослов, за помалку од три месеци бевме во можност да купиме камион. А за да го носам моето растечко семејство на состаноците, користев коњска кола.
Растечкиот број на придружници значеше дека под итно мораме да најдеме поголемо место за состанување, така што решивме да изградиме Царска сала во Ваима. Тоа беше првата Царска сала изградена на Нов Зеланд. Четири месеци по кутнувањето на првите дрвја на 1. декември 1949, во новата сала со 260 места комбинирано се одржа конгрес како и свечено отворање. Во тие денови тоа беше мошне голем подвиг, постигнат со Јеховина помош.
Натамошни докази за Јеховината грижа
Бидејќи бројот на објавители на Царството на крајниот исток од Нов Зеланд продолжи да расте, патувачките надгледници кои нѐ посетуваа, ни понудија охрабрување да служиме таму кадешто имаше поголема потреба. Како одговор на тоа, во 1956 со семејството се преселивме на Пукекохе, јужно од Оукленд. Таму служевме 13 години. (Спореди Дела на св. апостоли 16:9.)
Во моето сеќавање важно место заземаат два примера за Јеховината грижа во тоа време. Додека покраинскиот совет ме беше вработил како возач на трактор и машиновозач, бев поканет на четиринеделен курс во Школата на служба за Царството при подружницата на Друштвото Стражарска кула во Оукленд. Побарав четиринеделно отсуство за оваа цел, и главниот инженер ми рече: „Нема проблем. Би сакал да имаме повеќе луѓе како тебе. Кога ќе се вратиш, наврати во мојата канцеларија“. Подоцна кога го посетив во канцеларијата, добив плата за четирите недели додека бев отсутен. Така материјалните потреби на моето семејство беа добро згрижени (Матеј 6:33).
Тоа беше првиот пример. Вториот се случи откако мојата сопруга и јас стапивме во општа пионерска служба во 1968. Повторно се потпиравме на Јехова за поддршка, и тој нѐ награди. Едно утро после појадокот, мојата сопруга ја отвори вратата од фрижидерот и внатре не најде ништо освен околу 200 грама путер. „Сарн“, рече таа, „ништо не ни останало за јадење. Дали сепак ќе одиме во служба денес?“ Што ѝ одговорив? „Да!“
На првото место кое го посетивме, станарот ја прифати литературата што му ја понудивме и љубезно ни даде неколку десетици јајца како прилог. Второто лице кое го посетивме ни подари зеленчук — кумара (слатки компири), карфиол и моркови. Други продукти со кои се вративме дома тој ден беа месо и путер. Колку беа вистинити во нашиот случај Исусовите зборови: „Погледнете ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?“ (Матеј 6:26).
Задача преку граница
Раротонга на Куковите острови! Тоа беше нашата задача како специјални пионери во 1970. Следните четири години требаше да биде наш дом. Првиот предизвик овде беше да се научи новиот јазик. Меѓутоа, поради сличностите помеѓу јазикот маори од Нов Зеланд со маори од Куковите острови, бев во можност моето прво јавно предавање да го одржам пет седмици по пристигнувањето.
На Куковите острови имаше неколкумина објавители и немаше каде да се собираме. Повторно, во одговор на молитвата, Јехова излезе во пресрет на нашите потреби. Еден случаен разговор со еден дуќанџија доведе до тоа да ни изнајми прикладно парче земја, и за една година имавме мал дом и Царска сала со 140 места. Оттогаш, добивавме благослов по благослов, на Јеховина слава.
Особено ја ценевме гостољубивоста која ни беше укажувана на островот. Многупати, додека бевме во служба, ни нудеа освежителни пијалоци — кои токму ни требаа во топлата, влажна клима. Честопати враќајќи се дома наоѓавме банани, папаја, манго и портокали коишто некој непознат ги оставил на нашиот праг.
Во 1971 мојата сопруга и јас, придружувани од тројца други објавители од Раротонга, патувавме до островот Ајтутаки, познат по својата прекрасна лагуна. Меѓу гостољубивите жители пронајдовме љубители на Божјата Реч и започнавме четири домашни библиски студии кои ги продолживме преку писма откако се вративме на Раротонга. Со текот на времето тие ученици од Ајтутаки се крстија и беше формирано собрание. Во 1978 на Куковите острови беше изградена втората Царска сала. Јехова даваше пораст како одговор на нашето садење и полевање (1. Коринтјаните 3:6, 7).
Имав предност да посетам десет острови во групата на Куковите острови, често под искушувачки околности. За едно патување со брод до Атуи, оддалечен 180 километри, ни требаа повеќе од шест дена поради силните ветрови и разбрануваното море. (Спореди 2. Коринтјаните 11:26.) Иако залихите од храна беа ограничени и многумина наоколу имаа морска болест, бев благодарен за Јеховината грижа која ми помогна безбедно да пристигнам на моето одредиште.
Во 1974 беше укината нашата дозвола за престој на Куковите острови и така моравме да се вратиме на Нов Зеланд. До тоа време на островите имаше три собранија.
Натамошни службени предности — и испит
Кога се вративме на Нов Зеланд, се отворија врати на нови прилики (1. Коринтјаните 16:9). Друштвото бараше некој кој би ја преведувал Стражарска кула и останатите библиски публикации на јазикот маори од Куковите острови. Таа предност ја добив јас и ја задржав сѐ до ден-денеска. Потоа имав предност да вршам редовни повторни посети кај моите браќа на Куковите острови, првин како покраински, а потоа како заменик обласен надгледник.
На една од тие посети, брат Алекс Напа, специјален пионер од Раротонга, појде со мене на 23-дневно океанско патување кое нѐ одведе на островите Манахики, Ракаханга и Пенрин — во северниот дел од Куковите острови. На секој остров Јехова ги поттикнуваше срцата на гостољубивите мештани да ни пружат сместување и да прифатат многу библиска литература. (Спореди Дела на св. апостоли 16:15.) На овие острови бисерните школки се изобилни, и во многу прилики луѓето ни нудеа бисери како прилог за трошоците на светското дело на проповедање. Така, додека дававме духовни бисери, добивме неколку вистински. (Спореди Матеј 13:45, 46.)
Колку е прекрасен тој изолиран дел од светот! Замисли си како во една лагуна заедно со децата мирољубиво пливаат огромни ајкули! Каков величествен спектакл пружаше ноќното небо! Колку се вистинити зборовите на псалмистот: „Ден по ден прави да извира говор, и ноќ по ноќ објавува спознание“ (Псалми 19:2, NW).
Тогаш, пред девет години, дојде вистински испит на беспрекорноста. Мојата сопруга беше однесена во болница со крварење на мозокот. Беше неопходен хируршки зафат, но докторот не сакаше да се согласи да го изврши без да употреби крв. Мојата и совеста на мојата сопруга не ни даваше да се согласиме со постапка која би го повредила Божјиот закон. Но, совеста на хирургот диктираше да го употреби секое расположиво, средство вклучувајќи и крв, за да спаси живот.
Здравјето на мојата сопруга се влоши и беше однесена во одделението за интензивна нега, а посетите беа строго ограничени. Таа го загуби слухот поради притисокот во ушните тапанчиња. Настана кризна ситуација. После една посета, еден доктор ме следеше до автомобилот, упорно тврдејќи дека единствената шанса за мојата сопруга е хируршки зафат со крв и ме молеше да се согласам на тоа. И покрај тоа, мојата сопруга и јас ја препуштивме работата во Јеховини раце — дури и ако послушноста спрема неговиот закон би значела да се изгубат неколку години од сегашниов живот.
Наеднаш, состојбата на мојата сопруга значајно се подобри. Еден ден кога пристигнав, ја најдов како седи во креветот и чита. Наредните денови таа почна да им сведочи на пациентите и на болничарите. Тогаш ме поканија да појдам во канцеларијата на хирургот. „Г-не Варерау“, рече тој, „вие сте навистина среќен човек! Мислиме дека проблемот на вашата соспруга е излечен“. Неочекувано, нејзиниот крвен притисок се стабилизира. Заеднички, сопругата и јас му благодаревме на Јехова и ја обновивме нашата решеност да го дадеме најдоброто што можеме во неговата служба.
Сега повторно сум доделен на Куковите острови и повторно служам на Раротонга. Каква благословена предност! Кога ќе погледнеме наназад, мојата сопруга и јас сме благодарни за Јеховината грижа во текот на скоро пет децении во негова служба. Во материјален поглед никогаш не сме биле без неопходното за живот. Во духовна смисла, благословите се премногу за да се пребројат. Меѓу нив се истакнува бројот на моите телесни роднини кои ја прифатија вистината. Можам да избројам преку 200 кои сега се крстени Сведоци на Јехова, вклучувајќи 65 директни потомци. Еден внук е член на бетелската фамилија во Нов Зеланд, додека една ќерка со нејзиниот сопруг и двата сина работат на изградби на подружници (3. Јованово 4).
Гледајќи нанапред, го ценам мојот изглед да живеам во рај кадешто ширум светот, убавината ќе ја надмине дури и онаа на убавата зелена долина кадешто сум роден. Колкава предност ќе биде да ги пречекам повторно мајка ми и татко ми во воскресението и да ги известам за откупнината, за Царството и за сите други докази на Јеховината грижа.
Мојата одлучност, поддржувана од спознанието дека Бог се грижи за мене, е како што рекол псалмистот во Псалми 103:33: „Ќе му пеам на Господа [Јехова, NW] преку целиот мој живот, ќе му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам“ (Раскажал Сарн Варерау).
[Слика на страница 28]
Првата Царска сала изградена на Нов Зеланд, 1950