Решени да се збогатиме духовно
ЗА НЕКОЈ да се збогати, мора да биде посветен на својата цел и да прави жртви. Истото е потребно и кога некој сака духовно да се збогати. Исус укажал на тоа кога рекол: „Собирајте си богатство на небото“ (Матеј 6:20). Духовното богатство не доаѓа тукутака. Човек нема да биде духовно богат само затоа што припаѓа на некоја религија, исто како што нема да биде материјално богат само затоа што има банковна сметка. За да бидеме блиски со Бог, за да растеме духовно и да развиеме духовни особини, потребни се одлучност, време, труд, посветеност и жртви (Изреки 2:1-6).
Можеш ли да го имаш и едното и другото?
Зарем не може да имаме и материјално и духовно богатство? Може, но никогаш не можеме и на двете да им се посветиме исто. Исус рекол: „Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Матеј 6:24б). Зошто? Од таа причина што целта да се збогатиме духовно и целта да се збогатиме материјално не одат заедно. Едната секогаш ќе ѝ смета на другата. Затоа, пред да им рече на своите ученици да си собираат духовно богатство, Исус рекол: „Престанете да собирате богатство на земјата“ (Матеј 6:19).
Што ќе се случи ако некој не го послуша советот на Исус и гледа да се збогати и духовно и материјално? Исус рекол: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира“ (Матеј 6:24а). Кога некој гледа да го постигне и едното и другото, тогаш духовните работи, дури и ако ги врши од чувство на должност, можеби ќе почнат да му сметаат. За да се справи со животните грижи, може да почне да се потпира главно на парите и на она што може да го купи со нив, а не на Бог. Тоа е во склад со зборовите на Исус: „Каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето“ (Матеј 6:21).
Секој христијанин треба сериозно да размисли за овие библиски совети пред да одлучи на што ќе го посвети своето време, внимание и срце. Тоа што Бог не поставува граници колку богат може да биде еден христијанин, не значи дека алчноста, на која нѐ предупредува Јехова, поминува без последици (1. Коринќаните 6:9, 10). Како што веќе видовме, оние што ги игнорираат советите од Библијата и што се решени да се збогатат страдаат и духовно и психички и емоционално (Галатите 6:7). За разлика од нив, Исус рекол дека оние што се трудат да ги задоволат своите духовни потреби ќе бидат среќни (Матеј 5:3). А нашиот Творец и неговиот Син сигурно знаат што е најдобро за нас! (Исаија 48:17, 18).
Избор за кој нема да зажалиш
Па, што ќе избереш — Бог или богатството? Јасно е дека мораме да се грижиме за своите материјални потреби. Во своето прво писмо до Тимотеј, апостол Павле рекол: „Навистина, ако некој не се грижи за своите, а посебно за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“. Од друга страна, Павле ги поттикнал христијаните да не ја полагаат својата надеж во парите, туку во Бог, и „да се богатат со добри дела“ (1. Тимотеј 5:8; 6:17, 18). Што ќе избереш ти? Меѓу добрите дела што Павле ги спомнал, најважното нешто е она што Исус им го рекол на своите следбеници — да проповедаат и да прават ученици (Матеј 28:19, 20). Кога христијаните одлучуваат да си го поедностават животот, не само за да се опуштат и да уживаат, туку за да можат повеќе да постигнат во тоа дело што ги исполнува, тие „го собираат она богатство што е добар темел за иднината“ во новиот свет што го ветил Бог. Освен тоа, уште сега гледаат дека духовното богатство е „подобро... отколку злато!“ (1. Тимотеј 6:19; Изреки 16:16; Филипјаните 1:10).
Размисли за она што му се случило на Еди. Неговите родители станале Јеховини сведоци кога тој бил мал. Во еден момент, неговото семејство изгубило сѐ што имало и морале да се иселат од својот дом. Еди раскажува: „Отсекогаш ме плашеше помислата што ќе се случи ако некогаш останеме без ништо. И тогаш изгубивме сѐ. И знаете што се случи? Ништо! Пак имавме што да јадеме, што да пиеме и што да облечеме. Јехова се погрижи да го имаме најпотребното, а со текот на времето повторно застанавме на нозе. Ова ме научи сериозно да го сфатам ветувањето од Матеј 6:33 — дека, ако го ставиме Божјето Царство на прво место во животот, никогаш не мора претерано да нѐ загрижуваат материјалните потреби“. Денес Еди, заедно со својата сопруга, служи како патувачки полновремен проповедник. Имаат сѐ што им треба во материјален поглед. Но, што е уште поважно, тие се богати во духовен поглед.
Неизмерни награди
За разлика од богатството на Земјата, кое крадците може да го украдат, духовното богатство останува засекогаш (Изреки 23:4, 5; Матеј 6:20). Точно е дека духовниот напредок потешко се мери. Многу е полесно да се утврди колку некој напредувал финансиски, отколку да се процени колку напредувал во љубовта, радоста и верата. Но, наградите за духовното богатство се неизмерни. Во врска со учениците кои ќе ги остават своите куќи и ниви, односно своите средства за живот, за да имаат повеќе време за духовните работи, Исус рекол: „Вистина, ви велам, никој не оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви поради мене и поради добрата вест, а да не прими сега, во ова време, стократно: и куќи и браќа и сестри и мајки и деца и ниви, со прогонства, а во поредокот што доаѓа и вечен живот“ (Марко 10:29, 30).
Што ќе ставиш на прво место во својот живот? Бог или богатството?
[Слики на страници 8 и 9]
Дали трчаш по материјално богатство...
... или по духовно богатство?