Стоење на прагот на поголема активност
„НЕМАШЕ натпреварувачки дух. Секој сакаше другиот да успее“, рекоа Ричард и Лусија, опишувајќи ги останатите студенти на 105-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower. „Иако сите ние сме многу различни, за нас секој студент е драгоцен.“ Еден соученик, Лоувел, се сложи додавајќи: „Разликите нѐ привлекуваат еден кон друг“.
Класот кој дипломираше на 12 септември 1998 беше навистина разнообразен. Некои студенти пионереле во места каде што има голема потреба од објавители на Царството; други, пак, верно служеле поблизу до својот дом. Неколкумина, како на пример Матс и Роуз-Мери, морале долго и напорно да работат на подобрување на својот англиски пред да дојдат во школата. Многу студенти размислувале за мисионерската служба уште од детството. Една двојка, пак, давала молба 12 пати. Колку само биле среќни кога добиле покана за 105-иот клас!
Дваесетте седмици интензивна обука поминале многу брзо. Пред студентите да сфатат, тие веќе ја напишале својата последна писмена вежба и го изнеле својот последен усен извештај. Стигнал денот на промоција.
Претседавачот на програмата Алберт Шродер, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, го потсети класот дека тие „стојат на прагот на поголема активност на полето на библиското образование“, придружувајќи им се на повеќе од 7.000 други кои им претходеле во Гилеад. Тој забележа дека летото студентите уживаа една единствена прилика да се дружат со долгогодишни мисионери кога тие го посетија светското седиште во поврзаност со меѓународните конгреси.
Потоа, брат Шродер го најави Макс Ларсон од Одборот за функционирање на Бетелот. Тој ја разработи темата „Образование кое води до вечен живот“. Брат Ларсон цитираше од Изреки 1:5, каде се вели: „Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети“. За да се биде делотворен мисионер, потребна е вештина. Вештите луѓе стојат и пред цареви (Изреки 22:29). После петмесечна поука, студентите беа добро опремени да ги претставуваат најголемите цареви — Јехова Бог и Исус Христос.
Потоа говореше Дејвид Олсон, од Службениот оддел, на тема „Помогнете да се израдува Јеховиното срце“. Тој праша: „Што можат да сторат несовршените луѓе за да го израдуваат Божјето срце?“ Кој беше одговорот? Тие можат да му служат верно, лојално и со радост. Јехова сака неговиот народ да ужива во својата служба за него. Кога ја вршиме Божјата волја со радост, ние го веселиме неговото срце (Изреки 27:11). Брат Олсон го прочита писмото од една мисионерска двојка која дипломираше во 104-от клас на Гилеад. Дали уживаат на својата нова доделба? „Имаме околу 140 објавители“, напишале тие во врска со своето собрание, „со просечна присутност на состаноците од 250 до 300 луѓе. Службата на теренот е најдоброто нешто. Обајцата водиме по четири студии, а некои веќе доаѓаат на состаноците.“
Лајман Свингл од Водечкото тело, говореше на темата „Време да застанете и да ги преброите своите благослови“. Обуката во Гилеад донесе многу благослови. Таа им помогна на студентите да растат во спознанието, да го зголемат ценењето за Јеховината организација и да негуваат витални особини, како што е понизноста. „Понизно искуство е да се дојде тука и да се помине време во слушање поуки“, рече брат Свингл и додаде: „Вие си заминувате одовде многу подобро опремени да го величате Јехова.“
„Колку само е голема вашата радост! Тогаш зошто да се секирате?“ беше насловот на говорот на Даниел Сидлик, исто така член на Водечкото тело. „Кога се јавуваат проблеми, барајте водство од Писмото“, поттикна тој. Користејќи избрани стихови од 6. поглавје на Матеј, брат Сидлик илустрираше како може да се прави тоа. Недостигот на вера може да предизвика да се секираме за секојдневните работи, како што се храната и облеката. Меѓутоа, Јехова знае што ни треба (Матеј 6:25, 30). Грижата само ќе ги зголеми неволјите кои ги донесува секој ден (Матеј 6:34). Од друга страна, пак, потребно е извесно планирање. (Спореди Лука 14:28.) „Она што Исус го забранува не е мудрото размислување за иднината, туку немудрото секирање за неа“, објасни брат Сидлик. „Акцијата е еден од најдобрите лекови за тегобната загриженост. Кога стануваме тегобно загрижени, добро е да почнеме да зборуваме за вистината.“
Проштален совет од инструкторите
После тоа следуваа говорите на тројцата членови на наставничкиот кадар на Гилеад. Првин зборуваше Карл Адамс на темата „Со што ќе му вратите на Јехова?“ Неговиот говор се темелеше на 115. Псалм, кој можеби го пеел Исус ноќта пред да умре (Матеј 26:30, фуснота NW). Што сѐ поминувало во мислите на Исус додека ги пеел зборовите: „Што да му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене?“ (Псалм 115:3). Можеби тој размислувал за совршеното тело кое му го подготвил Јехова (Евреите 10:5). Следниот ден требало да го понуди тоа тело како жртва, покажувајќи ја длабочината на својата љубов. Студентите од 105. клас ја вкусија Јеховината добрина во изминатите пет месеци. Сега тие ќе треба да ја покажат својата љубов кон Бог така што напорно ќе работат на своите мисионерски доделби.
Марк Нумар, вториот инструктор на Гилеад кој зборуваше, ги советуваше студентите „Продолжете да го правите она што е исправно“. Јосиф, откако бил продаден како роб во Египет, 13 години поднесувал неправедно постапување. Дали дозволил грешките на другите да го парализираат? Не, тој продолжил да го прави она што е исправно. Потоа, во Божје одредено време, Јосиф бил избавен од неговите испити. Ненадејно, од затвор отишол да живее во палата (1. Мојсеева, поглавја 37—50). Инструкторот ги праша своите студенти: „Доколку не ви се исполнат очекувањата на вашата мисионерска доделба, дали ќе прекинете? Дали ќе се препуштите на очај? Или, пак, ќе истраете како Јосиф?“
На крај, архиварот на школата Гилеад, Валас Ливеранс, претседаваше на една жива дискусија со членовите на класот, на темата „Објавувајте го Царот и Царството“. Некои студенти раскажаа искуства кои ги доживеале додека проповедале од куќа до куќа, од продавница до продавница и на улица. Други раскажаа како поминале сведочејќи им на луѓето кои зборуваат друг јазик. Трети, пак, покажаа како да им се проповеда на луѓе со различни религиозни заднини. Сите дипломци беа желни да имаат целосен удел во службата на мисионерското поле.
Среќни долгогодишни мисионери
Следниот дел, со наслов „Радосните резултати кои произлегуваат од мисионерската служба“, го изнесе Роберт Волен и се состоеше од интервјуа со четворица браќа од персоналот на светското седиште кои неодамна имаа изградувачко дружење со искусни мисионери. Тие мисионери спремно признале дека не им било лесно да научат нов јазик, да се приспособат кон друга култура или да се адаптираат на поинаква клима. Освен тоа, се соочувале и со носталгија. Понекогаш наидувале здравствени проблеми. Но, низ сето тоа мисионерите задржале позитивен став, и нивната истрајност била благословена. Некои довеле многу луѓе до спознание за Јехова. Други, пак, на различни начини придонеле за севкупниот пораст на делото на Царството во своите земји.
Последен говорник беше Кери Барбер, член на Водечкото тело. Тој ги повтори врвните точки од конгресната програма „Божјиот пат на живот“. „Каков ефект имаше конгресната програма врз твојот однос со Јехова“, ја праша тој публиката. Говорникот ги спореди благословите од следењето на Божјиот пат со катастрофалниот крај на оние кои го следат патот на светот. Укажувајќи на престапот на Мојсеј на Мерива, тој предупреди: „Дури и откако некое лице верно служи многу години, Јехова не го зема површно дури и најмалиот прекршок против Неговите праведни закони“ (4. Мојсеева 20:2—13). Нека сите Божји слуги насекаде продолжат цврсто да ги држат драгоцените предности на службата!
Дојде време студентите да ги примат дипломите. Тогаш, еден претставник на класот прочита писмо на благодарност за обуката што ја добија тие. После заклучната песна и една искрена молитва, програмата за промоција заврши. Но, за 105-от клас тоа беше само почеток, зашто новите мисионери „стоеја на прагот на поголема активност“.
[Рамка на страница 23]
Податоци за класот
Број на застапени земји: 9
Број на земји во кои се доделени: 17
Број на студенти: 48
Број на брачни двојки: 24
Просечна старост: 33
Просек на години во вистината: 16
Просек на години во полновремена служба: 12
[Рамка на страница 24]
Тие ја избрале полновремената служба
„Кога бев помлад, немав планови да пионерам“, вели Бен, дипломец на 105-от клас. „Мислев дека можат да пионерат само оние со посебни способности и идеални околности“, додава тој. „Но, научив да ја сакам службата на теренот. Потоа, еден ден ми падна на памет дека да се биде пионер значи едноставно да се има поголемо учество во службата. Тогаш сфатив дека би можел да пионерам.“
„Полновремените слуги секогаш беа длабоко ценети во нашиот дом“, раскажува Лусија. Таа се сеќава на бранот возбудување кој се прелевал во нејзиното собрание секогаш кога доаѓале во посета мисионерите. „Кога пораснав“, вели таа, „беше разбирливо дека во моите планови ќе биде полновремената служба.“
Мајката на Теодис умрела кога тој имал 15 години. „Во тоа време, собранието навистина ме поддржа“, вели тој, „па затоа се прашував: ‚Што можам да сторам за да го покажам моето ценење?‘“ Тоа го навело да стапи во полновремена служба и сега во мисионерското дело.
[Слика на страница 25]
105-от клас кој дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower
Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред:
1) Семпсон М.; Браун И.; Хегли Г.; Абујен Е.; Дебуа М.; Пуртие П. 2) Касам Г.; Линдберг Р.; Дапузо А.; Тејлор К.; ЛеФевре К.; Волкер С. 3) Бејкер Л.; Пелас М.; Вогон Е.; Боне К.; Асплунд Ј.; Хаиле Џ. 4) Пуртие Т.; Витакер Ј.; Палмер Л.; Нортон С.; Геринг М.; Хаиле В. 5) Волкер Џ.; Боне А.; Грунвелд К.; Вашингтон М.; Витакер Д.; Абујен Џ. 6) Геринг В.; Вашингтон К.; Пелас М.; Дебуа Р.; Хегли Т.; Асплунд О. 7) Вогон Б.; ЛеФевре Р.; Тејлор Л.; Браун Т.; Грунвелд Р.; Палмер Р. 8) Нортон П.; Семпсон Т.; Бејкер К.; Линдберг М.; Касам М.; Дапузо М.