Дали ги гледаш другите како што ги гледа Јехова?
„Да нема поделба во телото, туку деловите еднакво да се грижат еден за друг“ (1. КОР. 12:25).
1. Како се чувствуваше кога првпат влезе во духовниот рај?
КОГА првпат се одвоивме од злобниот свет и почнавме да се дружиме со Јеховините сведоци, веројатно бевме пресреќни што се најдовме среде Божји народ, меѓу луѓе што навистина се сакаат и се грижат едни за други. Колку многу се разликуваа од луѓето што Сатана ги држи под своја контрола — од грубите поединци кои се полни со омраза и секогаш се спремни за кавга! Навистина влеговме во еден духовен рај во кој преовладуваат мир и единство (Иса. 48:17, 18; 60:18; 65:25).
2. а) Што може да влијае врз нашиот став кон другите? б) Што можеби треба да направиме?
2 Сепак, со текот на времето, можно е да почнеме да ги гледаме нашите браќа низ искривената призма на несовршеноста. Поради сопствената несовршеност, можеби сме склони да ги преувеличуваме нивните грешки наместо да ги гледаме нивните добри духовни особини. Едноставно кажано, забораваме да ги гледаме како што ги гледа Јехова. Ако ова ни се случува и нам, тогаш е време да го преиспитаме своето гледиште и да го доведеме во склад со јасното гледиште на Јехова (2. Мој. 33:13).
Како Јехова ги гледа нашите браќа
3. Со што е споредено христијанското собрание во Библијата?
3 Како што е запишано во 1. Коринќаните 12:2-26, апостол Павле го споредил собранието од помазани христијани со едно тело кое се состои од „многу делови“. Исто како што телесните органи се разликуваат еден од друг така и членовите на собранието се прилично различни во однос на своите особини и способности. Сепак, Јехова ги прифаќа како такви, иако се различни. Тој го сака и го цени секој член. Затоа Павле нѐ советува и нас, како членови на собранието, ‚еднакво да се грижиме еден за друг‘. Ова можеби нема секогаш да биде лесно бидејќи другите може да имаат поинаков карактер од нашиот.
4. Зошто можеби треба да го промениме начинот на кој ги гледаме браќата?
4 Можеби сме склони да се концентрираме само на слабостите на нашите браќа. Тоа е исто како да користиме фотоапарат чиј објектив има многу мало видно поле и затоа може да слика само мал дел од она што стои пред нас. За разлика од луѓето, може да се каже дека Јехова гледа низ широкоаголен објектив, и може да ја види личноста, но и околината. Ние можеби се фокусираме само на нешто што ни пречи, но Јехова ја гледа целокупната личност, вклучувајќи ги и сите нејзини добри особини. Колку повеќе се трудиме да бидеме како Јехова толку повеќе можеме да придонесеме за љубовта и единството во собранието (Еф. 4:1-3; 5:1, 2).
5. Зошто не е во ред да им судиме на другите?
5 Исус многу добро знаел дека несовршените луѓе обично се склони брзо да им судат на другите. Затоа советувал: „Престанете да судите, за да не бидете судени“ (Мат. 7:1, фус.). Забележи дека Исус јасно рекол: „Престанете да судите“. Тој знаел дека мнозина од оние што го слушале веќе си имале навика да ги критизираат другите. Можно ли е и ние да сме стекнале таква навика? Ако да, тогаш треба со сите сили да се трудиме да се промениме за и самите да не добиеме неповолна пресуда. Всушност, кои сме ние да му судиме на некого кого Јехова го именувал да служи на одговорна положба или, пак, да кажуваме дека тој и тој не треба да биде дел од собранието? Можеби некој брат има одредени слабости, но ако Јехова и понатаму го прифаќа, дали е во ред ние да го отфрлиме? (Јован 6:44). Дали навистина веруваме дека Јехова ја води својата организација и дека тој ќе преземе нешто во свое време доколку е потребно да се направи некаква промена? (Прочитај Римјаните 14:1-4.)
6. Како ги гледа Јехова своите слуги?
6 Јехова поседува извонредна способност да види каков може да биде секој христијанин кога ќе стане совршен во новиот свет. Исто така, Јехова знае колку многу секој од нас веќе духовно напредувал. Затоа нема причина да се концентрира на секоја наша телесна слабост. Во Псалм 103:12 читаме: „Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“. Колку благодарни треба да сме сите ние поради тоа! (Пс. 130:3).
7. Што учиме од начинот на кој Јехова го гледал Давид?
7 Во Библијата има докази дека Јехова може на извонреден начин да се концентрира на доброто во една личност. Бог го опишал Давид како „мојот слуга Давид, кој ги држеше моите заповеди и ми беше оддаден со сето свое срце, правејќи го само она што е право во мои очи“ (1. Цар. 14:8). Се разбира, знаеме дека Давид направил некои лоши работи. Сепак, Јехова избрал да се концентрира на доброто кај Давид бидејќи знаел дека тој има справедливо срце (1. Лет. 29:17).
Гледај ги твоите браќа како што ги гледа Јехова
8, 9. а) Во кој поглед можеме да бидеме како Јехова? б) Која споредба ни го покажува тоа, и каква е поуката за нас?
8 Јехова може да ги чита срцата, а ние не можеме. Само ова е доволно добра причина да не им судиме на другите. Ние не ги знаеме сите нивни мотиви. Треба да се трудиме да бидеме како Јехова со тоа што нема да го насочиме сето свое внимание само на човечките несовршености, кои еден ден и така ќе исчезнат. Зар не би било добро да си поставиме за цел да бидеме како него во овој поглед? Ако го сториме тоа, можеме да бидеме во многу подобри односи со нашите браќа и сестри (Еф. 4:23, 24).
9 Разгледај ја, на пример, следнава споредба. Замисли си една куќа што се распаѓа — олуците ѝ се откачени, прозорците испокршени, а таванот пропаднат од водата што прокапувала. Можеби повеќето луѓе што ја гледаат оваа куќа си мислат дека треба потполно да се урне, бидејќи само им боде очи на минувачите. Но, тогаш наидува некој што има сосема друго гледиште. Тој гледа зад очигледните проблеми и сфаќа дека градбата е цврста и дека куќата може да се реновира. Ја купува и, со малку работа, ги поправа оштетувањата и ѝ става нова фасада. За кратко време, за минувачите таа е ‚многу убава куќа‘. Можеме ли и ние да бидеме како тоа лице кое работело да ја поправи или да ја реновира куќата? Наместо да се концентрираме само на очигледните слабости на нашите браќа, дали можеме да ги увидиме нивните добри особини и да сфатиме дека имаат потенцијал да напредуваат во духовен поглед? Ако го правиме тоа, ќе ги сакаме браќата поради нивната духовна убавина, исто како што ги сака Јехова. (Прочитај Евреите 6:10.)
10. Како може да ни помогне советот од Филипјаните 2:3, 4?
10 Апостол Павле дал некои совети што можат да ни помогнат да имаме добри односи со сите во собранието. Тој ги поттикнал христијаните: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе и не грижете се само за себе туку и за другите“ (Фил. 2:3, 4). Понизноста може да ни помогне исправно да гледаме на другите. Ако се грижиме за сите и ако го бараме доброто кај нив, ќе ги гледаме како што ги гледа Јехова.
11. Кои промени влијаеле врз некои собранија?
11 Во последно време, поради промените што се случуваат низ целиот свет, луѓето масовно се преселуваат од еден на друг крај. Во некои градови сега се доселени луѓе од најразлични земји. Некои од тие доселеници покажале интерес за библиската вистина и сега му служат на Јехова заедно со нас. Овие луѓе се „од сите народи и племиња и народности и јазици“ (Отк. 7:9). Како резултат на тоа, во многу наши собранија сега има луѓе од најразлични делови на светот.
12. Како треба да гледаме едни на други, и зошто ова понекогаш не е лесно?
12 Можеби во нашето собрание ќе треба повеќе да внимаваме за да задржиме исправно гледиште еден кон друг. Ова бара да го задржиме на ум советот на апостол Петар, кој рекол да покажуваме „нелицемерна братска љубов“ и ‚да се сакаме еден со друг силно и од срце‘ (1. Пет. 1:22). Можеби нема да ни биде лесно да негуваме вистинска љубов и наклоност кога сме во група или собрание кое се состои од луѓе од многу нации. Културата на нашите сообожаватели може многу да се разликува од нашата, како и нивното образование, финансиска состојба и етничко потекло. Дали ти е тешко да разбереш зошто некој од нив размислува или постапува на одреден начин? Можеби и ним им е тешко да те разберат тебе. Сепак, за сите нас важи следниов совет: ‚Сакајте ги сите браќа‘ (1. Пет. 2:17).
13. Какви промени можеби ќе треба да направиме во своето размислување?
13 Можеби е неопходно да почнеме да размислуваме поинаку за некои работи за да го отвориме срцето и да ги сакаме сите браќа. (Прочитај 2. Коринќаните 6:12, 13.) Дали некогаш ни се случува да кажеме: „Немам предрасуди, но...“, а потоа изнесуваме извесни негативни карактеристики што сметаме дека се вообичаени за некоја етничка група? Ова можеби е показател дека ќе мора да искорениме некои предрасуди кои сѐ уште ни се вкоренети длабоко во срцето. Би можеле да се прашаме: ‚Дали постојано се трудам да ги запознаам луѓето што се од некоја друга култура?‘ Ваквото преиспитување може да ни помогне уште поспремно да го прифаќаме и да го цениме нашето меѓународно братство.
14, 15. а) Наведи примери на лица што го промениле своето гледиште кон другите. б) На кој начин можеме и ние да постапиме како нив?
14 Библијата содржи убави примери за луѓе што се промениле во овој поглед, а еден од нив е апостол Петар. Како Евреин, Петар сигурно не влегувал во домот на не-Евреи. Тогаш, замисли си како мора да се чувствувал кога бил замолен да оди во куќата на необрежаниот незнабожец Корнелиј! Сепак, Петар ги направил потребните промени бидејќи сфатил дека Божја волја е луѓето од сите народи да станат дел од христијанското собрание (Дела 10:9-35). И Савле, кој подоцна станал апостол Павле, морал да направи промени и да ги искорени предрасудите што ги имал. Тој признал дека толку ги мразел христијаните што ‚преку секоја мера го прогонувал Божјето собрание и сакал да го сотре‘. Сепак, кога Господарот Исус го исправил, Павле направил огромни промени, па дури и почнал да прифаќа упатства од оние што порано ги прогонувал (Гал. 1:13-20).
15 Нема сомнение дека можеме да си го промениме ставот со помош на Јеховиниот дух. Ако забележиме скриени траги на предрасуди во нас, да дадеме сѐ од себе за да ги искорениме, ‚трудејќи се да го одржиме единството на духот, во мирот кој нѐ поврзува‘ (Еф. 4:3-6). Библијата нѐ поттикнува да се ‚облечеме во љубов, зашто таа совршено нѐ поврзува‘ (Кол. 3:14).
Да бидеме како Јехова во службата
16. Каква намера има Бог со луѓето?
16 „Кај Бог нема пристрасност“, напишал апостол Павле (Рим. 2:11). Јехова има намера да му служат луѓе од сите народи. (Прочитај 1. Тимотеј 2:3, 4.) За таа цел, тој организирал ‚вечната добра вест‘ да се објавува „на секој народ и племе и јазик и народност“ (Отк. 14:6). Исус рекол: „Нивата е светот“ (Мат. 13:38). Што значи ова за тебе и за твоите најблиски?
17. Како можеме да им помогнеме на најразлични луѓе?
17 Сите не можеме да се преселиме во далечни краеви за да им ја носиме пораката за Царството на другите. Меѓутоа, можеби ќе можеме да им ја однесеме оваа порака на луѓето од разни делови на Земјата кои сега живеат во нашата околина. Дали спремно ги користиме приликите за да им сведочиме на најразлични луѓе, а не само на оние на кои им проповедаме со години? Зошто не си поставиме за цел да им проповедаме на оние што сѐ уште не добиле темелно сведоштво? (Рим. 15:20, 21).
18. Каков интерес покажал Исус за луѓето?
18 Исус чувствувал силна потреба да им помогне на сите. Тој не проповедал само на едно место. Во Библијата стои дека тој ‚почнал да ги обиколува сите градови и села‘. И тогаш, ‚штом ги видел мноштвата, се сожалил на нив‘ и покажал дека треба да им се помогне (Мат. 9:35-37).
19, 20. Како можеме да покажеме дека, по примерот на Јехова и на Исус, се грижиме за најразлични луѓе?
19 Како можеш и ти да покажеш сличен став? Некои си поставиле за цел да сведочат во оние делови од собраниското подрачје каде што не се проповеда често. Ова може да вклучува деловни подрачја, паркови, автобуски и железнички станици или, пак, пред станбени згради во кои не може да се влезе бидејќи се заклучени. Други се трудат да научат нов јазик за да им проповедаат на одредени етнички групи што сега живеат во нивната средина или, пак, на групи на кои не им било сведочено често во минатото. Само тоа што ќе научиш да ги поздравиш тие луѓе на нивниот мајчин јазик може да им покаже колку многу си заинтересиран за нивното добро. Ако, пак, од некоја причина не можеме самите да учиме друг јазик, можеме ли да ги охрабриме оние што учат? Во никој случај не би требало да ги одвраќаме или да се сомневаме од кои мотиви се трудат да им проповедаат на луѓето од друга земја. Сите животи се скапоцени во Божји очи, а ние сакаме да гледаме на работите на истиот начин (Кол. 3:10, 11).
20 Да го имаме Божјето гледиште за луѓето значи да им проповедаме на сите, без оглед на нивните околности. Некои можеби се бездомници, извалкани или, пак, очигледно водат неморален живот. Ако некои поединци се нељубезни кон нас, тоа не треба да нѐ наведе да имаме негативно мислење за целиот народ или етничка група на која ѝ припаѓаат. Некои луѓе лошо се однесувале со Павле, но тој не дозволил тоа да го спречи да им проповеда на другите што имале исто такво потекло (Дела 14:5-7, 19-22). Тој бил уверен дека некои лица ќе бидат благодарни за она што им го зборувал.
21. Како ќе ти помогне тоа што ќе ги гледаш другите како што ги гледа Јехова?
21 Сега ни е појасно од кога и да било порано дека треба да имаме исправен став, односно да го имаме Јеховиното гледиште во врска со браќата во нашите собранија, со меѓународното братство и со луѓето на подрачјето. Колку повеќе гледаме на работите како Јехова толку повеќе ќе придонесеме за мирот и единството. И, ќе можеме во уште поголема мера да им помагаме на другите да го ценат Јехова, Богот кој „не е пристрасен“, туку со љубов се интересира за секој човек, бидејќи „сите тие се дело на неговите раце“ (Јов 34:19).
Можеш ли да одговориш?
• Кое гледиште за браќата не е добро да го имаме?
• Како би можеле да бидеме како Јехова во однос на ставот што го имаме кон нашите браќа?
• Кои работи ги научи за тоа како треба да гледаме на нашето меѓународно братство?
• Како би можеле да го имаме Јеховиното гледиште за луѓето кога сме во служба?
[Слика на страница 26]
Како можеш да ги запознаеш луѓето од други култури?
[Слики на страница 28]
Како можеш да им ја пренесеш добрата вест на уште повеќе луѓе?