Еден владетел донесува лоша одлука
ТОЈ богат млад владетел бил совесен, послушен на законот и побожен. Кога дошол кај Исус, паднал на колена и го прашал: „Учителе добар, што морам да сторам за да наследам вечен живот?“ (Марко 10:17).
Исус му рекол дека вечен живот ќе добие ако ги држи Божјите заповеди. Кога го замолил да му каже поточно кои заповеди, Исус му ги набројал следниве: „Не убивај“, „Не врши прељуба“, „Не кради“, „Не сведочи лажно“, „Почитувај ги татка си и мајка си“ и „Сакај го својот ближен како себеси“. Ова биле основните заповеди во Мојсеевиот закон. Тогаш богатиот владетел рекол: „Сето тоа го држам. Што уште ми недостига?“ (Матеј 19:16-20).
Исус го погледнал со наклоност и рекол: „Едно ти недостига: оди, продај сѐ што имаш и парите дај им ги на сиромасите, па ќе имаш богатство на небото. Тогаш дојди и оди по мене“ (Марко 10:18-21).
Одеднаш, младиот владетел се соочил со тешка одлука. Што да прави? Дали да се откаже од материјалното богатство за да стане следбеник на Исус или не? Дали да собира богатство на Земјата или богатство на небото? Сигурно му било многу тешко да реши што да избере. Очигледно се интересирал за духовни работи, бидејќи го држел Законот и се распрашувал што уште да направи за да стане поблизок со Бог. Што одлучил на крајот? ‚Си заминал нажален, зашто имал голем имот‘ (Марко 10:22).
Тоа што го направил овој млад човек не било многу паметно. Да станел верен следбеник на Исус, ќе го добиел тоа што го барал — вечен живот. Не знаеме што се случило со него. Но, знаеме што се случило околу 40 години подоцна, кога римската војска ги опустошила Ерусалим и голем дел од Јудеја. Тогаш многу Евреи го изгубиле и богатството и животот.
За разлика од тој млад владетел, апостол Петар и другите ученици донеле добра одлука. Тие оставиле сѐ и тргнале заедно со Исус. Тоа се одразило многу позитивно врз нивниот живот. Исус им рекол дека ќе добијат многу повеќе од она што го оставиле, а ќе добијат и вечен живот. Донеле одлука за која подоцна не зажалиле (Матеј 19:27-29).
Сите ние мора да донесуваме одлуки во животот — и помали и поголеми. Што рекол Исус во врска со овие одлуки? Дали ќе го прифатиш неговиот совет? Ако го прифатиш, ќе имаш голема корист. А сега да разгледаме како да го следиме Исус и како да извлечеме поука од неговите зборови.