Гледиште на Библијата
Мораат ли христијаните да бидат сиромашни?
ВО ЕДНА прилика Исус му рекол на еден богат млад владетел дека треба да оди и да продаде сѐ што има и да им го даде на сиромасите. Извештајот вели дека човекот се растажил од тоа што го рекол Исус и си заминал нажален ‚зашто имал многу имот‘. Потоа Исус им рекол на своите ученици: „Колку само ќе им биде тешко на оние кои имаат пари да влезат во Божјето царство!“ Исус додал: „Полесно ѝ е на камила да помине низ иглени уши, отколку на богаташ да влезе во Божјето царство“ (Марко 10:21—23; Матеј 19:24).
Што сакал да каже Исус со ова? Дали богатството и вистинското обожавање не одат едно со друго? Треба ли христијаните да се чувствуваат виновни ако имаат пари? Дали Бог бара да водат аскетски живот во материјален поглед?
Бог ги прифаќа „сите видови луѓе“
Во старо време Бог не инсистирал Израелците да живеат во сиромаштија. Да размислиме за следново: Откако ја зазеле земјата што им била поделена, луѓето се зафатиле со земјоделство и трговија за да се прехранат себеси и своите сакани. Фактори како што се економските услови, климата, здравјето или деловните вештини влијаеле врз успехот на нивните напори. Мојсеевиот закон им пропишувал на Израелците да бидат сочувствителни ако некој доживувал економски тешкотии и осиромашел (Левит 25:35—40). Од друга страна, пак, некои се збогатиле. Воз, еден човек од вера и интегритет, кој станал предок на Исус Христос, е опишан како „човек многу имотен“ (Рута 2:1).
Ситуацијата не била поинаква ни во времето кога живеел Исус. Кога му зборувал на богатиот човек спомнат во почетокот, Исус немал намера да охрабри на аскетизам. Напротив, тој дал една важна лекција. Од човечка гледна точка, можеби изгледа невозможно богати луѓе да покажуваат понизност и да го прифатат Божјето средство за спасение. Сепак, Исус рекол: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сѐ е можно“ (Матеј 19:26).
Христијанското собрание од првиот век ги прифаќало „сите видови луѓе“ (1. Тимотеј 2:4). Тука биле вклучени некои што биле богати, други што воделе удобен живот и многу што биле сиромашни. Некои поединци можеби се збогатиле пред да станат христијани. Во други случаи, можеби станале богати отпосле поради поволни околности и мудри деловни одлуки.
На сличен начин, и христијанското братство денес вклучува луѓе што живеат во најразлични економски услови. Сите тие настојуваат да го следат библиското водство во врска со парите, бидејќи материјализмот може да влијае врз секого. Лекцијата што ја дал Исус во врска со богатиот млад владетел го предупредува секој христијанин на тоа колку силно влијание можат да имаат парите и имотот врз една личност (Марко 4:19).
Опомена за богатите
Иако богатството само по себе не е осудено во Библијата, љубовта кон парите е осудена. Библискиот писател Павле рекол: „Љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи“. Тој забележал дека со тоа што ги проиграле духовните интереси од желба да бидат богати, „некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:10).
Интересно е тоа што Павле им дал конкретни упатства на богатите. Тој рекол: „На оние кои се богати во сегашниов систем на работи наредувај им да не бидат вообразени и својата надеж да не ја полагаат во несигурно богатство, туку во Бог кој ни дава сѐ богато за наше уживање“ (1. Тимотеј 6:17). Очигледно, постои опасност богатите луѓе да станат горди и да се сметаат за подобри од другите. Исто така, можат да бидат доведени во искушение да мислат дека богатството може да даде вистинска сигурност — нешто што само Бог може да го даде во потполна мера.
Богатите христијани можат да се чуваат од овие опасности така што ќе бидат „богати во добри дела“. Во овие дела спаѓаат ‚дарежливост, спремност да се дели‘, великодушно да им се помага на оние што имаат потреба (1. Тимотеј 6:18). Христијаните — богати и сиромашни — можат да користат дел од своите средства за да ја шират добрата вест за Божјето царство, за што првенствено се заинтересирани вистинските христијани денес. Ваквиот дух на дарежливост открива исправен став кон материјалните поседи и таквата личност им станува мила на Јехова Бог и на Исус Христос, кои ги сакаат веселите дарители (Матеј 24:14; Лука 16:9; 2. Коринќаните 9:7).
Поважните работи
Јасно, од христијаните не се бара да бидат сиромашни. Но, не треба ниту да бидат „решени да се збогатат“ (1. Тимотеј 6:9) Тие едноставно напорно работат за да заработат онолку колку што разумно им е потребно за живот. Во зависност од различни фактори и од економскиот систем во кој живеат, нивните напори ќе наидат на различен успех (Проповедник 11:6).
Без оглед на својата финансиска состојба, христијаните треба да настојуваат ‚да се уверат во поважните работи‘ (Филипјаните 1:10). Со тоа што ги ставаат духовните вредности на прво место, тие ‚сигурно си собираат извонреден темел за иднината, за цврсто да го зграпчат вистинскиот живот‘ (1. Тимотеј 6:19).