Прашања од читателите
Јас разбирам дека грчкиот збор „то́те“ (тогаш) се употребува за да го воведе она што следи. Со оглед на тоа, зошто Матеј 24:9 гласи: „Тогаш [„то́те“] ќе ве предадат на маки“, додека паралелниот извештај во Лука 21:12 вели: „А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат“?
Точно е дека то́те може да се користи за да воведе нешто што следи, така да се каже, нешто во низа. Но не мора да се сфати дека ова е единствената библиска употреба на зборот.
A Greek-English Lexicon of the New Testament and Other Early Christian Literature (Грчко-англиски лексикон на Новиот завет и на друга рана христијанска литература) од Бауер, Арнт и Гингрич, покажува дека зборот то́те се употребува со две основни значења во Писмото.
Едното е „во тоа време“. Тоа може да биде „тогаш во минатото“. Даден е примерот од Матеј 2:17: „Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Јеремија“. Тоа не се однесува на нешто во серија, туку укажува на посебна точка во минатото, имено во тоа време. Слично на тоа, то́те може да се користи како „тогаш во иднината“. Еден пример се наоѓа во 1. Коринтјаните 13:12: „Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш — лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат“. Павле овде го употребил то́те со значење: ‚во тоа време во иднината‘.
Според овој лексикон, другата употреба на то́те е „да го воведе она што следува временски“. Овој лексикон дава многу примери кои се наоѓаат во трите извештаи на Исусовиот одговор на прашањето од апостолите во врска со знакот на неговата присутност.a Лексиконот ги цитира Матеј 24:10, 14, 16, 30; Марко 13:14, 21 и Лука 21:20, 27 како примери за употребата на то́те „за да го воведе она што следува временски“. Имајќи го ова предвид, контекстот покажува зошто точно се разбира нешто што следи временски. А тоа е корисно за да се сфати смислата на Исусовото пророштво кое го содржело развојот на идните настани.
Меѓутоа, не мора да заклучиме дека секој пример на то́те во овие извештаи мора стриктно да го воведува она што следи временски. На пример, во Матеј 24:7, 8 читаме како Исус прорекол дека ќе се дигне народ против народ, дека ќе има недостиг на храна и дека ќе има земјотреси. Стих 9 продолжува: „Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име“. Дали би било разумно да се сфати дека проречените војни, недостигот на храна и земјотресите мора да се случат, а можеби и да завршат пред да започне прогонувањето?
Тоа не е логично нити е поткрепено со она што го знаеме за исполнувањето во првиот век. Извештајот во книгата Дела открива дека скоро веднаш откако членовите на новото христијанско собрание почнале да проповедаат, доживеале сериозно противење (Дела 4:5—21; 5:17—40). Секако, не можеме да кажеме дека сите војни, глад и земјотреси за кои зборувал Исус се случиле пред тоа рано прогонување. Напротив, тоа противење дошло „пред“ многуте други проречени работи, што е во согласност со начинот на кој Лука го изразил тоа: „А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат“ (Лука 21:12). Тоа би подразбирало дека во Матеј 24:9, то́те повеќе се употребува со значењето „во тоа време“. Во текот на војните, гладот и земјотресите, односно во тоа време, следбениците на Исус ќе бидат прогонувани.
[Фуснота]
a Овие паралелни извештаи во Матеј, Марко и Лука беа поставени во колони на страници 14 и 15 во Стражарска кула од 15 февруари 1994 година. Случаите на то́те, преведено со „тогаш“, беа со масни букви.