Книга во која можеш да имаш доверба — шести дел
Рим во библиската историја
Ова е шеста од седумте статии во „Разбудете се!“ што зборуваат за седумте светски сили од библиската историја. Нивна цел е да покажат дека Библијата е веродостојна и вдахновена од Бог и дека нејзината порака влева надеж дека ќе им дојде крајот на страдањата што се последица на суровото владеење на луѓето.
ИСУС го основал христијанството, а неговите следбеници го ширеле насекаде за време на владеењето на Римското Царство. Во многу земји, како што се Британија и Египет, сѐ уште може да се видат римски патишта, аквадукти и споменици. Овие остатоци од римско време се доказ за нешто што навистина постоело. Тие нѐ потсетуваат дека и Исус и неговите апостоли навистина постоеле и дека навистина се случиле настаните што ги читаме во Библијата. На пример, ако одиш по древната Виа Апија, или Апиевиот пат, одиш по истиот пат по кој веројатно одел и апостол Павле кога патувал за Рим (Дела 28:15, 16).
Веродостојна историја
Во библискиот запис за Исус и за неговите ученици многу пати се спомнуваат историски настани од првиот век. Забележи колку точно библискиот писател Лука ја посочил годината во која се случиле два многу важни настана: почетокот на службата на Јован Крстител и крштавањето на Исус, со што тој станал Христос, или Месија. Лука напишал дека тие настани се случиле во ‚петнаесеттата година од владеењето на цезарот Тибериј [29 год. од н.е.], кога Понтиј Пилат бил управител на Јудеја, и Ирод тетрарх на Галилеја‘ (Лука 3:1-3, 21). Лука спомнува и други четири лица на висока положба: Филип (братот на Ирод), Лисаниј, Ана и Кајафа. Сите седум имиња ги потврдуваат и световните историчари. Но, сега да разгледаме нешто повеќе за Тибериј, Пилат и Ирод.
Цезарот Тибериј е добро познат во историјата, а неговиот физички изглед е прикажан на разни уметнички дела. Римскиот сенат го поставил за император на 15 септември во 14 год. од н.е., кога Исус имал околу 15 години.
Понтиј Пилат се спомнува заедно со Тибериј во еден запис што римскиот историчар Тацит го напишал кратко пред да биде завршена Библијата. Во врска со називот „христијани“, Тацит напишал: „Христос, од кого доаѓа нивното име, бил погубен од управителот Понтиј Пилат за време на владеењето на Тибериј“.
Ирод Антипа е познат по тоа што на брегот на Галилејското Море го изградил градот Тиверијада. Таму си изградил и палата. Веројатно во Тиверијада Ирод дал наредба да му биде отсечена главата на Јован Крстител.
Во Библијата се спомнати и значајни настани од римско време. Во врска со времето кога се родил Исус, Библијата кажува: „Во тие денови излезе наредба од цезарот Август да се попише целото население. Тоа беше првиот попис извршен во времето кога Квириниј беше управител на Сирија. И сите одеа на попис, секој во својот град“ (Лука 2:1-3).
И Тацит и еврејскиот историчар Јосиф Флавиј го спомнуваат Квириниј. Во Британската библиотека е зачувана една наредба издадена од римскиот управител, која потврдува дека навистина бил спроведен таков попис. Таа гласи: „Бидејќи дојде време да се спроведе попис од куќа до куќа, многу е важно да ги натераме да се вратат дома сите оние што, од која и да е причина, не живеат во својот округ“.
Во Библијата е спомнат и „голем глад... за време на владеењето на [римскиот император] Клавдиј“ (Дела 11:28). Историчарот Јосиф Флавиј, кој живеел во првиот век, потврдува дека тоа навистина се случило. Тој напишал: „Во тоа време навистина имаше глад и многу луѓе умреа“.
Освен тоа, во Дела 18:2, Библијата кажува дека „Клавдиј... наредил сите Евреи да го напуштат Рим“. Потврда за ова има во биографијата на Клавдиј, напишана околу 121 год. од н.е. од римскиот историчар Светониј. Клавдиј „ги протерал сите Евреи од Рим“, вели Светониј, додавајќи дека, од омраза кон христијаните, Евреите „постојано предизвикувале немири“.
Библијата вели дека, отприлика во времето на гладот што претходно го спомнавме, Ирод Агрипа, облечен во ‚кралска руба‘, одржал еден говор пред луѓето што со одушевување го слушале и на крајот извикале: „Тоа е глас на бог, а не на човек!“ Потоа Библијата вели дека Агрипа ‚го изеле црви и издивнал‘ (Дела 12:21-23). И Јосиф Флавиј го запишал овој настан, но додал и некои други детали. Тој напишал дека Агрипа го одржал својот говор во „руба целосно исткаена од сребро“. Исто така, напишал и дека ‚Агрипа почувствувал остра болка во стомакот која почнала многу нагло‘. Јосиф вели дека умрел пет дена подоцна.
Веродостојни пророштва
Библијата содржи и значајни пророштва што биле запишани и исполнети во римско време. На пример, кога влегол во Ерусалим јавајќи на магаре, Исус заплакал и прорекол дека римските војски ќе го уништат градот. „За тебе ќе дојдат денови кога твоите непријатели ќе подигнат околу тебе ограда од зашилени колци“, рекол тој. „Нема да остават во тебе ни камен на камен, бидејќи не препозна дека Бог дојде да испита какви се твоите дела“ (Лука 19:41-44).
Но, следбениците на Исус ќе имале можност да избегаат. Како? Исус однапред им дал конкретни упатства. Тој ги предупредил: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување! Тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините! Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат“ (Лука 21:20, 21). Можеби следбениците на Исус се прашувале: ‚Како ли ќе избегаме од град што е под опсада?‘
Јосиф Флавиј запишал што се случило. Во 66 год. од н.е., кога еден римски управител ги зел од храмската ризница парите што Евреите ги должеле како данок, разбеснетите еврејски бунтовници ги масакрирале римските војници и прогласиле независност. Подоцна истата таа година, римскиот управител на Сирија, Цестиј Гал, со 30.000 војници тргнал на југ и пристигнал пред Ерусалим за време на еден верски празник. Гал навлегол во предградијата, па дури почнал и да го поткопува ѕидот на храмот, каде што се криеле бунтовниците. Но, тогаш, без некоја очигледна причина, наредил повлекување! Понесени од моментот, Евреите ја нападнале неговата војска.
Но, овој ненадеен пресврт не ги измамил верните христијани. Тие сфатиле дека со свои очи гледаат како се исполнува пророштвото на Исус: војските го опколиле и го држеле градот под опсада! А кога војниците се повлекле, верните христијани го искористиле тоа за да избегаат од градот. Мнозина отишле во Пела, политички неутрален не-еврејски град, сместен во планините од другата страна на Јордан.
Што се случило со Ерусалим? Римјаните се вратиле предводени од Веспазијан и неговиот син Тит — но овојпат со 60.000 војници. Тие го нападнале градот пред Пасхата во 70 год. од н.е., заробувајќи ги внатре и жителите и верниците што од разни краишта дошле за празникот. Римските војски ги исекле сите дрвја во околината и изградиле ѕид од зашилени колци, како што прорекол и Исус. Околу пет месеци подоцна, градот бил освоен.
Тит наредил да се сочува храмот. Но, некој војник го запалил, и потоа бил разрушен камен по камен — точно како што прорекол Исус. Според Јосиф Флавиј, умреле околу 1.100.000 Евреи и преобратеници во еврејската вера, од кои повеќето умреле од глад и зарази, а 97.000 биле одведени како заробеници. Голем број биле испратени во Рим како робови. Ако го посетиш Рим, можеш да го разгледаш познатиот Колосеум што Тит го довршил по походот во Јудеја. Можеш да ја видиш и триумфалната порта на Тит, изградена во чест на освојувањето на Ерусалим. Да, библиските пророштва се веродостојни и точни до најситен детаљ. Затоа, многу е важно да го сфатиме сериозно и она што Библијата го кажува за иднината.
Сигурна надеж
Кога бил пред римскиот управител Понтиј Пилат, Исус зборувал за едно Царство, или влада, што „не е дел од овој свет“ (Јован 18:36). Исус ги поучил своите ученици да се молат за оваа царска влада. „Татко наш, кој си на небесата“, рекол тој, „да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Забележи дека Божјето Царство ќе придонесе Божјата волја — а не волјата на гордите и амбициозни луѓе — да се врши на Земјата.
Исус сега владее како Цар во тоа небесно Царство. А во склад со првобитната намера на Бог, тој ќе ја претвори целата Земја во рај (Лука 23:43).
Кога Божјето Царство ќе се вмеша во работите на Земјата? Воскреснатиот Исус навестил кога ќе биде тоа кога зборувал со својот апостол Јован, кој во тоа време бил затворен на островот Патмос, за време на владеењето на римскиот император Домицијан, братот на Тит. Има „седум цареви“, открил Исус. „Петмина паднаа, еден владее, а другиот уште не дошол, но кога ќе дојде, ќе остане кратко време“ (Откровение 17:10).
Кога Јован ги запишал овие зборови, веќе биле паднати пет „цареви“, или царства: Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија и Грција. Оној што ‚владеел‘, или постоел во времето на Јован, бил Рим. Значи, останал уште еден — последната светска сила во библиската историја. Која е таа сила? Колку долго ќе владее? Овие прашања ќе ги одговориме во следниот број на Разбудете се!
[Слика на страница 10]
Павле патувал по Виа Апија
[Слика на страница 10]
Цезарот Тибериј е еден од многуте римски достоинственици спомнати во евангелието на Лука
[Слика на страница 11]
Натпис на кој стои името Понтиј Пилат
[Слика на страници 12 и 13]
Тит, синот на Веспазијан, прикажан на римска монета
[Извор на слика]
Musée de Normandie, Caen, France
[Слика на страница 13]
Триумфалната порта на Тит во Рим, изградена во чест на освојувањето на Ерусалим во 70 год. од н.е.
[Извори на слики на страница 10]
Горе, временска линија: Египетски ѕиден релјеф и биста на Нерон: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; персиски ѕиден релјеф: Musée du Louvre, Париз; долу, биста на цезарот Тибериј: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum