ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w10 15/7 стр. 7-11
  • „Вашите дела нека бидат свети!“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Вашите дела нека бидат свети!“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Развивај особини што му се допаѓаат на Бог
  • Остани ‚неизвалкан и неосквернет‘
  • Дозволи неволјите да те зајакнат
  • Давај сѐ од себе во службата за Јехова
  • Дали „чекаш со готовност“?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Додајте ѝ побожна оддаденост на вашата истрајност
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Какви луѓе треба да бидете?
    Нашата служба за Царството 1995
  • Тесно соработувај со Јеховината организација
    Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
w10 15/7 стр. 7-11

„Вашите дела нека бидат свети!“

„Бидејќи сето тоа така треба да се распадне, вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог!“ (2. ПЕТ. 3:11)

1. Зошто второто писмо на Петар содржело навремено предупредување за тогашните христијани?

КОГА апостол Петар го напишал своето второ писмо под водство на светиот дух, христијанското собрание веќе имало претрпено силно прогонство, но не дозволило тоа да му ја згасне ревноста ниту, пак, да му го забави порастот. Затоа Ѓаволот се послужил со друга тактика, која успешно ја користел многу пати пред тоа. Петар ни открива дека Сатана се обидел да го расипе Божјиот народ преку лажни учители кои имале ‚очи полни со прељуба‘ и ‚срце извежбано во лакомство‘ (2. Пет. 2:1-3, 14; Јуда 4). Затоа, во своето второ писмо, Петар сесрдно ги поттикнува христијаните да му останат верни на Бог.

2. За што се зборува во 2. Петрово 3. поглавје, и кои прашања треба да си ги поставиме?

2 Петар напишал: „Сметам дека е добро, сѐ додека сум во ова тело, да ве потсетувам да останете будни, зашто знам дека наскоро ќе го напуштам своето тело... Затоа сега ќе давам сѐ од себе за да можете, по моето заминување, секогаш да се сеќавате на тоа“ (2. Пет. 1:13-15). Да, Петар знаел дека набрзо ќе умре, но имал желба неговите навремени предупредувања да не бидат заборавени. И навистина не биле, бидејќи станале дел од Библијата и сите ние можеме да ги читаме до ден-денес. Од посебен интерес за нас е 3. поглавје од второто писмо на Петар бидејќи тој во него зборува за „последните денови“ на сегашниов свет и за уништувањето на симболичните небеса и земја (2. Пет. 3:3, 7, 10). Какви совети има Петар за нас? Како примената на тие совети ќе ни помогне да бидеме одобрени од Јехова?

3, 4. а) Каков поттик и какво предупредување дал Петар? б) Кои три точки ќе ги разгледаме?

3 Откако спомнал дека Сатановиот свет ќе се распадне, Петар рекол: „Вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог“ (2. Пет. 3:11, 12). Петар знаел дека само оние што ја вршат Јеховината волја и што имаат особини кои му се допаѓаат на Бог ќе бидат зачувани во претстојниот ‚ден на одмазда‘ (Иса. 61:2). Затоа додал: „Вие, сакани, бидејќи однапред го знаете тоа, чувајте се од тие дрски беззаконици [односно, лажните учители] за да не ве одвлечат со својата заблуда и да не ја изгубите својата постојаност“ (2. Пет. 3:17).

4 Бидејќи и самиот ‚однапред го знаел тоа‘, Петар бил свесен дека христијаните што ќе живеат во последните денови особено ќе мора да внимаваат да му останат верни на Бог. Подоцна, апостол Јован јасно кажал зошто. Во едно видение, Бог му покажал дека Сатана ќе биде исфрлен од небото и со „голем гнев“ ќе им се нафрли на оние „кои ги држат Божјите заповеди и на кои им е доверено да сведочат за Исус“ (Отк. 12:9, 12, 17). Божјите верни помазани слуги, како и нивните верни придружници од ‚другите овци‘, ќе успеат да го победат (Јован 10:16). Но, дали секој од нас лично ќе успее во тоа? Дали ќе му останеме верни на Бог? Тоа ќе биде можно ако се трудиме: 1) да развиваме особини што му се допаѓаат на Бог, 2) да останеме неизвалкани и неосквернети во морален и духовен поглед, и 3) ако исправно гледаме на неволјите. Да ги разгледаме овие точки една по една.

Развивај особини што му се допаѓаат на Бог

5, 6. Какви особини треба да развиваме, и зошто треба ‚сесрдно да се трудиме‘ да успееме во тоа?

5 Уште во почетокот на своето второ писмо, Петар напишал: „Сесрдно потрудете се да ја дополните својата вера со доблест, доблеста со знаење, знаењето со самосовладување, самосовладувањето со истрајност, истрајноста со оддаденост на Бог, оддаденоста на Бог со братска љубов, братската љубов со љубов кон сите. Зашто, ако сето тоа го имате во себе и во него напредувате, нема да бидете без работа, ниту ќе бидете бесплодни, бидејќи добро сте го запознале нашиот Господар Исус Христос“ (2. Пет. 1:5-8).

6 Навистина, треба ‚сесрдно да се трудиме‘ да правиме работи кои ќе ни помогнат да развиваме особини што му се допаѓаат на Бог. На пример, потребен е напор за да одиме на сите христијански состаноци, да ја читаме Библијата секој ден, и редовно и длабоко да ја проучуваме. А можеби ќе треба да вложиме голем труд и добро да планираме за секоја седмица да ја одржуваме Семејната вечер посветена на Јехова и тоа да биде пријатно и корисно. Но, штом ова ќе ни прејде во навика, полесно ќе го правиме — особено кога ќе сфатиме колку многу ни користи.

7, 8. а) Што рекле некои во врска со Семејната вечер посветена на Јехова? б) Како ти користи семејното проучување?

7 Во врска со Семејната вечер посветена на Јехова, една сестра пишува: „Можеме да проучуваме најразлични теми“. Друга сестра вели: „Да бидам искрена, ми беше жал што повеќе нема да има Проучување на книга. Тоа ми беше омилен состанок. Но сега, кога имаме Семејна вечер, сфаќам дека Јехова знае што ни е потребно и знае кога да ни го даде тоа“. Еден сопруг вели: „Семејната вечер многу ни користи. Одлично е тоа што, како брачна двојка, можеме да имаме состанок кој одговара токму на нашите потреби! И јас и жена ми чувствуваме дека ги покажуваме плодовите на светиот дух во поголема мера и имаме радост во службата повеќе од кога и да било порано“. Еден друг сопруг и татко вели: „Децата сами истражуваат и многу учат, а тоа им причинува вистинско уживање. Семејната вечер уште повеќе нѐ уверува дека Јехова знае што нѐ загрижува и дека ни одговара на молитвите“. Дали и ти имаш слични чувства во врска со овој прекрасен состанок што ни го подари Јехова?

8 Не дозволувај ситни работи да те спречат да го одржиш семејното проучување. Една брачна двојка вели: „Последниве четири седмици, секој четврток навечер во семејството се случуваше нешто што за малку ќе нѐ спречеше да проучуваме, но не дозволивме да се случи тоа“. Се разбира, понекогаш ќе мора да направиш промени и да го одложиш проучувањето за друг ден. Сепак, биди решен да не пропуштиш да помине ниту една седмица без да ја одржиш Семејната вечер!

9. Како Јехова му помагал на Еремија, и што може да научиме од овој пророк?

9 Пророкот Еремија е добар пример за нас. Нему му била потребна духовната храна што Јехова му ја давал и тој бил многу благодарен за неа. Таквата поткрепа од Бог му дала сила истрајно да му проповеда на еден неприемлив народ. Тој рекол: „[Јеховината] реч беше како распламтен оган, затворен во моите коски“ (Ерем. 20:8, 9). Исто така, му помогнала да ги издржи неволјите кои станувале сѐ потешки додека Ерусалим конечно не бил уништен. Денес ја имаме целата Божја Реч во пишан облик. Кога марливо ја проучуваме и се трудиме да размислуваме како што размислува Бог, исто како Еремија, и ние ќе можеме со радост да истраеме во службата, да останеме верни кога ќе нѐ снајдат неволји и да бидеме морално и духовно чисти (Јак. 5:10).

Остани ‚неизвалкан и неосквернет‘

10, 11. Зошто мора да дадеме сѐ од себе за да останеме „неизвалкани и неосквернети“, и што бара тоа од нас?

10 Како христијани, знаеме дека живееме во времето на крајот. Затоа не сме изненадени што светот им се препушта на работите кои му се одвратни на Јехова, како што е лакомоста, сексуалната разузданост и насилството. Според Откровение 2:13, 14, стратегијата на Сатана може да се сведе на следново: ‚Ако не можам да ги заплашам Божјите слуги, тогаш можеби ќе успеам да ги расипам‘. Затоа, мора да го сфатиме сериозно грижливиот совет на Петар, кој напишал: „Дајте сѐ од себе за [Бог] да ве најде неизвалкани и неосквернети и во мир“ (2. Пет. 3:14).

11 Изразот „дајте сѐ од себе“ и претходниот совет од Петар, „сесрдно потрудете се“, се слични. Јасно е дека Јехова — кој со светиот дух го водел Петар да изрази вакви чувства — многу добро знае дека треба да се напрегаме за да останеме „неизвалкани и неосквернети“ од нечистотиите во Сатановиот свет. Меѓу другото, треба да вложиме напор и да го заштитиме своето срце за да не биде совладано од погрешните желби. (Прочитај Изреки 4:23; Јаков 1:14, 15.) Исто така, ќе останеме цврсти кога некои се чудат на нашиот христијански живот и „зборуваат срамно за [нас]“ (1. Пет. 4:4).

12. Какво уверување ни е дадено во Лука 11:13?

12 Затоа што сме несовршени, воопшто не е лесно да го правиме она што е исправно (Рим. 7:21-25). Но, има надеж дека ќе успееме само ако бараме помош од Јехова, кој великодушно им дава свет дух на оние што искрено го молат за тоа (Лука 11:13). Тој дух, пак, ни помага да развиеме особини кои му се допаѓаат на Бог и кои ни даваат сила не само да се бориме со искушенијата во животот, туку и да излеземе на крај со неволјите, што веројатно ќе бидат сѐ побројни како што наближува Јеховиниот ден.

Дозволи неволјите да те зајакнат

13. Што ќе ни помогне да истраеме кога ќе се соочиме со неволји во животот?

13 Сѐ додека живееме во овој стар свет, неизбежно ќе се соочиме со некаква неволја. Но, наместо овие неволји да нѐ обесхрабрат, зошто не гледаме на нив како на можност да му докажеме на Бог дека го сакаме и да ја зајакнеме својата вера во него и во неговата Реч? Ученикот Јаков напишал: „Сметајте дека навистина имате за што да се радувате, браќа мои, кога ќе се најдете во разни искушенија, знаејќи дека искушувањето на вашата вера во вас гради истрајност“ (Јак. 1:2-4). Освен тоа, не заборавај дека „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (2. Пет. 2:9).

14. Како те охрабрува примерот на Јосиф?

14 Размисли за примерот на Јосиф, синот на Јаков, кого сопствените браќа го продале во ропство (1. Мој. 37:23-28; 42:21). Дали Јосиф ја изгубил верата затоа што бил жртва на таква бездушност? Дали бил огорчен затоа што Бог дозволил да му се случи такво зло? Божјата Реч дава јасен одговор — не! Но, неволјите на Јосиф не запреле таму. Подоцна бил лажно обвинет за обид за силување и бил фрлен в затвор. Сепак, тој и тогаш му останал оддаден на Бог (1. Мој. 39:9-21). Всушност, Јосиф дозволил овие неволји да го зајакнат, и затоа бил богато благословен.

15. Што учиме од примерот на Ноемина?

15 Се разбира, испитите можат да нѐ ожалостат, па дури и да нѐ фрлат во депресија. Можеби понекогаш и Јосиф се чувствувал така. И други Божји слуги се бореле со слични чувства. На пример, Ноемина, на која ѝ умрел мажот и двата сина, рекла: „Не викајте ме Ноемина! Викајте ме Мара [што значи „горчило“], зашто Семоќниот ме исполни со голема горчина“ (Рут 1:20, 21, фус.). Реакцијата на Ноемина била нормална и разбирлива. Но, исто како Јосиф, ни таа не ја изгубила верата во Бог ниту, пак, му била неверна. За возврат, Јехова ја наградил оваа мила жена (Рут 4:13-17, 22). Освен тоа, во идниот Рај на Земјата, тој ќе ја отстрани и надомести сета штета што ја предизвикал Сатана и неговиот зол свет. Библијата вели: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Иса. 65:17).

16. Каков став треба да имаме кон молитвата, и зошто?

16 Сеедно со какви неволји ќе се соочиме, Божјата љубов ќе ни дава сила да истраеме. (Прочитај Римјаните 8:35-39.) Иако Сатана нема да престане да се обидува да нѐ обесхрабри, нема да успее во тоа ако сме „разборити“ и ако ‚не ја занемаруваме молитвата‘ (1. Пет. 4:7). Исус рекол: „Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21:36). Со тоа што нѐ поттикнал сесрдно да му се молиме на Бог, тој нагласил дека сега е време да размислуваме сериозно за својот однос со него и со неговиот Татко. Само оние што се одобрени од нив ќе можат да го преживеат Јеховиниот ден.

Давај сѐ од себе во службата за Јехова

17. Ако не е лесно да проповедаш на твоето подрачје, како можат да ти користат добрите примери на пророците од минатото?

17 Духовните активности ни влеваат сила. Ова нѐ потсетува на следниве зборови на Петар: „Вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог“ (2. Пет. 3:11). Најважно од тие дела е објавувањето на добрата вест (Мат. 24:14). Точно, на некои подрачја не е лесно да се проповеда затоа што луѓето можеби се рамнодушни, се противат или едноставно се преокупирани со секојдневните животни грижи. И Јеховините слуги во библиски времиња наидувале на лица со слични ставови. Сепак, не се откажале туку продолжиле „непрестајно“ да ја објавуваат пораката што им ја дал Бог (прочитај 2. Летописи 36:15, 16; Ерем. 7:24-26). Што им помогнало да истраат? Тоа што гледале на својата задача од Јеховина гледна точка, а не како што гледал светот. Освен тоа, за нив била најголема чест што го носеле Божјето име (Ерем. 15:16).

18. Како ќе влијае проповедањето за Царството врз прославувањето на Божјето име во иднина?

18 И ние имаме чест да го објавуваме Јеховиното име и неговата намера. Размисли за ова: Токму поради нашето проповедање, Божјите непријатели ќе немаат изговор кога ќе се соочат со Јехова во неговиот голем ден. Напротив, исто како фараонот во времето на Мојсеј, ќе знаат дека Јехова е тој што се бори против нив (2. Мој. 8:1, 20; 14:25). Во исто време, Бог ќе им искаже чест на своите верни слуги така што сосема јасно ќе им покаже на сите дека тие навистина биле негови застапници. (Прочитај Езекиел 2:5; 33:33.)

19. Како ќе покажеме дека сакаме добро да ја искористиме Јеховината стрпливост?

19 При крајот на своето второ писмо, Петар им напишал на своите соверници: „Стрпливоста на нашиот Господар сметајте ја за спасение“ (2. Пет. 3:15). Затоа, и понатаму добро да го користиме времето додека Јехова покажува стрпливост. Како? Така што ќе развиваме особини што му се допаѓаат, ќе останеме „неизвалкани и неосквернети“, исправно ќе гледаме на неволјите и ќе даваме сѐ од себе во службата. Ако правиме така, ќе имаме можност да ги добиеме бескрајните благослови што ќе ни ги донесат ‚новите небеса и новата земја‘ (2. Пет. 3:13).

Се сеќаваш ли?

• Како можеме да развиваме особини што му се допаѓаат на Бог?

• Како можеме да останеме „неизвалкани и неосквернети“?

• Што учиме од Јосиф и од Ноемина?

• Зошто е голема чест тоа што имаме удел во проповедањето?

[Слика на страница 9]

Што ќе ви помогне вам, мажи, да развивате особини што му се допаѓаат на Бог, и кај себе и кај своето семејство?

[Слики на страница 10]

Што учиме од начинот на кој постапил Јосиф кога бил во неволја?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели