Исповедување на гревовите — на човечки или Божји начин?
МЕЃУ католиците исповедувањето се менувало низ вековите на драматичен начин. Во раните години на Католичката црква, исповедувањето и покајанието била барани само за сериозни престапи. Во врска со тоа, книгата Религијата во средновековниот Запад (Religion in the Medieval West) вели: ”Сѐ до доцниот шести век системот на покајанието бил многу суров: причест можел да се дава само еднаш во животот, исповедувањето било јавно, покајанието било долготрајно и строго.“
Колку строго било таквото покајание? Во 1052. година од еден покајник било барано да оди бос од Бриж (Белгија) до Ерусалим! ”Во 1700. сѐ уште можеле да се најдат католици на светите бањи и извори, како клечат до гуша во ледена вода за да ги кажат своите покајнички молитви“, се вели во книгата Христијанството на Западот 1400-1700 (Christianity in the West 1400-1700). Бидејќи во тоа време простувањето било задржувано сѐ додека не се исполни покајанието, многумина го одложувале своето покајание до смртта.
Кога започнал современиот обичај на исповедување? Religion in the Medieval West тврди: Новата форма на покајание во Франција била воведена во доцниот шести век од келтските калуѓери. . . . Тоа било тајно исповедување, при кое покајникот ги исповедувал гревовите приватно кај свештеникот, а тоа била прилагодување на калуѓерскиот обичај на духовно советување.“ Согласно на постарите калуѓерски обичаи, калуѓерите ги исповедувале своите гревови еден на друг за да добијат духовна помош како би ги надвладеале своите слабости. Меѓутоа, во поновото тајно исповедување, црквата барала за свештениците многу поголема ”моќ или овластување да простуваат гревови“ (New Catholic Encyclopedia).
Дали Исус навистина им дал на некои од своите следбеници таква моќ? Што рекол тој, кое ги довело некои до таков заклучок?
”Клучевите на Царството“
Во една прилика Исус Христос му рекол на апостол Петар: ”Ќе ти ги дадам клучевите од небесното Царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“ (Матеј 16:19). Што мислел Исус со ”клучевите на Царството“? Тоа можеме да го подобро разбереме ако разгледаме една друга прилика кога Исус го употребил зборот ”клуч“.
Исус еднаш им рекол на еврејските религиозни водачи кои биле запознаени со Мојсеевиот закон: ”Тешко вам, законици, оти го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакаат да влезат, им попречивте“ (Лука 11:52). ’Ги попречиле другите да влезат‘ — каде? Исус ни одговара во Матеј 23:13: ”Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат они, што сакаат да влезат.“ Еврејските свештеници им ја затвориле вратата на многумина со тоа што им ја одзеле можноста да бидат со Исус Христос на небото. ”Клучот“ кој овие религиозни водачи го ”одзеле“ нема ништо со простувањето на гревовите. Тоа бил клучот за божествено допуштеното спознание.
Слично на тоа, ”клучевите на небесното Царство“ кои му биле дадени на Петар, не претставуваат овластување за информирање на небесата во смисла чии гревови би требало да бидат простени или задржани. Повеќе од тоа, тие ја претставуваат Петровата голема предност да го отвори патот кон небото ширејќи го божествено дозволеното спознание преку својата служба. Тој го сторил тоа најпрво за Евреите и еврејските проселити, потоа за Самарјаните, и на крајот за паганите (Дела на апостолите 2:1-41; 8:14-17; 10:1-48).
”Сѐ што ќе сврзете на земјата“
Подоцна, она што Исус му го кажал на Петар, им било повторено и на останатите ученици. ”Вистина ви велам“, рекол Исус, ”сѐ што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото“ (Матеј 18:18). Каква овластување им доверил Христос овде на учениците? Контекстот покажува дека тој зборувал за решавањето на проблемите меѓу поедини верници и држењето на собранието чисто од непокајнички злосторници (Матеј 18:15-17).
Во работите кои вклучуваат сериозни кршења на Божјиот закон, одговорните мажи во собранието би требало да ги просудат работите и да одлучат дали престапникот ќе биде ”врзан“ (сметан за виновен) или ”одврзан“ (ослободен од вина). Дали тоа значело дека небото би следело некаква одлука од луѓе? Не. Како што покажува библискиот научник Роберт Јанг, која и да е одлука донесена од учениците би следела по небесната одлука, а не би ѝ претходела. Тој вели дека стихот 18 буквално би требало да гласи: Она што ќе го врзете на Земјата ”ќе биде она кое (веќе) било врзано“ на небото.
Навистина, неразумно е да се смета дека било кој несовршен човек би можел да донесе одлуки кои би биле над оние од небесниот суд. Многу поразумно е да се каже дека Христовите наименувани застапници ќе ги следат неговите упатства на тој начин што ќе го чуваат неговото собрание чисто. Тие тоа ќе го сторат донесувајќи одлуки темелени на начелата кои се веќе поставени од небото (Матеј 18:20).
Дали било кој човек може да ”го застапува Христос како љубезен судија“ до тој степен што ќе одлучува за вечната иднина на сообожавателите? (New Catholic Encyclopedia). Свештениците кои ги слушаат исповедите речиси постојано даваат прошка, и покрај тоа што ”се чини дека постои едно неизречено верување [помеѓу католичките теолози] дека ретко постојат лица кои навистина се каат за своите гревови“ (The New Encyclopædia Britannica). Всушност, кога последен пат си чул некој свештеник да одбие да даде прошка или да го ослободи престапникот? Веројатно е така затоа што свештеникот како поединец не смета дека има моќ да просуди дали грешникот се кае или не. Но, доколку е така, зошто бара моќ да дава простување?
Замисли си еден суд во кој сожаливиот судија рутински ги оправдува криминалците, дури и оние кои постојано го кршат законот, поради тоа што минале низ постапката на признавање на своите престапи и рекле дека се каат. Од една страна тоа може да ги поттикне престапниците, а од друга страна ова погрешно сфаќање на милоста може сериозно да го ослаби почитувањето на правдата. Дали може исповедувањето какво што се практикува во Католичката црква, навистина да ги зацврсти луѓето на патот на гревот? (Проповедник 8:11).
”Исповедувањето не создава никаква наклонетост кон обидот да се избегнува гревот во иднина“, вели Рамона, опишувајќи го своето искуство на исповедување како католик од својата седумгодишна возраст. Таа додава: ”Исповедувањето ја развива идејата дека Бог простува сѐ и дека сѐ она што твоето несовршено тело те тера да го правиш тој ќе го прости. Тоа не развива длабока желба да се прави она што е право.“a
Но, што е со Исусовите зборови запишани во Јован 20:22, 23? Таму тој им рекол на своите ученици: ”Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“ Зарем Исус овде не им дал посебно овластување на своите ученици да простуваат гревови?
Издвоено од контекстот, овој библиски извадок би можело да изгледа дека го вели тоа. Меѓутоа, ако ги разгледаме овие зборови заедно со извештајот од Матеј 18:15-18 и сѐ друго што Библијата научува за исповедувањето и простувањето, што мора да заклучиме? Дека во Јован 20:22, 23 Исус им дал на своите ученици овластување да ги исклучат од собранието непокајничките извршители на тешки гревови. Истовремено, Христос им дал на своите следбеници овластување да ја шират милоста и да им простат на покајничките грешници. Исус сигурно не рекол дека неговите ученици би требало да го исповедуваат секој грев кај свештеник.
Одговорните во собранието биле оние коишто се овластени да одлучат како да се постапи со оние кои прават тешки гревови. Таквите одлуки требало да бидат донесени под водство на Божјиот свет дух и во согласност со Божјите упатства дадени преку Исус Христос и Светото писмо. (Спореди Дела на апостолите 5:1-5; 1. Коринтјаните 5:1-5, 11-13.) На тој начин, овие одговорни мажи би одговориле на упатството од небото, а не да му ги наметнуваат своите одлуки на небото.
”Исповедувајте ги своите гревови еден на друг“
Тогаш, кога е прикладно за христијаните да ги исповедуваат гревовите еден на друг? Во случај на сериозен грев (не секоја ситна грешка), поединецот треба да се исповеда кај одговорните надгледници на собранието. Дури и ако гревот не е тежок, туку совеста го мачи грешникот прекумерно, од голема важност е да се исповеда и да бара духовна помош.
Во тој поглед библискиот писател Јаков вели: ”Дали некој меѓу вас е [духовно] болен? Нека ги повика постарите мажи од собранието кај себе, и нека се молат над него и нека го намачкаат со масло во името Јеховино. И молитвата на верата ќе го оздрави оној што не се чувствува добро, и Јехова ќе го подигне. И ако сторил гревови, ќе му биде простено. Затоа, признајте ги отворено своите гревови, и молете се еден за друг“ (Јаков 5:14-16, NW).
Овие зборови не наведуваат на формално, ритуално, тајно исповедување. Наместо тоа, ако христијанинот е толку натоварен со грев, што чувствува дека не може да се моли, треба да ги повика наименуваните старешини или надгледници од собранието, и тие ќе се молат со него. За да му помогнат духовно да оздрави, тие исто така ќе го применат маслото од Божјата Реч (Псалми 141:5; спореди Лука 5:31, 32; Откровение 3:18).
Вредна за внимание е опомената од Јован Крстител да ’донесуваме плод кој е достоен на каењето‘ (Матеј 3:8; спореди Дела на апостолите 26:20). Престапникот кој вистински се кае, го напушта својот грешен пат. Како царот Давид од древниот Израел, покајничкиот грешник кој ја исповедува својата грешка пред Бог, ќе добие простување. Давид пишувал: ”Мојот грев најпосле ти го исповедав, и мојата грешка не ја сокрив. Реков: ’Ќе ги исповедам своите престапи пред Јехова.‘ А ти самиот ја прости грешката [предизвикана] од моите гревови“ (Псалми 32:5).
Покајничките дела не можат да заслужат такво простување. Само Бог може да го даде. Тој ги зема во обѕир условите на совршената правда, но неговото простување ја изразува неговата љубов кон човештвото. Неговото простување исто така претставува израз на незаслужената доброта темелена на откупната жртва на Исус Христос и им се дава само на покајничките грешници кои го напуштиле она што е зло во Божји очи (Псалми 51:7; Исаија 1:18; Јован 3:16; Римјаните 3:23-26). Само оние на коишто им е простено од Јехова Бог, ќе добијат вечен живот. А за да добиеме такво простување, мораме да се исповедуваме на Божји, а не на човечки начин.
[Фуснота]
a Спротивно на тоа, погледни Марко 3:29; Евреите 6:4-6; 10:26. Во овие стихови библиските писатели покажуваат дека Бог не ги простува дефинитивно сите гревови.
[Слика на страница 7]
Давид му се исповедал на Јехова, кој му дал прошка