ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • sh погл. 10 стр. 235-260
  • Христијанство — дали Исус бил патот до Бог?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Христијанство — дали Исус бил патот до Бог?
  • Потрагата на човештвото по Бог
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Исус — кои биле неговите акредитиви?
  • Исусовиот живот го покажува патот
  • Секој христијанин е евангелизатор
  • Надеж за вечен живот
  • Божје одобрување — реалност, а не мит
  • Исусовата смрт и едно друго чудо
  • Очекувано отпадништво и прогонство
  • Еден голем учител појасно ни го покажува Творецот
    Постои ли Творец кој се грижи за тебе?
  • Кој е Исус Христос?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Христос — главна тема на пророштвата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Кој е Исус Христос?
    Што навистина учи Библијата?
Повеќе
Потрагата на човештвото по Бог
sh погл. 10 стр. 235-260

Поглавје 10

Христијанство — дали Исус бил патот до Бог?

Сѐ досега, со исклучок на поглавјето за јудаизмот, разгледувавме некои од главните религии кои во голема мера се засновани врз митологија. Сега ќе разгледаме една друга религија која тврди дека ќе го доведе човештвото поблиску до Бог — христијанството. Што е темелот на христијанството — мит или историски факти?

1. а) Зошто историјата на христијанскиот свет предизвикала некои да имаат сериозни сомневања во врска со христијанството? б) Каква разлика правиме помеѓу христијанскиот свет и христијанството?

ИСТОРИЈАТА на христијанскиот свет,a со неговите војни, инквизиции, крстоносни походи и религиозно лицемерство, не придонела кон целта на христијанството. Оддадените муслимани и другите посочуваат на моралната расипаност и на декаденцијата на западниот „христијански“ свет како на причина што го одбиваат христијанството. Навистина, таканаречените христијански нации го изгубиле своето морално кормило и претрпеле бродолом врз карпите на неверност, алчност и самопопустливост.

2, 3. а) Каков контраст постои меѓу однесувањето на раните христијани и однесувањето на луѓето од современиот христијански свет? б) Кои се некои од прашањата што треба да бидат одговорени?

2 Професор Илејн Пејџлс потврдува дека мерилата на првобитното христијанство биле поинакви од попустливите норми на однесување на денешницава, така што во својата книга Adam, Eve, and the Serpent (Адам, Ева и змијата) вели: „Многу христијани од првите четири века се гордееле со своето сексуално воздржување; одбегнувале полигамија, а честопати и развод, којшто еврејската традиција го допуштала; и отфрлале вонбрачни сексуални практики кои биле општо прифатени меѓу нивните пагански современици, практики кои вклучувале проституција и хомосексуалност“.

3 Затоа, фер е да се запрашаме: Дали историјата на христијанскиот свет и на неговата современа морална состојба е вистински одраз на учењата на Исус Христос? Каков човек бил Исус? Дали помогнал да се доведе човештвото поблиску до Бог? Дали бил ветениот Месија од хебрејското пророштво? Ова се некои од прашањата што ќе ги разгледаме во ова поглавје.

Исус — кои биле неговите акредитиви?

4. При нашето проучување, каква јасна разлика уочивме помеѓу христијанството со неговите корени и големите религии во светот?

4 Во претходните поглавја видовме дека митологијата играла важна улога во скоро сите големи религии во светот. Сепак, во претходното поглавје, кога се осврнавме на корените на јудаизмот, не започнавме со мит туку со историската реалност на Авраам, на неговите предци и на неговите потомци. Со христијанството и со неговиот основач, Исус, ќе започнеме на истиот начин, не со митологија туку со историска личност. (Види рамка, страница 237.)

5. а) Кои три акредитиви ги имал Исус што потврдиле дека тој бил ветеното „семе“ на Авраам? б) Кој ги напишал Христијанските грчки списи?

5 Првиот стих на Христијанските грчки списи, обично познати како Нов завет (види рамка, страница 241), гласи: „Книга на историјата на Исус Христос, син Давидов, син Авраамов“ (Матеј 1:1). Дали е ова една безвредна изјава што ја дал Матеј, поранешен еврејски даночник и непосреден ученик и биограф на Исус? Не. Следните 15 стиха ја изнесуваат во поединости Авраамовата лоза на потомци сѐ до Јаков, кој „му стана татко на Јосиф, мажот на Марија, од која се роди Исус, наречен Христос“. Според тоа, Исус навистина бил потомок на Авраам, Јуда и Давид и како таков ги има трите акредитиви дека е прореченото ‚семе‘ од Битие 3:15 и дека е Авраамово „семе“ (Битие 22:18, NW; 49:10; 1. Летописи 17:11).

6, 7. Зошто е важно Исусовото место на раѓање?

6 Еден друг акредитив дека тој е месијанското Семе би било неговото место на раѓање. Каде се родил Исус? Матеј ни кажува дека „се роди Исус во Витлеем Јудејски во деновите на цар Ирод“ (Матеј 2:1). Извештајот на лекарот Лука го потврдува овој факт, кажувајќи ни во врска со Исусовиот иден потатко: „Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во Давидовиот град, кој се нарекува Витлеем, бидејќи беше од домот и семејството Давидово, да се попише со Марија која, според ветувањето, му беше дадена за брак, а сега беше во поодмината бременост“ (Лука 2:4, 5).

7 Зошто е важно тоа што Исус се родил во Витлеем наместо во Назарет или во некој друг град? Поради едно пророштво што еврејскиот пророк Михеј го изрекол во осмиот век пр.н.е.: „А ти, Витлеему Ефрато, најмалиот меѓу Јудините кнезови, од тебе ќе ми излезе Оној Кој ќе владее со Израел; Неговото потекло е од дамнини, од вечните времиња“ (Михеј 5:2). Според тоа, со своето место на раѓање, Исус има уште еден акредитив дека тој е ветеното Семе и Месијата (Јован 7:42).

8. Кои се некои од пророштвата кои се исполниле на Исус?

8 Всушност, Исус исполнил многу повеќе пророштва од Хебрејските списи, со што потврдил дека ги има сите акредитиви како ветен Месија. Некои од нив можеш да ги провериш во Библијата. (Види рамка, страница 245.)b Но сега, да ја разгледаме накратко Исусовата порака и неговата служба.

Исусовиот живот го покажува патот

9. а) Како Исус ја започнал својата јавна служба? б) Од каде знаеме дека Исус го имал Божјето одобрување?

9 Библискиот извештај ни кажува дека Исус бил одгледан како и секој друг еврејски младинец од своето време кој ја посетувал локалната синагога и храмот во Ерусалим (Лука 2:41—52). Кога наполнил 30 години започнал со својата јавна служба. Прво отишол кај својот братучед Јован кој, во знак на покајание, ги крштавал Евреите на реката Јордан. Извештајот на Лука ни кажува: „А кога целиот народ се крсти, се крсти и Исус и, додека се молеше, се отвори небото и светиот дух слезе на него во телесен облик како гулаб, и од небото дојде глас: ‚Ти си мојот Син, љубениот; тебе те одобрувам‘“ (Лука 3:21—23; Јован 1:32—34).

10, 11. а) Кои се некои карактеристики на Исусовите методи на проповедање и поучување? б) Како покажал Исус колку е важно името на Татко му?

10 Кога дошло време, Исус почнал со својата служба како помазан Син Божји. Низ Галилеја и Јудеја минал проповедајќи ја пораката за Царството Божје и правејќи чуда, како што е лекувањето болни. Не прифаќал за тоа да му се плати и не се стремел по богатство и самовозвишување. Всушност, рекол дека повеќе усреќува давањето отколку земањето. Исто така, ги поучувал своите ученици како да проповедаат (Матеј 8:20; 10:7—13; Дела 20:35).

11 Кога ги анализираме Исусовата порака и методите што ги користел, гледаме впечатлива разлика меѓу неговиот стил и стилот на многу проповедници од христијанскиот свет. Тој не манипулирал со масите преку евтин емоционализам или со тактики на застрашување со огнен пекол. Наместо тоа, Исус користел едноставна логика и параболи, односно илустрации од секојдневниот живот за да го привлече срцето и умот. Неговата прочуена Проповед на гората е истакнат пример за неговите учења и методи. Во таа проповед е вклучена Исусовата пример-молитва во која јасно укажал на христијанските приоритети со тоа што посветувањето на Божјето име го ставил на прво место. (Види рамка, страници 258, 259; Матеј 5:1—7:29; 13:3—53; Лука 6:17—49.)

12. а) Како покажал Исус љубов во своите поуки и постапки? б) Колку би се разликувал светот кога вистински би се практикувала христијанска љубов?

12 Во постапките со своите следбеници и со луѓето воопшто, Исус покажал љубов и сочувство (Марко 6:30—34). Додека ја проповедал пораката за Божјето Царство, и самиот практикувал љубов и понизност. Така, во последните часови од својот живот, можел да им рече на своите ученици: „Ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг; како што јас ве љубев, и вие да се љубите еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:34, 35). Според тоа, суштината на христијанството во пракса е самопожртвувана љубов заснована врз принципи (Матеј 22:37—40). Практично, ова значи дека еден христијанин треба да ги сака дури и своите непријатели, иако можеби ќе ги мрази нивните лоши дела (Лука 6:27—31). Размисли за ова за момент. Колку поинаков би бил светот кога секој вистински би практикувал таков вид љубов! (Римјаните 12:17—21; 13:8—10).

13. На кој начин се разликуваат учењата на Исус од оние на Конфучие, Лао Це и Буда?

13 Сепак, она што Исус го поучувал било далеку повеќе од чиста етика или филозофија, како што поучувале Конфучие и Лао Це. Освен тоа, Исус не поучувал, како што го правел тоа Буда, дека човек може да си го заработи своето спасение одејќи по патот на спознание и просветлување. Наместо тоа, укажал на Бог како на изворот на спасение кога рекол: „Зашто Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот. Зашто Бог не го испрати својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку него“ (Јован 3:16, 17).

14. Зошто Исус можел да рече: „Јас сум патот и вистината и животот“?

14 Одразувајќи ја љубовта на Татка си во своите сопствени зборови и дела, Исус ги привлекол луѓето поблиску до Бог. Тоа е една причина зошто можел да рече: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене . . . Кој ме видел мене, го видел и Таткото. Како тоа ти велиш: ‚Покажи ни го Таткото‘? Зарем не веруваш дека јас сум во обединетост со Таткото и дека Таткото е во обединетост со мене? Она што ви го зборувам, не го зборувам сам од себе; туку Таткото, кој останува во обединетост со мене, ги врши своите дела . . . Чувте дека ви реков: Си одам и ќе се вратам кај вас. Ако ме љубевте, ќе се радувавте што си заминувам кај Таткото, зашто Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:6—28). Да, Исус бил „патот и вистината и животот“ бидејќи го водел тој еврејски народ назад до својот Татко, нивниот вистински Бог, Јехова. Затоа, со Исус потрагата на човештвото по Бог наеднаш зела замав бидејќи Бог во својата ненадминлива љубов, го испратил Исус на Земјата како светилник на светлина и вистина за да ги води луѓето кон Таткото (Јован 1:9—14; 6:44; 8:31, 32).

15. а) Што мораме да правиме за да го најдеме Бог? б) Каков доказ постои овде на Земјата за Божјата љубов?

15 На темел на службата и примерот на Исус, мисионерот Павле можел подоцна да им рече на Грците во Атина: „Од еден човек [Бог] ја создаде секоја човечка нација да живее по целата површина на земјата, и ги постави одредените времиња и поставените граници за живеење на луѓето, за да го бараат Бог, та некако да го напипаат и навистина да го најдат, иако, всушност, тој не е далеку од никого од нас. Зашто преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:26—28). Да, човек може да го најде Бог ако е спремен да вложи напор за да го бара (Матеј 7:7, 8). Бог се открил себеси и својата љубов со тоа што ја опремил Земјата која поддржува навидум бескрајна разноликост на живот. Тој го обезбедува она што е неопходно за сите луѓе, било да се тие праведни или неправедни. Исто така, го обезбедил човештвото со својата пишана Реч, Библијата, и го испратил својот Син како откупна жртва.c Освен тоа, Бог ја обезбедил помошта што на луѓето им е потребна за да го најдат патот до Него (Матеј 5:43—45; Дела 14:16, 17; Римјаните 3:23—26).

16, 17. Како мора да се покаже вистинската христијанска љубов?

16 Се разбира, христијанската љубов мора да се покаже не само на зборови туку, што е многу поважно, на дела. Од таа причина, апостол Павле напишал: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе, не се однесува непристојно, не ги бара сопствените интереси, не се раздразнува. Не ја става во сметка штетата. Не ѝ се радува на неправедноста, туку се радува на вистината. Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не затајува“ (1. Коринќаните 13:4—8).

17 Исус, исто така, јасно покажал колку е важно да се објавува небесното Царство — Божјата влада над подложното човештво (Матеј 10:7; Марко 13:10).

Секој христијанин е евангелизатор

18. а) Што е истакнато во Исусовата Проповед на гората? б) Каква одговорност има секој христијанин? в) Како Исус ги подготвил своите ученици за нивната служба, и каква порака требало да проповедаат?

18 Во својата Проповед на гората, Исус на мноштвата им објаснил дека имаат одговорност да ги просветлуваат другите преку своите зборови и постапки. Тој рекол: „Вие сте светлината на светот. Не може да се скрие град, кој се наоѓа на планина. Ниту светилка се пали и става под мерна кошница, туку на свеќник, па им свети на сите во куќата. Така нека свети вашата светлина пред луѓето за да ги видат вашите добри дела и да му дадат слава на вашиот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:14—16). Исус ги оспособил своите ученици, како патувачки слуги, да знаат како да проповедаат и да поучуваат за време на своите патувања. А каква требало да биде нивната порака? Истата што ја проповедал самиот Исус, Божјето Царство кое ќе владее со Земјата во праведност. Како што објаснил Исус во една прилика: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43; 8:1; 10:1—12). Исто така навел дека дел од знакот кој ќе ги идентификува последните денови се состои во тоа што „оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:3—14).

19, 20. а) Зошто вистинското христијанство отсекогаш било една активна, проповедничка религија? б) Кои основни прашања сега бараат одговор?

19 Во 33 н.е., пред конечно да се вознесе на небото, воскреснатиот Исус ги поучил своите ученици: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:18—20). Ова е една од причините што христијанството од самите свои зачетоци било една активна, прозелитизирачка религија која предизвикувала гнев и љубомора кај следбениците на тогашните преовладувачки грчки и римски религии, кои биле засновани врз митологија. Прогонството кое Павле го доживеал во Ефес јасно го илустрира овој факт (Дела 19:23—41).

20 Сега се наметнуваат прашањата: Што нуди пораката за Божјето Царство во врска со мртвите? Каква надеж за мртвите проповедал Христос? Дали понудил спасение од „огнен пекол“ за „бесмртните души“ на своите верници? Или нудел нешто друго? (Матеј 4:17).

Надеж за вечен живот

21, 22. а) Со што ја споредил Исус состојбата на мртвиот Лазар, и зошто? б) Каква надеж негувала Марта за својот мртов брат?

21 Веројатно најјасен увид во надежта што ја проповедал Исус може да се стекне од она што го кажал и го направил кога умрел неговиот пријател Лазар. Како гледал Исус на неговата смрт? Тргнувајќи кон Лазаровиот дом, Исус им рекол на своите ученици: „Нашиот пријател Лазар отиде да си отпочине, но јас одам таму да го разбудам од сонот“ (Јован 11:11). Исус ја споредил Лазаровата смрт со состојба на спиење. Кога сме во длабок сон, не сме свесни за ништо, и ова е во согласност со хебрејскиот исказ од Проповедник 9:5: „Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо“.

22 Иако Лазар бил мртов веќе четири дена, забележуваме дека Исус не рекол дека Лазаровата душа е на небо, во пекол или во чистилиште! Кога Исус пристигнал во Витанија, и Марта, Лазаровата сестра, излегла да го пречека, тој ѝ рекол: „Твојот брат ќе стане“. Што одговорила таа? Дали рекла дека тој е веќе на небото? Марта рекла: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“. Тоа јасно покажува дека надежта на Евреите во тоа време било воскресението, враќање во живот овде, на Земјата (Јован 11:23, 24, 38, 39).

23. Кое чудо го направил Исус, и каков ефект имало тоа врз набљудувачите?

23 Исус одговорил: „Јас сум воскресението и животот. Кој практикува вера во мене, и да умре, ќе оживее; и секој кој живее и практикува вера во мене, нема никогаш да умре. Веруваш ли во тоа?“ (Јован 11:25, 26). За да го докаже своето тврдење, Исус отишол до пештерата каде што бил погребан Лазар и го повикал да излезе жив пред очите на своите сестри, Марија и Марта, и пред нивните соседи. Извештајот продолжува: „Така мнозина од Евреите кои беа дојдени кај Марија и кои видоа што направи тој, поверуваа во него . . . Мноштвото, кое беше со него кога го повика Лазар од спомен-гробот и го подигна од мртвите, сведочеше“ (Јован 11:45; 12:17). Тие самите го виделе чудото, поверувале и посведочиле за неговата вистинитост. Исусовите религиозни противници мора исто така да верувале во настанот, зашто извештајот ни кажува дека главните свештеници и фарисеите сковале завера да го убијат Исус бидејќи ‚правел многу знаци‘ (Јован 11:30—53).

24. а) Каде бил Лазар четири дена? б) Што вели Библијата за бесмртноста?

24 Каде бил Лазар тие четири дена додека бил мртов? Никаде. Тој бил во несвест, и заспан во гробот чекал воскресение. Исус го благословил, чудесно подигнувајќи го од мртвите. Но, според Јовановиот извештај, Лазар не рекол дека бил на небо, во пекол или во чистилиште во текот на тие четири дена. Зошто не? Едноставно затоа што немал бесмртна душа која би можела да патува на такви местаd (Јов 36:14; Езекиел 18:4, СП).

25. а) На што укажува Библијата кога зборува за вечен живот? б) Од што зависи доаѓањето на Божјето ветено Царство?

25 Затоа, кога зборувал за вечен живот, Исус укажувал на тоа дека таков живот ќе имаат или преобразените бесмртни духовни совладетели на небесата, со него во неговото Царство, или луѓето кои ќе живеат на рајската Земја под власта на тоа Царствоe (Лука 23:43; Јован 17:3). Според Божјето ветување, неговото фигуративно престојување со послушното човештво на Земјата ќе донесе изобилни благослови за Земјата. Сето ова, се разбира, зависи од тоа дали Исус навистина бил испратен и одобрен од Бог (Лука 22:28—30; Тит 1:1, 2; Откровение 21:1—4).

Божје одобрување — реалност, а не мит

26. Кој впечатлив настан се одиграл во присуство на учениците Петар, Јаков и Јован?

26 Како знаеме дека Исус имал Божје одобрување? Најпрвин, кога Исус се крстил, се чул глас од небото кој рекол: „Овој е мојот Син, љубениот, кого го одобрив!“ (Матеј 3:17). Подоцна, потврда за ова одобрување била дадена пред други сведоци. Учениците Петар, Јаков и Јован, поранешни рибари од Галилеја, го придружувале Исус на една висока планина (можеби планината Хермон, која се издига 2.814 метри). Таму пред нивни очи се случило нешто впечатливо: „И [Исус] се преобрази пред нив, и лицето му светеше како сонцето, и горните облеки му станаа сјајни како светлина. И гледај, им се појавија Мојсеј и Илија кои разговараа со него . . . гледај, ги засени еден светол облак, и гледај, глас од облакот, кој велеше: ‚Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив; него слушајте го‘. Штом го слушнаа тоа, учениците паднаа на лице и многу се уплашија“ (Матеј 17:1—6; Лука 9:28—36).

27. а) Каков ефект имало преобразувањето врз учениците? б) Како знаеме дека Исус не бил митска личност?

27 Оваа чујна и видлива потврда од Бог послужила во голема мера да се зајакне Петровата вера, зашто тој подоцна напишал: „Не, не ве запознавме со силата и со присутноста на нашиот Господ Исус Христос следејќи препредено смислени лажни прикаски [грчки: my’thois, митови], туку станувајќи очевидци на неговата величественост. Зашто тој прими чест и слава од Бог, Таткото, кога преку величествената слава до него дојдоа овие зборови: ‚Ова е мојот син, мојот љубен, кого самиот сум го одобрил‘. Да, овие зборови ги чувме како дојдоа од небото додека бевме со него на светата гора“ (2. Петрово 1:16—18). Еврејските ученици Петар, Јаков и Јован дословно го виделе чудото на преобразување на Исус и го чуле од небесата Божјиот глас на одобрување. Нивната вера била заснована врз реалност која тие ја виделе и ја чуле, а не врз митологија или врз „еврејските бајки“ (Види рамка, страница 237; Матеј 17:9; Тит 1:13, 14.)f

Исусовата смрт и едно друго чудо

28. Кои лажни обвиненија биле изнесени против Исус во 33 година н.е.?

28 Во 33 година н.е., Исус бил уапсен и изведен на суд од страна на еврејските религиозни власти, под лажно обвинение дека хули нарекувајќи се себеси Син Божји (Матеј 26:3, 4, 59—67). Со оглед на тоа што тие Евреи се чини повеќе сакале да го убијат римските световни власти, го испратиле кај Пилат и повторно изнеле лажни обвиненија против него, овој пат дека забранува да се плаќаат даноци на Цезарот и дека се нарекува цар (Марко 12:14—17; Лука 23:1—11; Јован 18:28—31).

29. Како умрел Исус?

29 Откако Исус бил префрлан од еден владетел до друг, римскиот гувернер Понтиј Пилат, на инсистирање на религиозно подбуцнатата толпа, по линија на помал отпор го осудил Исус на смрт. Како последица од тоа, Исус умрел презрен на столб, а неговото тело било положено в гроб. Но, за три дена се случил еден настан кој неутешливите ученици на Исус ги претворил во радосни верници и ревни евангелизатори (Јован 19:16—22; Галатите 3:13).

30. Какви чекори презеле религиозните водачи за да спречат измама?

30 Религиозните водачи се сомневале дека Исусовите следбеници ќе прибегнат кон измама, па затоа отишле кај Пилат со барањето: „,Господине, се сетивме дека овој измамник, уште додека беше жив, рече: „После три дена ќе бидам подигнат“. Затоа заповедај гробот да биде осигуран до третиот ден, за да не дојдат неговите ученици и да го украдат, па да му речат на народот: „Тој стана од мртвите!“ и оваа последна измама ќе биде полоша од првата‘. Пилат им рече: ‚Имате стража. Одете и осигурете го како што знаете‘. И тие отидоа и го осигураа гробот така што го запечатија каменот и поставија стража“ (Матеј 27:62—66). Колку сигурно се покажало тоа?

31. Што се случило кога верните жени отишле на Исусовиот гроб?

31 На третиот ден после Исусовата смрт, три жени отишле на гробот за да го намачкаат телото со мирисливо масло. Што нашле тие? „И многу рано првиот ден од седмицата дојдоа на спомен-гробот откако изгреа сонцето. И една на друга си велеа: ‚Кој ќе ни го отркала каменот од вратата на спомен-гробот?‘ Но, кога погледнаа, видоа дека каменот е отркалан, иако беше многу голем. Кога влегоа во спомен-гробот, видоа еден млад човек облечен во бела долга облека како седи од десната страна, и се вчудовидоа. Тој им рече: ‚Не чудете се. Вие го барате Исус Назареќанецот кој беше прикован. Тој е подигнат, не е овде. Еве го местото каде што го положија. Туку одете, кажете им на неговите ученици и на Петар: „Тој оди пред вас во Галилеја; таму ќе го видите, како што ви кажа“‘“ (Марко 16:1—7; Лука 24:1—12). И покрај специјалната стража на религиозните водачи, Исус бил воскреснат од својот Татко. Дали е тоа мит или историски факт?

32. Кои цврсти докази ги имал Павле за да верува дека Исус воскреснал?

32 Околу 22 години после овој настан, Павле, поранешен прогонител на христијаните, напишал и објаснил како почнал тој да верува дека Христос воскреснал: „Зашто јас меѓу првите работи ви го предадов она што и јас го примив, дека Христос умре за нашите гревови во склад со Писмото; и дека беше погребан, да, дека стана на третиот ден според Писмото; и дека му се појави на Кифа, потоа на дванаесеттемина. Потоа се појави пред повеќе од петстотини браќа наеднаш, од кои повеќето се живи до денес, а некои заспаа во смрт. Потоа му се појави на Јаков, а потоа на сите апостоли“ (1. Коринќаните 15:3—7). Да, Павле можел на темел на факти да го ризикува својот живот заради воскреснатиот Исус, а тоа го вклучувало сведоштвото на околу 500 очевидци кои го виделе воскреснатиот Исус лично! (Римјаните 1:1—4). Павле знаел дека Исус бил воскреснат, а имал и уште посилна причина да го каже тоа, како што и објаснил понатаму: „А последен од сите ми се појави и мене како на некое недоносче“ (1. Коринќаните 15:8, 9; Дела 9:1—19).

33. Зошто раните христијани биле спремни да станат маченици за својата вера?

33 Раните христијани биле спремни да умрат како маченици во римските арени. Зошто? Затоа што знаеле дека нивната вера се заснова врз историски докази, а не врз митови. Исус навистина бил Христос, или Месија, ветениот во пророштвата и тој бил испратен на Земјата од страна на Бог, добил Божје одобрување, умрел на столб како Божји Син кој го сочувал интегритетот, и бил воскреснат од мртвите (1. Петрово 1:3, 4).

34. Според апостол Павле, зошто Исусовото воскресение е толку битно за христијанската вера?

34 Ти препорачуваме да го прочиташ целото 15. поглавје од Павловото прво писмо до коринќаните за да разбереш што верувал Павле во врска со воскресението и зошто е тоа толку битно за христијанската вера. Суштината на неговата порака е изразена во следниве зборови: „Меѓутоа, сега Христос станал од мртвите, првина од оние кои заспале во смртен сон. Зашто, поради тоа што смртта е преку човек [Адам], и воскресението на мртвите е преку човек. Зашто како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:20—22).

35. Какви благослови ветил Бог за Земјата и за човештвото? (Исаија 65:17—25)

35 На тој начин, воскресението на Христос Исус има цел која на крајот ќе биде од корист на целото човештво.g Исто така, тоа го отворило патот за Исус конечно да ги исполни преостанатите месијански пророштва. Неговото праведно владеење од невидливите небеса мора наскоро да се прошири на исчистената Земја. Тогаш ќе постои она што Библијата го опишува како „ново небо и нова земја“ на која Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага, ни пискот, ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:1—4).

Очекувано отпадништво и прогонство

36. Што се случило на Пентекост 33 н.е., и со каков резултат?

36 Кратко по Исусовата смрт и воскресение, се случило едно друго чудо кое му дало сила и замав на проповедањето на тие рани христијани. На денот Пентекост 33 година н.е., Бог го излеал од небото својот свет дух, односно активна сила, врз околу 120 христијани кои се состанале во Ерусалим. Со каков резултат? „И им се покажаа јазици како од оган, и се разделија, и на секого од нив слезе по еден, и сите се исполнија со свет дух и почнаа да зборуваат на различни јазици, како што им даваше духот да изговараат“ (Дела 2:3, 4). Евреите од други јазични подрачја кои во тоа време престојувале во Ерусалим, биле зачудени што ги слушале тие наводно неуки галилејски Евреи како зборуваат странски јазици. Како резултат на тоа, многумина поверувале. Христијанската порака се проширила како пожар кога тие нови еврејски верници се вратиле во своите краеви (Дела 2:5—21).

37. Како реагирале некои римски владетели на новата христијанска религија?

37 Но, наскоро се насобрале луњави облаци. Римјаните почнале да се плашат од оваа нова, наводно атеистичка, религија која немала идоли. Започнувајќи со императорот Нерон, тие ужасно ги прогонувале христијаните во првите три века од нашата ера.h Многу христијани биле осудени на смрт во колосеумите за да ја задоволат садистичката жед за крв на императорите и на толпите кои се собирале да гледаат како затворениците биле фрлани на диви ѕверови.

38. Каква состојба, која била проречена, ќе го вознемири раното христијанско собрание?

38 Друг вознемирувачки фактор во тие рани денови било нешто што апостолите го прорекле. На пример, Петар изјавил: „Меѓутоа, имаше и лажни пророци меѓу народот, како што ќе има лажни учители и меѓу вас. Токму тие скришно ќе воведат погубни секти и ќе се одречат дури и од сопственикот кој ги купи, навлекувајќи си брзо уништување“ (2. Петрово 2:1—3). Отпадништво! Тоа било отпаѓање од вистинското обожавање, кое се компромитирало со тековните религиозни трендови на римскиот свет кој бил презаситен со грчка филозофија и мисла. Како се случило тоа? Нашето следно поглавје ќе одговори на ова и на прашањата поврзани со него (Дела 20:30; 2. Тимотеј 2:16—18; 2. Солуњаните 2:3).

[Фусноти]

a Со изразот „христијански свет“ се осврнуваме на подрачјето на секташка активност во кое доминираат религии кои тврдат дека се христијански. Изразот „христијанство“ се однесува на првобитниот облик на обожавање и на пристапот до Бог за кој поучувал Исус Христос.

b Види исто така Увид во Писмото, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1988, Том 2, страници 385—389, под „Месија“.

c Библиското учење за откупнината и за нејзиното значење ќе биде разјаснето во 15. поглавје.

d Изразот „бесмртна душа“ не се појавува никаде во Библијата. Грчкиот збор преведен со „бесмртен“ и „бесмртност“ се појавува само трипати и се однесува на едно ново духовно тело кое е облечено или добиено, но не е нешто вродено. Тоа се однесува на Христос и на помазаните христијани кои стануваат совладетели со него во неговото небесно Царство (1. Коринќаните 15:53, 54; 1. Тимотеј 6:16; Римјаните 8:17; Ефешаните 3:6; Откровение 7:4; 14:1—5).

e За подетално разгледување на ова владеење во Царството, види 15. поглавје.

f „Мојсеј“ и „Илија“ во визијата ги симболизираат Законот и Пророците кои биле исполнети на Исус. За подетално објаснување на преобразувањето, види Увид во Писмото, 1988, Том 2, страници 1120, 1121.

g За детално разгледување на воскресението на Исус, види ја книгата Библијата — реч Божја или човечка?, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1998, страници 78—86.

h Римскиот биограф Светониј (околу 69—140 н.е.) запишал дека за време на Нероновото владеење „казни се . . . извршуваат врз христијаните, секта која исповеда ново и штетно религиозно верување“.

[Рамка/слика на страница 237]

Дали Исус бил мит?

„Дали животната приказна на основачот на христијанството е производ на човечката тага, фантазија и надеж — мит кој е сличен на легендите за Кришна, Озирис, Атис, Адонис, Дионис и Митра?“ прашува историчарот Вил Дјурант. Тој одговара дека во првиот век, постоењето на Христос „не го негирале дури ни непријателски расположените не-Евреи ниту, пак, еврејските противници на штотуку роденото христијанство“ (The Story of Civilization, Part III, “Caesar and Christ” — Историја на цивилизацијата, Дел III, „Цезар и Христос“).

Римскиот историчар Светониј (околу 69—140 н.е.), во својата историја The Twelve Caesars (Дванаесетте Цезари), во врска со императорот Клавдиј навел: „Бидејќи Евреите во Рим предизвикаа постојани немири по наговор на Хрест [Христос], тој ги протера од градот“. Ова се случило околу 50 година н.е. (Спореди Дела 18:1, 2.) Забележи дека Светониј не изразил сомневање во врска со постоењето на Христос. Врз основа на овие факти и наспроти прогонувањата опасни по живот, раните христијани многу активно ја објавувале својата вера. Тешко е да се верува дека тие би ги ризикувале своите животи врз основа на мит. Исусовата смрт и воскресение се случиле додека тие биле живи, а некои од нив биле и очевидци на овие настани.

Историчарот Дјурант го изведува заклучокот: „Дека неколку прости луѓе во една генерација би измислиле една толку силна и привлечна личност, толку возвишена етика и толку инспирирана визија за човечкото братство, би било далеку поневеројатно чудо од кое и да било запишано во евангелијата“.

[Слика]

Исус проповедал и правел чуда во овој регион на Галилеја во древна Палестина

[Рамка/слика на страница 241]

Кој ја напишал Библијата?

Христијанската Библија се состои од 39-те книги на Хебрејските списи (види рамка, страница 220), кои многумина ги нарекуваат Стар завет, и 27-те книги на Христијанските грчки списи, честопати наречени Нов завет.i Според тоа, Библијата е една минијатурна библиотека од 66 книги напишани од околу 40 мажи во текот на 1.600 години од историјата (од 1513 пр.н.е. до 98 н.е.).

Грчките списи содржат четири евангелија или извештаи за животот на Исус и за добрата вест што тој ја проповедал. Две од нив биле напишани од страна на непосредни следбеници на Христос, односно од Матеј, даночник, и од Јован, рибар. Другите две биле напишани од страна на раните верници Марко и Лука, кој бил лекар (Колошаните 4:14). По евангелијата следат Дела на апостолите, извештај за раната христијанска мисионерска активност, што го составил Лука. Потоа доаѓаат 14 писма од апостолот Павле до различни христијани и собранија, после кои следат писмата на Јаков, Петар, Јован и Јуда. Последната книга е Откровение, напишана од страна на Јован.

Фактот што толку многу луѓе со различно потекло, кои живееле во различни времиња и култури, можеле да произведат таква хармонична книга е силен доказ дека Библијата не е само производ на човечка интелигенција, туку дека е инспирирана од Бог. Самата Библија вели: „Целото Писмо е инспирирано од Бог [буквално: „вдишано од Бог“,  Int] и корисно за поучување“. Според тоа, Писмото било напишано под влијание на Божјиот свет дух, односно активна сила (2. Тимотеј 3:16, 17).

[Слика]

Овој некомплетен римски натпис кој го користи името на Понтиј Пилат на латински (втор ред, „IVS PILATVS“) потврдува дека тој бил една влијателна личност во Палестина, како што вели и Библијата

[Фуснота]

i Католичката Библија вклучува и некои додатни книги кои ги сочинуваат апокрифите, но Евреите и протестантите не ги сметаат за канонски.

[Рамка на страница 245]

Месијата во библиските пророштва

Пророштво Настан Исполнување

Бит. 49:10 Роден во племето Мат. 1:2—16; Лука 3:23—33

на Јуда

Псал. 132:11; Од фамилијата Мат. 1:1, 6—16; 9:27;

Иса. 9:7 на Давид, Дела 13:22, 23

синот на Јесеј

Мих. 5:2 Роден во Витлеем Лука 2:4—11; Јов. 7:42

Иса. 7:14 Го родила девица Мат. 1:18—23;

Лука 1:30—35

Оси. 11:1 Повикан од Египет Мат. 2:15

Иса. 61:1, 2 Добил налог Лука 4:18—21

Иса. 53:4 Ги понел нашите Мат. 8:16, 17

болести

Псал. 69:9 Ревен за Мат. 21:12, 13;

Јеховиниот дом Јов. 2:13—17

Иса. 53:1 Не му верувале Јов. 12:37, 38;

Рим. 10:11, 16

Зах. 9:9; Поздравен како цар Мат. 21:1—9; Мар. 11:7—11

Псал. 118:26 и како оној кој

доаѓа во Јеховино име

Иса. 28:16; Отфрлен, но станува Мат. 21:42, 45, 46;

Псал. 118:22, 23 аголен камен Дела 3:14; 4:11;

1. Пет. 2:7

Псал. 41:9; Еден апостол Мат. 26:47—50;

109:8 го предава Јов. 13:18, 26—30

Зах. 11:12 Предаден за 30 Мат. 26:15; 27:3—10;

сребреници Мар. 14:10, 11

Иса. 53:8 Изведен пред суд Мат. 26:57—68;

и осуден 27:1, 2, 11—26

Иса. 53:7 Молчи пред Мат. 27:12—14;

обвинителите Мар. 14:61; 15:4, 5

Псал. 69:4 Намразен без причина Лука 23:13—25;

Јов. 15:24, 25

Иса. 50:6; Удиран, плукан Мат. 26:67; 27:26, 30;

Мих. 5:1 Јов. 19:3

Псал. 22:18 За неговата наметка Мат. 27:35;

фрлале ждрепка Јов. 19:23, 24

Иса. 53:12 Уброен меѓу грешници Мат. 26:55, 56; 27:38;

Лука 22:37

Псал. 69:21 Му било дадено оцет Мат. 27:34, 48;

и жолчка Мар. 15:23, 36

Псал. 22:1 Напуштен од Бог Мат. 27:46; Мар. 15:34

Псал. 34:20; Ниедна коска скршена Јов 19:33, 36

Излез 12:46

Иса. 53:5; Прободен Мат. 27:49;

Зах. 12:10 Јов. 19:34, 37; Откр. 1:7

Иса. 53:5, 8, Умира со жртвена Мат. 20:28; Јов. 1:29;

11, 12 смрт за да ги Рим. 3:24; 4:25

понесе гревовите

Иса. 53:9 Погребан кај богатите Мат. 27:57—60;

Јов. 19:38—42

Јона 1:17; В гроб лежи неполни Мат. 12:39, 40; 16:21;

2:10 три дена, потоа 17:23; 27:64

воскреснува

[Рамка/слика на страници 258 и 259]

Исус и името на Бог

Кога ги поучувал своите ученици како да се молат, Исус рекол: „Туку, молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое. Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).

Исус знаел дека името на Татко му е од животна важност, па затоа го нагласил. Така, на своите религиозни непријатели им рекол: „Јас дојдов во името на својот Татко, но вие не ме примате; ако некој друг дојде во свое име, него ќе го примите . . . Ви кажав, но вие не верувате. Делата што ги вршам јас во името на мојот Татко, тие сведочат за мене“ (Јован 5:43; 10:25; Марко 12:29, 30).

Во молитва до својот Татко, Исус рекол: „,Татко, прослави го своето име‘. Тогаш дојде глас од небото: ‚И го прославив и пак ќе го прославам‘“.

Во една прилика подоцна, Исус се молел: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот. Твои беа, и ми ги даде мене, и тие ја држеа твојата реч. И им го објавив твоето име и ќе го објавувам, за љубовта со која ме љубеше ти да биде во нив и јас во обединетост со нив“ (Јован 12:28; 17:6, 26).

Како Евреин, Исус мора да бил добро запознат со името на својот Татко, Јехова, или Јахве, бидејќи го знаел стихот кој вели: „,Вие сте Ми сведоци,‘ слово е Господово [Јеховино, NW], ‚и Мои слуги кои ги избрав, за да знаете и верувате и да видите дека тоа Сум Јас. Пред Мене ниеден бог не беше направен и не ќе биде после Мене . . . Вие сте Ми сведоци, слово е Господово [Јеховино, NW], ‚а Јас Сум Бог‘“ (Исаија 43:10, 12).

Според тоа, Евреите како нација биле избрани да бидат Јеховини сведоци. Како Евреин, Исус бил, исто така, сведок на Јехова (Откровение 3:14).

Очигледно, до почетокот на првиот век повеќето Евреи веќе не го изговарале Божјето откриено име. Меѓутоа, има манускрипти кои докажуваат дека раните христијани кои ја користеле Септуагинтата, грчкиот превод на Хебрејските списи, можеле да го видат хебрејскиот тетраграматон употребен во грчкиот текст. Како што наведува Џорџ Хауард, професор по религија и по хебрејски: „Кога Септуагинтата, која црквата на Новиот завет ја користела и ја цитирала, го содржела хебрејскиот облик на божественото име, писателите на Новиот завет без сомнение го вклучиле тетраграматонот во своите цитати. Но кога хебрејскиот облик на божественото име [подоцна] бил елиминиран од Септуагинтата во интерес на грчките замени, бил елиминиран и од цитатите во Септуагинтата во Новиот завет“.

Според тоа, професорот Хауард резонира дека христијаните од првиот век сигурно јасно ги разбрале текстовите како што се Матеј 22:44, каде што Исус им ги цитирал Хебрејските списи на своите непријатели. Хауард вели: „Црквата од првиот век веројатно читала, ‚ЈХВХ му рече на мојот Господ‘“ наместо подоцнежната верзија „,Господ му рече на мојот Господ‘ . . . што е исто толку двосмислено колку што е и непрецизно“ (Псалм 110:1).

Дека Исус го користел божественото име потврдуваат еврејските обвиненија неколку векови по неговата смрт, дека ако правел чуда, тогаш ги правел „само затоа што се направил господар на ‚тајното‘ име на Бог“ (Книга на еврејското спознание).

Сосема сигурно Исус го знаел Божјето единствено име. Наспроти еврејската традиција во тоа време, без сомнение го користел тоа име. Тој не дозволил човечките традиции да го надвладеат законот на Бог (Марко 7:9—13; Јован 1:1—3, 18; Колошаните 1:15, 16).

[Слика]

Папирусен фрагмент (прв век пр.н.е.) кој го покажува хебрејското име на Бог во текст на грчката Септуагинта

[Слики на страница 238]

Во своето поучување Исус користел многу илустрации — меѓу другото: сеење, жнеење, рибарење, наоѓање на бисер, мешани стада и лозје (Матеј 13:3—47; 25:32)

[Слика на страница 243]

Со Божја моќ, Исус направил многу чуда, вклучувајќи го и смирувањето на бура

[Слика на страница 246]

Тетраграматонот, или четири согласки ЈХВХ (Јехова)

[Слика на страница 251]

Извештајот за подигањето на Лазар во живот не спомнува ниту, пак, навестува дека тој имал бесмртна душа

[Слика на страница 253]

Петар, Јаков и Јован знаеле дека Божјето одобрување на Исус не било мит — тие го чуле и го виделе тоа при преображението

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели