„Го познаваат гласот негов“
„ГОСПОД е Пастир мој.“ Со овие зборови започнува 22. Псалм. Библијата го споредува Јехова Бог со пастир и во пророштвото на Исаија, со зборовите: „Како пастир ќе го пасе Он стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води дојдените“ (Исаија 40:11).
Исто така, и Исус Христос е спореден со пастир. Тој рекол: „Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците“ (Јован 10:11). Исус рекол дека „овците го слушаат гласот негов [на овчарот], и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува“. Тој додал дека „овците одат по него [овчарот], бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат“ (Јован 10:2-5).
И Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, покажале дека одговараат на описот даден во претходните стихови. Со своите симболични овци тие постапуваат нежно и со љубезна грижа. Како резулатат на тоа, луѓето слични на овци се чувствуваат сакани, сигурни и заштитени.
Овој однос соодветно е спореден со односот помеѓу дословните овци и нивниот пастир. Уште во 1831, Џон Хартли пишувал за своите забелешки во врска со ова. Тој известува дека во Грција било вообичаено овчарите да им даваат имиња на своите овци. Кога била повикана по име, овцата ќе се оѕвиела на гласот на овчарот. Околу 51 година подоцна, во 1882, Џ. Л. Портер забележал нешто слично. Самиот тој видел како овчарите „извикувале . . . необични повици со писклив глас“, на кои овците одговорале така што послушно ги следеле. Истата година, Вилијам М. Томсон напишал за такви чести експерименти кои докажале дека овците можат да се научат да го следат својот пастир и да го препознаваат неговиот глас.
Дали овој единствен однос помеѓу пастирите и нивните стада е забележан во поново време? Да. Во National Geographic од септември 1993, австралиската авантуристка Робин Дејвидсон, за пастирите Рабари од северозападна Индија, го напишала следното: „Секој овчар користи малку поразлични повици, варијации на тема. Има утрински повици за да излезат, повик за да ги напои овците итн. Секој човек ги познава своите овци, и обратно. Наутро неговото стадо ќе се одвои од поголемото стадо и ќе тргне по него“.
Без сомнение, Исус го забележал она што четирите тукушто споменати патници го опишале. Неговите лични забележувања ѝ дале тежина на неговата споредба за овците кои го познаваат неговиот глас. Дали си една од Исусовите овци? Дали го познаваш и слушаш неговиот глас? Ако ги препознаеш неговите учења и признаеш дека се вистина, ако ги слушаш неговите заповеди и го следиш неговото водство во обожавањето на Јехова, тогаш ќе го почувствуваш љубезното и нежно пастирење на Јехова Бог и неговиот син, Исус Христос (Јован 15:10).