Поуки од чудата на Исус
„НА ТРЕТИОТ ден имаше свадба во Кана Галилејска . . . поканет беше исто така на свадбата и Исус, и учениците Негови. А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: ‚Немаат вино.‘“ Овој настан создал услови за Исусовото прво чудо (Јован 2:1-3).
Зарем еден таков проблем не бил премногу безначаен, премногу тривијален за да го привлече вниманието на Исус? Еден библиски научник објаснува: „Гостољубивоста на Ориентот била света должност . . . Вистинската гостољубивост, особено на една свадбена прослава, наложувала да се има изобилие на храна и пиење. Ако прехранбените продукти [привршеле] на свадбената прослава, фамилијата и младиот брачен пар никогаш немало да можат да се очистат од срамот“.
Поради тоа, Исус презел акција. Тој ги забележал ‚шестте камени садови за вода, поставени за миење, според јудејскиот обичај‘. Ритуалното миење пред јадење било обичај помеѓу Евреите, и била потребна голема количина вода за да ги задоволи потребите на присутните. „Наполнете ги садовите со вода!“, им наредил Исус на оние кои ги послужувале гостите. Исус не бил ‚старосватот на прославата‘, но тој зборувал директно и авторитативно. Извештајот раскажува: „Вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода“ (Јован 2:6-9; Марко 7:3).
Може да изгледа чудно тоа што нешто толку вообичаено како што е една венчавка ќе биде повод за Исусовото прво чудо, но настанот открива многу за Исус. Тој бил самец, и во некои подоцнежни прилики дискутирал со своите ученици за предностите на самаштвото (Матеј 19:12). Меѓутоа, неговото присуство на свадбената прослава открило дека немал ништо против бракот. Тој бил урамнотежен и ја поддржувал подготовката за бракот; на тоа гледал како на нешто чесно во очите на Бог. (Спореди Евреите 13:4.)
Исус не бил непопустлив аскет каков што подоцна го прикажале црковните уметници. Очигледно уживал да биде со луѓето и немал аверзија кон дружењето. (Спореди Лука 5:29.) Така, неговите постапки поставиле преседан за неговите следбеници. Исус лично покажал дека нема потреба да бидат „важни“ или намуртени — како праведноста да значи стушеност. Напротив, христијаните подоцна биле советувани: „Радувајте се секогаш во Господа“ (Филипјаните 4:4). Христијаните денес внимаваат на тоа рекреацијата да ја задржат во разумни граници. Наоѓаат радост во Божјата служба но, следејќи го Исусовиот пример, повремено наоѓаат време да уживаат и во меѓусебното дружење на некој друштвен собир.
Забележи ја и нежноста на Исусовите емоции. Тој немал никаква обврска да направи чудо. Не постоело никакво пророштво во врска со ова, кое требало да биде исполнето. Очигледно, Исус едноставно бил поттикнат од грижата на мајка му и од неповолната околност за парот кој се венчавал. Тој се грижел за нивните чувства и сакал да ги поштеди од срам. Зарем тоа не ја изградува твојата доверба во тоа дека Христос е навистина заинтересиран за тебе — дури и за твоите секојдневни проблеми? (Спореди Евреите 4:14-16.)
Бидејќи секој сад можел да ‚собере по две до три мери‘ вода, Исусовото чудо вклучувало големо количество вино — можеби 390 литри! (Јован 2:6). Зошто било потребно толку големо количество? Исус не поттикнувал на пијанство, коешто Бог го осудува (Ефесјаните 5:18). Наместо тоа, тој ја демонстрирал божествената великодушност. Бидејќи виното било вообичаен пијалок, секаков остаток би можел да се искористи во други прилики. (Спореди Матеј 14:14-20; 15:32-37.)
Раните христијани го имитирале Исусовиот пример на великодушност. (Спореди Дела 4:34, 35.) Исто така, и Јеховиниот народ денес е охрабрен да ‚дава‘ (Лука 6:38). Меѓутоа, Исусовото прво чудо имало и пророчко значење. Тоа укажува на едно идно време кога Бог великодушно ќе обезбеди „трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина“ и потполно ќе го отстрани гладот (Исаија 25:6).
Па сепак, што е со многуте чуда кои Исус ги направил, а кои вклучувале физичко исцелување? Што можеме да научиме од нив?
Правење добро на Сабат
„Стани, земи ја постелката своја и оди си!“ Исус му ги кажал овие зборови на еден човек кој бил болен 38 години. Извештајот од евангелието продолжува: „И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше“. Чудно, но сите не биле задоволни со ваквиот развој на настаните. Извештајот вели: „Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да Го убијат, оти тоа го вршеше во сабота“ (Јован 5:1-9, 16).
Сабатот требало да биде ден на одмор и радост за сите (2. Мојсеева 20:8-11). Сепак, до Исусовото време тој станал лавиринт од угнетувачки човечки правила. Научникот Алфред Едерсхајм напишал дека во опширните делови на Сабатниот закон од Талмудот, „работите се сериозно разработени како да се од битна религиозна важност, кои едно лице со здрав разум одвај да може сериозно да ги разгледува“ (The Life and Times of Jesus the Messiah). Рабините им придавале животважно значење на површните, арбитрарни правила кои го регулирале практично секој аспект од животот на Евреите — честопати со ладнокрвна безобѕирност кон човечките чувства. Едно Сабатно правило наложувало: „Ако една куќа падне врз некој човек и постои сомневање дали тој е таму или не, дали е жив или мртов, или дали е неизраелец или Израелец, тие можат да ги расчистат урнатините од него. Ако го најдат жив, тогаш може потполно сѐ да расчистат од него; но ако е мртов, нека го остават“ (Студија Јома 8:7, Мишна, превод од Херберт Денби).
Како гледал Исус на ваквите формалистички ситничарења? Кога бил критизиран поради лечење на Сабат, тој рекол: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам“ (Јован 5:17). Исус не извршувал световна работа со цел да се збогати. Наместо тоа, ја вршел Божјата волја. Исто како што им било дозволено на Левитите да продолжат со својата света служба на Сабат, така и Исус, како Месија, со право можел да ги извршува своите должности доделени од Бог, без да го повреди Божјиот Закон (Матеј 12:5).
Исусовите Сабатни лечења исто така ги разоткриле еврејските книжници и фарисеи како ‚преправедни‘ — крути и неурамнотежени во своето размислување (Проповедник 7:16, НС). Сигурно дека не било Божја волја добрите дела да бидат ограничени само на одредени денови во неделата; ниту, пак, Бог имал намера Сабатот да биде некаква бескорисна бирократска процедура. Во Марко 2:27, Исус рекол: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата“. Исус ги сакал луѓето, а не самоволните правила.
Според тоа, добро е христијаните денес да не бидат прекрути или преокупирани со правила во нивното размислување. Оние кои имаат овластување во собранието се воздржуваат од тоа да ги оптоваруваат другите со претерани човечки правила и уредувања. Исусовиот пример исто така нѐ охрабрува да бараме прилики за да правиме добро. На пример, еден христијанин нема никогаш да размислува дека треба да ги споделува библиските вистини само кога формално се наоѓа во служба од куќа до куќа или кога е на подиумот за говор. Христијанинот, вели апостол Петар, треба да биде ‚секогаш подготвен со кротост и страв за одговор на секого, кој ќе побара сметка за неговата надеж‘ (1. Петрово 3:15). Правењето добро нема временски ограничувања.
Поука за сочувство
Едно друго истакнато чудо е забележано во Лука 7:11-17. Според извештајот, Исус ‚отишол во градот наречен Наин; и со Него оделе мнозина Негови ученици и многу народ‘. До денешен ден можат да се видат гробишта, југоисточно од современото арапско село Наин. „А кога се приближи до градската порта“, наишол на една бучна сцена. „Ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.“ Х. Б. Тристрем забележал дека „начинот на вршење на еден погреб не се променил“ од дамнешни времиња, додавајќи: „сум видел жени како одат пред смртниот одар, предводени од платени жени редачки. Тие ги креваат угоре своите раце, си ги корнат косите, со најдиви гестикулации на жалост, и со пискање го извикуваат името на покојникот“ — Eastern Customs in Bible Lands (Источни обичаи во библиските земји).
Во средината на еден ваков бучен хаос оди една ужалена вдовица чие лице сигурно било одраз на голема внатрешна болка. Бидејќи веќе го изгубила својот сопруг, таа гледала на својот син, како што било изразено со зборовите на авторот Херберт Локјер, „поддршка во нејзината старост и утеха во нејзината осаменост — поткрепа и столб на домот. Со загубата на нејзиниот единствен син, исчезнала и последната потпора“ (All the Miracles of the Bible). Каква била Исусовата реакција? Според силните зборови на Лука, „штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: ‚Не плачи!‘“. Изразот „се сожали“ е изведен од грчкиот збор кој дословно значи „утроба“. Тоа значи „да се биде поттикнат од самата внатрешност“ (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words). Да, Исус бил трогнат до длабочината на неговото битие.
Изгледа во тоа време и Исусовата мајка била вдовица, па така веројатно ја познавал болката на ужаленоста, кога го изгубил својот очув Јосиф. (Спореди Јован 19:25-27.) Вдовицата не требало да го моли Исус. Спонтано, ‚тој се приближил и се допрел до носилото‘, наспроти фактот дека под Мозаитскиот закон, допирањето до мртво тело го прави некого нечист (4. Мојсеева 19:11). Преку оваа чудесна моќ Исус можел да го отстрани самиот извор на нечистотија! „Он рече: ‚Момче, тебе ти велам, стани!‘ Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му.“
Каква возбудлива поука за сочувство! Христијаните не треба да го имитираат бесчувствителниот, ладен став кој се манифестира во текот на овие ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1-5). Напротив, 1. Петрово 3:8 поттикнува: „А најпосле, бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни“. Кога некој наш познајник ќе умре или тешко ќе се разболе, ние не можеме да извршиме воскресение или да го оздравиме болниот. Но, можеме да понудиме практична помош и утеха, можеби со самото тоа што ќе бидеме со нив и ќе плачеме со нив (Римјаните 12:15).
Ова драматично воскресение што го извел Исус, укажува и на иднината — време кога „сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат!“ (Јован 5:28, 29). Ширум Земјата, ужалените лица лично ќе ја искусат Исусовата чувствителност, кога умрените мајки, татковци, деца и пријатели ќе се вратат од гробот!
Поуките од чудата
Значи, јасно е дека Исусовите чуда биле повеќе од само возбудливи прикажувања на моќ. Тие го прославувале Бог, поставувајќи модел за христијаните кои се поттикнати да го ‚слават Бога‘ (Римјаните 15:6). Охрабрувале да се прави добро, да се покажува великодушност и сочувство. Што е уште поважно, тие служеле како претслика за моќните дела кои ќе бидат извршени во текот на Христовата милениумска влада.
Додека бил на Земјата, Исус ги правел своите моќни дела на едно релативно мало географско подрачје (Матеј 15:24). Како прославен Цар, неговата судска надлежност ќе се прошири по целата Земја! (Псалм 71:8). Кога Исус бил на Земјата, оние кои биле чудесно излечени и воскреснати, со текот на времето умреле. Под неговото небесно царување, гревот и смртта ќе бидат потполно отстранети, отворајќи го патот за вечен живот (Римјаните 6:23; Откровение 21:3, 4). Да, Исусовите чуда укажуваат на доаѓањето на една славна иднина. Јеховините сведоци им помогнале на милиони да развијат вистинска надеж да бидат дел од тоа. Додека да дојде тоа време, каков прекрасен изглед е даден преку чудата на Исус Христос!
[Слика на страница 7]
Исус ја претвора водата во вино