Светиот дух — Божја делотворна сила
СПОРЕД науката за тројството, светиот дух е третата личност од божеството, еднаква на Отецот и Синот. Во книгата Our Orthodox Christian Faith се вели: „Светиот дух во потполност е Бог“.
Зборот кој најчесто се употребува во Хебрејските списи за „дух“ е ру́ах, што значи „здив; ветер; дух“. Во Грчките списи употребен е зборот пнеу́ма, кој има слично значење. Дали овие зборови укажуваат на тоа дека светиот дух е трета личност од некакво тројство?
Делотворна сила
НАЧИНОТ како Библијата го употребува зборот „свет дух“, укажува дека тоа е контролирана сила која Јехова Бог ја употребува за да ги оствари своите разновидни намери. Во одредена смисла може да се спореди со електрична струја, сила која може да биде употребена за најразлични цели.
Во 1. Мојсеева 1:2 (НС) пишува: „А Божјата делотворна сила [„духот“ (хебр. ру́ах)] се движеше ваму-таму над површината на водите“. Во овој случај Божјиот дух, неговата делотворна сила, служела при обликувањето на Земјата.
Понатаму, Бог го употребува својот дух за просветлување на своите слуги. Давид молел: „Научи ме да ја творам твојата волја, зашто ти си мој Бог. Твојот дух (ру́ах) е добар, нека ме води до земјата на чесноста“ (Псалм 143:10, НС). Кога биле поставени 70 способни мажи да му помагаат на Мојсеј, Бог му рекол: „Ќе морам да земам дел од духот [ру́ах] кој е на тебе и да го ставам на нив“ (4. Мојсеева 11:17, НС).
Библиските пророштва биле запишувани кога Божјите луѓе „биле понесени од светиот дух (грчки: пнеу́ма)“ (2. Петрово 1:20, 21, НС). На тој начин Библијата била „од Бога инспирирана“, а за тоа употребениот грчки збор е тео́пнеустос, буквално „од Бога вдахнат“ (2. Тимотеј 3:16, НС). Светиот дух предизвикал исто така, одредени луѓе да имаат визии или пророчки соништа (2. Царства 23:2; Јоел 2:28, 29; Лука 1:67; Дела 1:16; 2:32, 33).
Светиот дух го поттикнал Исус после своето крштение да отиде во пустината (Марко 1:12). Во внатрешноста на Божјите слуги духот бил како оган и таа сила ги поттикнувала, ги оспособувала да зборуваат смело и решително (Михеј 3:8; Дела 7:55-60; Римјаните 12:11; 1. Солунјаните 5:19).
Со својот дух Бог ги извршува своите судски пресуди над поединци и цели народи (Исаија 30:27, 28; 59:18, 19). Божјиот дух може да допира секаде, делувајќи во корист на луѓето или против нив (Псалм 138:7-12).
„Сила која е над обичната“
БОЖЈИОТ дух може на неговите слуги исто така да им даде и сила „која е над обичната“ (2. Коринтјаните 4:7, НС). Тоа им овозможува да ги издржат искушенијата на верата или да сторат нешто што инаку не би можеле да направат.
На пример, во Судиите 14:6 (Ст) читаме за Самсон: „Духот Јахвин го понесе Самсон, и тој голорак го раскина лавот“. Дали навистина некоја божествена личност влегла во Самсон или дошла над него, управувајќи го неговото тело да стори нешто што сам не би можел? Не, тоа едноставно била „силата ГОСПОДОВА која го направила Самсон јак“ (Today’s English Version).
Библијата вели дека светиот дух слегол на крстениот Исус како гулаб, а не во човечки облик (Марко 1:10). Оваа Божја делотворна сила го оспособила Исус да лечи болни и да воскреснува мртви. Како што пишува во Лука 5:17: „А него [Исуса] силата Господова [Божја] го тераше да оздравува“ (Ст).
Божјиот дух ги оспособил и Исусовите ученици да прават чуда. Во Дела 2:1-4 се известува дека учениците се собрале на Денот на духови, „и ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар . . . и сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“.
Значи, светиот дух им дал сила на Исус и другите Божји слуги да направат нешто што тие инаку не би можеле да го сторат.
Никаква личност
МЕЃУТОА, зарем не постојат библиски стихови кои говорат за светиот дух како за некоја личност? Постојат, но да забележиме што вели за тоа католичкиот теолог Едмунд Фортман во книгата The Triune God: „Иако овој дух честопати е персонифициран, сепак е прилично јасно дека светите пишувачи [на Хебрејските списи] никогаш не дошле на помислата дека овој дух е личност, а ниту пак го прикажувале како таков“.
Не е ништо необично во Библијата нешто да се персонифицира. Така, за мудроста се вели дека има деца (Лука 7:35). Гревот и смртта се нарекуваат цареви (Римјаните 5:14, 21). Во 1. Мојсеева 4:7 (The New English Bible) се вели: „Гревот е демон кој клечи на вратата“; значи, овде гревот е персонифициран како зол дух кој клечи на Каиновата врата. Но, се разбира, гревот не е духовна личност. Исто така ни светиот дух со персонификација не станува духовна личност.
Во 1. Јованово 5:6-8 (НС) се вели дека не само духот туку и „водата . . . и крвта“ ‚сведочат‘. Очигледно дека водата и крвта не се никакви личности, а ниту светиот дух е личност.
Согласно со тоа, изразот „свет дух“ Библијата обично го употребува на безличен начин, така што, на пример, паралелно го споредува со водата и огнот (Матеј 3:11; Марко 1:8). Луѓето се поттикнуваат да се наполнат со светиот дух наместо со вино (Ефесјаните 5:18). Се вели дека луѓето се исполнуваат со свет дух како што се исполнуваат со особините како што се мудроста, верата и радоста (Дела 6:3; 11:24; 13:52). А во 2. Коринтјаните 6:6 светиот дух е вклучен во цела низа од особини. Овие изрази не би биле така обопштени ако светиот дух навистина е личност.
Иако во некои библиски стихови се вели дека духот говори, други стихови покажуваат дека тоа всушност се одвивало преку луѓето или ангелите (Матеј 10:19, 20; Дела 4:24, 25; 28:25; Евреите 2:2). Во овие случаи духот дејствува како радиобрановите кои пренесуваат пораки од едно лице до некое друго кое е многу оддалечено.
Во Матеј 28:19 се спомнува „името . . . на светиот дух“. Меѓутоа, зборот „име“ секогаш не означува лично име, ни во грчкиот ниту пак во македонскиот јазик. Кога ќе кажеме: „Во името на законот. . .“, не се осврнуваме на некоја личност, туку го подразбираме она што законот го претставува, неговиот авторитет. Во изданието Word Pictures in the New Testament (Слики со зборови во Новиот завет) од Робертсон речено е: „Овде употребениот збор „име“ (о́нома) се употребува во Септуагинта и во папирусите општо за моќ и авторитет“. Значи, оној кој се крсти ‚во името на светиот дух‘, го признава авторитетот на духот, дека истиот потекнува од Бог и дека дејствува со Божјата волја.
„Помошник“
ИСУС го означил светиот дух како ‚помошник‘ кога рекол дека тој ќе поучува, ќе води и зборува (Јован 14:16, 26, НС; 16:13). Грчкиот збор за помошник (пара́клетос) е од машки род. Значи, кога Исус се осврнал на тоа што помошникот ќе работи, ги употребил машките лични заменки (Јован 16:7, 8). Ако за разлика од тоа се употребува грчкиот збор за дух (пнеу́ма), кој во грчкиот јазик е именка од среден род, тогаш правилно е употребена и заменката за среден род (,тоа‘).
Повеќето тринитаријански преведувачи го премолчуваат овој факт. Така на пример, католичката New American Bible во врска со Јован 14:17 признава: „Грчкиот збор за ‚дух‘ е од среден род, сепак, ние во англискиот превод употребуваме англиски лични заменки (,тој‘, ‚негов‘, ‚нему‘), иако во повеќето грчки МСС [манускрипти] стои ‚тоа‘“.
Според тоа, кога во Библијата се употребуваат машки лични заменки во врска со пара́клетос од Јован 16:7, 8, со тоа не се изразува некаква наука, туку тоа е во согласност со граматичките правила.
Не е дел од Тројството
РАЗЛИЧНИ извори признаваат дека Библијата не го потпира сфаќањето дека светиот дух е трета личност од тројството. На пример:
The Catholic Encyclopedia: „Никаде во Стариот завет не наоѓаме јасно укажување на некаква трета личност“.
Католичкиот теолог Фортман: „Евреите никогаш не го сметале духот за личност. Не постои ниту цврст доказ за тоа дека било кој пишувач на Стариот завет го застапувал ова гледиште . . . Во синоптичките евангелија и во Делата на апостолите, Светиот дух обично е прикажан како божествена сила или моќ“.
New Catholic Encyclopedia: „Јасно е дека С[тариот] з[авет] не го замислува Божјиот дух како личност . . . Божјиот дух е едноставно Божја сила. Ако понекогаш е прикажана одвоена од Бог, тоа е затоа што Јахвиниот здив дејствува надвор од него“. Исто така се вели: „Од повеќето стихови на Н[овиот] з[авет] произлегува дека Божјиот дух не е некој, туку нешто; тоа посебно се гледа од паралелноста помеѓу духот и Божјата сила“. (Нагласено од нас.)
A Catholic Dictionary (Католички речник): „Во целост, Новиот завет, како и Стариот, говори за духот како за божествена сила во смисла на енергија“.
Значи, ниту Евреите ниту првите христијани во светиот дух не виделе трета личност од тројството. Оваа наука настанала дури со векови подоцна. A Catholic Dictionary наведува: „Третата Личност била установена на концилот во Александрија во 362. година . . . и конечно на концилот во Константинопол во 381.“ — три и пол века откако учениците на Денот на духови биле наполнети со дух.
Не, светиот дух не е личност, а ниту дел од тројство. Светиот дух е Божја делотворна сила која тој ја употребува при спроведување на својата волја. Светиот дух не му е рамен на Бог, туку секогаш му е подреден и му стои на располагање.
[Истакната мисла на страница 22]
„Во целост, Новиот завет, како и Стариот, говори за духот како за божествена сила во смисла на енергија“ (A Catholic Dictionary)
[Слики на страница 21]
Во една прилика светиот дух се појавил во вид на гулаб. Во друга прилика се појавил како пламени јазици — но никогаш како личност